Андреа Попов Милетиќ

 

Убаво вели писателот на книгата „Југославија, моја дежела, кој не бил таму кога беше војната, нека молчи, нека не сере. Еве, ќе молчам. Бев бела мечка. Или ќе зборувам само за она што го знам, на што се сеќавам.

Вујко ми го собраа предвечер. Целиот беше зелен. Мама попизде на баба што воопшто ја отвори вратата. Баба го бакна трипати (првпат го гледам тоа) и плачеше (првпат јас да знам). Кога одеше надвор, секогаш велеше: „Одам во живот.“ Помислив дека овој пат е поинаку. Кога од Оролик го префрлија во Шид, му пишав писмо.

Цртеж: вујче и неговиот другар на тенк, срциња, цвеќе, знамиња и голем натпис „Шидленд“.

 

**

Сѐ веќе беше готово и сѐ беше нормално. Одевме отаде, сѐ беше исто. Војводинското село од онаа страна на огледалото. Куќи со долг трем, плочки, фасади и големи дворови, позади силоси и живина. Низ сите соби по ред за да дојдеш до тоалетот, мирис на нафталин и големи перници во собите. Студен јорган кој налегнува преку тебе како мртво човечиште. Сѐ беше нормално, само нешто се криеше зад насмевката. Јасно се сеќавам на бабата со лево замаглено стакло на очилата. На човекот без рака како пие пиво пред драгсторот. На девојченцето кое собираше миризливи хартијки, ја пееше Драгана Мирковиќ во хеланки. Додека игравме ластик, рече: „Силување е кога ќе те врзат, па ти даваат да пиеш вино и ракија.“ На мајката која ја слушаше песната „Човек са сјајем месеца у оку“ и кришум плачеше. Сѐ беше нормално, куќите покажуваа цвеќе и вез на перниците. Беа празни како окото зад матните очила. Насмевката за другите ја закачуваа како цвеќе. Беа празни како продупчените куќи. Белата мечка ја пуштија од кафезот. Јас секој ден сум сѐ понемирна.

 

**

Додека мајкa му ставаше цвет на реверот, го гледаше во очи како некаков блуден син и му ја прости младоста – лудоста.

Во еден миг стана свесен за ужасот или така му рече тренерот по „body language“, само гледаше настрана, со усни склопени во грч за да не се затресат.

Нејзината болка е апстрактна, надвор од нашето поимање. Неговиот срам се материјализира и почна да смрди како да стана свесен каде е фрлен. На истото место.

Во тој еден миг таа стана возвишено суштество, а тој она во што не се гледа.

Го исклучив телевизорот. Извинете што не ви испративме некој подобар.

Таа го гледаше право во очи како што само мајка знае.

Јас секој ден сум сѐ понемирна.

 

**

Од прадедо ми го наследив верувањето во вили и лошото чувство за време. Зборуваше за ветерот кој почнува да дува на ливадата така што ја легнува тревата и како лично него го фатиле на оро босоноги девојки со долги коси, зашто останал предолго на маѓепсано место. Се разбудил покрај едно дрво и никогаш повеќе не дозволил ноќта да го затекне крај чешмата на Вилина вода. Од Јасеновац го извеле во колона еден ден и го пикнале во воз. После сѐ, мислел: сигурно нѐ возат на некое убаво место. Следејќи го своето чувство за тајминг, излегол од вагонот некаде во Срем и се криел кај роднините на таван, спиел на сено со ноќи. Убавиот сон, каков што среде оние загушувачки комшари на прадедо ми не можел да му дојде ни во потсвеста, гласел вака: сремскокарловските Хрвати со своите потписи ги спасиле своите сограѓани од логорот на смртта и нивната молба ги ослободила сите и ги испратила дома. Тоа било јаве. Кога возот стигнал во Сремски Карловци, прабаба ми плачела зашто сите комшии стигнале, само тој не се вратил дома. Дошол дури по неколку недели, изгледал така што децата се плашеле да ѕирнат во собата во која лежел. Прабаба ми ја продала куќата за да го лечи, отишле под кирија, варела за него супи и разни јадења, а за децата што ќе остане.

