Албина Идризи

 

Беше третата ноќ од бомбардирањата и сега веќе го имавме научено креветот, каде и со кого ќе легнеме во темниот подрум на болницата. Само што ja слушнавме заглушувачката сирена попладне, што јавуваше за опасност од бомбардирање на градот, излеговме од собите каде што бевме сместени и се симнавме по скалите во долга, еднолична и тивка редица на бремени жени, која ако се набљудува од највисокиот кат, наликуваше на извиткано тело на дебела и истоштена влечуга. Чекоревме како месечарки следејќи се една со друга со погледот на земја во следниот чекор и со мислите во нашите домови, каде што ги оставивме семејствата и секојдневните работи со вообичаените тропања и грижи, што сега изгледаа толку слатки и посакувани, намамувајќи ни ја надежта за што поскорешно враќање.

Всушност, подрумот беше една пространа, студена и темна скривница, недефинирана со никакви поделби, освен со четирите бетонски столбови на средина, чија внатрешност создаваа еден четвртест празен и неискористен простор. Во две паралели, зад столбовите, беа сместени болничките кревети во кои се редеа нашите тела две по две, грб на грб, за да му оставиме простор на надуениот стомак, со по една рака издолжена надвор од креветот за инјектирање терапија доколку се јави потреба. На една страна бевме ние, Албанките, а на другата страна, спроти нас, лежеа бремените од српска националност, најчесто само по една во и онака тесниот кревет предвиден за еден човек, зашто беа помалку од нас. Лево од влезот на подрумот се наоѓаа две работни маси со потребната опрема за брза интервенција. А десно, од средина до горе, до подрумскиот таван беа железните прозорци, што одговараа на неваросаните ѕидови од каде што постојано се слушаше морничаво пиштење. Три многу стари ќебиња, поставени на прозорците и фатени едно со друго со метални штипки, покрај тоа што ги покриваа прашината и пајажината, како и светлината што не требаше да се гледа однадвор, не успеваа да го спречат киселиот мирис на урината, ниту посткоиталната смрдеа на уличните кучиња што, пред да почне војната, се засолнуваа покрај ѕидот.

„Ќе фатиме пневномија!“, ми шепнува другарката од соба од зад грб, чиј глас подобро го слушаше пациентката од другиот кревет, свртена со главата кон неа, отколку јас.

„Подобро пневномија отколку да умреме!“, ѝ возврати набрзина другарката отспротива, не знаејќи дали ја охрабрува или ја вџашува уште повеќе.

„Многу ми е жал, но вонредна состојба е. Да се надеваме дека нема да потрае“, рече лекарот што е на посета.

Наредените кревети, поделени според националноста, последователно го поделија и лекарскиот тим во болницата. Од каде што доаѓаа прашањата, жалбите и барањата на српски јазик, натаму се насочуваа одговорите, советите, насоките и сугестиите од персоналот на тој јазик. А останатиот дел од тимот што говореше албански, се вртеше на другата страна, за да ги исполни потребите на пациентките Албанки.

Само што заврши првиот метеж на заземање место со непрестајно чкрипење на креветите, придружено од бучните воздишки на жените, една бука од гласови и брзи чекори на влезот доведоа до тоа сѐ да започне од почеток. Ниедна од нас не издржа а да не се помести, а тие понадуените станаа до половина за да видат подобро.

Во четвртестиот простор помеѓу столбовите, одеднаш се најде кревет со млада пациентка, туркан од медицински сестри со сета потребна опрема наоколу. По нив, двата лекарски тима од двете националности дојдоа одеднаш и набрзина почнаа со општите надворешни контроли на стомакот, очите, јазикот, температурата, до анализа на крвта, што ги обедини лекарите од двете групи.

Сето ова време, пациентката, млада жена чија бременост веројатно беше прва, се превиткуваше во агонија од ужасната болка што ја тераше да се врти час на една, час на друга страна, одвреме-навреме ја креваа да седне, за повторно да клапне изнемоштена на креветот. За разлика од другите со кои бевме научени, нејзините воздишки не се разбираа ниту се слушаа артикулирано, иако беа многу повознемирувачки, оставајќи впечаток дека излегуваат од најдлабоките слоеви на душата. Две сини очи што исфрлаа страв и немир кога и да се отвореа и се лизгаа набрзина низ лицата наоколу, молеа за помош. Долгата костенлива боја ѝ се испреплетуваше по лицето, покривајќи ѝ ги час очите, час устата, а таа немаше сила да ја оттргне оттаму.

