Јасна Радуловиќ

 

за мојот срам грев велосипед лешници одговорен е тој не ме слушаше таа се смееше не веруваше бомби паѓаат како дожд во дневникот паѓаат во Дубровник во Вуковар не верувам дека војната ќе потрае само да се зезаат глупаци вели ѝ реков да не се прави глупа кога не си глупа сѐ знаеш сѐ гледаш мора да одиш продолжи ги студиите надвор мене ме дигнаа морам во војна ќе те штитам уште ноќва го знам патот момците ми рекоа ти ги преснимив песните од Азра земи лицето месечината ѝ го осветлува памтам сѐ наше последно прегратката последна мојата последна мисла е таа е мојот рак ми ги гризе цревата дваесет и шест години подоцна уште ѝ е гробот скриен во минираните крошни во грмушките коските ѝ се преплеле со коренот на леската кога лешникот ќе падне слушам експлозија кога лешникот ќе падне ми крцка под нозе подот со забот во чоколадата ми крцка шрапнелот се прашувам дали се тоа лешниците на кои таа паднала и крвта нејзина ги измила взори со роса помешана крв со прамени коса мозок земја сонцето ги пржи лешниците лепливи крвта како дожд ме удираат разнесена е велат се разлетала како кога со чеканчето ќе удриш лешник месото се здробува а лушпата лета те гаѓа во око в срце в лице в раце остра пукнатина долго паѓа лешникот лета тој паѓа како токмак паѓа нагазуваш болка мина човечка омраза како токмак сред чело омраза шрапнел во душата е таа лежи разнесена не се осмелувам да ја соберам во мислите никогаш со рацеве сум собирал кршам лешници жената му пече торта на синот петти роденден дувам свеќички сликам со мобилниот плескаме пееме се гушкаме фамилијата на купче о вистина ли е или некој фали го држам синот в раце жената слика детето цивка верверицата моја среќна ме бакнува го бакнувам лицето му го осветлува месечината низ прозорецот на телевизија војна во Сирија бегалци мртви ранети Хрватска ги мрази Србија ги тепа Европа не ги сака момче од урнатините седи немо во колата за брза помош не плаче сиво од прашина разрането му е коленото му тече крв од челото зградата граната ја пресекла како нож торта до крај па наполу убила зградата брат мајка пес соседи ѕиркаат нозе од под греда бетон како стиропор голем и неподвижен луѓе трчаат луѓе ги довикуваат урнатините треперат светилките од челата наместо месечината ја параат ноќта не чувствувам не сочувствувам лошо ми е велам сменете го каналот чекај да чуеме што ќе кажат види колку убаво момче сакаш ли торта новинарот анализира дали се сиви луѓето малото момче крвави трупови за асад или против камерата пак го снима момчето се затвораат вратите од брзата помош најавуваат вести од земјата моите го менуваат каналот го гледам синот го фотографираат јаде торта танцува со мајка му отвора подароци вози велосипед подарок од вујна му ох не велосипед да го ебам зошто не ме праша мразам велосипеди мајсторе баш го погоди подарокот баш е убав сине да тоа е кочница тое е светло тоа е ѕвонче мораш постојано да ги вртиш педалите ќе ти ги тргнам помошните за месец два три пет осум ќе одиме на ридот ветувам на ридот ќе одиме двајцата и ќе се спуштиме долу заедно секако дека нема да паднеш јас ќе те чувам засекогаш ќе те чувам сивото момче пак ние на екранот исто се стари ја гледам нејзината коса мокра од крв ја мирисам косата на синот го бакнувам неа него не можам да јадам торта лешниците велам рак болест цревата разбирааат се сожалуваат на мене неа него кур ме боли што ме жалат не им реков ни нејзе дека пукнав како лешник дваесет и шест години претходно се разлетав кога го чув она буум Перо водеше одев втор таа по мене ми рекоа дека е патот чист патот е шума не тргна кон леските чекајте ме морам да мочкам нѐ фрли на земја и веројатно нѐ рани не чувствував ништо не чув не видов само трчав кон неа не пазев каде ќе застанам Перо викаше пази трчаше по мене паднавме двајцата на колена како пред