Марјета Ѓока

 

„Портите после војна се порти кои најгрубо го покажуваат пеколот, каде што низ нив ниту се влегува ниту се излегува. Таму, на нивниот праг, се наоѓаат убиените, а над нив минуваат сенките на живите мртовци, кои немо плачат за нив. Тагата е длабока, надежта плитка, а иднината далечна. Не треба да се вели дека има правдa затоа што тоа што го прави осмислената правда е фатално за животот и произведува само пекол и жртви. Војната е неправедна за слободните луѓе, а заслужена за тесноградите… повредите ги прават почовечни и медитираат повеќе.“

Ова се некои од зборовите што ги напиша мојата пријателка Матилда. Срцето ми се стресе затоа што таа беше многу млада, а нејзините зборови имаа тежина, болка. Матилда имаше многу сјајни очи и знаеше преку нив да покаже зрачење на нејзината уметничка душа, но заоблената уста ја држеше заклучена, како да беше дрвена. Ми беше потребно неколку пати да ја прашам и да ја држам блиску, до мојата кожа и срце, за таа да ја почувствува човечката топлина бидејќи вербата ѝ беше овената каkо што беа и нејзините чувства. Од војната не ѝ остана ништо. Косово се претвори во една голема руина од луѓе со лица свртени кон сонцето и погребот беше единствената церемонија која ги пополнуваше нивните часови.

Времето после војната го суши човековиот дух и не се влажни ниту од солзите.

Матилда ги беше изгубила двете сестри и родителите… беше парталава и со нејзината црна коса наликуваше на птица на крајот на собата, каде што седеше молчејќи. Шаренилото на огинот ѝ ги осветлуваше убавите очи и ѝ ги грееше повредените колена.

Минаа неколку денови, а Матилда веќе стана дел од нашиот живот, од мојот живот, и секоја минута што ја минував во нејзино присуство ми даваше повеќе знаење, радост за животот и сила. Таа за мене беше како симбол на отпорот кон болката. Секоја ноќ легнував со мислата што да направам за таа да се отвори повеќе со мене. Фактот што таа беше многу помлада од мене некако ја ослободуваше и бараше подлабока духовна поткрепа.

Минаа две недели, а таа продолжи да биде дел од мене, од моето семејство.

Едно попладне кога се вратив од работа, ја видов во дворот, до црешата, ветерот ѝ ја дуваше косата, а очите ѝ беа затворени. Солзите ѝ течеа на лицето, а градите ги упатуваше кон небото, кон Господ. Се чини дека таа се ослободи само преку Господ, не преку мене, за што се почувстував некако љубоморен.

За мене беше битен нејзиниот мир.

Ѝ се доближив и ја поздравив.  Ѝ реков: „Матилда, не стигнав порано да ти кажам, но сакам да ја искажам мојата среќа што ти стана дел од моето семејство и знај дека ние те сакаме и ти ветувам дека јас ќе бидам секогаш покрај тебе во сѐ. Но, јас треба да знам повеќе за тебе, за твоите маки, чувствата и солзите твои сакам да ги видам, па и да ги избришам. Можеш да зборуваш со мене, затоа што јас сум тука за тебе“.

Олку зборови беа доволни за Матилда да избувне во плач и цврсто да ме загрли. „Јас сум изгубена, ми рече, но овие денови се сетив на еден пријател со „непријателска кожа“. Тоа е мој другар, се вика Александар. Можеби тој е единствен кого памтам во ова време. Верувам дека од името сфаќаш дека е Србин, но тој беше мојот најдобар сосед и другар. Мојата душа порасна преку неговата душа, тој ми даде едно големо сфаќање, инспирација за животот, со него имавме многу планови. Тој е голем љубител на филмови и фотографии, а јас бев неговата актерка и модел. Со една мала камера снимивме многу видеа, бегства во ноќта, снимавме залез на сонцето, мугри, шетање на точак. Имаше еден посебен светоглед на нештата… сѐ правеше поубаво. Јас и тој сведочиме за еден вечен мир бидејќи имавме голема љубов еден за друг. Во една таква љубов треба да живее човештвото и не му треба да поставува или преминува ниту една граница за животот. Но, не се чуди кога ти велам дека на почеток не беше така. Моето семејство ме тргна од него кога тие се доселија до нас. Ми забранија дури и да ги погледнам… да разговарам, пак никако. Не се сфаќав себеси како ме имаше обземено таква одбојност кон неговото семејство, а што беше апсурдно, не ги ни познавав.

