Маријана Чанак

 

 

Гледам одозгора како ја шутираат мојата откината глава. Локаат, шутираат, пукаат во небото. Жал ми е за птиците повеќе отколку за мене. Мене овде ништо не ми фали, ни главата што ја носев и што ме водеше. Таму каде што одам, можам и безглав. Ама, уште не тргнувам, чекам да ме остават долу, да појдам со мир. Не знам колку ќе трае. Кога чу старата, крикот во грлото ѝ се скамени. Стариот голорак тргна да ме бара, сака да ме состави и да го обележи местото каде што паднав. Скита низ шумата, а јас одозгора го наведувам на погрешна трага, само да не налета на овие пијани разбојници. Нека ја стават мојата глава на некој друг несреќник, нека ми ги исечат нозете и нека му ги дадат кому што му требаат, не се грижам за ништо, само за парче тишина, но да не е гробна. Да ти ебам земјата! Колку повеќе ја браниме, толку повеќе нѐ голта. Брат ми уште не чул за мене, дури неговата мака ќе ме сплеткува. Како да слушне кога не излегува од тенкот, поминува низ оние куќи како да се картонски. Каде што ќе помине, и духовите под праговите бегаат. При крај е сето ова, ама нема да испадне на арно. Одозгора и без очи сум далековид. Гледам како на старата од ‘рбетот ѝ израснува гавраново крило, целата се свиткала под црни пердуви, ни да се мрдне. На стариот очите му згаснаа, па уште долго живее така мртов. Брат ми се смири, има куќа далеку од дома. Жена му по вторпат е бремена и добро го поднесува тоа, мора да е машко. Ако му дадат име по мене, никогаш нема да најдам мир!

 

*

Ноќеваме покрај некое мочуриште. Го бришам челото со дланката, замирисува крвта и ја натопува земјата. Не сум ранет, ноќта е густа од комарци крволоци. Зошто го чуваме мочуриштево, никој не знае. Ми се привидува брат ми од ноќ во ноќ. Насмеан, чист, како од друг свет, ги шири рацете и приоѓа, само што не запејува. – Дане! му шепнувам низ мракот. – Ти ли си? Данко! Како го повикувам, така се губи. Потоа главата повторно му изнурнува од никаде, само што не сме се судриле. – Имаш ли тутун? го прашувам, а тој се фаќа за џебот, ја вади кутијата, па се вовлекува во неа како пареа, а кутијата се распукнува. Другпат седи крај мене, па ме потчукнува по челото, како да проверува дали сум вистински. Замавнувам да го чукнам, но раката само ми поминува низ него, а тој повторно се составува како ништо да не било. Цркнува од смеење. – Како се старците? го прашувам. Знаеш ли нешто? Тој кимнува со главата како да знае сѐ, но не изговара ни збор. Некогаш не знам дали јас му се привидувам нему или тој мене, а повторно гледам дека овие проклети комарци не сакаат кај него.

 

*

Топло е, а мајка ми ми навлекува широк волнен џемпер. Се потам под него, волницата ме жари и ме гребе. Не сум ни зуцнал, а мајка ми веќе ја крева раката да ме замолчи. Откако сме овде, едвај зборуваме, ги слушам само нејзините раце. Можеби мисли дека молчењето ни ја штеди силата, дека ќе станеме невидливи ако се вовлечеме во тишина, дека ќе ги зачуваме главите. И не само главите. Мајка ми сака да ме зачува целиот. Вчера ја искина својата потсукња, па ми го затегнуваше тоа платно околу голите гради. Го затегнуваше крвнички, како да го цеди животот од мене. Ќе ме исцеди во некакво шишенце или на дланка, па ќе ме исрка до последната капка, а потоа ќе ме чува со своето тело како што ме чувала некогаш. Така си го објаснив тоа себеси и ги стискав очите за да не побегне ни капка од нив. Под широкиот џемпер заѕидана сум во мајчината потсукња. Ме боли, ми се здрвува телото, го носам како да не е мое, ќе ја одерам кожата од себе од што се чешам по главата и по вратот. Цела сум во красти, како што ќе излупам една, друга се прави, како да расадувам по себе некакви смрдливи соѕвездија. Тоа ја смирува мајка ми, стравот ѝ стивнува во очите кога ми го гледа нагрденото лице. Околу нас има други жени, ниедна не е старица, но ниедна не можам да ја замислам млада, освен својата мајка. Ги тргнуваме поткошулите и ги ставаме меѓу нозете кога ќе прокрвавиме. Ситните деца најлесно фаќаат вошки, па од нив за гадинките се грабаме како за богатство, ги населуваме на себе. Внимаваме да не ги погледнеме стражарите в очи, а би нѐ смирило да забележиме гадење во нив. Чекаме размена: глава за глава, број за број. Понекогаш ноќе сонувам дека сум надвор, на брегот на некое сончево езеро, па од сонот се тргнувам штом ги здогледувам рибите како навалуваат да ми ги видат крастите на избричената глава.

