Петар Бабиќ

 

 

Пензионираниот водник Јозо вади трски за ловење риби од гепекот. Синчето Матан ги поставува на држачите, вади троножни столчиња и го отвора чадорот.

„Тато, тато, глеј на другата страна, повторно чејените[1] дошле да ловат риби.“

Таткото Јозо, борец со илјада денови во борбениот сектор, гледа со двоглед преку речното островче. Луѓето се гледаат како во огледало, огнот од скарата, шесте парчиња трски за риболов, чадорите, „Опел“ од 2010 и „Опел“ од 1993. Матан чепка по пченките во жарта да не загорат, ги гледа оние отспротива, а срцето бие, бие.

„И чејените се луѓе, сине“, тивко одвраќа Јозо, па со забите го отвора шишето Касачко, „но запамти дека ако татко ти деведесет и прва не војуваше против таквите, нашата Хрватска немаше да постои сега.“

„Ауу, тато?!“, се запрепасти момчето, „а што би се случило ако не отидеше во војна?“

Водникот Јозо стои во плиткото, го откопчува шлицот, мокри директно кон оние двајца на другиот брег. Зачадената мочка прска по површината, ги брка рибите.

„Додека на психијатарот му го опишував последниот ден во Вуковар, стана од масата и на канаринецот, кој го чува во ординацијата, му фрли рака семки во кафезот. Три месеци немаше птици во Вуковар. Веројатно од непрестајното гранатирање, едноставно ги немаше или јас не ги забележував. Во една куќа во „Прерадовиќева“, во претресот по не знам веќе кој одбиен напад, наидов на еден таков папагал-тигрица во кафез. Упаднав со Брдар во таа куќа поради заостанатите чејени и во аголот од собата го здогледав шарениот папагал. Беше зелен со сина опашка, црни линии по крилјата и сјајножолта глава, препуштен сам на себе во гајбата од прачки. Вратичката беше отворена, прозорците скршени, а тој не одлета. Се вратив во таа соба по чешлањето на улицата, се навалив во софата и долго го гледав. Нивниот санитет извлекуваше мртви аркановци од пропаднатиот пешадиски напад, а јас на решото си сварив чај, се навалив и полека си потпивнував, не верувајќи во глетката пред себе. Октомвриското сонце заоѓаше зад полето со необрани пченки, и тоа, докторе, беше единствената птица која ја видов тие месеци, една единствена во цел Вуковар. Седев така некој половина час и немо гледав во шарениот папагал како да го гледам самиот Бог. Станот беше среден, чиниш домаќинот ќе влезе секоја секунда, како да излегол само накратко со семејството на прошетка до Дунав. Го потпрев оружјето на комодата и ги чекав домаќините, ја мирисав свежо искосена ливада, слатката запурнина од сеното по кое живо скокаат врапчињата и роварат полските глувци. Дамнешните сеќавања, сликите од детството ми беа единствена оаза на мирот тие денови. Мирот кој ми беше толку потребен, а долго време го немаше. Предолго. Тоа предвечерие не ја пуштив тигрицата, мислев дека е посигурна во мирот на кафезот отколку надвор, во опколениот град. Ѝ оставив семки и вода за неколку денови. Тие мигови на спокојство во правливата софа не потрајаа долго, но беше доволно да се сетам колку е непроценливо важна слободата, попладневниот одмор со шолја чај, папагал на рамото на гусарот.“

Водникот се наведна и му се внесе на синот во лице:

„Што да се каже, како прво, да не го повикаше Туѓман народот во одбрана, туку само онака без врска да речеше, Хрвати и Хрватки, ајде да ја дочекаме Југословенската народна армија со бројаница во рацете, сега ти би се крстел со три прсти.“ Јозо го тресе долго и плитко, последниве месеци го мачи простатата.