Јас секој ден сум сѐ понемирна.

 

**

Ивана Брлиќ Мажураниќ (беше тоа пред сто години) ми раскажуваше со гласот на мајка ми во оној мал стан (беше тоа пред сто животи), кој беше една соба поделена со комода. Бев тогаш бела мечка. Го сакав тој јазик, беше еднакво мој. Тој јазик ми фали како изгубен дел од мене, јазик на цртаните филмови, квизовите и сликовниците. Живеев тогаш во Библиотеката „Верверичка“, а собата ми ја осветлуваше „Светлост“ Сараево. Само на море бевме среќни. И морето го изгубивме. Го памтам изразот на лицето на мајка ми кога влегува во студената вода. Уште ја памтам среќата на лицето на мама: „Па, ти пливаш“.

 

**

Јутјуб коментари под цртаниот филм „Peppa pig“/„Прасето Пепа“ – хрватски

„I ako je na hrvatskom ja volim pepu.“

„Ubi hrvata da srbin nema brata.“

„Imam 9 godina i obozavam pepu.

 

**

Го гледам момчето како си игра и мислам – тоа е живот, арогантно го урива за миг сето она што долго и внимателно го градел. Низ прозорецот на автомобилот сѐ црква до црква, иглички во тревата. Од горе црквата е игла во пластот сено, а нам долу црквата ни е игла. Црквата е игла која боде очи. „Ласер го брани Сараево од диоптрија“, пишува на рекламата за очна клиника. Можеше ти да бидеш жената која носталгично гледа по автобусот и потоа продолжува да цепи дрва, а таа да биде ти која патуваш. Децата спијат со црвено свирче под перницата. Бикот е далтонист, црвената е тука за вас.

 

**

„Јухуху“ програма за деца

ХРТ

„Присавје“ 3

10 000 Загреб, Република Хрватска

 

Драги Јухухуховци,

Се викам Даница и имам шест години. Мама ми помогна да ви го напишам писмово. Ја гледам вашата емисија секое утро пред градинка. И во сабота и недела. Морам да ви кажам дека програмата е сјајна и најдобра од сите цртани (кои вие ги викате „цртиќи“). И ТВ градинката исто е супер, особено Кртац и девојката со портокалова коса и приказните за девојчето кое се вика Даница, како и јас. Јас живеам во Нови Сад и ние немаме толку убава програма, но ја гледам вашата телевизија и разбирам сѐ. Најмногу ми се допаѓа кога во цртаниот филм не велат прасе туку прашчиќ и кога песната за Томас оди: „vesele su tračnice Tomice i družine“ и кога ќе чујам „вртуљак“, место „вртешка“. Бев двапати во Хрватска на море и тетката која ни ја изнајмуваше собата нѐ пушти да си играме во дворот и таму растеа портокали и киви (мислам дека тетката рече вака: наранче и киви). Одевме секој ден во една продавница која е иста како „Idea“ кај нас, но се вика „Конзум“.

Цртеж: Даница и нејзиниот брат на Петроварадинската тврдина, VOLIMO VAS (L оди на погрешната страна), во аголот мала вила.

 

**

Имам ќерка Даница и син Зоран, верувам во вили и страдам за морето. Поранешниот маж отиде за Словачка да работи. Вели дека е најстар таму. Сѐ некои деца од фини куќи. Му го мерат времето на подвижна лента. Никој не ми загина во војната. Ме заобиколија шрапнелите, масовните гробници, силувањето, лудилото, хуманитарната помош и тоа некој да ме вика полутанка/четник/усташ/балија. Мајка ми умре веднаш по војната како една од тивките, невидливи жртви на сѐ што се случи. Вујко ми се врати од фронтот и никогаш повеќе не кажа ни збор за тоа. Ние повеќе не значи ништо, за мене и за него.

