Никола Петровиќ

 

 

Татко ми вели дека ноќе мачињата се вовлекуваат во ѕидовите на бараката, зашто бегаат од студот.

Сестра ми и јас ги слушаме како грепкаат и пискаат, и се туркаат едни преку други, па потоа најтивко стануваме од креветот за да не разбудиме никого и ги ставаме дланките на ѕидовите за да им ја додадеме нашата топлина низ штиците. И, потоа стоиме така додека не се измориме и додека мачињата не се смират сосема и не заспијат, па и ние се одвлечкуваме в кревет, но некогаш мачињата не можат да се сместат, па ја будат баба ми, а баба ми прво нешто мрмори, а потоа вика дека глувците живи ќе нѐ изедат, а потоа плаче, па мајка ми станува и ги трие очите, а татко ми скокнува од креветот и ги навлекува панталоните, а уште не стигнал ни да ги отвори очите.

А, сестра ми и јас веќе се правиме дека спиеме и јас дишам длабоко како да спијам, а сестра ми ги пика нејзините студени стапала до моите да ме натера да писнам, и потоа мајка ми станува да нѐ смири и ни вели да спиеме, а татко ми брзо гледа каде сме, и гледа во кругот околу себе зашто мисли дека има нешто, па се прави дека е лут и ни се заканува со прстот, но драго му е дека нема ништо.

Мајка ми вели дека мачките сигурно ги храни некој од бараките и дека нема да имаме мир додека татко ми не ги затне сите дупки, а татко ми вели дека не може да им го затвори преминот и да ги остави надвор да пцовисаат од студ. А, мајка ми вели: „Мажите знаат само да се тепаат, а кога треба да помогнат дома, тогаш ништо не знаат.“ И, уште вели: „Па, мачките нема да пцовисаат, ќе се пикнат некаде другаде, не се луди.“

А, татко ми вели дека ова е нивна куќа – ние се вселивме кај нив, а сега нема да ги бркаме да одат некаде другаде. И вели: „Доста е со тоа. Доста.“

Потоа мајка ми и татко ми малку молчат, па ни велат мене и на сестра ми дека времињата се тешки и не треба да се караме, а ние не знаеме зошто ни го велат тоа, зашто ние двете никогаш не се караме.

Потоа мајка ми нѐ истерува надвор да му помогнеме на татко ми да најде некои штици околу бараката за да може да ги затвори дупките каде што се вовлекуваат мачињата, но сестра ми и јас само шетаме по дворот каде што мајка ми не нѐ гледа, зашто не се труди ни татко ми, па нема ни ние.

А, потоа дотрчува Сава, комшијата од другиот дел на бараката кој е до големата улица и потоа малку диши, зашто е дебел, па вели дека баба ми повторно влегла во некој автобус и заминала. И, потоа татко ми ја бара баба ми низ Белград цел ден, зашто Сава никогаш не гледа во кој број автобус влегла, зашто е дебел и ќор и веројатно затоа нема жена. А, мајка ми вели да бидеме потивки, зашто сето тоа се слуша и дека Сава е добар човек и има жена, но жена му останала да ја чува куќата таму, зашто нејзе нема да ѝ направат ништо, таа е од таму. И ние се правиме дека сѐ ни е јасно и повеќе не прашуваме ништо, зашто кога многу прашуваме мама станува тажна и нешто измислува и се збунува – зашто и нејзе не ѝ е јасно.

Татко ми секогаш ја наоѓа баба ми пред да падне мрак, зашто баба ми е бавна и може да оди далеку само со автобус, но не толку далеку за да стигне таму во старата куќа каде што и тргнала, зашто овие автобуси возат само во Белград, а нејзината куќа не е во Белград.