 

*

Стигнав, овде ме дочека цела свита. Прават гозба, точат ракија, се радуваат што ме гледаат. Велат: „Помина за час! Подобро да не ни доаѓаше за толку!“ Потоа прснуваат во смеа, па сѐ се ори и одѕвонува, а пактовите и заветите пукаат како стакло, само јас одам по срча: дали залудно живеев или умрев? Долу ми ги собраа и ми ги наредија коските, удрија крст, го вдлабија името. Палат свеќа да ми го осветли патот, па лелекаат, викаат, ме сплеткуваат со гласовите, нивната тага ја носам како окови. Лелекаат додека трае свеќата. Потоа повторно одам по мракот, сметам дека некој ќе излезе пред мене. Дедо ми доаѓа прв, едвај го паметам, а сега за миг се познавме. „Што си поранил?“ ме прашува целиот намуртен, а се смее под мустаќите. „Ајде дома!“ наредува, а јас помислувам дека ме праќа назад, кога тој ме повлекува со себе. Тогаш ми паднаа оние окови од стврднати солзи, ме обзеде леснотија, моите веќе не ме тргаат одоздола. По дедо ми се појавија и другите, приредија дочек, ме окрепија од долгиот пат. Ме прашуваат зошто се истребуваме долу, уште колку ќе дојдат по мене, гинат ли помлади од мене, колку земја посипавме со крв, каде мислиме да се вратиме, што ќе јадеме кога земјата ќе почне да повраќа гнили коски. Ништо не знам да им кажам. „Многу од вас гинат, а слабо доаѓате“, ми вели дедо ми, па го пали лулето, дува круг чад и ме остава да гледам низ него како низ дурбин. Ужас ми ги испреврти коските! Гледам мртви што не знаат дека се мртви, некои стојат во разурнатите ѕидини заковани како клинци, други сѐ уште јуришаат, одат по мирисот на крвта, талкаат по земјата, ги креваат живите на бунт, завиваат над своите распарчени тела како бесни волци. „Чудо е што успеа да преминеш“, ми вели дедо ми. „Сигурно си се заколнал дека ќе ни се вратиш пред женидбата.“ Дува уште еден чад, а пред мене се укажуваат црни крилести верверици со женски глави. Се вртат наоколу како фурии, крикнуваат, им се фрлаат на живите жени на папокот, им ги цицаат утробите, па од устата ја плукаат крвта од нивните матки. Дедо ми мрмори нешто за неродните години, крвавата пченица и децата што одат наназад. Ме опколи слабост. Да може една иста глава да се изгуби двапати, доброволно би ја дал, само повеќе да не гледам и да не слушам ништо. „Нема каде!“ дофрла дедо ми, па двајцата се закашлуваме од чадот. „А нашите?“ прашувам. „Добро ли се нашите?“ – „Знаеш колку и јас“, рече старецот.

