Alma Tabak

 

 

Додека забрзано одеше низ шумата, под чизмите ѝ шушкаа лисјата. Повремено ќе зачкрипеше по некое камче што ќе ѝ го прекинеше текот на мислите. Дишењето со секој чекор ѝ стануваше сѐ погласно, така што се фокусираше на сопствениот здив. Прободувачката болка во десната нога беше иритантна, но ја игнорираше, замислувајќи ја куќата во која требаше да биде уште пред половина час.

Со поглед прелета преку стеблата што спокојно стоеја од двете страни на тесниот пат. Есента ги обои крошните во нијанси на златна и црвена. Само лисјата под нејзините нозе веќе преминуваа во кафеава боја. Ја сакаше шумата и патот по кој чекореше секогаш кога ќе дојдеше време да се најде со Зоран. Инаку стигнуваше пред него, но овојпат доцнеше и се плашеше дека нема да го затекне, дека тој ќе си замине мислејќи дека таа нема да се појави. Затоа го забрза чекорот.

По десетина минути во далечината пред неа се покажа дрвената куќичка. Иако денот беше студен, почувствува дека маицата под џемперот ѝ е мокра од пот. Со прстите го провери тилот под качулката. И тој веќе беше испотен. Уште неколку чекори до дрвената ограда…

Ширум ја отвори капијата, влезе во дворот и ја затвори зад себе. Пред да ја отвори вратата од куќата, се сврте и погледна дали некој ја следел. Секогаш го правеше тоа, иако знаеше дека нема кој да ја следи.

Од внатрешноста на куќата ја заплисна топол воздух. Огнот во каминот веќе гореше. Се собу пред самиот влез за да не го извалка дрвениот под со калта од чевлите и да не ги внесе лисјата внатре. Потоа го соблече капутот, длабоко воздивна и звучно издиша пред да го фрли капутот на каучот пред каминот.

„Веќе се загрижив“, рече мажот смешкајќи се додека ја гледаше од прагот на собата во која се влегуваше лево од каминот. „Прости“, изговори задишано. „Не стигнав порано. Морав да направам нешто пред да тргнам.“

Потоа седна на каучот, туркајќи го настрана својот капут. Дишеше длабоко за да го смири што побрзо звукот на сопствениот пулс, кој ѝ одѕвонуваше во ушите. Тој не можеше да процени дали е нервозна. Изгледаше опуштено, но и вознемирено, поради брзањето. Сѐ уште со главата потпрен на рамката од вратата, ја праша: „Дали си за чај?“ Само кимна со главата, не одвраќајќи го погледот од огнот во каминот. Ѝ годеше топлината, но ѝ пречеше што е испотена. Ја подигна косата и ја врза на врвот од главата за да ѝ се исуши вратот што поскоро. Го слушна како оди во соседната соба и ја отвора фиоката со шолји за чај. Ги засука ракавите и ги приближи дланките до пламенот, уживајќи во топлината зад стаклото.

Додека се приближуваше носејќи ги шолјите, таа и понатаму не го свртуваше погледот од пламенот. Ги спушти шолјите на масата пред неа и го зеде нејзиниот капут, па го закачи за куката над влезната врата. Се чувствуваше по малку детинесто и посрамено зашто не го направи тоа сама, но не рече ништо. По мирисот почувствува дека направил чај од шипинки.

„Дали е засладен?“ праша. „Да. Знам дека не сакаш незасладени шипинки“, се насмевна Зоран и седна неколку сантиметри до неа. „Ти недостигав ли?“ ја праша смешкајќи се ѓаволесто.

Таа на тоа само го погледна, возврати со насмевка и ја зеде шолјата чај. „И?“ продолжи тој како да не ни очекуваше одговор на своето прашање. „Има ли нешто ново? Како ни се децата?“ Испи голтка и одговори: „Во ред се. Знаеш како е – таман ќе помине една беља, налетува нова.“ По последните зборови се насмевна, испи уште една голтка и продолжи: „Среќко тргна во ново училиште, а Сара ја пука пубертет. Што да ти кажам!?“ – „А ти? Како си ти?“ – запраша тој. – „Јас сум како и секогаш“, рече, и понатаму избегнувајќи да го погледне.

„Мислам, тешко е, ама што ќе правиш.“ По наредната голтка продолжи со разговорот и понатаму загледана во шолјата и во нејзината содржина. „Мислам дека двајцата веќе се навикнуваат на целата ситуација, иако, секако, им недостигаш. А, кога одат на викенд кај дедо им и баба им, ја чистам куќата, планирам што треба да се направи следната недела и тоа е тоа. Од недела во недела. Од месец во месец.“

„Колку долго не сме се виделе?“ ја праша тој со мирен глас. „Една година“, возврати и понатаму не гледајќи во него. Бидејќи тој ништо не одговори ниту прокоментира, се сврте кон него и се загледа во неговото лице. „Не си се променил ни секунда“, рече и се насмевна. Потоа со врвовите од прстите на левата рака му го допре образот, додека во десната и понатаму ја држеше шолјата чај. Тој седеше со сериозен израз на лицето и само набљудуваше. Имаше очи што отсекогаш ѝ изгледа сосема црни, иако некогаш некаде прочита дека црната боја на очите воопшто не постои. Косата исто така му беше црна, секогаш некако неуредна, но тоа му стоеше. Ја мразеше налицканоста кај мажите.