Еден ден, враќајќи се од училиште, некаде среде втора година средно, разговарав со една моја другарка. Далина се викаше. Александар беше неколку метри пред нас и бавно чекореше. Кога стигнавме паралелно до него, Далина ме турна кон него и ми рече дека јас ќе се омажам со тип како него, со српски слабак. Господе, такви назадни размислувања го осиромашуваат човекот повеќе од животот во колиба од слама. Тој судир со Александар беше почеток на нашето пријателство. Почеток на еден нов свет за мене чиј извор беше во него. Кога паднав над него, тој ме крена насмевнувајќи се… очите му светеа како ѕвездички, а јас се трогнав. Можеби беше љубов на прв поглед или беше ентузијазам за почеток на едно ново поглавје во мојот живот, не знам.

Илир, јас мислам само на него. Тој беше моето семејство, столица за моите нозе, и многу ми недостига. Знам дека со оваа болка што ја имам само тој може да ми даде надеж.

Всушност, сакам да го имам пред себе, како Србин, што е, и сакам да го мразам, да го удирам, потоа да го бакнам, да му ги простам несторените злосторства и да плачам на неговите рамења.

Тој ќе ми ја пружи раката како првиот ден, но можеби сјајот му се изгубил од очите. Оваа болка што се роди во мојата земја, инфицираше, погоди сeчија душа. Негирана ни е слободата, украдени ни се мирот и хармонијата. Живееме во страв повеќе од човекот, не толку од смртта. Илир, те молам помогни ми да го најдам. Тој е уметник, сликар, музичар, поет и пасиониран од животот. Многу е лесно да се најде. Би требало некој да слушнал за него“.

Кога ми ги кажа овие зборови, нозете ми се пресекоа и влегов во мојата соба. Не се почувствував лошо поради фактот дека љубеше друг, и јас немав речиси никаква можност да ме забележи, туку многу ме заболе душата кога ја видов нејзината потреба за да најде еден дел од животот за да го пронајде изгубениот идентитет, бидејќи токму ова беше нејзината втора најголема загуба. Немаше веќе никого од семејството, и заедно со нив ѝ се изгуби и идентитетот. Таа беше едноставно Матилда со црна коса и која ги минуваше деновите без волја во куќата на еден брат Албанец. Умот и душата којзнае каде лутаа во имагинацијата со нејзиниот уметник Александар. Станав љубоморен и сакав да ја задржам Матилда само за себе, но колку повеќе ја гледав, повеќе сфаќав дека таа му припаѓа на друг.

Се сеќавам како денеска кога една убава ноќ додека дуваше благ ветер, Матилда тропна на вратата на мојата соба. Влезе внатре и веднаш седна на столица и ме праша за некои листови кои ги имав напишано.

Ме праша да не е некоја репортажа која ќе ја објавам во весникот „Дита“, како надворешен репортер. Да не сум пишал нешто за раните од српско-косовската војна? Почна да плаче со солзи кои течеа како од чешма.

„Ми недостига моето семејство, куќата, ѕидовите, точакот, видеата со Александар и црвените панделки на моите другарки. Ми недостига аромата на животот, слободата на говор, белината на кожата и сјајот на очите на Александар.

Знаеш, Илир? Јас и тој имавме фантастичен план. Сакавме да направиме еден видеопроект за нашиот живот, нашите едноставни патувања и разговори. Ние во тој проект не бевме ниту Срби ниту Косовари, туку двајца странци, многу блиски. Тој уметник, јас неговата инспирација.“

Во тој момент се стуткав, ми се наежи телото. Таа беше мајстор на убавите зборови и почувствував една внатрешна победа и се возбудив. Токму тоа што го кажа Матилда стана мој работен план. Решив да го раскажам нејзиниот и животот на Александар, со надеж дека овој текст може да се преведе и на други јазици и пораката на овие двајца млади да продре и надвор од „крвните граници“.

Таа стана од столица и си замина, без да добие никаков одговор.

Јас таа ноќ запишав сѐ што таа ми кажа и мислев утредента да го надополнам текстот, разговарајќи со Матилда.

