Беса Морина

 

 

Слуша чекори на терасата, потоа трескање на влезната врата. Мериша продолжува да ја стега во десната рака белата кралица од шахот изрезбан од абоносово дрво, во левата – црвената свилена марама што ја извадила од шаховската кутија, заедно со фигурите распослани над неа пред малку, кога во гостинската соба влегуваат, наведнувајќи ја главата под везот за добредојде над вратата, тројца крупни војници; првите двајца со црни маски, од кои им се гледаат само крвавите очи и со затегнати пушки, третиот без маска, со пиштолна појасот. Маскираните веднаш се впуштаат во превртување сѐ наопаку во собата, викајќи неразбирливо на нивниот јазик, како да бараат некој заколнат непријател. Собата што била конак за стотици гости низ годините, на Мериша ѝ се чини многу мала за сето тоа дивјаштво и, за да не ги види книгите, цвеќињата и сите тие ситници преполни со сеќавања како се распрскуваат на сега веќе калливиот црвен килим, таа го врти погледот кон третиот гостин, застанат кај вратата. Тој ги вперил очите кон црвената марама и се чини како изгубен во сеќавањата.

Мериша прави едно брзо движење, ѝ доаѓа да ја сокрие марамата, да ја спаси барем неа од сквернавење, тоа парче свила што покојната свекрва го постилаше пред себе кога ѝ доаѓаше некое дете, некогаш и некој возрасен, за да го ослободи од прогонување од некој необјаснив страв. Одвлекувајќи му го вниманието со ова движење, гостинот ја погледнува Мериша в очи, потоа им вели нешто на своите потчинети. Тие веднаш почнуваат гласно да се смеат, плескајќисо рацете и покажувајќи повремено со прст кон Мериша. Кревајќи го гласот над нивните пискотници, гостинот бара од Мериша, на течен албански, да играат еден против друг, додека играта да заврши со мат: ако таа победи, тие ќе се заминат од куќата и нема да се вратат до вечер, ако тој победи – е, па, ќе биде убиена набрзина од неговите двајца потчинети.

Мериша го брише лицето со црвената марама, како што го избриша кога свекрва ѝ ѝ го отстрани немирот што ја имаше обземено по раѓањето на првото дете, кое не ја оставаше око да склопи, стравот дека ќе ја направи жртва на нечесните луѓе. Марамата ја има аромата на светиот живот, кој никогаш не згаснува, аромата на синовите и ќерките, внуците и внуките, пријателите и добронамерниците. Марамата ја има аромата на скапоцениот син и, додека го мие лицето со таа арома, јасно го гледа синот, млад и полн со добрина, каков што беше оној последен ден кога ја започна оваа партија шах (Мериша веќе не се сеќаваше со кого ја играла) и кога ја остави среде игра за да излезе со саканиот, средба од која тој не се врати жив. Си мисли во себе, кој и да биде резултатот од играта, таа секако ќе победи: ако остане жива, синот ќе се ослободи од таа неизвесна состојба меѓу бескрајните можности во кои таа го држела со оваа недовршена игра долги години; ако умре, ќе се обедини со него.

Ставајќи ја марамата на масата, Мериша му потврдува на гостинот дека го прифаќа облогот. Гостинот ја повлекува зелената фотелја спроти Мериша, ја вади кутијата со свиткани цигари, пали една за себе, ѝ нуди една нејзе, но таа не зема. Под погледите со потсмев на двајцата маскирани што седнуваат на канабето отспротива, палат цигара, ги насочуваат пушките и, смеејќи се подло, се подготвуваат да го гледаат поразот на една необразована и заостаната баба, а таа ги доближува фигурите. Помислува на татко ѝ, кој велеше дека само на крајот на животот стануваат јасни сите дејства на човекот. Си спомнува како, добивајќи ја веста за трагичната смрт на син ѝ, остана без здив врз шахот оставен отворен на масата во гостинската соба и со една неопислива јаснотија ја имаше врежено в срце поставеноста на фигурите и нивната позиција поединечно, потоа ги имаше собрано и кутијата ставено во црната торба, која ја сокри зад книгите на синот. Почнува да ги реди на своите позиции, како што правела стотици пати во овие дваесет години; таа борбена формација, составена во време на мир и во сончев ден, ѝ се чини исто толку погодена како во воено време и во студена зима. Набрзина и минуваат пред очи илјадниците комбинации што  ги развила во главата во овие дваесет години, гледајќи ги фигурите затекнати во битката за борба или смрт, час носејќи ја победата кон белите час кон црните, иако секогаш беше малку повеќе за белите, затоа што со нив играше син ѝ тој далечен ден. Сепак, никогаш ја немаше одиграно партијата до крај, несакајќи да му даде крај на животот на синот, оставајќи го без отворени можности. Толку многу беше врзана за таа игра, што во срцетоѝ беше врежано дека кога ќе дојде вистинскиот миг, како што секогаш доаѓа, таа партија ќе заврши на вистински начин, во вистинско време. Нејзиното срце станува поле во кое ќе се судрат доброто и злото, и длабокиот мир што беше обзело сѐ наоколу, ја креваше свеченоста на оваа последна битка, чиј резултат го очекува сиот универзум.

