Горан Паладин

 

 

Се викам Шемсо. Кога ќе ги наберам малините, ги редам во корпички, корпичките во гајби за малините да не се згмечат, гајбите една врз друга, па во комбе и ги возам на продавање. Луѓето велат дека нигде не пробале такви малини како нашите, сребренички. Многу полиња денес се целите со малини. Најдобро е да се садат во ленти, па оддалеку изгледаат како винова лоза, ама одблизу се гледаат ниските грмушки и инаквиот лист. Време е да се засади новиот насад. Веќе петнаесет години како одгледувам малини овде. Не можам веќе да ги јадам. Не дека не ги сакам, ама нивниот вкус за мене веќе не е вкус на овошје.

Земјата ми е близу градот. Ја нема многу. Често ми помага соседот Обрад, а и јас нему кога ќе затреба. И тој одгледува малини. Ќе го прашам да ми помогне да го заорам новиот насад. Утредента веќе би можеле на работа.

Разговарав со Обрад. Се договоривме за половина на две години од првиот род. Немам пари. Плаќам со малини. Обрад неодамна се врати од Белград со занаетот. Отвори дуќан во градот со убав излог и со натпис Чевлар и Експрес поправки. Малку работа има за таков чевлар кај нас. Тогаш и почна да сади малини на дедовината. Сега барем од нешто ќе живее, а чевли ќе поправа кога ќе стигне, на понекој сосед. Да не беа дедовците и дедовината, и јас ќе скапев.

Доцното лето е добро за орање. Земјата е топла и сува. Ирфан ни позајми трактор, па тргнавме. Јас, знам каде е меѓата, стојам на дното од падината и го наведувам Обрад. Со стапот му покажувам оддалеку за подобро да гледа. Првата бразда е најважна. Од неа се одмеруваат другите. Кога ја изора првата и го сврте тракторот, тргнувам по него по браздата. Баш е добра. Превртената земја изгледа како дебела змија што се сонча на ливада. Глистите и малечките бубачки се кријат од сонцето, а пајаците бегаат кога на нив ќе падне сенка. Ама има тука и уште нешто.

Седнувам на петиците и гледам. Коска. Бела и исправена. Ја поттурнувам малце со стапот. Не се дава. Кој ќе сади овде малини… Слушам како се приближува тракторот и Обрад како вика. Гаси го тракторот. Штурците гласно ја преземаат песната. Клекнува и тој од другата страна на браздата и гледа.

Го познавав татко му. Беше еден од Беарините. Обрад не го знае тоа, ама знае дека ме нашле врзан со жица и за чудо, жив. Се фаќам како ги пипкам виолетовите лузни на зглобовите, а потоа се преправам дека ги тријам рацете, како да ги мијам. Гледаме така, во браздата меѓу нас, во коската, во рацете, секаде, само не в очи.

„Одам по вреќа“, велам. „Пали ја машината, има уште време до ручекот!“

Одам до гаражата и земам неколку вреќи од ѓубрето. Белки ќе бидат доволно. Земам и вила. На местото каде што е коската ја забодувам вилата и се обидувам да ја превртам грутката, ама не оди. Ја извлекувам коската со рака и ја ставам во вреќата. Син ми ќе беше две години помлад од Обрад да поживееше. Полека одам натаму по браздата и понекаде се наведнувам. Тракторот бревта и ора. Вреќата се полни. На некои места има распарана ткаенина. Тоа не го чепкам, туку го туркам под земја со стапот.

Кога сонцето веќе беше скокнато високо, тргнувам во ладовина под оревот, ја фрлам вреќата и гласно му свирнувам на Обрад. Си одам дома, ги мијам рацете и носам храна. По разјадениот кабелски диск, што глуми маса, трчаат големи мравки. Ја распростирам крпата и вадам леб, месо и пиперки од кошарата и две ладни пива. Седнувам на пенушката и го чекам Обрад. Седнува и тој. Молчешкум јадам и залевам со пиво. Обрад гледа пред себе. Преку масата во вреќата. Отпи малку пиво, ама и тоа го остави сега. Ладното шише се оросува и остава мокра трага на масата, а големите мрави повремено доаѓаат и испитуваат со антените.

„Ајде, јади. Уште многу работа има пред нас…“

Можеби можев некаде да ја тргнам вреќата. Обрад станува и заминува. Го слушам како го пали тракторот. Ја раскревам масата и ги носам работите во куќата. Слушам како работи тракторот. И на Ирфан ќе треба да му дадам малини или да му купам гориво.

Попладнето бавно минува. Сонцето се залепило на небото. Штотуку го скршив стапот, па одам кон гаражата. Сите мои седуммина заедно исчезнаа од Сребреница. За тројца од нив уште не се знае каде се. Можеби се тука некаде. Стојам пред гаражата и гледам во нередот, во износените калливи чевли за в поле и во ’рѓосаниот алат. Ја здогледувам и лопатата и ја земам. Тракторот одеднаш тивна. Погледнувам кон нивата и го гледам Обрад како клечи зад тракторот. Го викам, ама не одговара. Ја земам лопатата и уште една вреќа од ѓубрето и тргнувам кон него. Пак штурците ја презедоа песната. Го наоѓам како клечи над браздата. Тоа што го превртил плугот во последните неколку метри не е земја туку еден неред од човечки останки, разни алишта и еден извалкан Пајо Паторот. Обрад клечи со лицето во дланките и јачи. Сонцето на заод му ги осветлува тилот и вратот. Кошулата му е мокра од потта. Син ми на крајот од летото ќе имаше целосно руса коса. Ја кревам лопатата над главата. Син ми играше ракомет на лево крило за училишниот тим. Ни за него не се знае каде е. Веќе ми се тресат рацете и како да молат да ги спуштам, или јас нив ги молам за олеснение.

„Немој, Шемсо“, го слушам гласот како вели и сеќавам рака на рамото. Ирфан е. Дошол по тракторот.

„Дојди“, рече.

Седнуваме во ладовината. Носам три пива од куќата и гледам дека нема веќе вреќи под оревот. Големите мрави трчаат по масата, а ние зборуваме за малините.

 

**

Посадивме околу две илјади и сто садници малини тоа доцно лето. Малините никогаш не родиле како тогаш. Беа големи, црвени – и сочни.

 

 Превод: Ѓоко Здравески

 

  Горан Паладин

Горан Паладин е роден 1979 година во Загреб. Во текот на школувањето се стекнал со звањето дипломиран инженер по бродоградба. Работи во струката. Пишува кратки раскази. Ја посетувал работилницата за пишување проза под менторство на Зоран Фериќ. Почнува да објавува во 2017 година.
Контакт: gpaladin@tutanota.com, www.zlolit.org

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.