Милош Перишиќ

 

Како да не е веќе тешка нашата меѓународна врска и самата по себе, туку сега уште посака таа да биде и отворена. Се вика open relationship. Со други зборови, требаше да се свртам настрана додека тој води љубов со некој друг – некој помлад или помалку бел. Холанѓаните сакаат егзотични жени и мажи. Не сакам да премолчам дека верувам оти таа привлечност доаѓа од комплексот на моќ, кој традиционално лесно го пронаоѓа својот пат до брачниот кревет, од чувството на возвишеност и финансиска надмоќ на европската раса.

Се согласив. Под два услова.

Еден од нив беше конечно да почне да учи српски. Барем малку.

Не мора да го чита Пекиќ во оригинал.

Само колку да се снајде.

Професор по српски во Амстердам не постоеше, но имаше по хрватски. Професорка. Неда Пинтариќ. Славистка и преведувачка. Живееше со својата сопруга во квартот Нов Запад, беше тешко болна и инсистираше на родово чувствителен јазик.

Пишувајќи го овој ред, се обидувам да ја пронајдам на Гугл и го наоѓам нејзиниот некролог. Кај нас се вика умрени-ца. Боже, се надевам дека не е таа. Сликата ѝ е од младите денови, не ја препознавам.

Сигурно сѐ уште е добро.

Присуствував на нивните часови.

Нагласив дека Рутер не мора да го чита Крлежа во оригинал.

Само колку да се снајде.

Нека ми каже барем дека ме сака, на хрватски. Но, нашата љубов ја изгуби моќта на говорот. Ни франколингвистичката особеност на југословенските јазици не успеа од неа да извлече буква. Знаев дека веројатно веќе никогаш нема да слушнам те сакам. Сеедно, инсистирав на часовите по хрватски. Единствено така можев да продолжам да се дружам со Неда за време на часовите, во кратките паузи што ги правеше Рутер за да телефонира и да продолжи да работи по работното време.

Еднаш Неда ми ја даде збирката раскази Бунар во темната шума од нејзиниот пријател Филип Давид. На првата страница беше напишана топла, лична посвета. Ја прашав дали е сигурна дека сака да ја подари и таа рече дека никогаш не била посигурна. Зборуваше пофално за работната верзија на мојот роман првенец, кој го зеде на читање. Ме праша дали смее да ѝ го даде на читање на холандско-хрватската преведувачка Рајна Дохтер. Всушност, Неда ми го даде најголемиот комплименти од сите, велејќи ми дека моите редови пријатно-болно ја потсетиле на младешкото читање на Ивана Брлиќ-Мажураниќ.

Ми вели дека би сакала да се сетам на неа понекогаш, во моите раскази од дамнешната иднина.

„Здраво!“, му рече Рутер на дедо ми, кој на терасата на нашата шумадиска куќа го дочека со ракија.

Посетата на моето семејство по пет години врска беше вториот услов за отворена врска.

Open relationship.

„Дал ти бог добро!“, му одговори дедо ми со очи полни солзи.

Неколку дена подоцна, кога тргнавме за Белград, му се јавив на дедо ми да го прашам како е и да го пофалам што одлично се држеше. Тој пак заплака.

„Многу бараш од нас“, рече низ солзи. „Многу. Ама, нема врска. Само ти живеј си го животот.“

Драго ми е што можев да зборувам со него.

„Дедо, ама само ти рече здраво, воопшто не можеше да се снајде.“

„Нека е и здраво. Доста е за почеток.“

Но, немаше продолжение, зашто дедо умре кон крајот на летото. Не стигнав на погребот и сега учам да живеам со тоа. Мојот живот во еден миг стана непрестајно примање лоши вести и циклус од невозможности да дојдам да се простам од драгите луѓе.

„Така и јас. Кога повторно ќе успеам да дојдам во Сплит. Ќе ми се смее Ловринац.“

„Не сакате да ве погребаат овде?“

Во истиот миг го знаев одговорот. Неда ме гледаше уморно. Нејзината сопруга работеше во другата соба. Рутер стоеше покрај прозорецот и разговараше на телефон. Неда сака нејзиното студено, искапено тело да се врати во топлата каменеста земја што ја заплиснува Јадранот.

