Моника Херцег

 

 

Често сонувам како на братот на соседот му ја сечат главата на трупец.

Во сонот е русокос, како нивниот син, слаб и висок. Оладената септемвриска светлост се пробива низ густата магла заплиснувајќи ги стеблата што ги преслекуваат полека крошните во бавното гасење на летото. На русокосиот младич рацете му се врзани пред стомакот, а двајца го држат спуштајќи се по селскиот пат. Кога ќе дојдат до црвената еднокатница без фасада, во неоградениот двор влегуваат како внимателни мачки. Ореовиот трупец е неколку метри потаму од куќата. Крај него чека трет човек, кон кого се упатуваат.

Не можам да ги видам лицата, понекогаш сонцето ми удира во очите, понекогаш сенката е преголема. Воздухот е стежнат од тишината. Знам дека е празен, заврзаниот младич, како каросерија од автомобил без мотор. Главата му ја ставаат на потемнетите годови. Не дава отпор. Послушно клекнува и го наслонува лицето на рапавото дрво.

Секогаш е исто: двајца го држат, еден замавнува со секирата, прецизно и без колебање, како да цепи дрва.

 

*

Соседот Иво има голем нос, црвен од ракија, мајка ми вели дека од ракијата полудел. Како што Блаж, кој живее неколку куќи подолу, ако им се верува на приказните, умрел затоа што помешал апчиња за срце и ракија.

Мајка ми вели дека во селото нема нормален човек.

Блаж имаше кучка што окоти неколку кутриња. Ние зедовме едно, а другите ги однесе в шума. Кучката се одврза, па ги донесе назад. Блаж ја претепа, а кутрињата ги удави во канта едно по едно. Иако го мразевме, секој Божиќ слегувавме докај него и ја китевме пластичната елка, зашто мајка ми ни се закануваше со прачка. Рече дека е ред да му помогнеме. Често ќе го одврзев кучето додека спиеше, ама глупавата кучка никогаш не побегна.

Градската власт сака да гради пат низ селото, прави асфалт, ама соседот Иво не дозволува. Вели дека нема да оди пат низ Срби додека е тој жив. Мајка ми редовно оди во општината да им објаснува на надлежните дека тој не мора секој ден да ги вози децата до училиште, само таа страда по патот што веќе не е ни за коњи.

Бељата е што во нашето село може да се дојде од две страни: од едната низ српско село, од другата низ хрватско. На мајка ми ѝ е многу побрзо да нѐ пренесе до станицата за на школо преку српското село, инаку мора да го заобиколува целиот рид.

Често полни колички со земја и отпад од цигли, па ги поправа дупките што се појавуваат по секој поголем дожд. Количките ги вози од вир до вир, ги полни, а потоа удира со задната страна на секирата за да ги искрши парчињата цигла. На крајот, замавнувајќи со големата лопата, ги чука последните нерамнини од ’рбетот на патот додека не процени дека дупката конечно го изгубила идентитетот на дупка.

 

*

Не одам во дворот на соседите, освен кога играме фудбал.

Тешко е да се игра фудбал во селото, зашто нема рамна ливада, само околу куќата на соседот Никола теренот е нешто попогоден за топка. Никола не живее во куќата што ја обновија по војната, тие доаѓаат само за викенд, кога е потопло, за да садат во градината или да ја косат тревата. Мајка ми таквите луѓе ги вика викендаши.

Кај Никола во овоштарникот растат најубавите крушки во селото, слатки, големи, со тенка кожа. Ние такви немаме. Кај нас се сѐ онакви алкохоличарски, ситни, за печење ракија.

Со син му на Никола, кога ќе дојдат, играме фудбал, два на два.

Означуваме гол со две цигли крај црвениот ѕид на неговата еднокатница, а на другата страна од ливадата забодуваме два колци. Топката цело време непредвидливо потскокнува кога ќе падне на поголемо купче трева, ама веќе сме навикнати на таквите непредвидливи патеки. Ни пречи само големиот трупец среде ливадата. Кога играме, секогаш некој запнува на него или топката се одбива и оди во грмушките покрај дворот. Постариот брат луто го праќа трупецот во мајчината. Грмушките се полни трње, чичок, шипки и капини, високо е речиси до папокот.

Соседот Никола намуртено нѐ погледнува ако го чуе пцуењето на брат ми. Мајка ми вели дека и тој знае да пивне, му се гледа по очите. Тие се темни, речиси црни, како што му беа на татко ни.

Најчесто брат ми оди во високата трева по топката, затоа што е највисок. Тревата му стига до слабините, се пробива низ неа полека како да оди во длабока вода. Трњето од капината се толку остри, што често ни ја кинат облеката, па заработуваме шлаканици кога мајка ни ќе нѐ дочека со вечера.

 

*

Топката е како главата. Таа е пресметана, иако е празна, ако ги занемариме натисканите молекули воздух. Ако веруваме дека постои совршенство во облик на топка, можеме да заклучиме дека е топката посовршена од главата. Дури и Земјата е, всушност, елипсоид, сплескана на половите.

Татко ми нѐ избегнуваше додека беше жив.

