Немања Раичевиќ

 

Рози пак остана без работа. „Вработените во тоалетот никако не смеат да се смеат гласно“, рече сопственикот на барот. Посебно не во ситуација кога нацијата се бори за слава. Ги поткрена веѓите и ги наведуваше причините поради кои нема да биде можно да добие никакви пари. „Сите ние си имаме проблеми“, му рече Рози со многу разбирање и движења на рацете. Менаџерот, кој страсно пишуваше дневници „за идните генерации“, ја праша дали сака бонбона. „Фала“, рече Рози и достоинствено направи движење што можеше да потсетува на прегратка. Со движење на рак се оддалечи и потоа во некаков глувчешки јуриш ја натера да ја земе целата вреќичка. Благоста на духот, едноставноста на дарувањето, сето тоа никогаш од никого не исчезнува, барем не во целост, гордо мислеше. Се создаваше приказна за неговиот дневник.

Рози ги зеде рекламните бонбони што ги имаше видено на телевизија. Ете, соништата се остваруваат. Што убаво ќе се освежи после пивото, плус нема да биде ни гладна денес. Сѐ се движеше во добар правец. Допрва е утро. Сепак, најпрво ќе биде потребно да се дојде до пиво. Ама зар бонбоните не изгледаа толку убаво во својата светкава опаковка? На крајот на краиштата секогаш може да се обиде со војниците, рече гласно и со самодоверба излезе од канцеларијата што мирисаше на стари тетратки.

„Потребна е дневна помош во домот“, пишуваше во огласот на единствениот ѕид што беше преостанат од куќата. Меѓу искршените окна на прозорецот имаше детски автомобил. Немаше време со пијачка детално да размисли за сѐ како во старите времиња. Ракописот на огласот ѝ се причини на Рози малку возвишен. Брзо ја стави в џеб играчката. Беше пријатно да ја допира човек, да се обидува да го види своето лице во малиот ретровизор и со сето тоа да го чуе и шушкањето на бонбоните. Сега нема сомнеж дека сѐ ќе биде добро. Еден ден, помисли, еден ден во мојот живот ќе биде оној што ќе ми донесе среќа.

Вратата ѝ ја отвори жена што се потрудила да се нашминка. Носеше широк мантил. Рози мантилот ја потсети на нешто убаво, на музика, на денот пред тоа да дојде.

„Јас сум за помош“, рече Рози. Жената сомничаво ја гледаше и со раката минуваше преку масните дамки на мантилот. „Лимон“, залипа Рози. „Сѐ ќе биде во најдобар можен ред со лимонот“. Жената се тргна настрана и ја пушти да влезе.

Сакаше конечно да почне да живее во подрумот и ѝ беше потребна помош за да го пренесе во него мебелот и теписите. „Само таму сега се чувствувам убава, рече жената. Бомбите не ме плашат колку смртта во сопствениот кревет. Чудно е што никогаш не мислев дека ќе бидам една од оние што се пикаат по подруми. Кога почна војната, фрлав цвеќе на тенковите. Зборував за спасоносниот пресврт на волјата на нацијата. Никогаш не мислев дека е можно да се сака подрумот“.

„О, не грижете се“, ѝ рече на Рози. Зборуваше ведро и како важна личност. „И самата мислев дека утринава имам грижи. Ама нештата се менуваат, нештата се случуваат! Бонбони, играчки, подрум, сето тоа е живот. Ни недостасува лимон, тоа е вистина. Зарем и пивото не ги отстранува флеките?“

Кога завршија, жената грубо ѝ рече дека нема пари. Ѝ го покажуваше на Рози паричникот во кој невешто беа сокриени банкнотите. „Не можам никому ништо да му давам сега“, поспано рече жената. „Пиво“, рече Рози сосема тивко. „Имате ли за пиво? Едно пиво за една помош.“ Жената ја гледаше и Рози можеше да ги види нејзините две веѓи и малите мустаќи. „Ме потсеќате на баба ми“, ѝ рече Рози. „Пред војната и пред пивото, баба ми имаше куќа во улицата „Нермина рамница“. Мислам дека ќе ја побарам деновиве“, рече Рози и се загледа во ѕидот како некој што не знае што да прави.

„Застанете“, ѝ рече жената. „Вистината е дека не се надевав дека некој ќе дојде. Кој денес не е осамен? Уште помалку имав намера некого да плаќам. Ама секој би требало својот гроб сам да си го уреди. А вие му помогнавте на странец.“ Рози климна со главата со многу одобрување. „Во „Мажестик“ сигурно ќе има војници!“ „Почекајте ме овде“, ја прекина жената и се качи на катот, додека мантилот ѝ се влечеше по неа, како на некоја кралица на сивилото. Кога се врати, носеше фустан.

