Маја Халапир

 

 

1.

Признавам, никогаш не ја сакав мајка му. На почетокот ми правеше шубе, потоа гадење. Онака крупна, со сало што се прелева на сите страни, ме потсеќаше на мувлосан сунѓер натежнат од многу вода. Гласот ѝ беше крекав, секогаш за пола октава повисок, а најлоши беа изливите на хистерично смеење во кое запаѓаше без никакво предупредување. Тогаш и нејзините огромни дојки се тресеа заедно со неа, а мене ми се чинеше дека се преобразува во некоја од водоригите[1] што демнеа од нашата катедрала. А тој… тој го слушал тој демонски глас уште во утробата. Нему тие виснати дојки му биле мек душек. Кај неа доаѓал уплакан кога ќе си ги издраскал колената во играта.

Сега останавме само ние двете. Како стражари постојано се држиме една со друга на око да не ни се провлече некој погрешен потег. Како мршојадци кружиме чекајќи знак на слабост. Кај онаа другата.

Еден ден имав можност и ја пропуштив. Старата се дограби до парче дабова кора што во овие гладни денови беше среќна околност. Силниот ветар кршеше суви гранки. Со своето разнишано одење, завиткана во слоеви црна ткаенина, полека исползи од нашето трошно куќаре и собра неколку кори. Снајперистите мируваа. Си помислив, дури и да ја забележале, не сакаат да трошат куршум на стара баба. Друга мисла, додека гледав како дивее ветрот, беше дали ќе имам среќа некоја од гранките да ѝ го згмечи черепот. Сепак, мора да признаам дека и јас тој ден јадев дабовина. Седевме така во полутемнината на кујната со грдите темножолти плочки, кои ги мразев од првиот ден, а таа ја сркаше својата супа од кора. Гледав како ја вовлекува течноста помеѓу дупките на предните заби, еднакво жолти како и плочките, и како една капка ѝ се лизга низ брадата, па, како на брана, се задржува на дебелото, темно влакно. Кога го заврши својот обред на животинско сркање и мласкање, мојот желудник се огласи со предавнички звуци. Бев гладна како и сите жители на гетото. Опсадата траеше веќе петти месец и веќе никој немаше никакви резерви. Се храневме со плодовите од некои стебла, со самоникнати билки, со кора, бубачки, а некои наводно и со кучиња, мачки и глодари. Полека ја приближував раката до тенџерето со остатоци од супата, цело време посматрајќи ја. Ме испревари и со своето рачиште го зграпчи тенџерето.

„Нозете прво!“, нареди. Со стиснати очи, да го намалам нагонот за повраќање, ѝ ги масирав големите стапала. Личеа на дабовата кора што пред малку ја имаше зготвено. Грубата и дебела кожа, со џумки на прстите, и одвратните рожени задебелувања што некогаш биле нокти. Страдаше од артритис, па моите повремени, изнудени масажи, ги проследуваше со звуци на задоволство. Најпосле ја налеав во себе млаката течност уверувајќи се дека ме заситила и се склопчив на креветот обидувајќи се да заспијам. Сонот носеше спас. Спас од глад и од очај. Креветот ме дочека со познатиот застојан мирис и со изненадување помислувам колку малку е потребно да се одвикнеме од сѐ што некогаш сме сметале дека е неопходно за живот. Како перењето на постелнината и алиштата, редовните оброци, излегувањето од дома. А тој? Кога шрапнелот од гранатата му просвири низ белодробното марамче, дали веќе го имал прифатено секојдневјето? Клечејќи во ровот, каллив и мокар од земјата што постојано паѓала, што го спречувало да не си ги свирне сам градите? Помислата на нас двете, чадот од цигарата што ја делел со уште тројца или кратките мигови сон? Би сакала да знам колку отрпнал од ужасите на војната. Ми кажуваше Данка, претходно, додека уште можевме да се движиме низ гетото, за Стјециште. Бил таму и нејзиниот човек, па кога ранет успеал да се врати, сенешто дознала низ неговите ноќни халуцинации. За дупење добиваш кутија цигари. Тоа било највредно. Биле барани и чизми, конзерви храна и алкохол во која било форма. И вата или газа што ја пикале во ушите за да не им пукнат тапанчињата кога ќе почнело гранатирањето.

Тоа беше добар ден, ден во којшто двете јадевме дабова супа. Но оттогаш нема ништо, и едвај да имам станато од креветот. Повеќе иницијатива покажа старата, па двапати дневно ќе го извадеше носиштето надвор во потрага по некоја мртва птица или отпад што можеби го донел ветрот. Веројатно салото ѝ осигуруваше нешто енергија. Јас, за разлика од неа, бев сува и ковчеста. Така и ме викаше понекогаш: онаа сувата, или онаа јаловата. Тврдеше дека само јазичиштето ми е преголемо, сето останато во нејзините очи беше фалично. А мојот човек со ќеф ќе се закикотеше на нејзините досетки за мене. Секогаш можев нешто лошо да направам што ќе ги предизвикаше и ќе ги здружеше против мене. Со текот на времето тоа стана начинот на којшто живеевме. Живот во триаголник. Старата смислуваше нови закачки, мене јазикот ми беше оружјето за одмазда, а потоа тој ќе се обидеше да го убие бога во мене додека таа навива. Го засакав солениот вкус на крвта. Не се сеќавам на преголема болка, повеќе на задоволството кога ќе му плукнев в лице, а старата ќе останеше шокирана.