А, татко ми ги познава автобусите, зашто и тој вози еден таков автобус, само што не поминува овде кај нас. Но, еднаш, кога на мајка ми ѝ беше роденден, дојде со автобус пред бараката, сосема во малата улица, да ѝ донесе цвеќе, и мајка ми се смееше и плачеше. И, ние мислевме дека плаче од среќа, зашто некогаш луѓето беа многу среќни, на пример, на телевизија кога нешто е многу убаво, но баба ми рече дека плаче, зашто првпат го гледа како возач, а тој беше господин новинар во костум.

Но, татко ми вели дека таму бил новинар во мали весници, каде што можел да пишува убаво, а овде нема мали весници, само големи како Политика, па можел само да помага во котларницата на еден другар од војска. А, и тоа беше добро, зашто носеше црн јаглен за нашата барака, да ни биде топло, а да им биде топло и на мачињата во ѕидовите. Единствено му е жал што мајка ми вели дека имал нежни раце, а сега му се никакви.

Потоа комшијата Сава му најде работа да вози автобус за кеш-пари, зашто сестра ми мораше да тргне на училиште и сѐ ѝ требаше за училиште, а тоа не може ако немаш кеш-пари.

Јас не сакав сестра ми да тргне на училиште и да ме остави сама, а јас сѐ уште не можев на училиште зашто сум специјална. Но, сестра ми рече дека тоа ќе биде убаво и дека секој ден ќе ми раскажува сѐ и ќе биде како и јас да одам на училиште, но првиот ден се врати тажна и плачеше и не ми раскажуваше ништо. Потоа им рече на мајка ми и татко ми дека децата од зградата ја задевале и дека учителката ѝ рекла дека треба да зборува како децата од зградата и дека тогаш нема да ја задеваат, па татко ми беше многу лут и мајка ми го држеше за раце и го бакнуваше во главата, па потоа не беше толку лут.

А, потоа дојде и учителката, да се извини, и донесе две тегли џем (еден убав, еден грозен) и рече дека сакала да помогне и дека сѐ ќе биде во ред со сестра ми, само да помине малку време.

Но, сестра ми повеќе не сакаше да оди на училиште, па повторно плачеше, а татко ми ѝ ги врзуваше врвките и ѝ велеше дека мора да се оди на училиште, зашто сѐ во животот можат да ни земат, но не можат да ни го земат она што го носиме во својата глава. Затоа треба што повеќе да ја наполниме главата со сето знаење на светот и сето тоа можеме да го носиме со себе каде и да тргнеме.

А, баба ми тогаш рече дека на нејзиниот брат Илија војниците му направиле нешто со главата, но не слушнав сѐ, зашто татко ми ми ги стави рацете на ушите, а мајка ми почна да ѝ вика на баба ми, а сестра ми рече дека потоа постојано, кога ќе се смират мачките во ѕидовите, сонувала како Илија, братот на баба ми, ноќе талка меѓу бараките, мавта со рацете и ја бара својата глава, во која е сето знаење на светот.

Баба ми го родила татко ми, само се чини дека татко ми го заборавил тоа, па мајка ми го потсетува, па му станува криво. А, потоа и на мајка ми ѝ е нешто криво, па ја лула баба ми во креветот додека не заспие, кога на баба ми деновите ѝ се тешки.

А, тие денови мене и на сестра ми ни се добри, зашто мајка ми тогаш нѐ пушта да одиме околу зградата и да собираме за баба ми диви сливи под дрвото, па баба ми ги вари во оние големи тенџериња што ни беа под нозете кога патувавме во голема колона, зашто никаде не ги собираше на друго место, а баба ми не сакаше да ги остави. Потоа тоа што баба ми го вари многу смрди и тоа се вика „буќкуруш“, кој баба ми го пие за лек, па деновите ѝ се малку подобри и се смее и потоа ни дава кеш-пари кога поштарот ќе ѝ донесе гревотарина, да купиме бонбони, а ние купуваме салама за мачињата да јадат, кога ја има во нашата продавница.