Имаше црни истакнати веѓи и убави симетрични црти на лицето. Усните му изгледаа некако мали за маж со неговата висина, но беа полни. Кога ќе се насмееше, се отвораа во широка насмевка и откриваа уредно наредени и бели заби. Неговата насмевка можеше да ги исполни и најлошите мигови со ведра утеха.

Кога си замина, светот ѝ се сруши. Првпат го сретна една година по заминувањето – во дрвената куќичка што ја наследи од дедо Синан, самотник кој повеќе време минуваше в шума отколку со жената и децата. Никој не беше посебно загреан за куќата по неговата смрт. Ни децата ни жената. Да се прашуваа, со најголемо задоволство ќе ја запалеа, зашто ја сакаше куќичката повеќе од нив и зашто поминуваше повеќе време уредувајќи ја куќичката отколку со нив. Нејзиниот татко безброј пати го повтори тоа. На нејзино инсистирање куќичката по смртта на дедото ѝ ѝ припадна токму нејзе. И никој не се бунеше. Да имаше вода во близина или да му беше некому интересна за што било, некој сигурно ќе се побунеше. Вака, куќичката без приговор ѝ ја предадоа на достојната наследничка на дедото; семејството и неа и дедото ги сметаше за посебни. Фактот дека се омажи за Зоран само го засили тоа убедување. Беше и некако природно куќичката да ѝ припадне нејзе.

Куќичката ѝ ја покажа дедо ѝ во една од ретките пригоди кога ќе се удостоеше да го помине денот со семејството. Тој ден сите внуци ги однесе во шумата. Таа, за разлика од своите роднини, ја доживеа куќичката како скриен замок во кој ќе може да ги чува своите соништа и да се одмора од остатокот на светот.

Кога дојде војната и толку многу куќи беа запалени и уништени, куќата на дедо ѝ по некое чудо остана недопрена. Или никому не му беше интересна или, едноставно, имаше луда среќа. Кога дедото умре, пред самиот крај на војната, таа чекаше можност сѐ што наследила да замени за куќичката. Таа можност ѝ се укажа неколку години по војната. И никој не се бунеше.

По последната голтка ја спушти шолјата на масата и се потпре на перницата од каучот. Никој не прозборе. Почувствува дека незначително се приближи, па ја потпре главата на неговото рамо. Не менувајќи ја положбата на телото, тој со левата дланка ѝ ја допре косата и ѝ го тргна од лицето праменот што се одвоил од врзаната коса. „Забележав дека си донела многу книги“, рече. „Да. Некако најмногу сакам да читам овде. Дома не стигнувам. А, овде можам и да пишувам“, одговори. Потоа се исправи и го погледна: „Како тоа доаѓаш само на годишнината?“ Тој се насмевна и ги крена рамениците. „Не е намерно. Едноставно е така“, одговори. „Помислив да им кажам за тебе“, рече, „но, искрено не знам како да го изведам тоа. Не знам ни дали треба“. „Мислам дека не треба“, одговори, „пушти ги да живеат онака како што навикнале. Ќе бидат добро, верувај ми“.

Потоа ја прегрна, а таа ги затвори очите. Имаше потреба да го допре, да ја тргне облеката и од себе и од него, но не се осмели. Впрочем, беше доволно што е тука. Како некако да се плашеше дека потоа никогаш нема да се појави. Впрочем, тој никогаш не се обиде да го направи првиот чекор. Никогаш повеќе по она заминување.

Низ прозорецот крошните на стеблата стануваа сѐ помалку видливи. Ноќта почна да паѓа. Пред нив беше цела ноќ. За разговор. За прегратки. За спокојот што го чувствуваше секојпат кога само ќе седеше покрај неа. Го прегрна со рацете и погледна кон прозорецот, барајќи ја со поглед белата надгробна плоча покрај влезот во дворот. Сѐ послабо се гледаше. Наутро само ќе ги тргне сувите лисја и ќе ја отстрани нечистотијата од каменот. И повторно ќе го прифати фактот дека Зоран го однесе шрапнелот кој го погоди во тилот.

„Ќе ставам уште чај за нас“, рече, ја пушти од прегратката и ги однесе шолјите во соседната соба. Таа увежбано го сврте погледот. Не можеше да ја гледа раната на тилот која со години не се менуваше и од која сѐ уште се лее крв.

 

Превод: Иван Шопов

 

  Alma Tabak

Алма Табак (1983), родена во Дувно (денешен Томиславград). Дипломирала германистика во 2009 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево, а 2018 г. се стекнала со звање магистер по германски јазик и книжевност – книжевна насока. Во склоп на студискиот проект, објавила вкупно 21 песна во двојазични збирки песни и прозни текстови (2005/2006 и 2007). Повремено преведува од германски јазик на БХС и обратно, а од 2013 г. пишува SEO текстови на германски јазик. Ова е нејзин прв расказ што ќе биде објавен и, воедно, прв награден труд.
Контакт: almat@outlook.de

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.