Беса Калаја

 

 

Во најматните мигови на нејзиниот живот се погоди да има војна. Ниту голема, ниту мала војна, од наш светоглед. Од нејзиниот агол на гледање не знаеме бидејќи таа никогаш не прозборе јасно за војната, иако ние и поставувавме прашања во форма: Кога ви почина синот, кај вас имаше војна? Верувате дека тој почина затоа што не му беше пружена потребната помош? Да не верувате дека тој намерно е убиен?

Никаков одговор.

Минаа десет дена откако дојде Марија. Имаше и екипа, која всушност ја немаше бидејќи мисијата ја започна со неколкудневно доцнење, што и да значи тоа. Сѐ ми се чини дека сите интервјуирани рекоа дека тука имало војна, ми рече таа. Војна за која се верува дека била страшна. Добро како за почеток, добивме некои факти, ни останува да изградиме вистини, воени вистини.

По долго боледување и без дијагноза, тој си замина. Подолго време го посакуваше тој друг живот, ништо не можеше да го задржи тука. Додека лежеше болен на постела, мајка му му читаше книга со поезија. Секој ден истата книга, единствената. Како да мислеше дека овој ритуал на повторување претставува сламка за негово одржување во живот. Не беше. Синот единец ѝ почина денеска претпладне.

Треба да го земат безживотното тело, ѝ рече лекарот. Аутопсија не може да направиме во ова време. Во истата секунда сфати дека реченицата беше неумесна и апсурдна. Сето ова не го рече без длабока душевна болка бидејќи таа виде дека очите му беа зацрвенети. Се чини дека плачел.

Умрениот го завиткаа. Го изнесоа од соба. Внатре останаа неговиот спомен и тажното лице на мајка му. По првпат погледна кон дворот. Тревата беше нарасната, кучињата си играа. Небото беше затемнето. Дождот не беше далеку. Болката ѝ го замати погледот.

Госпоѓо, телото треба да се закопа, ја предупреди тој. Виде дека е изгубена, затоа нежно ја повлече за рака од аголот на празната соба каде што се чувствуваше тешкиот мирис на нејзиниот син и ја праша дали има услови за да го закопа.

„Не“ – рече таа.

„Што да правиме?“ – праша замислено лекарот.

„Не знам“ – рече таа – „ниту сакам да знам повеќе. Ниту ме засега дали ќе се закопа или не.“

Јас ќе ги преземам сите мерки и ќе го закопам, но, знаете, и јас како и вие сум во опасност. Не ме гледаат благонаклоно, госпоѓо.

Решија, момчето треба да се закопа на ридот во близина на болницата и, по можност, тоа да се направи навечер.

Четворица го носеа трупот на рамо. Бидејќи момчето беше развиено и обично се вели дека кога човек умира станува уште потежок, ги натера да го пцујат во себе.

Веројатно, да не му ветеа на лекарот, ќе го фрлеа трупот во мочуриштето што се создаде до болницата.

Врнеше постојано. Немаше намера да престане. Ова го правеше уште потешко носењето на трупот. На гробарите им се лизгаа нозете. Неколку пати помислија да го фрлат трупот. Звонко инсистираше на спротивното бидејќи лекарот, негов другар од детство, го замоли да не направи такво нешто. Тој знаеше дека мнозинството ќе го победи за ова и затоа зеде оружје со себе.

Еј, Звонко – му викна Драган – ова момчево што го носиме било убаво и добро градено. Го видов трупот пред да го извадиме. Лекарот го завитка со бела ткаенина затоа што, рече, така ги завиткуваат тие починатите. Звонко – му рече Драган – трупот беше толку убав што ми доаѓаше да го бакнам, да го земам на раце, да го милувам. Ме фати и инает. Зошто е овој поубав од мене. Имав силна желба да го оскврнавам трупот, како што направи Ахил со трупот на Хектор. Благородниот и убав Хектор.

Звонко се наежи. Веројатно Драган, во своите ѓаволести мисли, би го кастрирал умреното момче.

Дождот не престануваше.

Нозете им се лизгаа. Теренот беше многу отежнат. Драган рече дека иако ги мие дождот, тој мирисаше на пцовисано куче. Другарите го обвинуваа Звонко за оваа состојба. Тој инсистираше дека е ужасно да се закопа без никаков обичај. Миленко, чиј глас не се слушна во текот на цела ноќ, го испровоцира Звонко велејќи му дека заборавиле да повикаат оџа.

Оџата ќе дојдеше или и тој ќе се спротивставеше? Животот е мил и за еден оџа, нели Звонко? Ниту тој не сака да биде убиен како мува без глава. Освен Звонко, кој правеше сѐ за ова момче, навистина никој не би го закопал во вакви услови. Кој беше мотивот да се закопа непријателот? Никој не дозна.

