Тихана Гамбиража

 

 

Го игнорирав тој мејл со денови. Ми се чинеше, ако го отворам, од него ќе испадне Жељана со својот белградски акцент, ќе мириса на ванила и згаснато детство, на белите ружи на гробот на татко ми што ги оставам секоја година и нејзиното „Чичко Перо, читајте ни уште!“. „Чичко Перо“ ќе читаше држејќи ја секоја на една нога како свои две родени ќерки и испредуваше нови краеви на бајките што беа премногу едноставни за нашата гладна фантазија.Тогаш не знаеше дека оние над нас исто така планираат незамислив крај на нашата бајка. Свирепата креативност на моќникот ќе го однесе мојот и таткото на Жељана во виорот од којшто ушто долго ќе ги собираме откршените остатоци од последното лето што го делевме на островот каде што татко ми имаше викендичка, и се обидуваше да си прости што повеќе сакам да ја ја паметам како изгубената сестра од времето додека мојот татко сѐ уште беше татко. Здрав и жив. Се видовме првпат дванаесет години по завршувањето на војната. Препознавајќи се по фотографиите кои речиси срамежливо ги разменивме, инстинктивно се прегрнавме и се избакнавме. Жељана пред мене и онаа од моето детство немаа скоро ништо заедничко. Не знам дали би израснале во различни насоки ако војната никогаш не се случеше или би се разишле, како што спонтано се разидов со Ана и Марина, но наглото одвојување, повикот на мајка ѝ во екот на војната, залудниот обид да останеме присебни во лудилото, ранувањето на татко ми и неговата прогресивна болест некако се споија во кревкиот лик на Жељана и ме потсетуваа на сето она што многу сакав да го оставам зад себе, а се чувствував должна да го памтам.

 

Повеќе не зборувавме со ист нагласок, тоа прво го забележав, и онака зелена, не знаев што да мислам за тоа. Тоа беше мојата Жељана, иако не сакавме ни исти филмови ни иста музика, а политиката не се ни осмеливме да ја допреме, тоа беше врел компир што ниедна не сакаше да го проголта во случај онаа другата да каже нешто погрешно. Тоа би бил крај. Не сакавме да биде крај. Па продолживме да се слушаме и спорадично да се гледаме кога таа ќе дојдеше на посета кај тетка ѝ во Загреб. Мајка ми не ја преболе смрта на татко ми. Трагедијата ја претвори во нешто непознато за мене, нешто од што ми беше срам Жељана некогаш да не го насети, нешто поради што избегнував да отидам во Белград и се чувствував виновна и растргната помеѓу стравопочитта кон мајка ми и одбивноста кон нејзината луда омраза. Мојата, некогаш блага мајка, која ја нудеше Жељана со пита од јаболка со најширока насмевка на светот, ни ја чешлаше косата и нѐ бркаше од морето кога сосема ќе помодревме, сега беше стисната огорчена жена со само ретки проблесоци на нежност. Само еднаш го изустив името на Жељана пред неа. Тоа беше кога требаше да се видиме вторпат. Првиот пат го премолчив. Од очите на мајка ми изби злоба и се распрсна како супернова на кујнските плочки, а потоа под заби го стисна оној збор што овде го користеа толку често и од којшто ми замрзнуваа жилите. Како дете постарите ме учеа да го изговарам и се смееја, запенети во својот луд подбивен бес со којшто ги кратеа деновите и стравот во подрумот. Тој збор не одеше со Жељана. Почувствував убод на омраза кон мајка ми, но повеќе не ја спомнував Жељана. Поздравите кои ѝ ги упатуваше на мајка ми остануваа кај мене, се таложеа како телефонските повици на нејзината мајка, на куп што ме тиштеше, поздравите и повикот на семејната пријателка, мојата мајка, Ивана Новак, личност која повеќе ја нема иако поседува матичен број, која како и татко ми, е однесена со војната. Тоа попладне кога заѕвони телефонот, со јасен и студен глас рече дека „Повеќе овде ја нема Ивана Новак“. Се штрекнував секојпат кога ќе го замислев лицето на мајка ѝ на Жељана од другата страна на слушалката. Ни неа повеќе ја нема, отиде и таа со војната. Тетка Драгана, која ми ставаше облоги кога ме пецна медуза и велеше: „Тоа не е ништо, душо, те пече зашто си жива“. Ме печеше зашто сум жива. Уште откако мајка ми ме покри со телото додека го изнесуваа татко ми од гаражата и никој не дозволи да го видам, а сакав да го видам, сакав да се уверам дека е мртов. Сакав да се простам. Во куќата завладеа тишина, повеќе ги немаше вресоците на татко ми што ме будеа ноќе, нивните кавги што траеја со часови додека татко ми не истрчаше од куќата и не се вратеше пијан среде ноќ, ниту го наоѓав како плаче потпрен на масата со двете дланки во косата, додека мајка ми си мрмори во брадата и ја става облеката на сушарата. Лудилото доби друга, задушна форма, во која беше тешко да се дише. Мислам дека затоа толку ми беше важно да ја задржам Жељана во својот живот. Таа беше единствената врска со луѓето што ја носев во сеќавањето, кои некогаш беа мои родители. Насмеани, безгрижни, топли и полни иднина што со првата сирена истече од нив како песокот од нашите детски раце таа осумдесет и деветта.