Понекогаш ми се чини дека беше само именка што опишуваше лажна функција во организмот на нашето семејство. Како и фантомската рака, фактот дека понекогаш се јавило чувство на љубов кон нас не беше, всушност, љубов, туку нашата потреба да го добиеме она што никогаш не сме го имале.

 

*

Баба, додека беше жива, велеше дека е сѐ тоа од војната. Болест што останала и откако сѐ навидум завршило, полоша од самата војна, зашто изгледала потајум како тумор. Беше она што не му даваше да татко ни да спие, она што го тераше да оди на таванот да се обеси, она што ги одврзуваше неговите шлаканици. Болест во која се киселеа сите грди зборови како курва, а всушност, никој никогаш не ги мислел. Ни дедо ми ни татко ми. Болест поради која ноќе ќе го чуевме Никола како крши по викендичката. Плачот на русокосиот син што го замислувавме, иако не го слушавме.

Можеби можеше да се насети дека доаѓа војска по отсеците на ветрот, кој ги дразнеше носовите на селските кучиња, па лаеја со часови пред првиот пукот да влезе во дрвеното тело на црешата крај куќата на влезот во селото.

Куршум полн незадржлива сила. Воздухот пред него остана вкочанет, збиен во тресокот на убиствената прегратка.

Старата цреша имаше стебло што сохранувало десетлетија туѓи животи, па куршумот го апсорбираше со својата цврстина.

Ама, една цреша не е доволна да не започне војната.

 

*

Под буре ракија невозможно е тивко да се дише. Дрвото е цврсто, на допир мазно.

Баба кажуваше дека можела да чуе како огнот ја лиже куќата, гласна смрт што гнете сѐ друго.

Ги нашол сосед од српското село. Дедо ми се посрал в гаќи кога го здогледал, а тој бурето го спуштил назад над нив. Два дена лежеле на земја со дабовината, одвоени од умирачката.

 

*

На брат му на Никола му ја сечеа главата на трупец кога почна војната.

Патот што минува низ српското село, до нашето, освен што е двојно пократок, помалку е оштетен од оној што оди низ хрватското село. Никола секогаш доаѓа од српската страна. Од неодамна вози и нова кола. Мајка ми знае да каже дека него Иво не го пцуе само затоа што му се плаши, а неа може затоа што е женско и затоа што е сама. Таа често оди во српското село. Да се напие кафе, да купи сирење и јајца. Соседите Срби наесен ѝ помагаат да довлечка дрва од шумата и да ја преора бавчата, ако треба и да ја искоси. Соседот Иво тогаш се затвора дома и ги спушта сите ролетни на прозорците.

 

*

Главата неколку минути безживотно лежи како да е откината од кукла. Очите се ситни, нацртани. Нема крв ни ткиво, само мека пластика од која излегуваат руси перчиња. Кога конечно ќе ги допре моите прсти, пластиката со која се соочувам за миг ме утешува. Мојот Кен, тоа е само мојот Кен купен на пространството на пазарот со половна стока, Кен извлечен од купот стари играчки, Кен кому му беа изгризани рацете. Сочувствував со личноста што го гризела, сетив држејќи го дека ја нагризала пластиката, како што стравот ја нагризал неа, можеби во слични мигови како што беа оние кога по татковите тетерави чекори ќе забележев дека е пијан.

Понекогаш ги отворам очите во мракот, вдишувајќи го мирисот на застојаната ракија што се вовлекол во дрвото. Ја нема ни баба, ни дедо. Седам во вирот од својата мочка. Надвор е баш онака како што опишуваше баба. Вревата го надгласува разумот. Моето забрзано дишење го исполнува бурето со леплив страв. Не се осмелувам да се помрднам. Како што не се помрднував кога ќе пријдеа татковите дланки. Телото посинуваше, коските и љубовта пукаа помешани, како дрва во оган.

Секогаш сум на чекор далеку, на чекор од тоа да му ја вратам главата на телото. На чекор да го возвратам ударот.

 

*

Се плашам од празниот простор. Кога ќе ги затворам очите, често пред сонот се обидувам да го избркам чувството дека сум најмала на светот и големо ништо удира во мене толку силно што посакувам никогаш да не ги затворам очите.

Понекогаш шетам до влезот во селото само за да го допрам црешовото стебло. Нејзините вкочанети, суви раце, од кои истекува обид за борба со минливоста. Болеста и неа ја нагризува, веќе со години не дава плодови.

Црешата ја допирам како да е мајка, милувам тело за кое знам дека трпело колку што можело, се галам од неа и замислувам како конечно ја возвраќа прегратката.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Моника Херцег

Моника Херцег е родена 1990 година во Сисак. Наградата Горан за млади поети, за ракописот "Почетни координати", ја добива во 2017 година. Книгата е објавена во 2018 година и е наградена со Квириновата награда за млади поети, наградата Фран Галовиќ за најдобро книжевно дело на тема роден крај и/или идентитет, наградата Славиќ за најдобро првенче за 2018 година и меѓународната награда Мостови на Струга. Во 2018 година ја добила наградата На врв на јазикот за најдобар необјавен ракопис, а книгата со наслов "Забрана за лов" е објавена во 2019 година.

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.