Боиштата денес ни се како масите на писателите во спомен-собите, не можеме да замислиме дека некој на нив пукал или пишувал. Како јазик кој упорно оди на местото каде некогаш имало заб, мислата оди на празното место кое го опустошила смртта. Морето повеќе не е исто, ни доволно сино, пушти го низ филтри, засили ги боите. Дали си искусил што значи да се биде човек сѐ додека не си убил некој лош, сѐ додека не си спасил некој добар? „Немаме толку добар микроскоп кој би ни кажал што стануваме по смртта“, му објаснувам на детето. „Но со голо око гледаме кој сее смрт и не правиме ништо“, тоа го премолчив. Има денови кога живееме во концентрациониот логор на Земјата. А пак има денови кога секаде продираат „одблесоците на нормалноста“ и животот тече понатаму со летните хитови и босите нозе што висат од количките во преминот, другарките се тешат една со друга по клупите на кејот, а облаците на стапчињата се во нашите раце. Мудрите дрвја нечујно фрлаат семе да го носиме и понатаму на ногавиците, да патува со нас и повторно да се роди. Утро е и децата мочкаат во млазови, создавајќи привид на поток и проточност на природата. Гулабот со грлат глас ја повторува сета досада на оваа планета. Во градот кој не е на море можеме да ја намачкаме кожата со крем за сончање, да го мирисаме сопственото рамо и да го бакнуваме како новороденче.

Со кралскосината завеса на главата се навалуваме во свиокот Јерговиќ и јас цврсто го држам во раце. Додека автобусот кривулка, читам како на момчето поради возењето утробата му лета надвор. Пред прифатниот центар кој некогаш бил кланица, на патот помеѓу железничката и автобуската станица „Шид“ децата на мигрантите пуштаат змејови. Шиѓани се жалат дека мигрантите им крадат по продавниците и ги плашат децата. Ѓубриштето гори, тоа е е ѓубрето на оние што живеат во своите куќи. Шидленд.

„Знаеме како се однесуваат странците(…) Што ќе прават во слободно време без контрола? Кај нас и шестгодишниците се навикнаа да одат дома сами од забавиште, мајките ќе се плашат за нив“, вели иницијаторката на петицијата против српски работници во Словачка.

Синоќа сонував како по мрак шетаме покрај морето, а луѓето излегуваат од урнатините и нѐ бркаат со метли. Стравови во мракот, не од животни, туку од луѓе, од нивните лоши намери. Човекот има повеќе лоши намери од животните, чија единствена зла намера може да биде да те изеде. Еве, докторе, завршувам, ова е крај. Во мрак сите улици ни се оние во кои ќе бидеме ограбени, силувани, убиени. Предолго? Рековте да запишам сѐ што ми се мота во глава.

„Сето тоа е само Ваша проекција, гледате? Причина за сето Ваше незадоволство…“, ми вели психотерапевтот кој го сонувам, зашто вистинскиот чини многу, а се знае дека е најдобро да се оди на приватно.

 

Превод: Иван Шопов

 

  Андреа Попов Милетиќ

Нови Сад 1985 г. Победничка на конкурсот за краток расказ на 14. WH Fest (Широки Бријег 2016), добитничка на наградата Првенац, СКЦ Крагујевац, 2013 (автори до 35 години) за книгата „Кротки цртички“ (Bezazlene crtice). Влегува во потесен избор на Vladimir Devidé Haiku Award – IAFOR, Осака, Јапонија 2012. Учесник на финалето на 14. FEKP (Загреб, Риека 2015), Presing 2013, Karlo Bijelicki 2016. Проза, есеј, критика: Rukopisi 36 (Панчево), „За малите и за големите работи“, Белград 2011 (O malim i velikim stvarima), kARTon (Суботица), Afirmator, Republika, PULSE, konkursiregiona, knjizevnost.org, Sveske, Balkan express, strane.ba.
Контакт: andrea.popov.miletic@gmail.com, http://andreapopovmiletic.blogspot.rs

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.