Кога конечно стигнаа на ридот, останаа без сила. Заедно со нив падна и сандакот. Се скрши. Без многу бука, некако го средија. Почнаа да го копаат гробот, не знаејќи дека ова е најтешката работа таа ноќ. Калта се лепеше за лопата. Момчињата неколку пати го замолија Звонко да го остават трупот таму бидејќи со сите тие трупови од оваа пролет, никој немаше да знае за овој.

Звонко не се предаваше. Не му беше доволна само лопатата, дупката ја отвораше и со раце. Од дупката викаше Драган. – Убав Хектор, нѐ закопа, нели? Ти си горе, а ние долу. Во твојот гроб. Жими сѐ, Звонко, овој се потсмева со нас, му рече. Види го убавецот како му излегло рамото од платното и се потсмева со нас. Со нас, умрените.

– Не можам ништо да направам – рече Драган. Сѐ околу нас е опустошено. Не работат веќе ниту јавните куќи. Се плашиме, велат. Мајката да им ја е… Тие се плашат. Не се плашат да одат со оние што ги викаат специјални сили, а се плашат од нас. Пари немаме, брат, затоа не ни се нудат. Затоа, Звонко, од што сум преполн, сакав да го милувам ова убаво момче кое ти го сакаш повеќе од мене. Види колку високо се наоѓа над нас. Неблагодарен. Тој над земја, ние во неа. Требаше да биде спротивното. Јас не сум идиот. Знам дека сме во замка тука и делумно сме самите виновни за тоа. Постојано ни велат закопувајте ги нашите, да не останат над земја и да, за кој ѓавол ни требаше овој сега. Драган беше толку лут, не престануваше да зборува.

Со себе имаше шише со вода, кое на другите им се гледаше како богатство среде пустина. Дај ни малку вода, го замоли Иван. Го повлече за ракав и му рече дека цела ноќ бил злобен кон Звонко. Тој пукна во хистерична смеа, отворајќи ја едната страна на капутот, покажувајќи му шише со ракија. Ќе спобудалев, брат, ќе спобудалев да не беше ова, рече со половина глас, а усната му се тресеше. Сѐ уште не ми се верува дека не нѐ убија вечерва. Драган длабоко воздивна и замолчи.

Звонко ја погледна големата дупка. Го потсети на дупката од детството во која се криеше за да биде поблиску до небото. Од неа не можеше да види ништо друго освен тоа, небото, од една сосема друга перспектива. Се чувствуваше кревок и осамен во неа, но во таа дупка беше неговиот свет. Се уплаши, умот му отиде подалеку од потребното, кај него самиот.

Седна на калта. Пот му течеше по челото. Се сети дека лекарот му даде еден лист. Иван насилно му ја стави раката во џеб. За миг овој се уплаши, мислејќи дека му го зема оружјето. – На хартијата е името на момчето, стави го во гроб, му рече Иван.

Звонко се созеде за миг. Ја стави раката в џеб. Листот беше таму, но името се беше избришало. – Што да правиме? – рече тој. Толку сум уморен што не се сеќавам како се викаше, иако го запишав со своја рака. Како не помислив дека може да се избрише. Што да правам сега?

– Допуши ја цигарата – му рече Иван. Иван не сфати дека Звонко веќе беше совладан од заморот.

Секогаш ме мачел фактот дека авторитетот спроведуван врз мене бил од некој тотален идиот. Мислиш ли, Иван, дека ова е причината за тоа кој сум јас сега. Исправен. Ти се колнам дека ако му текне на Драган да ми го земе пиштолот, можам тоа да го направам за две секунди. Никогаш во животот, Иван, не сум згазнал ниту мравка. Имам грозница сега, ме лазат морници низ телото. Ќе можеш ли да му побараш малку ракија за мене. Не сакам да умрам без да уживам малку во неа. Моли се да не умрам, Иван, моли се. Сакам да го вкусам тешкиот живот. Сега откако дојдов во вашата група, групата гробари, сакам да го почувствувам мирисот на тешкиот живот. Моите прсти, моите раце никогаш не допреле земја. Сега сакам да ја прекопам сета земја, да ги најдам другите жртви, да ги закопам. Доволно сте ги омаловажиле фрлајќи ги во мочуриште, Иван. Колку би можело да бидат, кажи ми, Иван, 10, 20, 100? Кажи ми, Иван. Тебе ти верувам, те преколнувам во Господ, Иван?

На Звонко му студеше, умираше од студ. Сакаше да избега. Но, беа далеку, многу далеку. Веќе не сфаќаше за што им требаше овој рид, кога можеа да го фрлат во мочуриште, таму, во вода.

– Веројатно умрениот сега се стоплил, а јас смрзнувам, смрзнувам како ѓаволски крст на крај на јануари – рече тој. – Не може да бидеме пасивни набљудувачи – му рече Иван. Ти си разумен. Ние треба да ги најдеме другите жртви и да ги закопаме (крцкајќи ги забите), сакам ова да го направам што побрзо. Уште вечерва. Да земам една тетратка, да направам план.

