Корана Сердаревиќ

 

 

Кога конечно излезе, никој не рече ништо, само една рака кришум ја фати за прстите. Брзо ја истргна и ја вовлече во џебот. Неколку минути претходно, таа од своите раце ја изми сета нежност. Ја отстрани од дланките и прстите, триејќи ја кожата со течност за дезинфекција, детално и брзо. Како да е валканица или болест, како никој да не смее повеќе да се зарази со неа. Нејзиниот син беше последниот кој ја почувствува додека му го моташе завојот околку градите, од кои раната жареше како вечерно сонце. Уште малку, па ќе го преземе целиот.

Кога заврши, го бакна во образите и помисли дека е добро што не е при свест. Тоа момче, дете, нејзиниот живот, спие како што спиеше кога првпат го внесе во онаа куќа на средина на улицата. Куќата повеќе ја нема. Животот е друго. На улиците пред неа чекаа десетици непознати ранети, ги виде како лежат на креветите од даски и крвават без престан. Црвено, сè е црвено. Под нејзините нозе непрестајно се полнеше езеро од црвена, топла крв и можеше да почувствува како таа слатка течност ѝ доаѓа до устата, носот, челото, темето. Едвај успева да земе воздух. Секогаш и насекаде таа леплива, врела крв. Мораше да тргне и затоа ги изми рацете. Добро ги изми. Нејзиниот син остана на тоа место, умирајќи.

Никогаш не ни помисли да се откаже од својата работа, особено во времиња кога се чинеше дека тоа е единственото што му треба на светот. Да се стави газа, да се закрпи, да се спречи крвавењето, да се прекине гушењето, да се крене главата, да се измие, испере, замота во чисто. Беше брза, вешта и секогаш спремна за движење. Работеше толку посветено што нејзиното лично име со текот на годините избледе во сенка на тој повик, нејзината суштина. Ја викаа Сестра.

 

„Пак е пијан“, ѝ рече на сосетката додека долж јажето ја простираше испраната облека. Жената во дворот ограден со ’рѓосана ограда направи тажна гримаса и воздивна.

„Додека пее, добро е.“

„Добро е“, повтори Сестра и го фрли погледот на девојчето кое стоеше само на улицата. Во раката држеше опашка од гуштер. Се извиваше и преташе како уште да е дел од стварниот свет, како да не е само отфрлен остаток, имитација на животот. Сестра се стресе од идејата која ѝ ја пресече сликата на девојчето во шарен фустан со цветови. Во тој миг на струјната жица над нивните глави седнува првата ластовичка и ги протегнува крилјата. Пролет е. Девојчето ја стиска дланката и шепоти нешто во малите прсти.

Утрото одминуваше. Облеката на Сестра се лулееше на пролетниот ветер, чиста и миризлива. Ја простре последната кошула и ја ловеше со штипките за околувратникот. Прегласната музика од дворот отспротива ја удираше по тапанчињата и едвај чекаше да влезе во куќата, да ја затвори вратата, да ја префрли околу вратот јамката од старата престилка и да го меша во лонецот портокаловото вариво. Иако е сама, готви секој ден. Се грижи за себе, вредна е и чиста. Никој не ѝ доаѓа и никому не му влегува во животот. Да не се доселеше една година тој висок, гласен човек во соседната куќа, не би имала причина да се извлече од својот долго баран мир, кој го оствари упорно одбивајќи ги од себе туѓите реченици и некои тешки сопствени мисли. Сиот неред кој го чувствува последните неколку години во неа го предизвика тој маж, женејќи се со крупната девојка, единицата на соседот. Се досели во местото, ја прегази улицата со долги чекори, со воденесто сините очи се загледа во секој сосед, целеше во секој двор. Во приземјето на немалтерисаната куќа свежиот пар размести малку евтин мебел и се фрли во навидум обичен живот, кој наскоро им донесе девојче со жолта коса. Таа порасна, а татко ѝ секој ден на соседите им влегуваше во куќите, седеше на чаша вино, ги поздравуваше од улица, секогаш викајќи, секогаш укажувајќи дека е тука, дека треба да го видат, да го чујат. Дека постои и дека е важен.

Кога го виде првпат, Сестра за миг го изгуби ритамот. Здивот ѝ се прекина, пред очите ѝ се стемни и колената видно ѝ затреперија. Двете сосетки ја зедоа под пазуви да не падне. Тој маж, непознатиот човек кој дојде којзнае од каде, изгледаше баш како нејзиниот мртов син, нејзиниот ранет единец кој она утро го остави зад себе за да ја запира крвта кај туѓите синови.

Се држеше подалеку. Тој живееше како да исполнува задачи. Собираше приказни за луѓето, се хранеше со нивните судбини како пијавица. Коментираше и судеше, се приближуваше и напредуваше. Едно попладне дојде кај неа, чукна на прозорското окно и ја викна по име. Сестра стана од каучот и ја погледна фотографијата од синот на орманот со книги. Спремна е.

„Луѓето ми велат дека и ти си била“, започна откако испи неколку голтки од кафето кое чадеше на масата, жешко и црно. Таа молчеше. „Колку долго?“

„Доволно.“

„И? жал ти е?“

Гледаше во неа со полузатворени очи. Долгите прсти го галеа увото на керамичката шолја за кафе. Сестра го разбираше погледот на тој човек и знаеше: тој е друг. Грчот на лицето на овој маж никогаш не се опушти, тој чека во заседа, напнат и жежок, со таа рана која жари, која е заразна и чија болка се чувствува во градите на секој што ќе се осмели да му се приближи. Веќе многупати гледаше неоздравени, ги избегнуваше и тешко ги забораваше. Некои болести се лечат долго и нивната горчина преминува на сите слаби, немоќни и осамени. Знаеше што мора да направи.

