Бојан Кривокапиќ

 

 

Секое утро ја полева градината зад куќата. Зад затворените ќепенци ги слушам нејзините чекори, тешките потпетици со кои ја вознемирува блескавата свежина на утрото, нејзините дрски движења. Секое утро таа го нарушува мирот на почетокот на новиот ден. Знам дека знае дека сум зад ќепенците, дека спијам. Ја полева градината и кога за тоа нема потреба.

Јас немам градина. Имам само половина голема тераса, која гледа на белата зграда на Заводот и која не е моја. Секое утро кога ќе излезам со голема шолја кафе, во тесни гаќички, вработените во таа институција ме гледаат. Ги гледаат моите долги витки нозе, моите тесни гаќички. Некои подоцна можеби ме замислуваат. Не размислувам за тоа. Секое утро вработените на скалите од Заводот пијат кафе и пушат. Понекогаш и јас пушам, иако ретко. Терасата е преградена со ниска жица по која се расползил ладолеж. Ладолежот е едноставен ползавец, неговите цветови се убави, ама некако вообичаени. Гледајќи го сфаќам дека всушност немам никаков став кон таа билка. Сепак редовно го полевам. Својот ладолеж редовно го полева и таа, мојата сосетка, иако, за разлика од мене, таа има полна тераса цвеќиња: сукуленти, кактуси, ползавци, мали грмушки, мали стебла. Додека со гумено црево им приоѓа на саксиите, на долната усна ѝ е залепена цигара. Нејзиниот сив чад се претопува со побелените влакна на бушавата коса. Во тој миг мојата сосетка сета посивува, ѝ посивува и погледот. Добро утро, велам. Таа само кимнува со главата не погледнувајќи ме.

Во овој стан живеам веќе три години. Првиот кат го делиме таа и јас, во приземјето има две кафеа, а над нив уште два стана. Вревата од кафеата знае да биде неподнослива, ама тука сме немоќни. За време на жешките летни ноќи, кога ќе им заврши работното време, кафеата ги затвораат своите врати и ги навлекуваат завесите. Тука настапува нашиот премолчен договор дека е сѐ во ред. Тогаш ја попуштаат музиката, Недеља и сви сте ту, све подсећа на срећу, или Она плаче, он је нежно љуби, за њих двоје више среће нема. Ако уморот не ме совладал целосно, некогаш и јас почнувам да потпевнувам, а некогаш знам да запеам и на цел глас. Некогаш заспивам со стиховите на усните. Ги знам сите тие песни, некои и ги сакам. Додека трае званичното работно време на кафето, од звучникот жубори некоја друга музика, безлична. Тогаш усните не ни се мрдаат.

Пак дивееја, ѝ велам на сосетката следното утро. Таа само кимнува со главата и го испушта чадот. Нејзините залепени подочници, комбинација од неспиење и апчиња за спиење, и нејзиниот угаснат поглед. Ги знам тие погледи, ги среќавам секојдневно, се судирам со нив додека одам кон тесните, со векови стари сокачиња и малите плоштади, додека од морската шир навира топлина. Некогаш застанувам кај оградата од каде што пука погледот, па го гледам небото, кое се претопува со морето, или морето, кое се претопува со небото. Погледнувам долу, остри спили и силни бранови. Ова е најпопуларното место чоек да се самоубие, ми рекоа пред неколку години. Ама не се убиваат сите, некои ќе скокнат, ќе се искршат, ќе им се фатат рацете и нозете, па ги живеат натаму своите квадриплегичарски животи. До долу може да се спуштиш по патеката што води од паркот. Некои се капат баш таму, иако морето е непредвидливо, за само десетина минути брановите можат да бидат толку многу силни што на тој што плива му нема спас – со својата јачина тие ќе го треснат од карпата, ќе го смачкаат. Тука нема натпреварување, морето е секогаш победник. Иако го знам тоа, повремено одам да се искапам баш на тоа место. Можам да ја насетам промената на морето, неговата нервоза. Секојпат им се извлекувам на смртоносните бранови. Секојпат помислувам – можеби е ова последен пат. Пред неколку години, морето на тоа место зело девојка што читала книга. Седела неколку метра повисоко од спилата, мислела дека морето не може да се искачи докај неа, се зачитала, бранот се разгоропадил, ја зел и крај. Била гимназијалка. Можеби ја читала Злосторство и казна, тоа е лектира, или Старецот и морето. Книгата остана во морето.

Од нашата тераса се гледа ридот. Зад него е кршот. Тој околу себе навлекува облаци, иако овде речиси не паѓа дожд. Има градови во кои дождот не престанува, тоа се градови на југот, на море, ама без чадор или мантил човек не може да мрдне. И еден таков, со голем насип, го носам во срцето. Тој е сиот во хистерични дождови. Овој град нема насип. Тој има рид, стари улици и сокаци, цркви и црквички, плоштади, има бенедиктински манастир, има францисканци, стари гробишта, грб, знаме и џиновски чемпреси зад кои пука погледот на морската шир. Во овој град навираат реки туристи, истресуваат сѐ од своите џебови само за да застанат на старите камени плочи или да направат фотографија од себе со панорамата на стариот град во заднина. Кога ќе дојдат, тие се залетуваат, сакаат да посетат сѐ во неколку часа, па ќе се згуснат, ќе се напнат, ќе направат затка. Во тие мигови градот застанува, вртежите му се смалуваат, а шевовите стануваат пренабрекнати. Сепак, никогаш не пукнува. Реките од тие туристи набргу го напуштаат ова повеќевековно место, некои по копнен пат, некои по воздушен, а многумина по морски. Пред да си отидат, нивните пловила ги отвораат резервоарите, па морето во наредните денови заличува на руска салата. Сепак, и овој град го носам во срцето.

