Срѓан Милијевиќ

 

Мајка ми не кажува грди зборови. Дента ја спушти слушалката од сивиот фиксен телефон со тркалезен бројчаник и рече: Ти ебам животот, почна војна!

Сакав на сивиот фиксен телефон со тркалезен бројчаник да свртам девет, да свртам пет, да го чујам точното време, па да го усогласам со часовникот над трпезариската маса.

Пет и пет. Кломпите на мајка ми татнат низ ходникот накај Нона и нејзината сателитска. Нашите само нѐ лажат. Истрчувам во ходникот и викам: Види што ми прави рипчето! Да ти се мочам во рипчето, татни во ходникот, ми татни во главата. Не знам точно што е војна, ама мора да е страшно штом мајка ми олку пцуе.

На масата под часовникот со стрелки на малку повеќе од пет и пет баба ми месеше штрудла со афион. Во неделите секогаш се меси молкум, час работа. Тестата ти се лесни, нема рецепт, мораш да осетиш. Вака вака вака, и, гледаш, кога е вака, тогаш е добро. Гледав тажно во тестестите раце на баба ми зашто мајка ми го опцу рипчето, иако знам дека не сакаше. Ама, рече: Ти ебам! кога почна војната, а мајка ми не кажува грди зборови.

Нона од втори ме сака како вистинска баба, а само ни е комшивка. Мама вели дека е така затоа што нема никого, баба вели дека госпоѓа Нона цел живот се правела важна, па затоа останала сама. Сите ја сакаат поради таа сателитската, јас ја сакам и без тоа. Дедо ми ја има баба ми, баба ми го има дедо ми, мајка ми ме има мене, а јас немам никого. Исто како госпоѓа Нона, а не се правам важен. Кога ја прашувам мама да ми роди брат или сестра, таа се расплакува. Не ми е убаво кога е тажна, па велам дека може и некој домашен миленик. Дедо ми мисли дека животните се за в штала, подобро веднаш да ја исфрлам таа глупост од главата. Мајка ми дека сум уште мал. Не е лесно да се грижиш за живо суштество. Возрасните во сѐ гледаат грижа. Миленикот треба да се милува, а не да те загрижува. Самото име му кажува, ама неееее, кој е овде постар, реков и не сакам да повторувам… Оп-стоп, готово!

А потоа Нона од втори смисли да ми купи рипче со привремен престој кај неа, на втори. Плачев затоа што рипчето не е вистински миленик, додека Нона не ме увери дека Клара е само моја. Ми беше сомнително што му дала такво име, иако Клара звучи поотмено од мојата Зорица, добро, знам. Се согласив да имам рипче Клара на привремен престој кај Нона од втори. Ќе ми го донесе штом ќе попушти дедо ми. Па плачев од среќа, а баба ми рече: Само плачи, помалку ќе мочаш, ама не е добро да бидеш плачко.

Иако не знаев што се прави со рипчето, го посетував секојдневно. Му потпевнував, му ветував дека наскоро ќе бидеме заедно, ќе живее во простран аквариум со камен дворец и многу украсни билки, а не во тегла од ајвар. Сега мора да се стрпи. Велат дека сите мораме.

Ја прашав баба ми, додека се печеше штрудлата со афион, зошто војуваат луѓето. Сила Бога не моли. А што ти значи тоа, бабо? Тоа што чу. Ама не го разбирам тоа што го чув. Не разбирам ни јас, ама така е.

Во шест и триесет и шест не ѝ однесов на Нона жешка штрудла зашто не беше во станот, туку во колата на брзата помош. Тогаш научив дека се вели инфаркт, а не инфракт. Додека се качив, таа се искривила, кутрата, сѐ да ми ебеш ако се извлече, велеше мајка ми, која никогаш не користи грди зборови. Освен кога има војна.

Следната недела, многу пред пет и пет, децата во паркот викаат: Сакаш да си играме војна? А како се игра тоа? Прво те убивам јас тебе, па ти ме убиваш мене. Не ми се игра.

Гледам во кесето со жешката штрудла за мојата Нона од втори. Размислувам како јадат мртвите. Нека се заслади душата, вели баба ми. Поздрави ми ја Клара, знам дека е со тебе, шепкам на гробот на Нона зашто мајка ми ми забрани да плачам по рибата во тегла среде војна. Запечатен стан. Никој не смее да влезе, сфати. Нејќам да сфатам. Војната е глупава. Нона сигурно ја заболело срцето од тага за кутриот народ. Така велеше. Мене ме боли срцето затоа што сум дете без рипче.

Мајка ми не кажува грди зборови сѐ додека не ја фати страв. Овие денови мама многу пцуе.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Срѓан Милијевиќ

Срѓан Милијевиќ (1985) е дипломиран филолог по општа книжевност и теорија на книжевноста и мастер менаџер во културата. Ангажиран е на проекти од областа на човековите права и помирувањето. Неговите раскази се наградувани на регионалните конкурси во Загреб, Бањалука, Белград, Ниш... Расказот „Јас, џелат“ е награден со втората награда на Фестивалот за европски краток расказ 2017. На проектот Write the Change бил ментор по креативно пишување за млади од регионот. Првата збирка кратки раскази „На сите нас ни е првпат“ ја објавува во 2019 година. Живее и работи во Белград.

 

 

ažurirano: 24/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.