Мислам дека е ова крајот зашто не можам да се сетам кога последен пат јадевме. Постои, секако, уште една можност како да се набави храна, ама тогаш би морала да станам и да изодам до излезот од гетото. Немам снага за ништо. Ќе заспијам, и тоа ќе биде крајот на овој посран живот.

 

 

2.

Ги отворам очите, не знам каде сум и што се случува, ме тресе нечија рака, очите ми гледаат во големите надувани балони што некогаш биле дојки. Старата ме преколнува и не престанува да ме тресе. Со мака се поткревам, црнилото пред очите малку ми го крие погледот на нејзината гротескна фигура.

„Оди да се курваш!“, ми вика. „Оди, донеси храна! Барем еднаш да имаме корист од тебе. Марш надвор!“

Полека сфаќам дека има право. Сфаќам зошто никој во ровот не си свирнал во мозокот. Програмирани сме да траеме што подолго, без оглед на калиштето во кое живееме. И тргнувам. Најнапред до орманот, каде што извлекувам фустан. Преслекувањето е уште понапорна задача, ама некако успевам. Надвор мора да застанам и да ги прекријам очите. Сонцето е пресилно за моите очи, кои навикнале на полутемнината на подрумот. Мижуркам и тргам. Добро е чувството кога ќе се вдише чист воздух. И за првпат помислувам на снајперите, па посакувам да ме пуштат што подолго да вдишувам. Улицата не се сменила многу, освен тревата што подивела, прозорците заковани со штици и фактот дека надвор нема никој. Толку ме опседна улицата и тоа што го слушам појот на птиците, што речиси не ни забележав дека одеднаш се најдов пред жица и рампа. Некој, војник веројатно, нешто вика. Не знам што, ни на кој јазик. Чекам куршум, можеби рафал, и сфаќам дека не чувствувам страв. Не чувствувам ништо. Баш ништо. Сега војникот е пред мене, во градите ми ја турка цевката. Продолжува да вика нешто на неразбирлив јазик.

„Храна! Ми треба храна!“, му велам и го спуштам фустанот преку рамената. Се појавува друг, му вели нешто на првиот, ме водат внатре.

Не чувствувам страв. Само запаѓам во хистерична смеа, истото она смеење на старата.

По сѐ, се грчам на креветот. Болките доаѓаат во бранови. Помеѓу нив земам воздух. Желудникот ми се јавува со чудни гровтања што ме потсеќаат на старата. Кога се вратив кај старата, се обидовме да ги распоредиме конзервите што ги донесов назад. Сепак, месеците глад нѐ научија да ја користиме секоја можност да го наполниме желудникот, па лакомо ги излапавме една по друга. Овие болки се цената за ненаситноста. Освен тоа, се прашувам колку долго ќе ни потрае ова што остана неизедено. Дури и ако притоа го додадам и она малку мувлосан двопек што го прокриумчарив под фустанот без да забележи старата. Отон рече да дојдам пак. Дека ќе зачува храна само за мене. Не му даде на оној другиот, оној големиот во темнозелена униформа со лузна на образот, да ме пипне. Ме зачуди што не беше ниту прегруб, ниту премногу нетрпелив. Како да имаше во рацете некоја скапоценост од минатите времиња, па не сакаше пребргу да го потроши уживањето. Мене телото ми беше малку слабо од глад и од одење, па го замолив да легнеме. Тоа беше убаво. Го слушав како дише сѐ подлабоко и побрзо, ги сеќавав насекаде неговите раце, и се чувствував некако жива. И потребна. Таканаречената љубов не е ништо друго освен гола потреба. Детето не се раѓа со длабока љубов и приврзаност кон мајката. Само му треба мајчината цицка за да преживее. Кога ќе порасне доволно за да се грижи за себе, си заминува. Баш како што е во животинскиот свет. Само што не знам дали животните заплакуваат по половиот чин, а Отон плачеше. Лежевме така еден покрај друг, разголени допола, додека мирисот на нашите животни сокови се ширеше околу нас. Тој јачеше, а јас молчев. Низ прозорците повремено ќе се чуеше понекој рафал или гласен повик на нивниот јазик. Тој ден, Отон, непријателскиот војник и јас, станавме нешто.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

[1] Во архитектурата водоригите се скулптури во форма на змејови, луѓе или некои други форми, кои исфрлаат вода од устата. Најчесто се наоѓаат на покривите од католичките цркви или на некои други градби. Буквалниот превод би бил водоблујачи или водофрлачи (заб. на прев.).

 

  Маја Халапир

Маја Халапир е родена 1978 г. во Осијек, каде што пораснала и дипломирала англиски јазик и книжевност. Предава англиски јазик и преведува. Од 2005 г. живее во Самобор. Во 2020 г. посетува работилници за креативно пишување и започнува поинтензивно да пишува. Во подготовка ѝ е објавата на првата збирка кратки раскази.
Контакт: maja.halapir@gmail.com, Facebook: maja.halapir

 

 

ažurirano: 10/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.