Ена Катарина Халер

 

Последно ги искорнаа прозорците. Со црвени лица, заруменети ги влечеа окната, ги кршеа ѕидовите, ене го и татко ми и за час – еден прозорец од нивната куќа стои и во нашата шупа. Никаква корист од него, само се сопкаме и пцуеме, го проколнавме тоа окно веќе безброј пати, по ѓаволите нека оди, уште не отишло.

„Нека им ги таму голите куќи!“, вели тој, татко ми, и добро вели, и сакати луѓе ги фрлаат голи, па што има со куќите да биде поинаку.

Низ така голите отвори се гледа во куќата и кога внатре е мрак. Зјаеја празни и веќе помисливме, ќе исчезнат самите од себе; ако треба да извлечеме некоја тула – нека, ќе го направиме и тоа, но како било, ќе се урне на крајот и ќе настане мир.

Спроти мојата се урива така нејзината куќа. На тоа место, само прашање на време е, ќе остане само гнилото брдо од тули и кал, а јас од својот прозорец конечно ќе го видам тогаш веќе зараснатото поле одзади, буи на него густ честар. Бевме уверени во тоа уривање, како ли ги тресеше ѕидовите ветрот; таа прашина што лета можеше да биде и пепел, така пече, па ги стискам очите кога поминувам крај таа куќа, по ѓаволите и таа.

Тој што ќе легне во мојот кревет може таму да го чуе татнежот на возот. Ако се лежи на грб, пршлените стануваат шини и звукот клокоти низ нив, исчезнува некаде зад полето, а куќата отспротива уште не се урнала и ми го сокрива погледот. Ако застанам на вратата од собата, јасно гледам што прават тие што ѝ ја населиле куќата. Доволно е тоа малку светлина од улицата за да видам сѐ што прават во таа прва соба, каде што некогаш спиеја нејзините родители. Нејзината соба можам да ја видам само ако се доближам до својот прозорец: добро што ја искорнавме вратата, па светка сивиот ѕид, дождот веќе се намерил на него. До тој ѕид секогаш сакаше да спие, везден ме туркаше до работ, сакаше да паднам, нема што друго.

„Ни ги донесоа оние што колат“, ми велат, „тие што колат и пушка кога имаат, колат затоа што така сакаат!“ А ние наврат-нанос по дома, ги заклучивме капиите, се тресеме како и од нас да ги тргнале сите врати и прозорци, ги изнеле и ги распродале по пазарите, па сега ветрот шиба низ шупливите тела, таква трескавица нѐ фаќа додека стравуваме од нив, макар што сѐ уште е лето и кога ќе легнам в кревет, прострујува млаз низ шините и лежам во пот, долго.

Нѐ стегна во грлата за гол живот, а низ расчепатените отвори се клатат жени, само белите лица им се искорнат расцеп во црнината. Одат ваму-таму низ собата, дланките би си ги задушиле под мускулите како си ги стегаат рацете на градите; зарем со тие раце колат?

„Тоа се нивни курви“, ми велат сепак, „тие ги бакнувале, а овие ги колеле!“

Што не можеле да бакнуваат некого што знаел да пукне со пушка, ние не сме им криви.

Откако среде дворот изгоре она што не го зедовме од тие куќи, го оставаме тоа пред вратата на курвите. Така им пишувам и на капијата, уште тлее саѓето во коешто ќе згазат, да стапне во него барем со боса нога, курвата што сега спие во нејзината куќа. Мама ме влече за уво и кога ќе влеземе во куќата, ме мава додека не поцрвени целата. Заминува од мене таква отечена, бесна на нив, што не сме пуштиле да се урне куќата.

Нејзините си заминаа, зашто беа оние што крадат. Одеднаш се дозна дека крадат, па ѝ дека одземаат, би убиле за туѓото и што со нив тогаш, поарно да се далеку, а куќите нека се урнат. Немаше друго, морав да се согласам: туку што да крадат, такви се и тие, украде и од мене, мораше нешто да украде. Сите тие мои работи што мислам дека се испогубени којзнае каде мора таа да ги зела, нема кој друг и затоа пребираа по нивните шкафови, ги отвораа фиоките, ги ширеа чаршафите и перниците, само за од нив да испадне нешто наше, мораа да земат нешто, а ако не пронајде ништо (за секој случај, треба да се биде сигурен), си носеа дома сѐ што е нивно, тропаа комодите со тркалца низ селото, за да не има сепак во нив нешто наше; ги трупавме собите со мебел, алишта, ги навлековме нивните завеси на прозорците – секаде може да се завлече она што ни го зедоа, од каде ли ќе се појави?

