Јована Матевска Атанасова

 

 

Од влошката јајца живеевме петчлено семејство, седум дена. Порано, кога зборот’стечај‘ стануваше капитален поим и државната сопственост премина во приватна, таа влошка ја трошев за помалку од еден саат, гаѓајќи ја зградата од која вадев леб. Но пред да настапи транзицијата и богатите протеински оброци, со кои ние, оштетените работници, ја нагостивме фабричката фасада – беа рафалите.

Ги учев децата да не се плашат од гранатите зашто колку и злоба да се крие несметена во човечкиот ум, природата е посилна и одмаздољубива, настрвена да го наплати она што ѝ било бесправно одземено. Секако дека не користев олку опширни и надреални дефиниции за да им објаснам на малите мозочиња, предводени од стравот како примарна детска локомотива.

„Најбрзата птица на светот, а воедно и најголемата, на индијански позната и како главатарот Железен Клун, повторно се прејала грав. Фиуууу, иуу фуф“, го слушам надлетувањето на бомбардерите и во такт со раскажувањето, во заднината го пуштам тактомерот и одбројувам. „…го преполнила мевот и бум!“, одекнува мојата прецизна синхронизација со бомбата. Ги анимирам малечките кои буквално паѓаат од смеа додека на слабиот здив од свеќата и нејзината ѕидна сенка, со прстите и нивните двојнички правам фигури. А ѕидот се тресе и се одронува малтер, зјапнува дупката до вратата која се покажа по земјотресот. Снежана ме гледа со оној победоносен женски израз на сезнајство, низ вековите побркуван со вештерство. Ја излажав дека ја санирав, впрочем набрзина ја закрпив за да имам време да го изгледам на раат натпреварот на „Ѕвезда“ и „Партизан“. Беше легендарно дерби и не постоеше ниту една ѕидна дупка што ќе ме натера да го пропуштам. Барем така размислував тогаш.

И нашите ручеци станаа порнограВски. Гола вода. Испразнети како клизма. Секојдневието ни е годишна рамноденица. Сонцето изгрева и заоѓа во исто време. Птиците преселици не летаат на југ. И бубачките градат свои скривници. Помеѓу чадот од гранатите и дождот од митралези, се живее спокојно. Со ладна глава и уште поладно оружје под перница. Расте и темјанушка, ’рти по рововите, ги радува снајперските очи. Се приспособуваме и ние да гледаме во темнина. Човекот стекнува капацитет кога е притеснет во слепа уличка. Отпорот и останатите физички равенки веќе не се само мерни единици, зашто наоѓаат примена кога нема струја.

Снежана добива породилни болки. Додека авионите ги отвораат утробите, и нејзината се отвора. Една раѓа живот, друга смрт. Под светлината, благодарение на агрегатот што ја одржува болницата во живот, го запознавам новиот пар очи. И по петти пат се вљубувам. По четврти станувам татко.

Не знаевме дека Снежана е бремена. Во времето на војната само сексот ни остана бесплатен, да нѐ подигне малку од калта. И ете, во поинакви услови, во други услови би ѝ се радувале на приновата, на нашата божја улога, да станеме творци на невино битие, на чистота. Но далеку од моите саркастични забелешки, војната најде начин да нѐ награди. Се искупуваше…

Мојата испарталавена гордост се спростира на трпезата и се гледа во тенџерето со разјадени лисја на лозова сарма полнета со ориз. Оризот е задолжителен ручек во воениот период. И неговата вредност станува вртоглава. Не успевам да ги прехранам. Нивните тажни лица и виењето на стомачињата ме болат повеќе од билансот на жртвите. Скрупулите се скапи во војна. Се чувствувам празен како да сум ги отепал. Умирам со секој залак што напразно го подголтнуваат, заспиваат со помислата на храна, да ги додржува сити. Јас и Снежана висиме. Висиме како одрана кожа на скелет за проучување анатомија. Ања, најмалата, е и најчувствителна. Го остава шишето со сварена оризова вода. Јас ја потпирам главата со рацете, чинам ќе ми отпадне од оловните грижи што претходно ги читав само низ жолтиот печат. Денес, тие прескокнале од печатарската машина и се преименувале во мое, наше секојдневие.

„Еве, татичко, за Иван“, го остава, и мене веќе распарченото срце ми препукнува како сарајлиски костен или валандовска калинка. Крвавам под белата долна маица со мирис на влага, пот и забарутен воздух. Ми се слеваат детството и младештвото во еден вруток и таму тлеат, продупчуваат, сѐ додека не удрат во гејзер. Или заборавена граната.

Периодот на транзиција ми ги заврза дланките. Претходно тие трепереа, измачени, виснати на телото, како две неухранети гранки; војната ги изнемошти, ги научи само одбранбено да се креваат за да ја скријат главата или да послужат како обрач да ги стегнат децата во една прегратка додека ги даваат плеќите да бидат нивни покрив од наездата на бомбардерите. А покривот течеше, прокиснуваше, небезбеден за малечките глави и нивното опстојување.

„Загинал Перси. Правдата е послужена, барем за Стоилковиќи“, зборува Жељко, најголемиот, за наставникот од гимназијата, своевремено обвинет за врска со малолетничка, негова ученичка.