 

*

Жена ми се здебели, ниту прави нешто ниту мрднува од дома. Мене ме има насекаде, најмалку дома. Камионот ми е куќа. Точам литар сливова, пакувам литар за резерва, па возам кај што ќе ме пратат. Го знам секое ќоше на оваа тесна земја, а никогаш нема да бидам на свое. На сите им чинам додека сум на пат, најмногу на жена ми. Престана да ме прашува каде одам, каде ќе преноќам, кога се враќам. Ни за товарот веќе не се грижи. „Тоа ти е вода во балончето?“ знаеше да праша. „Па што е“, велам, па пред нејзини очи се налевам со водата. „Да не си и ти жедна?“ Порано знаеше да се прекрсти, сега само одмавнува со раката, не троши верба на мене. Ќерките ми се возрасни, ниту ним повеќе не сум им битен, освен кога ќе им снема пари, а им снемува таман колку да се одржиме заедно. Со постарата се измачивме. Се повлече во себе, па само гледа во празно како да заборавила да зборува. Таман се здомивме, неа ја запишавме во гимназија, второто дете на пат, се чини дека сѐ повторно може да биде добро, а до неа ништо не допира. Живее во својот оклоп и одгледува мрак. Се изнагледав сѐ и ништо не ме загрижило толку како кога ја видов како со брич си впишува некакви броеви под кожата. Ми дојде жива да ја оплакувам! „Кажи ми поради малите, не поради мене“, стопати ја молев жена ми. „Што преживеавте таму?“ Исто што и сите други. Батали. Времето ќе го однесе тоа. Никогаш не ми кажа. „Да ја носиме на психолог?“Моето дете не е лудо!“ – „Зошто се осакатува?“Ќе престане!“ Престана некако. Цела гимназија не излегуваше од црно, ракавите ѝ се мавтаат до колената и кога е најголема жега. Сега има некакви цветови на бодликава жица ишарани по лузните од бричот. Не е тмурна како што беше. А, помалата е чудо, мојата Дана би можела на ѓаволот да му искубе златни влакна од главата, од ништо нема страв!

 

*

Кога нѐ одведоа во заробеништво, бевме сами, мајка ми и јас. Кога нѐ предаваа на размена, можеби нѐ предадоа повеќе отколку што можеа да нѐ пребројат. Нашите три глави за две нивни. Нашите две и една ничија, би можела да биде и нивна. Една ноќ стражарот ја зари чизмата во бутот на мајка ми. „Станувај!“ Не му ги видов очите, но ги гледам секој ден, сјаат како ѕвездата Деница. Мајка ми вели дека ја воделе на сослушување. Вториот пат на работа. Замислувам што би можеле да работат женските заробеници. Сигурно не берат памук, не знам дали копаат гробници или им ги мијат нозете на стражарите. Мајка ми не зборува за тоа. Кога излеговме, поткошулата ѝ беше цела, за друго не знам. Во новата куќа заплакавме. Прво сами, потоа кога татко ми стигна со своите, па повторно кога баба ми залелека по чичко ми. Дана е поинаква, не заплака ни кога се роди, а продиши веднаш. Мајка ми остаре за една ноќ, а татко ми би удрил комарец со топовско ѓуле само да најде ракија. Мене ме смируваше да бројам и да попишувам глави. Својата ја избричив еднаш. Ако тогаш не умрев од студ, нема да умрам од ништо. Сега е добро, времето е како вода. Носи.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Маријана Чанак

Маријана Чанак (1982, Суботица) пишува проза. Завршила на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Двократна добитничка на наградата „Лаза К. Лазаревиќ“ за најдобар необјавен расказ на српски јазик. Наградувана е на регионалните конкурси Spasimo putopis, Write Queer, Ulaznica, Portalibris. Присутна е во зборниците и списанијата во земјата и во регионот. Ја објавила прозната книга "Улични продавачи на улици" (Ulični prodavci ulica, 2002) и збирката раскази "Прамајки" (Pramatere, 2019). Живее во Нови Жедник и во Нови Сад.

 

 

ažurirano: 01/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.