Мехмед Ѓедовиќ

 

Реџеп Кусиќ-Кусо поради својата наивност понекогаш излегуваше смешен. Веруваше во праведност, а неа никаде ја немаше. Се надеваше дека доброто го победува злото, па по половина живот заклучи дека залудно се надева. Онака како што водата го мазни каменот, Реџеп го избруси искуството, но нешто длабоко во него остана исто и покрај несреќите кои не го штедеа. Не дека сосема престана да се надева, но неговата верба во човечката добрина и праведност прилично избледе. Се претвораше во циник кој преиспитува сè и ништо не прифаќа здраво за готово додека не го измери на сопствениот тас, оштетен од користење, но и понатаму сигурен.

Колку помалку им веруваше на луѓето, сè повеќе се свртуваше кон планината, зашто Кусо беше шумски човек. Подранува пред сонцето и брза во пазувите на дивината. Натоварен со тешка моторна стиловка , со ранец во кој жена му му спакувала појадок и ручек, да има што да касне додека работи, граби кон високите брда обраснати со густа шума.

Повеќепати со својата несмасност креваше од леглото дива свиња, фазан или срна и ги испраќаше со поглед додека бегаат подлабоко во шумата.

Реџеп Кусиќ цел живот се бори со стебла и дрва, разретчува, го сече она што шумарот му го означил, ги соборува џиновите, па ги сече и реди.

Потоа доаѓа со синот Јаго и слабиот трактор кој му останал уште од татко му, па го извлекува поблиску до патот она што го подготвил во планинската недојдија.

Ги соборуваше болните и стари стебла за да можат здравите непречено да растат, тркајќи се кое побрзо ќе го допре небото.

Кога Реџеп ќе се измешаше меѓу луѓе, тие сакаа да го измамат, па порадо се држеше до планината, а со луѓето се дружеше само кога мораше да ги продаде подготвените трупци.

Живееше од тешката работа во шумата, но не се жалеше. Кусо никогаш не се пожали на тешкиот живот, макар што другите никогаш не го слушаа. Ги прифаќаше работите такви какви што се, свесен дека не може да ги промени.

Беше крупен човек, со широки рамена кои ги извајале балваните, големи дланки на кои кожата беше испукана, округла, голема глава закитена со седа коса.

Цел живот Реџеп Кусо ќе се занимаваше со цепеници и извлекување дрва, да не дојдеше војната. А дојде како брз пешак со долги нозе, така му се чинеше.

Се пукаше, гореше, убиваше…

Неговата шума уплашено јачеше. Беше полна со некои туѓи луѓе на кои ништо не им значеше планинскиот ветер ни рано разбудената кошута.

Го измачуваа дивечот пукајќи во него од забава, како да им е тоа наследено од татко им. Душмански ги сечеа стеблата и ги соборуваа младите дрвја и никому не му беше важно кое е здраво, а кое е болно.

Никој не ја доживуваше планината како домаќинска авлија во која сè е грижливо негувано и хрането.

Воените години прилично го потресоа светот на Реџеп, но тој го голташе тоа зло како крупен залак кој не може да се избегне, молчејќи и со мака. Среќа што беше голем како мечка, па главно се тргаа од него и го заобиколуваа. На Реџеп тоа му одговараше.

Дури и кога беше доста опасно, повторно одеше во планината да се надише од листовите и да му се изнаслуша на ветерот, зашто му се чинеше дека ќе цркне од мирисот на барут кој му ги штипеше ноздрите.

Тогаш дојде до таа битка.

Во последните години од војната, во срцето на шумата се тепаат луѓе. Пукаат едни на други, убиваат, сакатат, кршат, но никому не му паѓа на памет да престане. Планината ги гледа мравките во своите пазуви и молчи. Не ѝ е првпат, се нагледала секакви зла, а успевала да не врисне, да не се исуши од тага. Плачеше со своите студени потоци, но не пушташе глас, што и да ѝ правеше човекот, и нејзе и себеси.

Реџеп гледа високо дрво и воздивнува. Снегот ја покрил шумата, студот ги кине стеблата на половина, на гранките замрзнале невнимателни птици, потокот го прекрила кора од мраз, а луѓето и понатаму пукаат, лелекаат, гинат, плачат, ама не се откажуваат.

Од еден рид во чија земја е ископан ров за да се засолнат и згреат војниците, конечно се покажува бело знаме. Тој ров е опкружен и напаѓан, но не се предаваше, беше жилав, упорен, гладен и ранет. Се надеваше дека прстенот околу него ќе биде разбиен и дека ќе ги ослободат оние кои носат иста униформа и се молат на истиот бог како и тие. Се обидуваа, но не успеаја, така што тврдоглавоста ѝ го отстапи местото на паметта. Некој одлучи дека е подобро да се предадат, отколку да загинат сите. Требаше да преживает, и тие преживеаја, сè до предавањето.

