Андреа Хрибар Ливада

 

Јас сум растојанието помеѓу зборовите, тишината помеѓу нотите, просторот помеѓу ѕидовите… Невидлива, скриена, скаменета. Јас сум черга од стари шумски лисја што шушкаат под војничката чизма што приоѓа сѐ поблиску и поблиску. Тој е бучава, пцост и карпа. Голема рака со брчки од земјата. Татнежот на војната во близина. Тој е сѐ што јас не сум, јас сум сѐ што тој не е. Рацете му се снажни и груби, рапави и темни на моето лице тенко и бело, проѕирната кожа болно црвенее… Моите алишта се бели и искинати, неговите се тврди и дебели и зелени. Очите му се плитки и жолти, лути, моите се стаклени и длабоки. Болката е моја, не е негова. Воздишките се негови, мое е јачењето. Здивот му е густ и тежок, неподнослив. Јас здив немам. Кукличката покрај мене е скршена, пушката негова е здрава. Погледот му талка преку моите гради. Во мојот поглед има облак што плови над неговата глава, птица во лет, шумски крошни што нежно треперат. Во моите мисли нема ништо.

 

*

Лето е. Мириса на запалена земја. Пот ми тече преку распупените гради. Стомакот ми е тркалезен и тврд како презрела лубеница. Се плашам дека ќе пукне ако го стиснам малце посилно. Под моето срце чука уште едно.

Со испуканите раце мајка ми меси леб. Мувите зујалки прелетуваат пред нејзините тажни очи. Таа не ги забележува. Цвеќињата на прозорската штица се овенати. Усните на мајка ми се мрдаат во тивка, непрекината молитва. За мојот надуен стомак не се зборува.

Татко ми е севезден в поле. Никогаш не е со нас. Веќе не оди в црква, ниту во гостилница. Погледот му е спуштен под бушавите веѓи. Подгрбавен е, засрамен, со обесени рамена. Не знам дали уште ме сака.

Не се молам веќе. Бог се скри од мене. Или јас од него. И онака в црква веќе не одиме. Не знам дали така сакаме или да одиме веќе не смееме.

Мојот дом ми стана туѓ. Не ми е засолниште. Бегам од него. Ама веќе никогаш в шума. Во шумата живеат чудовишта. Одам само до последната селска куќа. Таму седнувам на каменот, под знакот со прецртаното име на моето село. Гледам по патот. Ја барам својата иднина. Ама не ја наоѓам. Мислам дека ми е украдена. Или сум ја пуштила да си оди, не знам. А би сакала да знам. Или не би сакала. Каменот е тврд под мојот ковчест задник, а стомакот во кој имам живот ми се турка од голите бедра. Неудобно е како што се неудобни моите чувства.

Ноќе е најтешко. Соништата се стварни и болни. И претопло е. Летото предолго трае. И ноќите предолго траат. Јас сум предолго жива. Можеби не ми е местото на овој свет. Можеби сум заталкала од некоја друга планета. Не знам каде припаѓам. Ништо веќе не ми е познато. Сѐ ми украде. Тонам и пропаѓам. Можеби до утрото ќе исчезнам.

Наутро сум сѐ уште тука. Сѐ уште е жешко. Сѐ уште ми е преголем стомакот. Сѐ уште сум изгнаник во својот дом. Можеби е време да тргнам по патот, да пројдам покрај прецртаниот знак и да одам да си ја побарам својата иднина.

Сѐ што имам го собира во синиот ранец. Мајка ми ми подава хартивче со име и адреса на тетката од големиот град. Татко ми в рака ми тутнува купче истуткани пари. Мајка ми прави крст на челото, а татко ми зад мене тивко ја затвора вратата.

 

*

И поминува годината, поминуваат и две. Тагата во мене сѐ уште е голема, а срамот никогаш преболен. Ама…

Моето девојченце е проѕирно и бело, ангел без крилја. Нежно битие што танцува босо. Таа размислува за сонцето и животните, ги сака луѓето и цвеќињата, разговара со дрвјата и реката.

Моето девојченце има само мајка. Татко ѝ е митско битие од војната, математичка непозната. Моето девојченце е родено од шумата, облаците и крошната, од птицата в лет.

Таа е проштевање на сите гревови, утеха на сите солзи. Таа е родена за да живеам.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Андреа Хрибар Ливада

Андреа Хрибар Ливада е родена 1976 година во Загреб. Првите трудови ѝ се објавени во ревијата Кана во издание на „Христијанска сегашност“, каде што соработувала и како уредничка во рубриката за млади. Песни и раскази за деца ѝ се објавувани во детските списанија Радост и Зврк (Вртимушка). Во уредништвото на списанието Зврк работела 1997 и 1998 година, а 1998 година ѝ е објавена сликовницата Дарот на свети Никола, во издание на Теовизија. Идејна зачетничка и главна уредничка е на списанието за девојчиња Луна, кое излегувало во 2009 и 2010 година, и на списанието за бремени жени и родители Мамино сонце, кое излегува од 2004 год. до денес.

Kontakt: andrea@optimamedia.hr

 

 

ažurirano: 02/03/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.