Прва ја позиционира белата кралица, која ја држи в рака, сместувајќи ја на полето е6, потоа продолжува со другите осум бели фигури, кои сѐ уште се во игра: кралот на б1, коњот на ц6, топовите на х1 и х8, четирите пиони на а3, б2 и ф2. Потоа продолжува со црните фигури: четирите пиони ги поставува на е5, ц3, д6 и ф5, топовите на б8 и ф7, коњот на е7, ловецот на г7, кралот на ф8 и, на крајот, црната кралица на б6. Дваесет и деветпотези направил секој од играчите досега. Мериша и гостинот ги вперуваат погледите во таблата долго време; војниците палат цигари, една по друга; килимот се полни со пепел; од далеку се слуша бучавата од моторите што доаѓаат кон населбата; студениот ветер удира на керамидите и оградата; Мериша се покрива повеќе со ќебето; му дава знак на противникот да го повлече следниот потег; тој го носи црниот ловец од г7 на х8, го зема црниот топ, кој на неговиот крал му дал шах; војниците викаат радосно, жедни за крв. Мериша продолжува да го гледа полето, додека сиот нејзин живот ѝ минува пред очи. Со раката што ѝ трепери, го поместува белиот топ од х1 на х8, одмаздувајќи му се на црниот ловец; двата топа паднати во битката ги сместува заедно со другите паднати во црвената марама. Гостинот повторно пали цигара, гледајќи ги час полето час Мериша.

„Зошто ми се чинат познати овие очи? Кој е овој човек?“, се замислува таа. „Ми се чини или тој се насмевнува?“ За да го одбрани кралот, кој повторно ѝ е нападнат, тој по кратко време го поместува коњот од е7 и го поставува меѓу својот крал и црниот топ на г8. „Како се игра вака со животот на човекот?“, ѝ се стеснува срцето на Мериша. „Како се влегува вака во туѓа куќа без да викне од врата, без да чека да биде повикан внатре, без да ги собуе чевлите? Подобро да умреш, отколку да живееш без чест!“ Борбениот дух ѝ се крева од длабината на душата; ја фаќа кралицата решена да се бори докрај; повторно го напаѓа кралот, ставајќи ја кралицата на х6. Војниците не ги држи место, едниот од нив станува и излегува од собата, се слуша од другата соба звук од предмети што се кршат.

Гостинот удира по масата со тупаница, фигурите се тресат како од земјотрес; пцуе нешто на својот јазик; го фрла црниот топ пред белата кралица на г7; потоа вдишува олеснето. Војникот. Кој е сѐ уште во собата, вади нож од џебот и почнува да гребе по ѕидот, цртајќи еден грозен орел. Мериша ја враќа кралицата на д6, исфрлајќи го од игра црниот пион што  се наоѓаше таму. Во состојба кога е нападнат, кралот полека се повлекува на ф7; кралицата веднаш го следи на е6. На Мериша ѝ се тресат рацете, а сосе нив се тресе и куќата, се шират пукнатините на надворешните ѕидови, штиците од оградата се удираат меѓу себе, гласовите на сенките на пријателите едвај се воздржуваат да не прозборат. Гостинот ја подава раката, ја зема црвената марама, ги вади фигурите од неа, ги става на масата несвесно, потоа ја простира марамата пред себе на масата, помеѓу него и шаховската табла, како што некогаш ја простираше свекрвата на Мериша; таа го задржува здивот; црниот крал се враќа на ф8. Војникот престанува да гребе по ѕидот; и другиот се враќа од разурнувачкиот поход; гостинот станува; Мериша е убедена дека тие ќе ја убијат дури и да победи, но веќе не е важно; белиот топ го носи од х8 на г8, исфрлајќи го црниот коњ.

Молк во собата; молк во срцето на Мериша; молк надвор. Војниците не сфаќаат што се случило; кога нивниот старешина го легнува кралот на таблата, прифаќајќи го поразот, едниот од нив ја удира шаховскататабла со пушка; фигурите се расфрлуваат по пепелта од цигарите на црвениот тепих. Старешината им вели нешто на нивниот јазик и прв тргнува кон вратата. Пред да излезе, се враќа уште еднаш кај масата, ја зема црвената марама и, фрлајќи ѝ поглед на Мериша, ја става в џеб.

Еден сончев зрак влегува преку прозорот и застанува на фотелјата на која седеше непознатиот гостин.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

  Беса Морина

Беса Морина (1986) студирала психологија и англиски јазик. Работи како преведувачка. Има издадено дневник од војната (2001), напишан во текот на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, преведен и на романски јазик (2008). Мажена е и има две деца. Живее во Приштина.
Контакт: morinabesaa@gmail.com

 

 

ažurirano: 13/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.