Милана Гајовиќ

 

 

Минатата година отидов на изложба на справи за мачење, која се наоѓаше на Калемегдан. Посетителите на изложбата, морбидна сласт и уживање својствени само за нас, ги набљудуваа направите чија цел била со нив човек да се понижи, да се унакаже, да се измачи и да се убие. Тие цело време ги фотографираа експонатите како да станува збор за фикција, а не за стварност.

Можеби се огрешив кон набљудувачите. Можеби дури и во мигот на фотографирањето некои од нив го чувствуваа истиот тап ужас што мене ме обзема при самата помисла дека некој (потенцијално Јас) минувал часови и часови од своите работни денови промислувајќи ги алатките што треба да уништат сѐ што е човечко во другиот (така, „Нирнбершката девица“ е ковчег-саркофаг во кој се наоѓаат метални шилци што треба да ја прободуваат жртвата не допирајќи ги нејзините витални органи). Таа морбидна сласт на германски јазик се искажува со збор што го означува задоволството што во нас го буди туѓото страдање – schadenfreude.

Студените и мрачни ходници на калемегданската тврдина, исполнети со морничава музика, будеа во мене голема желба да ги затворам очите, да ги затнам ушите и да побегнам што подалеку од тоа место – живата рана на мојата свест, ама останав, како закована од некоја мазохистичка магија. Имав чувство дека во тој случај би побегнала од самиот живот.

Подземните ѕидови го раздвојуваа како понор надворешниот свет од хтонските предели во кои не постојат граници за човековото зло. Кога ќе излезам, ќе гледам во минувачите преполни со привидна среќа и потиснат јад, срамота и срам. Толку мирни во себе и со себе, опиени од вербата во небесните предели, во доблесните одлики на своите мали грешки и зла; преплашени од огледалото и од сѐ што им покажува барем делче од вистинскиот одраз.

Наталожените искуства на имагинарните ликови за кои читав ми ја разбуричкаа фантазијата. За миг станав жртва во својата свест (о најлесно е да се поистоветиш со жртвата, зашто секоја жртва е голема). Ми се чинеше дека ја чувствувам острицата на шилецот што ја прободува мојата застоена мисла и дека ѕидините околу мене се, всушност, утробата на некое големо чудовиште што ненаситно вшмукува и исфрлува студен воздух, од кој мојата кожа се ежи и станува тенка и прозрачна. Ме обзеде чувство на слабост во вените и во крвта што се распаѓа. Мислите ми помодреа од соголеност пред себе и пред мислата за тоа што ќе направев јас, ако по некаква случајност се најдев во околности што би ми покажале што можам да станам.

Верувам дека не би можела да го направам истото што го правеле тие што задушувале, давеле, полевале со вар, правеле абажури од убаво истетовираната човечка кожа, а од коските копчиња и сапун; ‘ко вчера да беше – во зората на моето раѓање – во мојот роден крај ѝ отворале живи рани на земјата и во неа фрлале безимени парчиња месо. И, знам, штом поверував во тоа – би. Само не добив шанса да се навикнам на опојната острина на мирисот на крв, на раскашавеноста на месото во дланките; на туѓиот јад и на слабоста (о колку е убаво и опојно да се има моќ над другите).

Кога излегов од подземјето, ги набљудував луѓето – толку среќни и радосни со гробниците на својата совест, ослободени од болка, семоќни богови на немислечкото присуство – и им завидував, затоа што во паралелните лавиринти на својата свест почувствував крвнички копнеж. Во стварноста не се вратив со олеснување, ама воздивнав.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Милана Гајовиќ

Милана Гајовиќ завршила основни студии на Отсекот за српска книжевност и јужнословенски книжевности во Никшиќ, а магистерски студии на факултетот во Белград, каде што во моментов е докторанд. Стипендист е на Матица српска – Друштво на членови во Црна Гора. Поезијата ѝ е објавувана во Весна, списание на Филолошкиот факултет во Белград.

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.