Милица Вучковиќ

 

   

Дедо ми гласно ги џвака кифличките, забот го боли и жал му е што не го боли некако наглас за и ние да му ја чуеме маката. Савка вели дека кифличките се сјајни, само малку се тврди, вели, па ја болат ушите. На тоа сите се смеат, освен Нада, Нада тоа го сфаќа лично зашто таа ги месеше, ама подобро не ни можела да ги замеси од јајца во прав, млеко во прав и сето останато во прав што ни стигнува по пошта. Во прав, можеби намерно, да нѐ потсети дека ништо веќе нема таму некаде. Млекото е сварено и поткиселено од едно купечко кисело млеко за потквас, а ние ѝ се радуваме на новата пластична чаша што ја добивме, оти спроти Нова година амбалажата на киселото млеко има нацртани елки и Дедо Мразовци. Таква ни е и мушамата, новогодишна, и тоа е сѐ од празничен декор што имаме дома. На масата ајвар што го пратила Бранка, колбас што го пратила Сава кој, додуша, го јадеме само ние младите, постарите велат дека не се по колбасите, дека баш и не им се јаде колбас денес, а ние им веруваме. Вистинска празнична гозба. Дедо ми, меѓутоа, не е задоволен, никој не обрнува внимание на неговата мака, па почнува да стенка додека гризе и да прави гримаси, а баба ми дискретно го шутира под масата. Тој потскокнува и вреснува: „Ѓаол да те земе, жено, што се шутираш?“, баба ми поцрвенува како ајварот, само малку потемно. Тој мисли дека ние, зашто живееме во Белград, спиеме на пари, иако знае дека татко ми ја напушти војската кога чичко ми го погоди граната и дека сега живееме само од платата на Нада, која е мала, особено мала за единаесеттемина што сега живееме во станот. Без оглед на тоа, тој мисли дека би можело и дека треба да се одвојат пари за тој да си го поправи забот, иако цврсто верувам дека дедо ми никогаш во животот не бил на забар. Тој мисли дека сега е вистинскиот момент за такво ново искуство. Баба ми, иако неписмена, знае да го прочита дедо ми, па пробува да не му дозволи да почне да зборува за тоа, ама не вреди: „Не можам да јадам“, вели, би можеле да ме однесете на лекар, забот ме боли“. „Ај ќути, дедо“, вели баба ми на тоа, јадат луѓето и без нозе“. Нада оди да ја извади втората тура кифлички од рерната, иако никој веќе не е гладен, макар што ни сит.

Колку и да беше лош ручекот, секогаш вредеше да се изеде, оти после го добивавме тоа парче бананче. Бананчињата ги делевме по должина за да не му падне некому поширок дел, а некому потенок, некому газот, некому главата. На тоа, секако, се сети Нада, по илјада и една кавга околу чоколадните бананчиња. Додека ги делевме попреку, Нада ним секогаш им го даваше подебелиот крај, а нам ни велеше дека треба да ни е срам што се буниме и дека не знаеме ние што е малку. После сфати дека и ним им е непријатно што секогаш добиваат повеќе. Тие, Савка и Драгана, велат дека тие никогаш пред тоа немале јадено такво нешто, дека кај нив имало некои други слатки, исто убави, а јас никако не можам ништо убаво со нив да поврзам. Ним челата им се високи, рамни и бели како филмско платно, каде што, ми се чини, целиот тој филм за тракторите и наврат-нанос пакувањата можам секој ден да го гледам. Тие сепак тврдат дека знаат што се слатки и дека знаат што е убаво, се сеќаваат, велат.

Чудно ми е дружењето со нив оти знам дека би требало да ми бидат блиски, братучетки ми се некакви, роднини, а пак ми се целосно далечни, никогаш претходно се немавме видено и сега одеднаш овие неколку месеци сме неразделни. Таа граната одеднаш нѐ зближи оти, велат, постои можност нашиот татко да стане и нивни татко, тогаш ќе бидеме вистински сестри. Стрина ми, велат, отишла штом почнала војната, татко ѝ никогаш не ни бил за тој брак. Јас не знам ништо за тоа, освен дека ми е жал. Жал ми е што кога ќе излеземе на улица или надвор, другите деца гледаат дека Савка и Драгана не се одовде, а тие двете гледаат дека другите деца тоа го гледаат, и така во круг. Јас намерно во продавница велам крух и вареника[1], за ним да им направам место да го кажат истото, оти знам дека мене никој нема да ме чепка. Знам и дека некогаш е уште полошо кога ги чепкам. Кога играме помеѓу два огна, некогаш намерно, баш јас ги погаѓам во глава за да се чувствуваат рамноправно, а после навечер не можам да спијам поради тоа и ми се повраќа. Вецето ноќе е често зафатено, нема, нема, па ќе влезе некој. Мене казанчето ме буди оти грми, никогаш порано не ми се слушало толку, можеби војната се слуша така, помислувам. Савка и Драгана не ги буди, оти тие знаат да разликуваат војна од казанче и не се секираат. Една ноќ сега е долга единаесет ноќи откако сме сите тука и тешко баш осамнува, како подгревање попара.

Нада излегува од дома пред сите и оди на работа. Тато го подготвува појадокот и често ни дроби некој сладок кекс со кисело млеко, или солен кекс со обично млеко и шеќер. Еднаш го натеравме да проба, ама ништо не сети оти веќе имаше испиено две-три, зашто рано сабајле се грижи за стрико ми. Тогаш сфативме дека нема фајде да се буниме. Додека ние јадеме „петит бер“ со млеко во прав и вода, го слушам дедо ми како низ заби зборува дека нема намера да умре кај нас, во оваа наша Србија и дека што поскоро ќе се врати. Јас се прашувам зошто тогаш доаѓал. И од каде? И каде ќе оди? Баба вели: „Пуштете нѐ, пуштете нѐ, да ви го тргнам ѓаолов од грб, ќе се снајдеме ние“.

Едно утро ги испративме на автобус кај мотелот „Илјада и една роза“. Автобусот полн само баби и дедовци, сите расплакани, како основци на прва екскурзија. Ќе им недостигаме, велат, а сепак заминуваат. Баба ми мавта низ прозорецот, а дедо ми нејќе ни да погледне. Отидоа, а пакетите со храна во прав престанаа да стигнуваат. Трампа. Долго не ми беше јасно кои се тие, а кои сме ние. Би било глупаво да признаам дека и ден-денес не ми е јасно, освен што знам дека на некои луѓе им боде уши што надвор велам крух и вареника. Годинава ќе извадам пасош и ќе им спуштам по една роза, ветив. Никогаш се немам пожалено на забоболка.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

[1]  леб и пресно млеко (превод од хрватски јаз.)

 

 

  Милица Вучковиќ

е родена во 1989 година во Белград. Во 2012 година завршила сликарство на Академијата за применети уметности во Белград, а потоа и мастер студии на истиот отсек 2013 година. Од 2014 година е член на ULUPUDS со статус на самостоен уметник. Имала неколку колективни и пет самостојни изложби. Во 2014 година ја објавила збирката раскази „Рој“ (Roj, Apostrof), која самата ја илустрирала. Живее и работи во Белград.
Контакт: milicavuckovic1@gmail.com

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.