По долгата и тешка битка, со кренати раце за предавање, од ровот излегоа шеесет и седум војници. Се предадоа, се откажаа, мораа. Ги натера студот, гладот, стравот од смртта. Ако се предадат, можеби и ќе го дочекаат наредниот ден, а ако и понатаму останат во земјанката, под земја, сигурно нема да се поздрават со утрото.

Ги кренаа рацете, се помирија со сè што ги чека, а заробените во војна обично не ги чека ништо добро.

По таа битка зимата помина многу помирно. Ни војските не сакаат да пукаат на студ.

Заробените војници се сместени во некоја хала и тука чекаат размена. Ние ви ги даваме вашите, а вие нам нашите, потоа напролет пак малку ќе пукаме, така му се чинеше тоа на Реџеп Кусиќ, но молчеше. Планината го научи да премолчува, а тој ја почитуваше планината повеќе од сè.

Наслушна дека заробените се сместени во некој хангар во позадината, па тргна да ги види. Не знаеше што го влече. Еднаш сонуваше дека го однеле некои чудни луѓе и го чувале во мрачен подрум – гладен, жеден, претепан; се разбуди нималку не радувајќи се на помислата дека некогаш може да биде заробен.

Помина пеш десетина километри носејќи го на грб ранецот од кој никогаш не се двоеше, па отиде право пред оној хангар. Стражарот гледа мечка пред себе и се смее. Кого Реџо ќе фати да го тепа со оние свои рачишта, тешко него. Ќе му ја пререди секоја коска. Реџеп Кусиќ-Кусо се намурти и не изговара ниту збор, а стражарот зборува како навиен.

„Има по некоја шлаканица и ништо повеќе. Ќе дојде некој лут зашто му загинал синот или таткото, па ќе го истури бесот на заробениците, треба да се разбере и тоа.“

„Зарем ти не ги чуваш?“

„Ги чувам, ама…“

„Па тогаш зошто даваш да ги тепаат…“

Стражарот занеме, гледа пред себе и не знае што да каже.

„Војна е, знаеш…“

„Ете, не знам. Тој што сака да се тепа нека оди во кафеана и нека бара рамен на себе… Реџо не дошол да тепа никого. На овие бедници им е доволно што се заробени, нема полоша мака од тоа. Само кукавици се изживуваат врз оние кои не можат да возвратат…“

Оној го пушти Реџо во хангарот меѓу заробените.

Се собраа на куп. Очи полни страв, би се вкопале во земјата да можат, попрво би биле мравки отколку луѓе, слаби, бедни, преплашени.

Се исплашија, тоа се гледа веднаш. Мислат, сега овој крупниот ќе нè тепа.

Кусо не го менува сериозниот израз на лицето, прашува: Од каде сте? Тие му кажуваат тивко, со шепот, едвај се слуша. Ве задева ли некој? Слегнуваат со рамениците, не ги задеваат. Како да не, Реџеп знае дека некои болести не се лечат и дека има секакви луѓе за кои војната е одлична можност да го пуштат своето лудило од уздите.

„Да ли сте гладни?“, прашува пак.

Не се гладни, го јадат она што и сите други.

„Пушите ли? Имате ли цигари?“

Слегнуваат со рамената. Цигарите се скапи ко око.

Реџеп излезе од хангарот и од еден шверцер купи штека „Дрина“ која солено ја плати.

Се врати до онаа иста врата и стражарот кој се тргна без збор. Им подели цигари на затворениците. Тие пушат, го влечат чадот до ножните прсти и не пуштаат да излезе, пушат, но не го гледаат во очи, стравот е посилен.

Потоа се случи сешто, месеците летнаа како јато фазани низ планината кога ги бркаат ловечките патрони. Не знаеш кога почнува, а кога завршува денот.

Си отиде војната, дојде мирот. Го преживуваш едното зло, а друго ти легнува на рамената.

Кусо ѝ се врати на шумата и извлекувањето дрва.

Подрани пред сонцето, па во планината го дочека месечината. Седнува на пенушка, пали цигара и ја слуша шумата како шушка.

Синот Јаго порасна, се ожени, има и деца; заедно со татко му се поти извлекувајќи дрво од шумата. За детето на лекарот се знае што ќе биде во животот и кое училиште ќе го заврши, а не е поинаку ниту со дрвосечачите.

Тешка и опасна работа, но чесна. Реџеп не знаеше за друга и не веруваше во парите кои се заработуваат без пот и плускавци на рацете.

Еден спарен ден стариот „фергусон“ на Реџо испушти душа. Тракторот има рок на траење како и човекот. Работи додека работи, влече додека влече, а потоа цркнува моторот и не вреди да се поправа.