„Овој фустан, рече жената сѐ уште гордо, последен пат го носев пред војната, на балот за матурската вечер на последната генерација мои ученици. Им зборував тогаш за автентично битисување.“

„Црн е“, рече Рози како некој што се разбира во фустани. Ѕифт црн. Виде етерични форми и непостојани, шеговити кругови во црно. „Земете го, рече жената, тоа е фустан од малбери свила. Земете го сега. Јас морам да одам. Кој ли не е осамен денес и кој без престан ги шие сите тие униформи?“

„Добра ноќ“, рече Рози и излезе надвор. Работите пак почнаа да изгледаат добро. Еве, зарем не беа таму урнатините во кои може да се облече пред пивото?

„Добровечер“, одекна глас од мракот. „Слободно ли е?“, праша Рози и брзо го навлече остатокот од фустанот преку облеката што ја имаше. „Се подготвувам да тргнам. Имам некои важни обврски.“

„Не плашете се, многупочитувана“, рече гласот. „Да сакав нешто лошо да им направам на луѓето, ќе бев во војната.“

„Фустанот го добив“, рече Рози извинувајќи се. Од мракот се појави постар човек со полуцилиндар на глава и со шише во раката.

„Ова беше моја куќа“, рече тој гордо додека пиеше од шишето. „Јас во моментов немам куќа“, рече Рози скромно и се доближи чекор поблиску до човекот. „Никогаш не мислев дека баш мојата куќа ќе ја урнат, ама никој никогаш и не мисли на тоа“, рече човекот внимателно разгледувајќи го местото каде што некогаш беше таванот.

„Сега барем можете да ги видите ѕвездите“, рече Рози гледајќи таму, помеѓу небото и шишето. Човекот почна вознемирено, ама весело да се смее. „Кога видов дека влегувате, помислив дека баш би можел и да ве убијам“, рече нежно. „Потоа помислив – опа, интимата на свилата повторно во мојот дом!“ „Јас само свратив да се облечам“, рече Рози и намигна низ мракот. Човекот го симна полуцилиндарот и се поклони. „Старото го оставаме, новото го усвојуваме“, рече замислено и потоа луто повика: „Назад никогаш, напред секогаш! Ми делувате како дама што не е против чашка чат-пат, простете ако грешам… Но, помогнете ми, ве преколнувам. Дали Хендл и Бах животот го завршиле слепи или неподвижни?“

„Побарај ме во предградието“, запеа Рози со многу чувство и со чекор како од балска сала долета до шишето. Човекот пред неа ја подигна со двете раце над себе, како да се игра, како да се бори, како да е разгрането дрво.

Пиеја и како што рече човекот со полуцилиндарот, времето ги чекаше додека минуваа часовите. Кога тој го заџитка празното шише кон небото, Рози продолжи натаму.

Виното беше уште една добра работа дента. Засега сѐ одеше по планот и Рози одлучи да изеде бонбона. Почувствува освежување, радост од сеќавањето на телевизијата, сигурност и успех. Во „Мажестик“ имаше војници и таа имаше фустан. Овојпат никој не се ни обиде да ја исфрли надвор. Рози почувствува восхит кога го виде пивото. Со многу учтивост го праша осамениот војник на кој фронт се наоѓа.

„Да сум барем на фронтот“, рече војникот момче во преголема униформа. Рози го слушаше со многу внимание и си го местеше деколтето. „Да сум барем на фронтот“, повтори младичот-момче. „Потребна ни е само една ваква млада генерација и ќе го промениме светот“, во исчекување зацвркоти Рози. Војникот момче ја погледна поспано. „Да живее претседателот“, ѝ одговори гласно и додека салутираше, ракавот му падна преку очи. „Кој ги шие овие мочани униформи?“, праша и нарача две пива. Рози сега виде многу нешта: сјајот на чашите и веселите пукнатини на детството, меката боја на жолтата карамела, објавата дека светот ќе трае и по последните дрвореди. На недоумиците им дојде крајот и потполниот живот е подготвен да почне! „Пивото е добро, вешто рече Рози, пивото е полно витамини. Пивото, без оглед на сите несреќи и во кои било услови, можеме секогаш да го произведуваме!“ „Кои сте вие?“, ја праша војникот-момче. „Ох, никој посебен“, рече Рози. Видов светло и свратив. Уште три пива и можеме да се договориме за сѐ. Пушење или што и да е, за сѐ. Со мене е лесно за договарање. Јас сум секогаш за договор. Знам сигурно место. Урнатини има насекаде. А победата ќе му припадне на правото за слобода! За три пива, само за три големи пива.“

