Едис Галуши

 

„Ромите добро знаат како изгледаат освојувачите, затоа никогаш не им завидувале.“
Анонимен

 

И денеска се доближи до чевлите кои никогаш не ги исчисти, иако беше чистач на чевли. Во својот сандак ги сокри приказните кои излечија рани, но кои оставија доживотни траги. Делтан сега ја знае добро секоја дупка во градот, но и сиот град го знае него. Оваа слава ја стекна благодарение на јазичната разноликост што ја има, иако секој ден ја колнеше оваа дарба, затоа што таа никогаш не беше признаена како вредност и тој никогаш не беше третиран како мудар и вреден човек. Мудроста, секако, никогаш не била дефинирана како што треба. Некој вели дека мудрост е да бидеш храбар и да го кажеш потребното во погрешно време. Некој мудроста ја третира како божествена и затоа не ризикува да ја дефинира. Малку мудар, малку будала, некогаш храбар, некогаш плашливец – Делтан преживеа во мислите и злоставувањето од страна на разните освојувачи и повторно остана тој кој што е и денес, алатка и живеалиште за тие кои отсекогаш го омаловажуваа. Денеска му се доближува на сандакот и ги колне приказните кои го наполнија, иако одозгора се гледаат изложени четките и неколку бои за чевли, овој сандак за Делтан е неговата жртва и живот. Овој сандак е неговата мудрост, онака како што само тој знае да ја дефинира.

Никогаш не го сакаше читањето. Книгите му се расфрлени на сите страни и ги гледа малку со задоволство, малку со омраза. Со задоволство затоа што во нив е сокриена таа недостижна „мудрост“, на која сите ѝ завидуваа. Во овие книги со „мудрости“ му е искривено името на Делтан, кој е портретизиран како човек без збор и вредност. Затоа често ги гледа книгите и со омраза, бидејќи никогаш не се запрашал за содржината на секоја од овие книги, кои за главни протагонисти ги имаа жртвуваните Роми. Таквите книги остануваат дел од историјата, додека името на Делтан искривено и опишано според мудроста на другите. Во овие книги се спомнуваат разни херои на кои Делтан никогаш не им завидуваше, бидејќи знаеше кои беа овие луѓе навистина. На некои од нив им ги има исчистено чевлите, дури и им свирел, на некои им направи одбранбена метална облека. Владетели и разни луѓе на власт минаа низ неговите раце и никогаш не го спомнаа во нивните книги. Дури и да го спомнуваа, беше само како бројка, никогаш  со име и презиме. Затоа на Делтан не му се допаѓаше многу читањето, иако книгите му се распослани по собата.

Фотелјата на која седи е стара.

Ноќи со бегства, чудења, обвинувања и предавства. Токму на таа фотелја седнува секоја ноќ и се сеќава на ноќите кога се враќаше дома од местата преполни со бука. Звукот „тик-так“ што се слуша од часовникот закачен на ѕид, кој за многумина е иритирачки, него го смирува. Тој ритам што се слуша, го фрла во длабоки мисли каде што се среќаваат сеќавањата и стравот.

Делтан свиреше каде и да го викнеа. Каде и да сакаа „мудрите“ да минат незаборавна ноќ. Свиреше по нивните куќи, гледајќи како разговараат еден со друг и се викаат со чудни имиња. Често свиреше по затворени места, таму каде што доаѓаа луѓе со капути и често не се познаваа меѓусебе. Тие места полни со дим и пијалаци за кои Делтан немаше слушнато, беа места каде што често заспиваше. Секоја песна што ја компонираше, истовремено имаше носталгија и разочараност. Преку акордите му пееше на животот, кој беше безмилосен кон него. Некогаш му доаѓаа во мислите децата. Ги замислуваше на едно отворено место, полно со радост и насмев. Тој ангелски поглед…

Ноќите беа долги во местата каде што тој свиреше некогаш гитара, некогаш виолина, некогаш хармоника или каков и да е друг инструмент кој ќе му го побараа мудрите. Не смееше да каже дека не знае да свири на некој инструмент затоа што за нив „нему музиката му е во крвта“, тој, според нив, е создаден само за да ги забавува нив и за ништо друго. Зависно од местото, тој требаше да зборува и да пее на разни јазици. Не смееше да не ги знае песните, затоа што „нему музиката му беше во крвта“.

Гледајќи ја својата стара виолина на која нема веќе жици се потсеќа на ноќите кога го навредуваа со разни имиња, ноќите кога тој не смееше да каже „уморен сум“ и повторно остана будала.

Собата во која се наоѓа неговата фотелја, на која седи и се потсеќа на минатото, исполнета е со разни алати. Некои стари, некои нови. На левата страна на собата се наоѓаат неколку железни алати, кои ги чува како спомен од неговиот татко. Како дете тој требало да го научи занаетот на ковач, затоа што „така остануваме живи“ – се сеќава кога му велеше татко му. Се сеќава на деновите кога работеше со татко му до утро дека не се знаеше кога ќе дојдат „другите“ за да ги земат алатите кои татко му ги изработуваше со многу љубов и полни со уметност. Работата на татко му никогаш не се третираше како вредност.