Пред да паднат првите сончеви зраци, мајка ми тропна на врата трипати. Ми се виде многу исплашена и умот ми се растрепери од страв. Ја прашав што се случило, а таа ми рече дека Матилда не е во собата. „Изгледа, рече мајка ми, избегала.“ Мене во тие мигови ми се стутка душата и сакав и јас да избегам. Се вознемирив и ѝ реков на мајка ми: „Којзнае, можеби накратко избегала, ама ќе се врати“. Погледот во очите на мајка ми не беше убав, како да се збогува од неа. Но, нејзиното заминување докажа дека јас повеќе ќе ја заробев нејзината слободна и свежа душа, како човек кога ќе те застане на шетање со точак. Отидов во нејзината соба, погледнав наоколу со надеж дека оставила некоја белешка за мене. Го кренав нејзиниот душек, потоа чаршафот, а писмото падна од нејзината перница. Пишуваше „за Илир“ и ми лекна… барем мислела малку на мене. Пред да почнам да го читам писмото, во двор влезе синот на соседот и ми рече дека ја виделе Матилда како оди сама кон шумата. Во тој момент почувствував страв затоа што сфатив дека таа нема повеќе да се врати.

Матилда избега и од таа зора не ја видов повеќе. Ја баравме долго време, но ништо не одеше во наша корист.

Таа ми ги остави само нејзините траги и писмото.

Неколку пати размислував да ја објавам некако историјата за нејзиниот живот, но не беше возможно. Никогаш немав храброст да го направам тоа бидејќи мојата љубов кон неа не умре со нејзиното заминување и за мене претставуваше една рана која никогаш нема да се залечи, освен со нејзиното присуство.

Нејзиното писмо го чувам како скапоцено богатство бидејќи таа беше таква, скапоцен камен, светло кое зрачеше со добрина.

Мина долго време и постојано ме следеше една желба. Имам една голема радозналост да го запознам тој великиот Александар од нејзиниот живот за да знам нешто повеќе. Да разберам повеќе за страста што таа ја имаше и затоа што ми велеше дека тој беше токму изворот на енергија. Како новинар имам многу познати колеги и пријатели кои можат да ми помогнат во тоа, но се плашам дека ќе ми речат дека се бавам со дух од минатото и затоа застанав.

(Сето ова беше разговор со еден мој пријател од детството, кој животот го минува на чести патувања Тирана-Париз.)

Тој ми рече дека доколку ја објавев оваа приказна, можеби некој ќе ми помогнел со некоја информација околу Матилда… можеби неа ќе ја најдев.

Се каам, всушност, што не најдов храброст да ја напишам нејзината биографија.

Еден ден добив чуден телефонски повик од мојот пријател од Париз, кој ми кажа дека наскоро во Музејот на модерна уметност во Париз ќе се одржи изложба на еден српски уметник кој се вика Александар. Ми го кажа и презимето, но не го запамтив. Веднаш помислив да не е Александар на Матилда и тоа беше знак за среќа за мене. Ми рече дека изложбата ќе се отвори во вторник, во 11 часот претпладне. Почувствував како ми проаѓа едно ладно чувство низ телото. Можеби ова беше почеток на една друга приказна во мојот живот и средбата со Александар ќе го заживее повторно чувството на восхит за Матилда.

Ми беа потребни малку часови да се спремам. Резервирав карта за Париз, но имав потешкотии да го убедам шефот да ми дозволи. Едноставно му реков: „Ќе се вратам со извонредна приказна и овој текст ќе биде вистинска магија за читателите“.

Тој понеделник се разбудив многу рано. Изгледа ме фати треска, се тресев, ја бакнав жена ми и ја зедов малата торба за облека. Се разбира, и мојот верен лаптоп и тргнав. Кога полета авионот, почнав да се возбудувам. Што ако тој, уметникот, не е Александар? Што ќе правам? Кој ќе ми помогне за оваа сторија?

Тука сфатив дека лудилото ми е во крв бидејќи секогаш добивам голем ентузијазам, размислувам за реалните вознемирувања, откако ќе преземам нешто.

Во меѓувреме, во текот на сите тие часови во воздух, се вознемирував за сѐ. Јас секако ќе го сретнам Александар, но постојано го имав тој страв дали ќе прифати да зборува за Матилда. Можеби нема да сака да отвори такви сеќавања.