„Јас имам пари“, изјави важно војникот-момче. „Може. Договорено. Во нивната облека, која ќе остане после, скоро секогаш има некоја пара. Тоа е мојот фронт. Тоа е мојата работа. Ни рекоа дека треба да бидеме горди на тоа. Работата е најважна и најтешка пред конечната зора и тој вид мора да исчезне за моите деца да живеат. Рекоа дека можеме да земеме поситни пари. Ситнеж, така го викаме тоа. Земаме ситнеж, се коцкаме, купуваме чоколатца и ги водиме курвите на пиво. Ние не се жалиме. Го правиме тоа за сите вас! Ни рекоа никому да не му зборуваме за тоа. Ни на мама ни на тато, рекоа. Божем на мајка ми би ѝ зборувала за ситнежот! Ама, зборам наоколу. Некој ќе ме пријави и ќе бидам мирен. Ситнежот е тајна и тој е мојот живот. Тоа е единствената работа во која не сум послушен и нека ми оддаде еднаш некој едно мочано признание што сум добар војник! Само тука се заебале. Не е човекот она што би требало да биде.“

„И јас работев на влезот во тоалетот“, рече Рози со мерак по пиво и по нејасното минато. Војникот момче ја погледна и порача четири големи пива. Рози сети желба да запее и да заигра, ама само плесна со рацете. Цел свет! Цел свет во две големи шишиња и сета наклонетост на светот во едно момче. Рози го понуди војникот момче со бонбона. „Од телевизија се“, воскликна пожртвувано. „Не ми треба ништо од вас“, рече грубо војникот момче. „И вие изгледате како да сте во неволја. Ама можете ли да ме држите малку за рака? Ќе одиме после кај урнатините“, рече Рози многу охрабрувачки и го фати за рака. Кога светлата на „Мажестик“ се угаснаа како свеќи во изнајмен стан, војникот момче спиеше со ќесето бонбони во џебот од униформата и Рози појде натаму.

Сега е сѐ на свое место; сега сѐ ќе тргне отпочеток, мислеше. Има и фустан. Постои и дрвото што го видела, напуштено, осакатено, ама разгрането. Не ѝ е гајле што пред малку падна. Рози сети блискост со создавањето и уништувањето; стремеж да му се врати на љубењето и на губењето на сите нешта. Луѓето по тоалетите, мирисот на хартијата, смеењето под таваните што кријат мистерии и погибелта на небото; нема исклучоци од правилото. Го слече фустанот и почна да прави јамка потпевнувајќи ја мелодијата од серијата од нејзиното детство. Зарем и толку силна и богата жена како Алексис Колби ниеднаш нема посакано малку да се одмори? Нешто брзо ѝ се придружуваше на мелодијата. Бомбата падна во соседната улица и сѐ се затресе. Беше речиси пријатно. Рози потпевнуваше и се подготвуваше. Тогаш чу нешто што веќе не доаѓаше од небото. Беше наивно, и напорно, и упорно, и гласно, и беше невозможно човек да не тргне во темнината. Рози застана, го бакна дрвото под кое се наоѓаше (ветувајќи му дека наскоро се враќа) и отиде следејќи го звукот. Тој доаѓаше од купот ѓубре. Пластичната кукла, чудесно сочувана и насмеана, испушташе испрекината и груба мелодија што имитира плач на дете.

Ја стави играчката автомобил во раката на куклата и ги замота во фустанот. Свилената јамка исчезна; Рози одеше натаму. Ги носеше в раце и првпат по толку години се уплаши кога се огласија сирените и небото стана посветло од зората.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Немања Раичевиќ

е роден во 1976 година во Нови Сад. Објавил три збирки раскази: „Раскази“ (Priče. Matica Srpska, 2002), „Не е доцна за смеење“ (Nije kasno smejati se. Prometej, 2009) и „На пропатување“ (Na proputovanju. Priča, Srpskog književnog društva, 2014). Расказите му се преведувани на англиски, унгарски и романски јазик. Објавени се во антологиите: „Антидепресив“ (Antidepresiv, Mirjana Bobić-Mojsilović, 2011), „Плејлиста од почетокот на векот“ (Plejlista sa početka veka, Ivan Antić i Slavoljub Marković, 2012), „Простор за мокрото куче“ (Prostor za mokrog psa, Kulturni centar Grad, 2012), „Пукања – избор од младата српска проза“ (Pucanja – izbor iz mlade srpske proze, Vladimir Vukomanović za Službeni glasnik 2012).
https://en.wikipedia.org/wiki/Nemanja_Raičević

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.