 

Ме праша како умрел. Јадевме чизкејк и ја набљудувавме пролетната врева, а јас гледав во нејзините кадрици прашувајќи се како би било да ги допрам, како тогаш кога една на друга си правевме плетенки сакајќи да бидеме фризерки кога ќе пораснеме, а станавме професорка и правничка, обични жени кои јадат чизкејк во центарот на градот што не е ничиј и баш затоа е погодна ледина за средби. Ѝ се лизна од устата во чинијата, како трошка од која се засркнав, тоа нормално прашање кое се подразбира. Како умрел татко ми? Навистина. Зашто јас не го видов тоа. Ми раскажа сосетката, со желба да ја пренесе на мене својата наказна омраза, ме полнеше со детали од безживотното тело на мојот кутар татко, со детали за зјапнатите очи, рацете кои висат покрај половината, рацете што ми правеа куќичка за куклите и онаа за птици во дворот, и одеднаш ги видов вештите топли раце како се нишаат во гаражата, а потоа долго повраќав во вецето, на нејзино неописливо задоволство, зашто сметаше дека ми ја пренела лекцијата. „Тоа му го направија тие“, рече и ми го заслади белото кафе. Ѝ ги пренесов имресиите на сосетката од збор до збор и го изоставив нејзиниот коментар. Молчеше и гледаше во толпата, а потоа тивко рече „Чичко Перо…“ И мене првпат од неговата смрт ми потекоа солзи. Жељана последен пат го виде татко ми додека беше „Чичко Перо“ и ѝ завидував на тоа.

 

„Мама долго боледуваше“, рече. „Како во нејзините коски да се вовлече сета беда на тие години. Како да ја изеде тоа што не можеше да направи ништо, туку само да гледа како се распаѓа сѐ што мислевме дека сме. Рак на коските, неизлечлив.“

„Жал ми е…“, реков, не знаејќи дали е сега вистинско време да ја допрам, можеби да ја прегрнам. Кимна со главата и замолчи.

„Се сеќаваш кога ни ги фрли барбиките в море зашто прскавме луѓе по плажата?“, се насмеав.

„О, да. И викаше дека ќе ни удри по еден ќотек. Па почнавме да ја прскаме и неа. И потоа почна да се смее. Боже, како се смееше Драгана.“

 

Ми беше чудно што ја викаше по име. Иако и не ми е чудно, зашто од оваа перспектива ми се чинеше дека нашите родители ретроградно стануваа деца, а ние моравме нагло да созрееме и да го понесеме нивното бреме, да разбереме место нив, да ги изградиме срушените мостови или просто да останеме со нив на пепелиштето, полумртви и во вечно лимбо.

 

*

Го отворив мејлот за Велигден. Седев со лаптопот во кујната на мајка ми и гледав како вари кафе, а потоа механички кликнав на „Драга моја Петра“. Не знам ни самата зошто на глас реков: „Жељана доаѓа на море“. Мајка ми се сврте и ѝ видов на лицето дека се бори со себе, а потоа почна да става кафе во шолјата. Се обидував да пронајдам зборови, а таа отпивајќи голтка само рече: „Викни ја.“

„Како мислиш?“

„Викни ја малата.“

„И сѐ ќе биде ок?“

„Па како. За што ме сметаш?“, одмавна со главата и продолжи да пие кафе. Знаев дека разговорот е завршен.

Цело време додека Жељана престојуваше бев на игли. Се плашев дека мајка ми ќе каже нешто погрешно, не верував до крај во нејзиното одеднаш нормално однесување и бев скептична кога разменуваа спомени и листаа албуми, кога ѝ изрази сочувство за тетка Драгана, а таа за татко ми, кога ја праша за работа и за момче, не можев да се опуштам и тоа траеше сѐ до последниот ден.

Сите три седевме на плажа. Беше околу четири попладне, сонцето печеше многу посилно отколку оние дамнешни денови или барем така ни се чинеше, но боите беа потемни, како некој на блескавиот филм на минатото да ставил sfumato, да ја придушил во нас радоста и ни остана единствено да ги спојуваме назабените делови во мозаик којшто еднаш можеби ќе има смисла. Секоја од нас имаше некое свое сеќавање кое кај другите две потонало во заборав и така ги оживувавме едно по едно, тркалезно и сјајно, цврсто и постојано како камчињата што се простираа по плажата. Почувствував како морето се лула во мојата утроба и ја полни со старото чувство на среќа која оние денови наидуваше како плима, во правилни интервали. Се чинеше и дека чичко Перо и тетка Драгана пливаат зад белите тантелести кикиришки и секој миг ќе излезат од морето фалејќи се кој отпливал подалеку и ги покорил брановите.

 

Превод: Иван Шопов

 

  Тихана Гамбиража

Тихана Гамбиража е родена 1985 година во Задар. Поезија и проза објавувала во низа печатени и електронски списанија, од кои некои се Зарез, Ријечи, Поезија, Балкански книжевен гласник, а дел е и од зборникот Рукописи 33 и збирката раскази на здружението ЗаПис "Само ти зборувај". Добитничка е на втората награда на конкурсот Ископани раскази 4 и дел од истоимената збирка. Освоила трета награда за поетска збирка во ракопис на конкурсот Мак Диздар, во рамките на културната манифестација Слово Горчина 2019 година.

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.