Под сенката на липата, на ридот од каде што се гледаше целиот град, го закопаа. Едно момче во рани дваесети, го покри земјата, а ова ти ја гори душата. Таа земја со векови ќе стои над него. Само, да не даде Господ, земјата да пролизга. Веројатно нема да се случи тоа, се погрижија да го закопаат до липата која имаше пуштено корени. Колку можат да бидат долги корените на една липа, се колнам дека не знам, никој не се интересира за нив. Колку сме рамнодушни, нашата плиткост се покажува и овој пат. Доволни ни се нејзиниот пријатен мирис и изглед. За што ќе ни се корените? Веројатно за да ни ги чуваат гробовите.

Поставија крст на гробот и со тоа заврши оваа работа.

……….

На гробот под липата паѓаше сенка, под зашеметеноста на нејзиниот пријатен мирис, ние започнавме разговор. Можеби најсериозниот разговор откако е дојдена тука Марија. Ми стана дел од семејството, иако честопати не се согласувавме. Еве, на пример, како во овој, кој се погоди да биде последен од долгите разговори меѓу нас.

– Дојде крајот, ние се преселуваме, ми рече таа.

– Како дојде крајот, што сакаш да кажеш? – ја прашав јас.

– Мисијата заврши, рече таа.

– Која мисија? Каде завршила? Тука или таму од каде што доаѓаш ти? – прашав јас.

– Тука заврши – ми рече.

Ја прашав дали ја дознале вистината за нас.

– Вистините – веднаш ми одговори.

– Имаме други војни пред себе. Потребни ни се уште неколку за да ја аргументираме нашата теза – говореше сигурна во себе.

– Која теза? – ја прашав.

– Дека војната е прашање на перспектива, ти велам јас – рече таа.

– И Втората светска војна беше прашање на перспектива? – прашав.

– Па, мислам дека така е – рече таа.

– Гледаш ти некаде знаци од неа? Јас сум патувала низ цела Европа и не видов ништо, само двоумења.

– А сите овие убиства, сета оваа болка, зарем не се доволни? – прашав.

Како ништо да не било, се оттргна од разговорот и се сврте кон потребните работи во моментот.

– Расположението ми е паднато на земја – ми рече. – Не знам веќе што да мислам. Со сите овие луѓе со кои имам работа, имам вртоглавица. Повеќето факти ги заборавам. Помош не очекувам од никого. Немам пари да ги платам, немам ниту за себе и не знам како ќе излезам на крај. Притисокот од моето семејство е голем. Ми велат да најдам работа за да бидам Марија. Умрените никому ништо не донеле.

Цело време Марија ме поддржуваше. Ниту оваа минимална дистанца не беше доволна за да сфатам дека раните од војната ми припаѓаа и мене. Бев многу изморена за да се обвинувам себе си, да се обвинувам за неспособна да ја пренесам болката. Се чини дека дистанцата меѓу нас немаше никаква врска со просторот. Ние, едноставно, не го делевме истото време.

– Ова го најдов во записите на Марија:

– Никогаш не се посомнева дека ти го убија синот?

– Не – одговори таа со половина глас.

– Беше убав, добар војник ќе станеше. Не помисли дека затоа тој не е веќе во овој свет?

– Не – одговори кратко.

– Единец ти беше и можеби помислија дека ќе те измачуваат со ова?

– Не – рече таа.

Ова се записите за жената која го загуби синот единец во болница, во тоа што се мислеше дека е војна и која го имаше достигнато врвот.

– Мислите дека вие ја завршивте вашата работа професионално?

– Беше војна – рече тој.

– Па што има врска тоа со вас? Ти не си војник, ти си лекар.

– Бев лекар во време на војна.

Забелешка: Момчето умре во болница, тој е меѓу обичните смртници, не жртва на војната.

Забелешка: На овие простори немаше војни какви што се претендира.

Интервенциите од сите страни, како и тие на меѓународните сили, создадоа уверување кај народите од овој регион дека тука имало војна.

Јас и екипата се префрламе на нови простори. Таму каде што се мисли дека се војувало. Ненаспана сум и зашеметена.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

  Беса Калаја

Беса Калаја. Родена во Приштина, каде што дипломирала Албански јазик и книжевност на Приштинскиот универзитет. Повеќе години е новинарка во областа на антикорупцијата. Нејзини истражувања се објавени и во неколку странски медиуми, како што се Osservatorio Balcanii Caucaso и Le Courrier des Balkans. Добитничка е на неколку награди за новинарство, од областа на антикорупцијата, човековите права и борбата против сиромаштијата. Се занимава со уредување и лектура, како и со истражувања за организации и медиуми во Косово. Неколку нејзини кратки раскази се објавени на домашни портали за култура.

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.