Не знам дали мојата сосетка оди на капење. Претпоставувам дека не. Таа е во овој град родена, во него стасала уште во оние години. Работела во некое претпријатие, не знам во кое, ама тоа секако веќе не е битно. Веќе со години мојата сосетка е во пензија, иако нема многу години. Некогаш помислувам дека таа всушност и не е многу постара од мене. Веројатно за неа сите мислат дека има повеќе години, како што за мене мислат дека имам помалку. Мојата сосетка некои ја викаат баба, накурчена баба, велат. Една вечер на терасата, нѐ имаше неколкумина, додека јадевме тврдо сирење и пиевме вино, еден рече, Мораме потивко, да не дојде бабана. Ме растажи тоа. Тој мој пријател можеби не мислеше ништо лошо, веројатно немаше никаков став спрема мојата сосетка, ама таа реченица ме забоде в срце. Ми дојде во мигот да одам кај неа и да ѝ кажам, Простете. Ама не појдов, продолживме со дружењето, ноќта на големо падна, од ридот светеше крстот, морето ни беше поблизу од крстот, не го видовме, ама бевме спокојни од неговото присуство. Ќепенците кај сосетката беа затворени. Можеби ги испила апчињата и се обидуваше да заспие.

Следното утро пак истото, гребење, тропање, бликањето на водата, како случајно запнување на моите прозорци.

Помислувам дека ќе ги отворам ќепенците и ќе се развикам, До кога веќе?! Ама знам дека тоа нема ништо да направи. Ќе станам од постелата, ќе направам кафе, ќе ја опфатам големата шолја со двете дланки и во тесни гаќички ќе излезам на терасата, пред вработените во Заводот. Тие копнежливо ќе ме гледаат. Можеби некој од нив ќе се запраша дали баш татко ми наредил да се исчистат оние села, ама не го дочека тоа, ни чисти села ни чиста судница. Смртта беше побрза. Ја чувствувам среќата што ме преплавува кога ќе помислам на неговите коски, стотици километри одовде. Никогаш не ми недостигал, неговото отсуство ми внесува спокој. Мојот живот е спокоен. Можеби на лицето ми се гледа дека тој ми е татко. Ја пикам раката в гаќи, еден вработен го забележува тоа, па ја врти главата кон крстот. Ама ни две секунди подоцна неговиот поглед е фиксиран на моето меѓуножје. Дали би било така да останеше жив татко ми? Мозочната капка е најголемата капка среќа во мојот живот.

Ги слушам пренагласените чекори и ја здогледувам. Сношти беше мирно, изгледа се умориле, велам. Да, вели таа и ме погледнува. Во нејзините очи не гледам дека не ме сака, иако знае. Мојата сосетка знае дека доаѓам од онаа страна, како што јас знам дека нејзиниот маж го убила граната, оние години кога таа уште била млада и работела во претпријатието. Оние години кога татко ми наредил чистење на селото. Го убила на место. Граната од ридот од кој сега нѐ гледа крстот. Сосетката останала сама со ќеркичката. Знам и дека ќерка ѝ ја зело морето додека оној ден читала книга. Знам дека таа знае оти јас сето тоа го знам. Нема да разговараме за тоа, а и зошто да разговараме. Мојата сосетка ќе ја полева градината секое утро, јас ќе станувам и ќе им се покажувам на вработените во Заводот. Тие ќе ги гледаат моите нозе и меѓуножјето. Морето ќе биде некогаш мирно, а некогаш разбранувано. Пловилата ќе ги отвораат своите резервоари и од нашето море ќе прават руска салата. Чемпресите ќе продолжат да сведочат за сето тоа. Крстон на ридот ноќе ќе ни ги покажува забите. Во кафеата, зад навлечените завеси, ќе се пее некогаш тивко, а некогаш погласно, Ја немам други дом, осим дома у срцу твом.

Набрзо чекорам кон градот. Денот е сончев. Одлучувам дека сите обврски можат да почекаат. Ги гледам старите камени куќи прегрнати од бугенвилија. Посакувам и јас да имам таков дом. Се спуштам низ паркот и наскоро сум на местото од кое бранот ја зел ќерката на сосетката. Се слекувам и влегувам в море. Градот е сѐ подалеку, ширта ме зема в прегратка.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Бојан Кривокапиќ

Бојан Кривокапиќ (1985) ги објавил: "Трчај Лилит, запнуваат демоните", (Trči Lilit, zapinju demoni, кратки раскази), "Бубашвабиниот лет" (Žoharov let, поезија), "Пролетта за пат се готви" (Proleće se na put sprema, роман) и "Момчешко гнездо" (Gnezdo dečaka, поезија). Повеќепати е наградуван за книжевното творештво. За романот "Пролетта за пат се готви" во 2018 година ја добива наградата „Мирко Ковач“ за најдобро дело од млад автор во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Книжевните текстови му се преведени на италијански, германски, унгарски, албански и англиски јазик. Води работилници за креативно пишување. Живее во Нови Сад и повремено во Дубровник.
Контакт: bojankrivokapic.com

 

 

ažurirano: 24/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.