Минаа часови во размислување и на крај пристигнав на Шарл де Гол.

Ме чекаше мојот полупариски пријател со една голема насмевка. Јас останав малку шокиран и додека се приближувавме, му реков: „Не знам дали добро направив?“

„Нема врска, ми рече, секако овде јас ќе те придружувам и ќе научиш некои типични француски пороци, но нема да ги присвоиш“. Смеејќи се, ми рече: „Не чини што си женет!“

Јас, всушност, сакав да дознаам повеќе за изложбата на уметникот Александар и никаде не ме држеше место. Ме обзеде еден вистински шок и во секој миг сакав да му ставам крај. Мојот пријател ме однесе со автомобил до дома, ме внесе внатре и ме смести.

„Најнапред ќе се тушираш, ќе се смириш, па потоа ќе разговараме“, ми рече.

Само што почнав да му се спротивставувам, ми упати еден прекорувачки поглед, како да беше жена ми, и почнав да се смеам. Топол туш и чај добро ќе ми дојдат, си помислив и така и направив. Кога влегов во дневната, пријателот ми имаше напишано на мало ливче дека отишол да земе пиво. На Албанец не му се прави муабет без пиво. Веднаш го отворив лаптопот, читајќи неколку забелешки за побрзо да ми мине времето. Се слушна вратата и тој влезе, а во раката носеше една кеса со пива и една со готвено јадење. Ја распославме масата како двајца стари пријатели. Понекогаш не ми изгледаше како оној што јас го познавав, туку ми наликуваше на Французин со неговото однесување, подготвен до секој детаљ. Но, ова мислење брзо исчезна, па откако се раатисавме, започнавме да разговараме како двајца со носталгија за заедничкото минато. Мене ме имаше обземено анксиозност за него, за средбата со Александар и за моите грижи врзани за Матилда. А мојот пријател изгледаше доста смирено и со пијана природа, со светнати очи од носталгија и со потпрена глава на неговата лева рака.

„Изложбата на уметникот ќе се одржи во Музејот на современа уметност, тука во Париз“, ми рече. Јас бидејќи само неколку пати сум бил, не се сеќавам ниту од каде се влегува ниту од каде се излегува во Париз, па побарав од мојот пријател да ми помогне и овој пат. Ќе ме придружува на изложбата и ќе биде до мене во моето следно разочарување.

Решивме да спиеме. Јас му побарав да спијам на софата во дневна бидејќи оттаму јасно се гледаше чистото небо и месечината, и бидејќи ме имаше фатено треска, си мислев ќе се смирам некако со погледот.

Така, околу три часот наутро се разбудив по еден чуден сон со жена ми, по што се загрижив за неа. Не чини да одиш во авантура сам, а сопругата да ја оставиш дома бидејќи совеста постојано ќе те мачи.

Од умор пак бев заспал. Слушам далечен глас кој ми вели дека доцнам. Станав одеднаш и се сетив на изложбата на Александар. Се спремив набрзина и појдовме за во музејот.

Претходно пријателот ме покани на едно кафе на „Avenue du Président Wilson“, кое беше најубаво што сум го пиел после долго време, затоа што ме смири некако. Оттаму тргнавме пеш, како вистинските љубители на уметноста кои пешачат километри за да гледаат претстава или концерт.

Кога ги искачивме скалите на музејот, вниманието ми го одвлекоа неколку убави жени со плава долга коса до раменици. Беа собрани и се радуваа на средбата. Оддалеку се забележуваа тие убави Словенки… и се сетив на мојата Матилда, но нејзината коса беше катран црна. Ми недостигаше. Влеговме во музејот и ја почувствував присутноста на Матилда во еден миг. Чувствував како да ми се насмеа… Но, за чудо, некаде високо на ѕидот видов слика на едно убаво девојче на точак. Етерот ѝ ја носеше косата и ѝ го имаше покриено лицето. Се доближив веднаш, но не можев да видам дали е тоа Матилда.

Целата изложба беше со црно-бели фотографии и цртежи, каде што се прикажуваа разни делови на телото и лицето, со што сакаа да ја покажат надежта.