„Ауу, тато, ама тоа не се случило, така? Туѓман не бил луд.“

„Секако, и четниците ќе влезеа во Осиек, Задар, Сисак, Дубровник да играат валцер со твоите сестри и мајка ти, а хрватскиот народ по црквите ги очекува трубите. Како првите христијани во време на Нерон лелекаат да не ги зашијат во утроби од магаре премачкани со мед и да повикаат пчели.“

Црвенокосиот Мате се запрепасти од суровоста на поганите Римјани:

„Тато, дали сабајлево се напи од терапијата? Мама вчера донесе нова доза од аптека.“

„Глеј си ја твојата работа, би те донел ли ваму ако не ја испив?“

Пензионираниот водник Јозо панично почнува да буричка по џебовите од јакната. Од минатиот викенд состојбата многу му се влоши, така е секогаш наесен кога бавчите замирисуваат на олово, а доматите гнијат како згрутчена крв. Нешто се скрши на крштевката кај брат му во Загреб кога по мисата се поведе расправа за Тито, калифатот и педерите, а како врв на забавата листаа читанка за основно училиште. Ги прашува Јозо внуците околу трамбулината дали знаат што е тоа Татковинска војна, кој против кого се борел, а дечињата зјапаа и молчеа, само бубалицата Лара, ќерка единица од првиот брак на сестра му, изрецитира дека осиечани војувале против вуковарците седумдесет и прва.

 

Водникот Јозо го проучува двоецот од другиот брег. Мирната вода го пренесува секој збор и го засилува со екот, во брановите се слуша спомнувањето на цар Душан, Косово Поле, кириличните табли, Обилиќ, Јасеновац…

„Целиот свет му честита на другарот Слободан, добитник на Нобел за мир, што ги реформира племињата на Југославија во модерна европска нација. По ослободувањето од крволочните усташи, прво се почна со вадење на ќерамидите од црквата Свети Марко и врежување на четири С на челото на дубровничкиот Оландо.“

„Тато, влече шаранот!“, вика Матан, тапата отскокнува и тоне, „добри ни се овие мамци од мали сомчиња!“

Водникот Јозо не реагира, тромав е, ја залева розовата таблета со темно пиво.

Матан извлекува шаран од три кила и го става во лизгавата мрежа.

„На телевизија пее Србинот Оливер Драгоевиќ, а Млет и Корчула ги преименуваа во Ќосиќево и Караџиќево.“

„Тато, добро е, малку потивко, ќе нè чуе Спасоје.“

„Нека чуе, гомно едно.“

И додека терапијата уште се топи под јазикот, водникот Јозо се озарува, помислува дека можеби не е „отиден“, туку „отишла“ државата во која живее. Таа величенствена мисла истовремено го одушевува и преплашува. Зарем минатата недела самиот пресвет жупник не проповедаше баш за тоа, како се увезува три години смрзнато говедско од Бразил, домашното млеко се истура по земја, болните луѓе ги задеваат малите деца, машките жени машките, се стопува Антарктикот, курци-палци.

На водникот Јозо му се застаклуваат очите:

„Југославија е примена во Европска унија во 1993 година и на многумина им потекоа солзи радосници кога претседателот Слободан со Американците ја потпиша фамозната вселенска програма, проект за заедничко вложување во откривањето на космичките пространства и искористување на минералите од околните планети. А во чест на третата Југославија на преполниот Максимир му свири оној, оној твој Азра, што не сака хрватски пасош.“

„Тато, немој, дома го слушам Џони!“

Јозо ја губи рамнотежата.

„Немој, тато, пушти го Џони…“

„Што да го пуштам?! Да ви ебам мајката четничка и тебе и на твојот Џони! Имам ли право да зборувам што сакам и кога сакам?! Дали е ова хрватска држава? Дали живееме во демократија или во Југославија?“

 

Сина магла се повлекува над реката, вечерен студ. Дунав го одразува пламенот додека две сенки играат околу скарата. Водникот Јозо се држи за главата, само да го чуе оној спасоносен клик во спиралата на увото. Па кому веќе да се пожали, кому? Можеби на оние илјадници на веселбата во Чавоглаве, половина од нив не виделе мртовец, а камо ли пушка. Не знаат тие како смрди изгорен човек во тенк и како е да се бира жртва со снајпер, да се пресметува кој дома нема деца, и дека не е наш, редовната војска која служи како топовско месо. Не знаат тие дека во војната нема омраза и слава, дека по првиот судир со мртви војната е како работа. Се будиш во пет, каснуваш нешто набрзина, легнуваш на положба и чекаш. Потоа убиваш пет-шест четници и веќе е ноќ. Малку заебанции, оплакување на мртвите, па на спиење.

