Диелза Хаџимехмети

 

 

Во оваа безмилосна ноќ, изгубен сум во самотијата на мракот! Напуштен скитник, оган изгорен… бесен како вечерниов дожд.

Дишам, собирам сила и се судрувам со реалноста, како што се судира онаа молња на врвот на планината!

Љубовник одвоен од љубовта, граница пресечена со меч, а од нејзината друга страна течат солзи на една девојка.

Во оваа тивка ноќ, изгубена е и таа под самотијата на судбината! Напуштена, пепел изгорена… и со крик кој ѝ избива од тага, како што се слушаат грмежите на оваа ноќ!

Двајцата под истиот дожд рониме солзи, па ако и вечерва не се сретнеме, нашите солзи нека се спојат.

Двајцата над една земја… раздвоени во Колошин. Се мразиме и се сакаме, полни со копнеж еден за друг, а не се гледаме, врзани ни се и нозете.

Легнувам да спијам, но сон немам! Осуден да се борам во животот, прво со оружје в рака, а потоа во љубовниот маратон.

Пишувам поезија за неа и ја закопувам в земја… Таа не е како другите. Нејзе в очи ѝ се смеат кристалите, од лицето ѝ светат зраците на сонцето, од срцето ѝ тече невиноста…

Но, таа е српска ќерка… ќерка на тие со кои војуваа нашите татковци до денес!

Да ја наречам дива љубов… љубов што убива… недостижна гранка. На местото на кое вчера течеше крв, судбината нѐ раздвои за никогаш да не се сакаме.

Толку многу сакам да ја заборавам, а уште толку да ја сакам.

Се гледаме поретко од полната месечина. Неа секогаш ѝ сјаат очите повеќе од самата месечина. Ми ја стега раката и уплашена ме прашува: „Што ако нѐ видат? Кој ќе објаснува?“

И јас знам дека е во право, но за да го смирам нејзиното срце, ѝ велам дека ноќта нема сведоци… никој не објаснува… никој не видел ништо…

Секој човек се вљубува најмалку еднаш или ќе се вљуби. Опиши ми го стравот кога ти секој миг ја чувствуваш нејзината отсутност, се сакате толку колку што ѕвездите се протегаат во галаксијата, но заедно да бидете, нема никогаш да ви дозволат!

Се враќам со спуштена глава и седнувам на јаже. На прозор татко ми ја гледа мојата солза и несакајќи му протекува и нему. Но тој не знае што ми е мене. Седнувам на софра, а не ми се јаде, мајка ми ми ја чувствува тагата и оди во соба за и таа да истура солзи.

Не мина многу време откако се вративме во изгорената куќа. Дење работам за да ја поправам и да ја заборавам тагата. А ноќта ми станува кошмар, како намерно да ме потсетува на нејзината топлина и се вртам наоколу како волкот низ планина за да завивам и да го исфрлам гневот.

Каков е овој свет! Сите сме проклети. Јас знам колку патев кога пред очи ми загинаа другарите, еден по еден. Кој ќе ми одговори колку патам сега? Можеби повеќе. Зошто се вљубив? Велат дека љубовта е благослов, а јас благослов сѐ уште не сум видел.

Зошто ли живеам кога знам дека нема да ја имам и да продолжам да го туркам секој ден полн со надеж… Од друга страна, ме мачи тоа кому припаѓа, кога го мразам татко ѝ, а неговата ќерка ја сакам!

Господе, што се случува со мене, ниту сакам да простувам, ниту сакам да заборавам. Колку сакам да бидам до неа, толку сакам да бидам подалеку од нив. А во ова затемнување кое падна врз сите нас, никој не станал да го држи факелот.

Ја бројам секоја ноќ и ја врежувам в срце. И понатаму се прашувам: уште колку? И кога и да посакам да му кажам на татко ми, уште пред да почнам, голтнувам и не ми излегуваат зборовите.

Сестра ми подолго време е болна, никој од селото не ја излечи. Подолго време лежи или е до прозорец гледајќи ги другите како одат, а неа не ја држат нозете. Којзнае колку ќе чини операцијата в град, а ние сѐ уште немаме ништо и не можеме да ѝ помогнеме.

Една баба слушнала за неа и неочекувано ни тропна на врата.

„Бегај оттука, што бараш?! Оди си… Ако те види маж ми, тешко тебе“ – викна мајка ми, која се немаше смирено од последиците од војната.

„Хипократ“ – и возврати тивко таа.

Но опседната од страв, кутрата мајка не ја сфаќаше. Го оставив тоа што ми беше в рака и се стрчав да ја поканам внатре. Не знам дали љубовта ми ги имаше затворено очите на омразата или нејзината милина за да ѝ простам.

Хипократовата заклетва ја имаше натерано да дојде да ја лекува сестра ми. Моите родители занемено ја гледаа, како мозокот непрестајно да им вриеше. И после сѐ, се знае дека болката и спомените не се бришат лесно. Иако времето, како што велат, ги лекува раните, тоа не може да ги исчисти нашите срца за да заборавиме сѐ! Меѓутоа, се чини дека таа жена, на која ѝ беше побелена косата и изгледаше многу слаба, беше многу посилна од сите нас.

Дојде неколку пати за да види како тече работата, да види дали ѝ е подобро. Откако сестра ми стана на нозе, таа веќе не се појави кај нас.

Како таа да беше факелот… Иако моето семејство знаеше низ што поминавме, почна да ги гледа вредностите на луѓето, не потеклото.

Под зраците на месечината и денеска ми се отсликува твоето лице, во двор огинот запален, а јас решен да му кажам.

„Тато, ја сакам! И не сакам друга освен неа!“ Реакцијата која ја очекував воопшто не беше таква.

Се слушна една длабока воздишка… и после неколку минути ми рече:

„Слушни, синко, од никого да не се плашиш, зашто никој не е посилен од Господ. Образован човек слуша еден збор, а разбира два. Нема потреба веќе ништо да кажеш. Ја имаш мојата дозвола да ја доведеш таа девојка тука. Иако раната во срцето нема да се излечи, можеби ова ќе биде чекор моите внуци да израснат во целосна љубов и без омраза.“

Татко ѝ не се согласуваше со месеци, но и таа беше решителна. Чедото иако те повредува, те боли повеќе од зборовите што ти ги кажува цел свет.

А за нас нека зборуваат, нека нѐ напаѓа цел свет. Но додека ние живееме во љубов, под еден кров, и да не нѐ раздели ниту копнежот ниту омразата, ние ќе бидеме пример за тие кои имаат ум за да ја разберат доблеста на зборот.

Да, сум пател и ова никогаш нема да го заборавам. Но помирувањето и простувањето се посилни од страдањето…

Денеска, ние двајца под една капка дожд, каде се натопуваат есенските лисја, доведовме на овој свет едно ново суштество, како плод на љубовта. Едно суштество кое нема да знае да мрази никого од нас, затоа нека зборува неговото име…

Добредојде во животот, Пајтим![1]

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

[1]   Pajtim (на албански јазик – помирување)

 

 

  Диелза Хаџимехмети

Диелза Хаџимехмети е родена во 1997 година во Митровица. Студира на Државниот универзитет во Митровица, оддел за инженерство, како и менаџмент на еден колеџ во Приштина. Има неколку објави во списанија и на конкурси.

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.