А, татко ми кога ќе нѐ види вели дека мајка ми ќе нѐ убие, а ние му велиме дека знаеме оти тој им дава салама кога мајка ми не гледа, а тој ни намигнува и среќен е. А, тој е речиси секогаш среќен, освен кога дојдоа некои главни луѓе да ни кажат дека овде треба да се градат нови згради и дека повеќе не можеме да живееме тука и тогаш не беше среќен – беше ист онаков како кога го пакувавме автомобилот да одиме во авантура, но тоа не беше авантура, туку дојдовме во овие бараки, кои не се толку лоши поради мачињата, а повеќе не можеме да бидеме тука.

Потоа татко ми го праша оној другар од војска, но и кај него нема место, освен сите да седнеме едни на други високо на глава, како другарот на татко ми од војска да живее во некоја кула. Но, на мама тоа не ѝ беше смешно и направи чудно лице, кое не е ни тажно ни луто, туку како да не е мама, туку мало девојче.

Потоа се случи тоа со тато, кога го поправаше автобусот, па автобусот му падна на главата, па од неа истече сето знаење на светов што го носеше со себе и повеќе не знаеше ништо, само лежеше во креветот.

А, мајка ми потоа беше постојано тажна и јас тогаш ја прегрнувам околу половината колку што можам да ја дофатам и велам дека сѐ ќе биде добро, зашто тато секогаш велеше така додека не заборави како се зборува, и таа ми ја спушта дланката на главата, но не ме бакнува во темето, а и дланката не е жива, не се мрда, само стои на мојата глава како мртва.

Комшијата Сава вели дека татко ми имал несреќа на работа и дека поради тоа сите можеме заедно да живееме во зградата и мајка ми може да ги чисти автобусите за кеш-пари, а ние тогаш исто така ќе бидеме деца од зградата. И мајка ми ѝ се налути на баба ми зашто рече: „Додека на еден не му се стемни, на друг не му се разденува“, што, всушност, значи дека мајка ми е нешто виновна и мајка ми потоа не ја лулаше баба ми да заспие, а баба ми повторно влезе во некој автобус, и сега немаше кој да ја бара, па повеќе не ја видов.

Но, тоа беше после, а претходно беше тоа што мачињата пораснаа во мачки и дојдоа луѓе со големи машини да ги урнат бараките и јас сакав да ги понесам мачките во зградата, а чичко Сава рече дека тие не можат да живеат така и дека животните што живеат во зградите повеќе не се мачки и дека ако ги сакам моите мачки, не треба да ги преместувам.

А, јас не знам дали навистина ги сакам или не ги сакам и дали навистина ќе престанат да бидат мачки ако ги земам, само се сеќавам дека некогаш беше убаво кога беа сосема, сосема мали, па се вовлекуваа во ѕидовите од бараката, и дека ги слушавме како грепкаат и пискаат, и се туркаат едни преку други додека не се смират, а сега има многу тишина внатре и не можам да спијам, па некогаш станувам тивко да ги ставам дланките на ѕидот, но знам дека таму нема ништо и не ми е убаво, а сестра ми ми вели дека е тоа само додека да се навикнам и да дојдам под нејзиното ќебе, но не ми ги пика студените стапала како некогаш, туку веднаш заспива, затоа што е уморна од училиште и јас си велам самата на себе дека сум голема, дека сѐ ќе биде добро, и дека и јас еднаш како сестра ми ќе се навикнам да спијам во тишина, како никогаш ништо да не се случило.

 

Превод: Иван Шопов

 

  Никола Петровиќ

Никола Петровиќ е роден во Белград, 1978. Проза и критички прикази објавува во периодиката, во зборници и на книжевни портали. Добитник е на наградата на Белградскиот фестивал за поезија и книги Trgni se! Poezija! за 2019 година, за збирката раскази "Хартијата брзо гори" (Papir brzo gori, Treći trg, 2019)
www.goodreads.com/author/show/4844539.Nikola_Petrovic

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.