А она што таа го зеде од мене, морала да го понесе со себе. Мора да е така, зашто ништо не наоѓам. Влегувам во куќата, ги отворам сите фиоки, буричкам по сите нивни работи и ништо мое да испадне од нив. Што и да ми украла, не е кај мене, а не можело ниту да остане во нејзината куќа. Таму сега талкаат по нејзините соби, тие две женски фигури во црнина, никого сега не бакнуваат, ниту некој овде коле. Не знаат ни тие што да прават со себе, се влечат навечер низ собите, па после папсуваат, а кога ќе се случи тоа, веќе и не ги гледам, легнуваат некаде под окното и струи ли под нив возот, како и под мене? Така ѝ струеше нејзе, таа прва го чу, тапкаше со прстите по мојот грб и рече:

„Слушаш ти?“

Слушам, не можам веќе да заспијам од тоа.

Застанувам во аголот од собата, ги гледам додека не потонат, заспиваат ли тие воопшто? Знам дека не можат да ме видат, ако се забијам во тој ќош. Додека е запалена светлината во мојата соба, не гледам надвор, ама една сенка се помрднува негде на таванот, гонета од нешто сосем случајно и тогаш знам, се помрднала и таа; си ја гледам силуетата во стаклото, на сигурно место, во аголот во којшто не може да ме види.

Којзнае што слушаат овие двете, кога ќе легнат таму каде што веќе нема кревети. Старата доаѓа да легне подоцна и дотогаш ја гледам само неа, ќерка ѝ е изгледа. Ја гледам како поминува пред празниот отвор, ваму-таму, слекува парче по парче црнина од себе и тогаш мислам дека мора да е постара од мене, многу години има во тие движења. Ја гледам од аголот на собата како ги стега рацете на градите, нема ли и неа да ја докрајчи ветрот и додека приоѓам до својот прозорец, таа стои таму сета згрчена и крута, нема завеса зад која би се сокрила, зад која би ѕиркала кон мене, би се поткренала на прсти.

„Навлечи ги пердињата, што има тие да гледаат! Требаше веднаш да им се заковаат летви на прозорците“, ми вели сестра ми и потегнува низ корнизата, само што не ја крши така.

Ако гори светлината внатре, се гледам себе на прозорецот. Знам дека надвор дува ветар, во куќата се вовлекува она студенило од кое смрдат ѕидовите и се стега кожата, креветот е студен како црна земја, па се преслекувам брзо и ги ставам рацете на градите, се замотувам со нив колку што можам, кога само би можело да се вовлечам во себе и таму да се загреам. Кога нема никого, се осмелувам да ја развлечам завесата со раката и ете ја, во дното на собата ја развлекува таа своја црнина, па брзо ја навлекува на себе ношницата. Во тој час, кога нема ништо на себе, сосема млада; сета крутост се разлева, млада е, девојче, за замотување во топло ќебе.

Првпат кога ја видов гола, истрчав од дома. Ме занесуваше ветрот надвор, безглаво се врткав по дворот и се затворив во шупата, сѐ мирисаше на трина и саѓе, можеше човек да се задуши од тоа. Се закачив за оној прозорец, сѐ уште стоеше таму, насредина, по ѓаволите, и не можеше да се направи ништо, освен да се удри со дланката низ стаклото. Крвавеше како разулавено, раката се претвори во црвена топка, мислев дека ќе се запали колку печеше. Тепа болката во раката, а возовите се бркаат еден со друг, до утрото ми удираат во ушите.

„Што ти е тебе, кој те пеел!“, татко ми ми ја чистеше раната и само малку посилно да повлечеше, ќе ми ја откорнеше раката од рамото.

И да ја повлечеше, ако.

Кога влегувам во куќата, ја гаснам светлината. Завесите ги чувам тргнати, иде зима, а отспротива се навлечени дебелите завеси, ќе стават и прозорци, а мене уште ми прска крв надвор од раната ако ја стегам раката; да можам да ја раскинам и дланката со ноктите така. Веќе не можам да ја видам, стана само сенка зад стаклото и ми дојде тогаш сѐ да испоотворам, што друго, нека упаднат внатре, сѐ нека ни испокрадат, нека однесат на распродажба, нека нѐ раселат, ќе мора и тоа да се случи.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Ена Катарина Халер

Ена Катарина Халер е родена 1996 година во Осијек, Хрватска. Во 2019 година го објавила романот „На дофат“, за којшто ја добила наградата „Ксавер Шандор Ѓалски“, за најдобро прозно дело, и „Јосип Иван Козарац“, за книга на годината. Во моментов го завршува дипломскиот труд на Архитектонскиот факултет во Загреб, работи како новинарка во културата, пишува книжевни критики и есеи.

Kontakt: enakatarina.haler@gmail.com

 

 

ažurirano: 14/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.