Фотографиите беа на една девојка, свртена со грб, која чекори по разни улички. Таа имаше црна густа коса, а телото тенко и право. Дека беше Матилда, веќе немав никаков сомнеж, откако на еден цртеж ги познав нејзините големи очи. Тоа беше нашата Матилда, мојата, и повеќе неговата.

Тој имаше изложено и фотографии кои ги направиле заедно во младоста.

Некаде се гледаше и неговата рака, држејќи ги нејзините прсти. Почувствував љубомора од оваа убава приказна и сакав јас да бидам нејзин протагонист, не Александар.

Срцето ми затрепери неколкупати кога ќе се сетев на нејзините големи очи кои не успеав никогаш да ги бакнам.

Оваа средба со минатото, со нејзините траги, ми отворија неизлечива грижа. Се чини дека Матилда сум ја сакал отсекогаш и нејзиното отсуство имаше фрлено една љубовна прекривка на заборавот, која на таа изложба се појави уште еднаш како тогаш. Но, ме повреди затоа што не се израдував никогаш со неа и чувствував незгаснат недостиг од неа.

Мина половина час гледајќи ја Матилда по фотографии и цртежи и конечно дојде вистинскиот момент да го сретнам Александар. Уметникот кој им имаше дадено форма на чувствата и светот на Матилда, а му имаше дадено поголема жед на недостигот од претходно. Тој разговараше со други уметници. Се гледаше дека се уметници бидејќи облеката и косата им беа слични. Беа облечени во бои, а косата им беше долга.

Прашав една жена кој од нив е Александар, авторот на изложбата, и таа ми покажа кон него. Да, како што помислив и јас, Александар беше оној највисокиот кој ги држеше рацете зад грб.

Беше типичен Србин, висок, бел во лицето, а жолтата коса ја имаше кренато нагоре. Му се доближувам и тој ми фрла поглед како да ме познава. Ги поздравив сите со мојот англиски со британски нагласок (ми требаше многу време за да го научам). Александар ми се обрати и ме праша: „Ти се допадна изложбата?“ Јас се збунив малку, мислејќи да не ме познава. „Многу интересно“, му реков. „Девојката ги има најубавите очи што сум ги видел некогаш и ги осетив на некој начин и јас нејзините болка и надеж.“

Се насмеа и го рече истото. „И за мене се најубавите очи што сум ги видел некогаш.“ Се чини дека љубовта кон Матилда нѐ зближи и веднаш нѐ направи пријатели. Разговарајќи се оддалечивме некако во аголот на салата и јас му се претставив.

„Александар, тоа што ме доведе мене тука е Матилда, девојката што те инспирирала за оваа твоја изложба.“ Тој поцрвене некако во лицето. Којзнае како се чувствуваше во тие мигови, којзнае што му дојде на ум. „Да, токму Матилда“, му реков. „Ја запознав по војната бидејќи по егзодусот ја примивме во моето семејство, затоа што ништо и никој не ѝ остана.

Александар ме праша: „Мојата Матилда? Мојата Косовка?“ Очите му се насолзија и сфатив дека тој е осетлив човек.

„Во мојата куќа беше две недели и брзо ми влезе во срцето. Нејзините зборови ми кажуваа за нејзиниот голем свет, кој толку убаво се комбинираше со нејзиниот изглед. Таа имаше еден посебен сјај кога говореше, а со мене разговараше толку ретко. Јас тогаш бев обичен новинар во Албанија, известував за настаните од северната зона и сакав да напишам биографија за нејзиниот живот.“

Тој ме покани овој важен разговор да го продолжиме во една позната кафеана каде што го имавме потребниот мир за вакви разговори.

Александар беше типичен уметник кој го освојува срцето на секоја девојка бидејќи имаше едно силно присуство и благост во говорот. Некако ми се разоткриваше причината зошто Матилда го сакаше толку многу Александар. Се тргна од познаниците и ме покани да излеземе надвор. И јас се поздравив со мојот пријател, потврдувајќи му дека тој е Александар. Отидовме во кафеаната до музејот. Келнерот дојде веднаш и го пречека Александар, честитајќи му за изложбата. Луѓето таму го го гледаа со многу љубов и сфатив дека тој таму е многу познат и сакан.