Логорите беа места кои се множеа секој ден. Имињата на луѓето се забораваат, додека Делтан го слуша молкот. Ја губи вербата и во себе, затоа што никогаш не бил ценет како човек. Осамен, ја чисти прашината од прозорецот кој ретко кога е украсен со некоја завеса. Собата во која тој ги минува ноќите со спомените остана бледа и ретко осветлена. Никогаш не знаел да зборува убедливо, зборовите му се губеа во уста кога и да беше прашан за вината на другите. Збунет помеѓу дишењето и зборот, ја изгуби вербата и во неговото гледање и слушање, затоа што секогаш требаше да живее како да не видел и не слушнал ништо, а изгубената верба никогаш не успеа да ја врати.

Делтан израсна како да беше без мајка, иако таа како тело постоеше. Нејзините алишта сѐ уште ги чува закачени на ѕид. Неговата мајка требаше секој ден да се буди наутро (рано наутро), да спреми нешто за јадење и така целосно завиткана одеше да ги чисти куќите на другите. Сѐ уште се сеќава на зборовите:

„Nakhava pi buti. Tu ma bistar te phane o vudar!“ („Одам на работа. Ти не заборавај да ја затвориш вратата.“)

Гласот на неговата мајка го следи на секој чекор, иако таа за другите остана само број, изгубен некаде во архива. Можеби остана и нерегистрирана. Како дете тој не ги разбираше приказните на неговата мајка. Често ја гледаше како плаче и не разбираше зошто. Солзите ѝ навираа тие денови кога ја бркаа од куќите во кои чистеше. Честопати беше обвинувана за работи кои никогаш ги немаше сторено. Мајка му ја викаа со разни имиња, но никогаш со нејзиното вистинско име – Лулуѓиана.

Делтан никогаш не создаде семејство бидејќи се плашеше од повторување на историјата. Се плашеше дека и тие ќе бидат наредени до ѕид, каде што се делеа мажите од жените, децата од старците. Честопати со помош на скалите кои порано ги користеше за молерисување, ја симнува од ѕид сликата која ја чуваше со задоволство. На неа нема луѓе, има само алат и значајни работи за Делтан. На неа се гледаат неколку алатки изработени од железо, музички инструменти, од десна страна се гледаат алиштата на мајка му, искинати книги, сандакот за чевли, до нив повеќебојните рачно изработени јажиња и старите скали кои ги користеше кога работеше како молер. Оваа слика, всушност, ја отсликува собата на Делтан. Местото на кое тој со задоволство го чуваше секое добро кое тој и целото семејство му го дадоа на општеството, но оваа слика никогаш не беше изложена таква каква што беше. Секогаш ѝ се додаваше една црна ткаенина, од тие кои ти го губат погледот, само за да не се дозволи оваа слика да види „светло со очи“.

 

Ова утро излезе подоцна на местото на кое оди секој ден, затоа што во неделите немаше многу работа. Утрото во недела го користеше за да го исчисти сандакот и не очекуваше многу добивка тој ден.

„Интересно е како вие живеете“, му се обрати на Делтан еден човек, поставувајќи ја ногата над сандакот, со една лесна, но иронична насмевка.

„Како мислиш дека ние живееме?, му возврати Делтан, почнувајќи да му ги чисти чевлите.

„Денес за денес, не размислувате многу за утре“, му рече тој.

„Кога утрешниот ден не зависи од тебе, се залагаш да живееш само денот кој е пред тебе. Нам ни е забрането да бидеме далекувиди бидејќи на другите им требаме вакви. За да води силниот, зад себе треба да му се слабите за да им покаже на плашливците колку е силен, а умните секогаш трчаат по силните“, му рече Делтан, земајќи ја црната боја и продолжи со чистење на чевлите.

„Среќата на секого му е во свои раце. Од денешната работа зависи што ќе видиш утре“, му одговори тој.

Делтан застана, го погледна во очи и му рече: „Моите раце секогаш биле покриени со црно. Ова не е затоа што јас го посакав, туку на другите им требав ваков. Доброто на судбината е што е запишана на рака, затоа јас честопати ја држам раката затворена, затоа што сакам да ја сокријам мојата судбина од другите за да не ја доживеат истата судбина како моето семејство. Заедно со мојата судбина и нивните имиња се запишани на мојата рака“.

Откако ги слушна овие зборови, човекот се оддалечи, а Делтан го зеде сандакот и тргна кон дома.

Повторно не ги исчисти своите чевли, иако беше чистач на чевли. Чевлите останаа  на влезот на куќата, таму каде што за последен пат ги собу Делтан. На неговиот сандак му се додаде уште една горка приказна. Делтан веќе не се спомнува од никого, но секоја дупка на градот го знае него, како што тој го познаваше добро својот град. Делтан остана една заборавена приказна, оставен запуштен од секоја власт како сликата од неговата соба, која остана закачена на ѕид, која никој никогаш не ја интерпретирал како Делтан.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

  Едис Галуши

е роден на 6 март 1989 г. во Призрен, Косово. До денес неговите текстови ги објавуваа домашни и меѓународни издавачи и портали. Вреди да се спомене неговиот придонес во културното наследство и во ромската книжевност преку поезијата и театарот и е еден од ретките автори Роми во Косово. Од 2007 до 2014 година работеше во Косовската радио телевезија. Основните студии за англиски јазик и книжевност ги заврши во Косово и Литванија, а магистрираше на истиот отсек на Универзитетот во Загреб. Сега работи како преведувач на албански, англиски и ромски јазик.
Контакт: edisgalushi@gmail.com, https://www.facebook.com/eddy.galjusi

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.