Не знаат тие како ежот дише навечер. Дали сте го чуле тоа некогаш? Не? Звучи како човек. Еднаш Јозо залегнал во габерите зад противничката линија и си мислел дека го нашле. Слушнал како некој чејен дише над него, се правел мртов некое време, како да е отфрлен труп. Еден месец без капење, така и мирисал. По десет минути му дошло преку глава, што дишеш, што не пукаш, мајката твоја, тогаш ја крева главата и здогледува еж како трча по ливадата. Јозо на регалот во дневната соба ја има разлистана „Куќата на ежот“ од Ќопиќ и секогаш се сеќава на тоа кога им ја чита на ќерките пред спиење.

Но зошто мора сето тоа да му го раскажува на психијатарот, кој му бараше илјада евра да му издаде потврда за ПТСП[2], а само блее во лаптопот и зева. Гајле му е нему што тој навечер моча во кревет како мало дете. И не дај Боже да дознае сопругата, како да ѝ кажеш на сопствената жена дека ти е мек заради силната терапија, затоа и не ја зема, зашто не му се дига како што треба. Го гледа седиот Јозо шаранот на суво, како ширум ја отвора устата, алчно го фаќа воздухот, се бори за секој здив. Иста им е маката, во ваква татковина и тој како да дише на жабри.

Кога по логорот во „Стаиќева“ стигна во центарот на Загреб, залегна на асфалтот кога гричкиот[3] топ пукна напладне. Уште во филм, мислеше дека почнува минофрлачки напад. Потоа ја однесе свршеницата на концерт на Јура Стублиќ и „Филм“. Побегна како мува без глава кога таа отиде во тоалет. Вревата го уништуваше.

По ведрото ноќно небо беа расеани милијарди крупни ѕвезди. Небескиот мир го нарушуваше само светкањето на бавните сателити и патничките авиони. Терапијата почнува да дејствува.

Водникот Јозо им довикнува на оние двајца на другиот брег:

„Спасоје, ајде со малиот на шаран на оган!“

Молк.

„Ајде Спасоје, жити бога, нека си поиграат децата!“

Се слуша повлекување на чамец од густежот, замав на весла по разбрануваната, диздар-модра река. Матан радосно плеснува и оди по карти за бељот.

„Ете нè, Јозо, само, бре, немој пивото да биде млако ко минатиот пат!“

 

Превод: Иван Шопов

 

 

 

* Оригиналниот наслов гласи „Na lijepom kpbabom Dunavu“ – игра со мешање кирилични и латинични букви. (Заб. прев.)

 

[1]   Назив за припадниците на српските вооружени сили (и погрден назив за Србите воопшто), кој припадниците на хрватската војска го користеле за време на Татковинската војна 1991–1995. (Заб. прев.)

 

[2]   ПТСП – кратенка за Посттрауматско стресно пореметување. (Заб. прев.)

 

[3]   Грички топ – знаменитост во Загреб, стар топ кој секој ден со пукање означува пладне. (Заб. прев.)

 

 

  Петар Бабиќ

Петар Бабиќ (Копривница, 1974) основно и средно училиште завршил во Крижевци, а кроатистика дипломирал во Загреб. Го објавил романот „Абецедариум“ и романот-весник „Бабилондон“ (Babylondon). Објавен е во антологијата на хрватската проза од деведесеттите, „22 во сенка“. Коавтор е на збирката проза „Пет автори бараат наслов“. Повеќекратно е наградуван на натпреварите за расказ - „Причигин“ (Pričigin), „Галовиќева есен“ (Galovićeve jeseni) – Копривница, Награда „Славко Колар“, Награда „Златко Томичиќ“, Награда „Стјепан Крањчиќ“. Член е на Подравско-билогорскиот огранок на ДХК и МХ. Живее и работи во Крижевци, каде што ги модерира книжевните средби „Полувреме на поезијата“ (Poluvrijeme poezije).

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.