„Немојте да се лутите, но морам да фатам автобус за до град.“

„Нема проблем, нема проблем. Има денови, Сестро“, го изрече тој последен збор и таа го почувствува како крвав жиг.

Никогаш повеќе не влезе во нејзиниот двор. Сестра ја запамти својата дијагноза и молчеше за неа. Повеќе не ја погодуваше онаа тажна сличност која ја покажуваше телото на овој странец. Го сврте грбот онака како што луѓето се свртуваат од случувањата што не ги разбираат и на кои не се способни да влијаат. Сепак, често гледаше во девојчето кое си играше на улицата. Нејзината коса, пегите на носот и немирните раце, кај Сестра ја будеа онаа одамна измиена нежност. Нејзината коса. Кога поминуваше покрај детето, раката сама ѝ полетуваше да ги погали нејзините влакна на темето, да ѝ пикне бонбона во дланката, да ѝ го намести фустанчето кое самата го облекла наопаку.

 

Пролетниот ден одминуваше, а мажот сè уште пушташе музика, гласно пееше и извикуваше остри реченици во воздухот. Ветерот стануваше сè посилен и по небото се развлекуваа темни завеси. Сестра ги затвори сите прозорци. Уште малку и ќе почне луња.

Тешкиот дожд тропа по вратата и се слева низ жлебовите. Тркала камчиња, ја разнесува земјата од градините, ги свива кон земјата нежните стебленца и ги плиска младите лисја на гранките.

„Сестро! Сестро, брзо!“, на вратата од куќата удираа мокри дланки на маж. Додека ги облекуваше чевлите, не мислеше на ништо. Само да стигне навреме.

Ветерот ги турка од патот, ги брка и врти, не се откажува.

„Брзата помош е на пат“, рече еден од соседите додека брзаа преку патот, а дождот им ја лепеше косата на челото. Вратата од куќата беше отворена. Млада жена лежи на каучот, а крвта целосно ѝ го покрила лицето. Едното око е темно и затворено. На тепихот има скршено стакло, крв и заби. Сестра седна покрај неа. Крвта од устата мора да запре. Жената не смее да се движи.

„Ако таа ја допре, веќе нема да влезе во мојот кревет“, рече мажот и стана од масата на која го седнаа да се смири, да заборави. Уште беше испотен и валкан од бес. Луѓето се повлекоа во аглите. Никој не рече ништо. Единствено е важно да не останат сами.

„Ти си нивна, Сестро, пичка ти мајчина. Ги спасуваше нивните додека ние умиравме, курво ебена! Допри ја и мртва си, и ти и таа.“

Сестра молчеше. На рамената на мажот се спуштија раце. Луѓето го смируваа и уверуваа. Сестра сака да помогне, мора да си ја работи работата, во тоа е најдобра, тоа е единственото што може да се направи за да се поправи работата. Белки нема да дозволи жената да искрвави. Не е сега време за објаснување. Само полека. Само мирно. Сè ќе биде во ред. Сè еднаш ќе си дојде на место.

Во куќата се згусна стравот, немирот и крвта. Надвор дожд, ветер и облаци.

Брзата помош ја одведе жената и викна полиција. Сестра ги избриша рацете и тргна кон вратата. Додека ја ловеше рачката, некоја рака ја фати за прстите. „Само смртта е неизлечива“, рече некоја уста. Вратата од собата се отвори и од мракот се појави лицето на детето.

Луњата се смири и Сестра конечно можеше да ја претрча улицата.

Еден по еден, луѓето почнаа да ги отвораат прозорските крила. Гледаа во небото. Облаците сè уште се тискаа над покривите, но таму во далечина, ниско до морето се отвори долг процеп и пропушташе на земјата зраци бела светлина.

 

Празник е и Сестра оди кон малите гробишта на крајот од градот. Додека се приближува, го чувствува сонцето на грбот, а брза да стигне назад претпладне. Летото го загреало мермерот и го исушило цвеќето. На средишниот дел од гробиштата има само трева. Тука се гробовите без плочи, на ниво на земјата. Сите се со иста боја и големина, а имињата на нив се ситни. Сосема во аголот, зад нив, еден гроб е целосно прекриен со црвен тепих. Сестра застанува пред него, а девојчето ѝ се истргнува од рацете, клекнува и почнува да пика во устата шумски јагоди кои узреале таму. Ги имаше стотици.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Корана Сердаревиќ

Корана Сердаревиќ (Задар, 1982) дипломирала хрватски јазик и книжевност со компаративна книжевност. Работела како новинарка за култура во „Вечерњи лист“ и во „Форум“, била и соработничка во бројни списанија и портали, а и на Третата програма на Хрватското радио. Во 2013 година освоила две први награди за расказ („Ранко Маринковиќ“ и „Златко Томичиќ“), а во 2014 г. била во најтесниот избор за наградата „Вранац“. Во 2015 година во издание на „Фрактура“ објавена ѝ е збирката раскази „Нема што да се направи“. Живее во Загреб, каде што работи како професорка во гимназија и преведувачка од англиски, а можете да ѝ се јавите на korana.serdarevic@gmail.com или на www.facebook.com/korana.neverin

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.