„Кутрата, глувонема е!“, се доближи до нас за да ни каже сестра Дрита.

Сега ни се чинеше дека одеднаш го сфативме јазикот на нејзините воздишки. Истото би требало да го чувствуваат и пациентките Србинки спроти нас бидејќи и тие почнаа да ги гледаат со друго око лицата што изразуваа жалење, молитви во молк и милост.

„Не знаеме од која националност е. Дури не ѝ го знаеме ниту името. Не знаеме дали некој ја доведе и ја остави на вратата на болницата каде што ја најдовме исцрпена како што ја гледате или дојде сама. Ништо!“, ни објасни сестра Дрита.

Се чинеше дека и ѕидовите на подрумот ја слушаа младата пациентка. Никаква бука, ниту шепот од ниту една од нас, што дотогаш одвај ги восприемавме воздишките една на друга. Замолчеа и болките во нас, опфатени од вознемиреноста за штотуку дојдената пациентка.

„Мора да ја оперираме!“, прозборе тивко доктор Владо, единствениот хирург Србин неодамна дојден во болницата.

„И јас мислам така. Дури треба итно да се оперира. Не гледам друго решение“, му се придружи доктор Агрон, негов врсник.

„Одиме, тогаш. Да не ризикуваме повеќе. Податоците ќе ги собереме подоцна, кога сѐ ќе заврши и пациентката ќе може да напише, ако знае да пишува“, рече најстариот од нив, доктор Реџа.

„За триесет минути завршува полицискиот час и ќе може да ги вклучиме светлата и да почнеме. Треба да сме подготвени“, додаде тој, гледајќи го рачниот часовник.

По половина час и ние ќе заминеме од подрумот и така како што се симнавме, бавно и исцрпено, ќе се качиме една по друга до нашите соби, уште поуморни, уште поисцрпени. Дотогаш, не го тргавме ниту за миг погледот од младата пациентка. Беше точката што нè врзуваше сите. Средината во која се собраа и беа исти нашите болки, стравови, вознемирувања и надежи. Глувонемата што ниту зборуваше, ниту слушаше, ја слушавме и ја разбиравме ние, затоа што беше нашиот универзален јазик. Беше сѐ што наликува на нас сите. Таа беше ние и ние бевме таа.

Станав од креветот и ѝ се доближив. Полека, да не ѝ ја нарушам дремката толку потребна во тие малку мигови, ѝ ја отстранив испотената коса од очите и ѝ ја држев раката. Сестрата Србинка, што се грижеше за инфузијата на раката, се насмеа во знак на одобрување. Имаше бели и долги прсти. Ноктите обоени во црвено, што во голема мера беа изгребани од поодамна, ме поттикнаа да ја замислам смирена, среќна, седната дома до нејзиниот сопруг.

Кога сѐ беше подготвено и сестрата дојде да ја земе штотуку дојдената за да ја одведе во салата за операции, ние сите стоевме заедно околу неа. Ја поздравивме и ја окураживме секоја од нас, како знаеше и умееше. Се испомешаа јазиците, зборовите, прегратките и се стопија во едно заедничко.

Скалите ги искачивме со мислите таму, во салата за операции, каде што жената што ја запознавме неодамна ги отелотворуваше на најбожествен начин љубовта и пожртвуваноста за иднината.

„Дознавте која беше новата пациентка?“, праша утреден-та сестра Дрита, веднаш штом влезе во болничкиот подрум.

„Да“, побрзав да одговорам пред да продолжи понатаму.

„Беше МАЈКА!“

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

  Албина Идризи

Албина Идризи (1966) дипломирала Албански јазик и книжевност во Приштина. Од 2014 година е членка на Претседателството на Сојузот на писатели на Косово, а од 2018 до 2022 негова потпретседателка. Има објавено три збирки со поезија, една збирка со раскази и три романи. Нејзиниот роман Сенките на Кулите (2009) е преведен на романски. За романот Повторно март (2019) ја доби годишната награда „Антон Пашку“, како најдобро прозно дело. Живее во Гњилане.

Контакт: al.bina@live.com, www.albinaidrizi.com, Instagram: albina.idrizi

 

 

ažurirano: 17/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.