Седнавме тивко на маса и нѐ завладеа една тишина на неколку мигови. Како двајцата да се воздржувавме да го започнеме разговорот. Бидејќи јас не сум уметник, се брзам за да го фатам времето и му велам: „Значи, вие сте фамозниот Александар на Матилда“, а тој ми потврди, климајќи со главата.

„Јас со неа израснав и злото нѐ раздели“, ми рече. „Таа, како што виде на изложбата, била и ќе продолжи да биде моето најголемо вдахновение во животот. Над сѐ љубовта што ја имавме еден за друг. Тогаш кога сите беа против нас, затоа што јас бев православен Србин, а таа муслиманка од Косово. Не знам дали ти кажала Матилда, но нашите семејства се мразеа без причина, можеби поради промените. Можеби затоа што промените нѐ зближија мене и Матилда уште повеќе и направија да се вљубиме еден во друг. Тие беа соседи, но никогаш не влегоа еден кај друг, бидејќи носеа на плеќи стари инаети и не се согласуваа со нашата љубов и пријателство како двајца млади. Војната потоа зеде сѐ, инаетот, несогласувањето, куќата, населбата, љубовта и омразата изгореа, се изгубија, се изгубивме и јас ја изгубив неа. Мојата скапоцена.“

„Да, Александар. Матилда ми раскажуваше за тебе и сега многу убаво го разбирам сјајот во очите кога зборуваше за тебе, бидејќи е сличен со овој твојот сега. Те обожуваше и со сета тага од големите загуби таа те бараше, затоа што ти ја потсетуваше на тоа која е таа. Си ја сретнал повторно? Знаеш што се случи со неа? Бидејќи јас ја барав извесно време, но не добив никаква информација за неа. Некои ми рекоа дека се вратила во Косово. Знаеш нешто за тоа?“

„Не, Илир“, ми рече. Долго време не добив никаква вест за неа. Се сретнавме подоцна затоа што двајцата случајно се вративме во родниот крај за да земеме од рушевините тоа што беше наше и да се сретнеме со нашите луѓе. Се сретнав со Матилда и накратко ми се ублажи маката за неа, затоа што требаше да заминам, бидејќи моите блиски беа заминати и беа дојдени тука во Франција и инсистираа јас да го започнам животот тука. Неколку пати ја молев Матилда да дојде со мене, но залудно. Ми рече дека таа ќе ме побара еден ден, откако ќе згасне во нејзиното срце огинот на инаетот. Отидов неколкупати во Косово за да ја сретнам, затоа што јас започнав нешто со Матилда што никако не можеше да се остави на половина, бидејќи мојата душа беше тесно врзана со нејзината. Јас го продолжив мојот живот, мојата уметност, а соништата што ги имав со неа ги оставив на половина. Немав желба веќе да ги продолжам. Живееше едно време во Швајцарија, сега скоро слушнав дека живее тука во Франција, во една далечна провинција. Всушност, затоа и ја направив оваа изложба, со надеж дека ќе дојде и ќе се сретнам со неа. Но, дојде ти, еден друг сведок на вродената способност на Матилда да ги маѓепсува луѓето со нејзината душа и збор. Многу ми недостига, но не знам зошто се оддалечи од мене, не знам зошто постави меѓу мене и неа еден студен ендек полн со инает. Знам дека никој не ѝ остана, но јас ја сакав повеќе од сѐ. Јас избегав, но таа ме остави сам и продолжив исто да размислувам и денес. Всушност, оваа убава приказна има полно карактеристики.  По неа, ми се чини дека ја имам изгубено способноста да сакам. Извини, Илир, што зборувам толку отворено за моите чувства кон неа, но не би го правел ова доколку не ја познаваше колку-толку. Никој не би одел после толку време во потрага по една девојка, доколку не ја сакал. Значи, Илир, и ти си ја сакал.“

Се насмеав затоа што ова прашање си го имав поставено себеси неколку пати. Јас всушност ја сакав Матилда, но ја немав загубено способноста да се заљубам, бидејќи јас ја сакам мојата жена, но и Матилда, исто така. Таа ме маѓепса за навек. Оваа средба на двајца мажи што сакаат иста жена беше убава, но никој ја нема за своја, затоа што таа беше таква. Како воздухот што ти дава живот, но не можеш да го зграпчиш, ти бега низ прсти.