Не можеше да ѝ забележи ништо на машината, таа извлече материјал од планинските стрмнини за три човечки животи, но губењето на тракторот го загрижи. Не може да се работи во шумата без машина, човекот е немоќен пред широките стебла и длабоките клисури. Требаше што побрзо да се реши тој проблем, бидејќи грејната сезона и продажбата на дрва се ближеше.

Дрвосечачите се познаваат меѓусебно и си притекнуваат напомош кога ќе затреба. Така и пријателот го советуваше Реџо да побара воен камион ТАМ 5000, зашто е силен и жилав, таман каков што треба за во шума.

Реџеп тргна да се распрашува и да бара камион.

Едно утро ги стави во џеб парите што ги имаше и правец во Угљевик. Слушна дека може да се купи добар ТАМ кај некој Зоран во Угљевик. Знае и каде, кафеана таа и таа, тука ќе го чека човекот кој продава камиони.

Неговиот раштиман голф стенкаше на патот, качувајќи се кон планинскиот превој, а тркалата чкрипеа во острите свијоци. Брзо се спушти до раскрсницата, потоа покрај бензинската, уште малку и ете ја онаа кафеана.

Влезе, седна на масата, нарача кафе и пиво. Го праша дебелиот келнер дали го знае тој и тој, овој рече дека го знае и дека наскоро ќе стигне.

Реџеп не чекаше долго, таман да запали цигара, да испие кафе и да го начне пивото.

Човекот стигна. Висок, слаб, со мустаќи, сè нешто го гледа Реџеп, ама онака долго, упорно, колку да му биде непријатно на овој.

„Ене, камионите се таму, зад онаа куќа, оди и види дали ти одговара некој.“

Реџо отиде со брзи чекори. Му беше непријатно на ова место, брзаше да ја заврши работата и да се врати дома. Пред очите му се укажа голем паркинг на кој имаше толку камиони колку што не видел во животот на едно место.

Гледаше, проверуваше, ја креваше хаубата, палеше, наслушнуваше како работи моторот, па го избра ТАМ-от кој најмногу му одговараше. Мислеше дека овој само него го чека, како да е создаден за шума и работа со дрва.

Единствено му беше криво што во џебот немаше повеќе пари. Камионот му се допадна, но ако оној побара висока цена, нема да може да го купи.

Се врати во кафеаната, а на масата и понатаму седи оној мустаклија, пред него мезе и лута.

Повторно го мерка под густите веѓи.

„Се знаеме ли ние од некаде?“

„Не се знаеме“, кратко вели Реџо, нестрплив да ја заврши работата и да си оди.

„Избра ли камион?“

„Избрав. Мислам дека најдов еден кој ми одговара за она што ми треба.“

„Значи ти одговара?“

„Одговара. Колку чини, да платам, па да бегам.“

Мустаклијата и понатаму го мерка.

„А од каде рече дека си?“

„Не реков ништо“, нестрпливо вели тој. Сега веќе му беше страв дека овој се напил малку и дека би можело да има беља.

„Аха, седи. Сакаш ли да се напиеш нешто?“

„Подоцна, сега кажи ми колку чини камионот.“

„Тој камион, Реџеп Кусиќ – Кусо, за тебе не чини ништо. Тој вреди колку онаа кутија цигари која ми ја даде кога бев заробен, а ти дојде да нè видиш во оној хангар. Сите очекувавме дека ќе нè претепаш, а ти ни купи тутун… Е, гледаш, затоа ти го подарувам камионот, иако она што ти го направи не може да се плати со ништо… ми требаше малку време да се сетам на тебе, но тоа лице нема да го заборавам додека ме носат нозеве.“

Така Реџо истиот ден, додуша дури пред вечерта, дома го дотера ТАМ-от 5000, и денес со него извлекува дрва од планината.

Остана ист каков што беше, чесен и наивен, со добро срце и крупно тело, а имаше намера таков и да остане.

Со Зоран стана куќен пријател. Зока беше човек со кого подоцна имаше толку многу заедничко, што е тешко да се поверува. Ги спои војната, а ги зближи еден половен ТАМ 5000.

Така е и денес…

 

 

Превод: Иван Шопов

 

  Мехмед Ѓедовиќ

Мехмед Ѓедовиќ е роден 1971 година во околината на Тузла, Босна и Херцеговина. Пишува проза, поезија, книги за деца, книжевна критика, есеистика и новинарски текстови. Тој е еден од писателите од Босна и Херцеговина што успешно пишуваат за деца и за возрасни. Објавил петнаесетина книги: „Чај од нане“ и „Кога Булбул се врати“ (збирки раскази); „Сенката на волкот“, „На водата е да тече“ и „Легионер“ (романи); книгата за деца „Трева полна мравки“; „Светло од ламбата“ и „Нешто чудно се случува“ (поезија). Тој е наградуван писател, а неговите дела се преведени на неколку јазици. Член е на Друштвото на писатели на Босна и Херцеговина.

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.