„Ги исполнив двата услова“, ми рече Рутер со поглед полн очекувања. „Што ќе правиме сега? На следниот час Неда ќе ми ја подари Зборови. Жан-Пол Сартр. Вели дека и Зборови ја потсетиле на мене. По часовите ми ја даде Подрумите на Ватикан од Жид. Па, Теута на Димитриjа Деметeр.“

„Би сакала да се разидете“, ни рече со глас на жена што умира, која нема време да биде политички коректна, на часот што ќе биде последен.

На Рутер му пречеше, но јас знаев дека тоа го зборува токму од љубов кон двајцата. Ме советуваше да не бидам како неа, да не ги чекам последните денови од животот за да се вратам на југ. Мислев дека би ми било убаво и во Белград и во нејзиниот Сплит. Беше убедена дека во Сплит би ме прифатиле затоа што сум младич со манири.

„Ќе бидеш сакан во Белград или во Сплит. Холанѓаните немаат вкус.“

На Рутер му беше жал, затоа што рече дека повеќе нема да доаѓа на часови, но не сакаше да се откаже од својата одлука. Чувствуваше дека Неда на необјаснив начин, всушност, ми ги држи часовите мене.

„Која е Ивана Брлиќ-Мажураниќ?“, ме праша потоа, иако го учеше наместо tko да каже ко, зашто му е полесно без консонантна група.

Го кроеше јазикот по негова мерка.

„Прочитав дека Ивана Брлиќ-Мажураниќ била депре-сивна и се убила“, откри малку подоцна. „Мислев дека тоа беше некоја ваша шифра.“

Тоа лето ѝ испратив на Неда разгледница од Макарска. Се сеќавам дека имаше колекција.

Рутер не сакаше српскиот rent-a-car да го оставиме среде главната улица, но немавме приватен паркинг. Вели дека Хрватите го гледале сомничаво, не можел да се опушти.

Го уверував дека сѐ ќе биде во совршен ред и бев во право.

Следната недела испративме разгледница од Сараево, кое ми ги милуваше сетилата. Ни тука не се чувствуваше безбедно. Вели дека го гледале со осуда затоа што е геј.

Најпосле ја поздравив Неда од Белград, во кој му пречеше метежот. Вели дека преголем хаос владеел во густиот, неорганизиран сообраќај.

Изумирањето на нашите балкански етнички разлики, кои некогаш ги пронаоѓаше, само ѝ претходеше на смртта на љубовта. Ме остави кога се вративме во Холандија.

Не знам дали ги виде разгледниците. Повеќе не се јавуваше. Се прашував дали е жива, додека од корицата на нејзините Зборови земав кокаин.

Би зел што било, само да исчезне болката. Ги слушнав зборовите на Рутер дека дедо ми го потсетил на Неда, зашто, како што велеше, двајцата биле обвиени во вел од тага. Мислел дека им е потребна стручна помош. Како и на Ивана Брлиќ-Мажураниќ. Како и мене.

Океанските циклони што ја натопуваат Холандија донесуваат прагматичност.

Тајландските и другите егзотични улични младичи имаат преголем нагон за преживување за да губат време на меланхолија. Тоа им е од монсуните.

Дедо меланхолично го поздрави на капијата, плачејќи над моето изгубено детство и годините кога како детенце ме водеше по шумадиските панаѓури, не знаејќи дека го сонувам Амстердам на човечките слободи.

На Неда моето друштво конечно ѝ донесе остварување на една од последните желби – носталгично да го оживее говорот на одвеаната социјалистичка младост.

Нам тоа ни е од есенскиот југ.

Не знам дали е сѐ уште жива. Мојата отворена врска секако не е. Дедо одамна се олади. Би сакал да чујам дека Неда не е на Ловринац. Го очекувам тоа. Знам дека против ракот се бореше со книжевноста.

 

На драгата Неда Пинтариќ

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Милош Перишиќ

Милош Перишиќ (1992) доаѓа од Аранѓеловац. Студирал книжевност во Белград. Со години живеел во Рим и Амстердам, а во Србија се враќа во 2021 година, кога почнува да пишува за ЛГБТ-магазинот Оптимист. Следната година со расказот "Боршч" го освојува третото место на конкурсот за наградата „Миодраг Борисављевиќ“, а со расказот "Рунтавата Мара" наградата „Лепосава Мијушковиќ“ за најдобар расказ со тематика од ЛГБТ. "Рунтавата Мара" истата година е прочитан во емисијата "Патиштата на прозата" на Радио Белград. "Боршч", "Рунтавата Мара" и "Зборови" се извадоци од два необјавени романи за кои бара издавач.

Instagram: soul_rodeo

 

 

ažurirano: 27/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.