„Александар, кога Матилда замина од кај мене, ми остави едно писмо, во кое мене ми се обраќаше. Но, тој ден најдов еден дневник започнат во првите денови од војната, во кој таа ги открива своите најдлабоки размислувања, стравовите и желбите. Во него те спомнува тебе неколкупати. Затоа мислам дека треба да ти го дадам. Секако, ти кажувам дека кога ќе се вратам, ќе ја објавам нејзината биографија и те поканувам да ја прочиташ. Ќе ти ја пратам по електронска пошта. Исто така, добредојден си да дојдеш во мојата куќа кога и да посакаш да дојдеш во Албанија. Ти го предавам дневникот затоа што мислам дека заслужуваш да биде кај тебе. Којзнае, можеби ќе треба да ѝ го предадеш на Матилда еден ден. Јас всушност дојдов да ја надополнам мојата приказна, но не кријам дека сакав да знам повеќе за неа.“

Дневникот му го оставив на маса и како што се оддалечував, видов како го отвора. Јас се оддалечив со посебен впечаток за него. Оваа приказна нѐ направи добри пријатели. Дневникот беше многу убаво напишан, полн со чувства, час тажни, час полни со надеж, час радосни кога се спомнуваше Александар.

На почеток на дневникот пишуваше: „Јас и мојот уметник сме сведоци на едно помирување по една жестока војна. Јас и тој сме симбол на љубов и мир меѓу различните луѓе, а јазикот на чувствата нѐ направи слични. Јас и тој го говориме јазикот на бакнежите и колку ни се допаѓаат кога сме некако потскарани и изустуваме лоши зборови секој на својот јазик, заборавајќи дека ние го знаеме и другиот јазик, бидејќи освен љубовници, ние сме и соседи.“

Потоа, на втората страница пишува: „Денеска е вторник и чувствувам голема грижа бидејќи слушам експлозии и се плашам. Лежам на мојот кревет и не можам да заспијам мислејќи на него, што може да се случи, покрај природниот страв во вакви ситуации. Чувствувам страв и за мојата иднина, за семејството и за мојот сѐ уште анонимен режисер… Денеска е среда и се чувствувам полошо од вчера. Се исплашив попат, враќајќи се дома и ги повредив двете колена. Не можам да чекорам од болка.

Ова проклето мрачно време ми ја одзеде енергијата и почнав да заличувам на оваа природа. Немам ништо за правење бидејќи ми рекоа да не излегувам веќе од дома. Чувствувам како ми расте стравот и желбата да го видам мојот сакан. Да можам да го видам вечерва барем малку, колку да ми даде еден чист бакнеж за да не мислам на дневните објави и експлозии… Денеска е четврток и уште не им наоѓам решение на моите чувства. Се плашам за иднината, се плашам дека овие денови нешто ќе се случи и ќе немам веќе ништо за да сакам или мразам… Петок. Мина доста време откако не сум го видела Александар. Не знам што се случува со него. Сѐ повеќе ми недостига и не знам што да правам. Кого да прашам, улиците се пусти, а јас останав на вториот спрат од куќата, гледајќи сѐ од далечина. Александар, јас те сакам и многу ми недостигаш… Портите после војна се порти кои погрубо го покажуваат пеколот, каде што ниту се влегува, ниту се излегува низ нив. На нивниот праг се наоѓаат убиените, покрај кои минува сенката на живите мртовци кои безгласно плачат за нив. Тагата е длабока, надежта плитка, а иднината далечна. Не треба да се каже дека во војната има правда, затоа што, затоа што тоа што го прави осмислената правда е фатално за животот и произведува само пекол и жртви. Војната е неправедна за слободните луѓе и заслужена за тесноградите… Повредите ги прават почовечни и медитираат повеќе.