Богородица паднавме штом го видовме нејзиното разнесено тело зошто таа а не јас Ја прашав прашај го зошто баш таа под месечината лежи со лице прекриено од косата како да спие нозе нема не се осмелив да го видам тоа Перо да ја повлеков за рака да ја извлечам довлечам прегрнам заштитам понесам закопам бакнам што било само да знае дека сум тука крај неа раката само левата рака ја извлеков ја прилепив ја бакнував уште крвава топла студените прсти ја гушкам раката ја гушкам неа од лисјето капе крв полека и нагло како кога лешникот паѓа одеднаш а долго зазорува Перо плаче ме турка да одиме мораме да се вратиме гледаш дека е минирано пушти ја луд ли си велам никогаш нема да ја пуштам никогаш не ми кажа зошто ја зеде сите овие години го прашувам тој молчи плукам крв со месеци слатка ми е знам зошто блика како вулкан од мене тој бес тага болка кога ќе наиде пуштам грч на лицето окрвавено ме гледа од огледалото некаде крај моето рамо не сум јас таа е и натаму ме гледа од огледалото тие очи некогаш тоа беше моето нејзино лице лузна имаше над левата аркада паѓање од велосипед на девет години три конци татко ѝ одел со неа на шиење мајка ѝ се тресела ко прачка била целата крвава се дерела и колената ги одрала новите жолти доколенки од Нама сега се црвени последниот викенд пред почетокот на училиштето нова сина униформа со извезена пеперутка на јаката виси во орманот и нова торба со пчеличката Маја и Павел и перница на три ката со фломастери линијар лупа острилка и книги завиткани во украсна хартија со мечиња со налепница маша виленица 3б јас бев 3а ме виде како се спуштам по ридот на пони гледај можам јас подобро од тебе секогаш сакаше да биде подобра од мене се искрши мислев дека сум јас крив за нејзината крв и вториот пат дека сум крив за нејзината крв и третиот пат дека сум крив за нејзинта крв онаа ноќ знам дека сум тој молчи кога ќе го прашам тој молчи значи крив сум кога ја повлеков за рака во шумата а вервериците зацивкаа како зли самовили лисјето зачкрипи како стиропор лешниците заромолија како злокобен дожд ништо од тоа не чув само својата желба да ја спасам им верував на луѓето и на она што ми го рекоа ама буум една недела не ја симнував маицата со нејзината крв ја носев секогаш со себе и кога бев опколен и кога го чував последниот куршум за себе таа беше тука ѝ реков на жената закопај ме со таа маица а не со знамето на гола кожа облечи ми ја и на погребот како ти и јас од Азра и синиот гулаб и Линда Лејн пушти ми ја и пролет во декември и грација неа задолжително пушти ми ја и ѝ реков да го праша Перо сѐ што сака да знае за нас тој ќе ти каже ми вети под униформата цела војна насмевката нејзина бакнежот косата мозокот под ноктите нејзин в раце нејзин цел нејзин целам пукам погаѓам жива мета глинен гулаб не пазам не бројам не им простувам на луѓето себеси нему никому крвав однатре се распаѓам одликуван однадвор гордост за татковината фамилијата се срамам кој сум разнесен бајат лешник го прашувам зошто молчи смири се со него велат пред смртта ќе ти биде полесно нема нема никогаш само сакам пак да се натпреварувам со неа и да ја пуштам да победи сине

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Јасна Радуловиќ

(1970) Еден ден ми дојде преку глава поправањето грешки во туѓи текстови и почнав да создавам свои, и текстови, и грешки. Пишувам тешко, нередовно, малку оти сум строга. По струка сум професорка по хрватски јазик и јужнословенски книжевности, по искуство 22 години сум лекторка и редакторка, во моментов фриленсерка во сѐ. Текстот е мојот свет, поинтересен и побитен од овој што го пишувам. Односот на јазикот, мислите и стварноста е подрачјето на мојата љубопитност. Во хороскоп сум ведар интроверт, во подзнак тажен оптимист.
Контакт: jasnarus@yahoo.com

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.