„Пшшт!“, го кара Снежана, го прекорува за поганиот јазик и јалосаните мисли. „Не зборувај лошо за мртвите!“, со ишаретни очи го предупредува, гледајќи во Ања и Марко. Тие, неми и сугестивни, гледаат во својот учител и прашање извира низ усните на Марко.

„А што се тоа ’мртви‘? Луѓето од небото? Баба и дедо? И Силвија? И Халид? И мачето Осна?“, набројува на прстињата. „Цврсти ли се облаците? Ќе ме издржат и мене ако сакам да ги посетам?“, скиснато, кисело се стреламе со Снежана. Темата смрт е разорна. Најмногу нѐ погодува. Таа е наша бомба.

 

**

Прошетката ми ги буди сетилата. Пролетта не мириса исто. И не знам дали по оваа 99-та ќе го врати мирисот на багреми и расцутени липи. Воените униформи го преплавуваат градот. Слоганите никнуваат на секој постер во градот. Се упатувам кон фабриката, каде што некогаш минував исто онолку време буден колку и дома. Во џебот на мукавото палто, изветвено, ја допирав влакнестата ортома во џебот, ја одмерував намерата, се премислував со секој направен чекор напред, вагав и последици и загуби и придобивки. Има ли поразумен човек од оној кој со свеста војува, не дозволува неговите посребрени мозочни клетки да оксидираат, кога соочен со неминовниот неуспех ја планира сопствената пропаст? Чекорев по улицата со излитен идентитет, недоветен да го одгледува росниот цвет што му се распупуваше кога ќе ја отвореше раката, што по години негрижа ја опфаќа фасадата и ја покрива со дивите корења и оштетените пупки. Јас бев билка што растеше во погрешно време.

Да ги оставам без заштита над глава додека ’рскотат бомбите наоколу и без приказните за главатарот Железен Клун и гравот? Снежана ги слушаше, ќе може постхумно да им ги прераскаже. Ама исто ли е раскажувањето и прераскажувањето? Нараторството и очевидството? Имаат ли иста моќ кај слушателот од оригиналното предание?

Стигнувам на ќошето, некогашна менза. Затскриено е помеѓу два агли. За последниот издив тоа ми треба. Мир. Ламарината користена како стреа е разјадена и скршена. Едната железна прачка која ја придржувала е подиздадена, како порачана да го разниша моето тело со скромна висина. Се приближувам до слепиот сокак. Графитите не се невообичаени откако се затвори фабриката. Служат како табли за исцртување на недипломирани автори на афоризми.

Ги тријам очите. Халуцинирам ли? Снежана нашла начин да ме пресретне во приватните мисли? „Не зборувај лошо за мртвите“. Се раѓа натпис со црвена боја, личи како пред скоро време да бил напишан. Свеж е. Ѕидот напукнал без да го излупи.

Ми излегува пред очите Снежана. Ќе молчат ли сите? Од страв и срам да кажат лошо за мене? Ќе станам ли светец по смртта? Ќе ме канонизираат ли во своите разговори? Јас, човекот што се огреши пред сиромаштијата, затекнат во колосекот на војните, на немоќта да го спаси семејството од беда, да го изведе како еребицата своите малечки, преку патот?

Телото ми е во грч, се спротивствавува на помислата. Сите клетки машинериски работат за да ме спречат да го оптегнам јажето. И тоа дејствува под нивна согласност, непослушна противтежа. Се кине. Не сум способен ни животот да си го одземам. Сѐ работи против мене.

Слушам мотор од авион брмчи, наближува. Ушите ми станале осетливи на најразорната бучава за човечки слух. Можам да го начујам и крцкањето на пилотската кабина и челикот како се загрева пред да биде испуштен на земјата. Ги слушам и врисоците, пцовките на луѓето, плачот на бебињата, задушувањето на бетонот, сронатите спомени, градбите дадени од прадедовци, зачетоците на бремето кое модерната нуклеарна физика го обезличува.

Несвесно е. Mиг доволен пред мојата одлука да стане конечна. Дојдов со намера да си го одземам животот, а веќе до мене го гледам грешниот Перси, заведен од девствената остроумност, како ми подава рака и подмолно се насмевнува за добредојде. Црнилата го нарушуваат амбиентот, графитот се дроби во парчиња необработен чакал, чувствувам како и телото ја следи акцијата на неживата природа. Што сум впрочем јас? Материјал изграден од два спротивни полнежи? В глава се врткаат уште кратко Снежана и нашето потомство, додека од распарченоста се цеди последната капка крв која, пак, се спојува со црвената графитна боја. Помислувам на покривот што прокиснува и на усните на Снежана, како стиснати ги гризат зборовите да останат внатре, по окончувањето на војната. Нема да каже лош збор за мене. Не сега кога сум мртов.

 

  Јована Матевска Атанасова

Јована Матевска Атанасова, македонска писателка и рaскажувачка, е родена на 16.6.1991 година во Битола. По вокација е дипломиран психолог. Во 2015 година го публикува својот прв роман, со наслов "Тамбовските снегови". Во 2016 година романот "Писмата во библиотеката доживува дигитално издание". Во 2015 и 2016 година нејзините раскази се дел од наградените на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“. Во 2020 година ја добива наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“. Во издавачка фаза е нејзината збирка раскази "Гладоморје – психопатологијата на едно општество".
Facebook: jovana.matevska

 

 

ažurirano: 21/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.