Се случи тоа што го претчувствував. Денеска се наоѓам меѓу ѕидовите на едно албанско семејство и имам сѐ загубено. Ме обзеде голема тага за големите загуби. Ми недостига моето семејство. Не знам зошто сум тука, зошто сум сѐ уште жива. Зошто? Сум ја загубила благата арома на животот. Веќе ништо не сум видела што ми сведочи за животот. Излегувам во дворот на оваа куќа и седам под сенката на една цреша. Колку е неправедна оваа војна. Јас, млада девојка полна како сонце со надежи и енергија се наоѓам себеси во еден ужасен лавиринт од конфузни чувства, каде што не разликувам живот од смрт. Под таа цреша чувствувам една блага свежина и ме потсетува некако на шетањето со точак. Шетањето со Алекс. Александар, кај си? Си се претворил и ти во прашина како моето семејство? Кој и да ми зборува за животот сега, му велам дека залагањето е непотребно. Јас знам што е едното, а што другото… секогаш зависи кое ќе го живееш. Да го живееш животот како жива или како мртва? На почеток го живеев како жива, а сега ме натераа да го живеам како мртва. Сѐ додека не научам да го променам ова, се надевам дека нема да биде доцна. Секако дека јас сум вистински сведок на последиците од војната. Полоша е од смртта, чувства кои се раѓаат по нејзиното доживување.

Прво, чувствуваш голем страв за иднината, второ, почнуваш да мразиш зашто ти направил зло, трето, се залагаш да најдеш надеж за живот, четврто, сакаш да го најдеш мотивот за да му простиш на тој што ти го даде тој грд свет на гробови и петто, по помирувањето почнуваш да гледаш благонаклоно на него.

Сега за сега јас го чувствувам првото, еден ужасен страв за животот бидејќи и воздухот ми натежнува.

…Денеска е вторник

…Илир

Илир е момчето во куќата во која сум сместена и гледам дека сожалувањето кон мене се претвора во чувство и јас го сфатив ова. Ова е добар знак за мене, што покажува дека сум станала посвесна за животот. Тој ме потсетува на Александар, затоа што почна да ме гледа како тој што ме гледаше, но јас не сакам да го повредам, затоа што моето срце во ова време не е во состојба да подари љубов, бидејќи е рането и над сѐ, тука живее Александар. Ах, Алекс, колку ми недостигаш, твоите усни, твоите очи, аромата на твоето тело, како и времето кое го минувавме заедно. Оваа проклета војна ме остави сама и веќе не се чувствувам како Матилда, туку како Ана Франк. Се сеќавам само на ужасите кои ги видоа моите очи и ова направи да заборавам која сум. Не сакам да знам веќе. Кога би ми се дала власт во еден миг, би направила да се избрише колективната меморија од светската историја, да не постојат докази за големите војни.

Вака не би го доживеала овој пеколен крај во овој живот. Но, се чини дека ова е внатре во човекот и не може лесно да се бори против тоа. Исто е како стравот, како еден вид инстинкт. И за мирот бираат многу малку луѓе или поточно само водачите не го прават тоа бидејќи власта ја помрачува логиката на човекот. Господе, ми недостига животот, солзи да ми течат на лицето бидејќи сега ми се исушиле. Ми недостига мотивот, но јас ќе го најдам. Ќе одам оттука.

Ова беше напишано во дневникот на Матилда. Сега се разбра причината зошто сум маѓепсан од неа. Зашто нејзината убава уста не беше само за бакнување, како устата на многу жени, туку за да говори за животот и мирот. Ја објавив нејзината приказна во весник, но не предизвика интерес колку што мислев. Можеби затоа што јас бев повеќе возбуден и го доживував сето тоа, но другите поради факторот време, беа по малку повлечени.

На Александар му го пратив текстот по електронска пошта. Ми врати одговор, заблагодарувајќи ми и кажувајќи ми дека го предал дневникот.

Веќе два дена размислувам за ова. Се сретнаа ли? Или тој сакаше јас да не ја отворам веќе таа тема? Или, можеби, Матилда го нашла него?

Всушност, мислам дека Матилда прва го нашла него бидејќи жените не ги забораваат нивните сакани… посебно една таква љубов.

Ова беше еден крај или едно убаво продолжение, не знам.

 

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

  Марјета Ѓока

е родена на 8 септември 1993 година во Решен, Мирдита, Албанија. Основно и средно образование заврши во родниот крај, во Решен, а високо образование на Факултетот за странски јазици, отсек француски и англиски јазик, на Универзитетот во Тирана. Со пишување се бави уште од детството, учествувајќи и на мали конкурси. Секогаш привлечена од големите светски писатели, главно француските, се обиде да донесе еден нов дух во книжевноста на Албанците, без да ги занемари оригиналноста и убавините на фолклорот.
Контакт: marjetagjoka1@gmail.com

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.