Маренглен Чано

 

 

Ја доведоа со лисици на рацете и ја внесоа во кафезот во судската сала. Потоа ѝ ги ослободија рацете и ја оставија сама, затворајќи ја железната врата, која испушти звук на шкрипење, како последица од незамаслување од страна на техничкиот персонал.

Во салата се наоѓаа блиските на обвинетата, се разбира, и адвокатот и другите заинтересирани, студенти од правен факултет, новинари од медиуми, печатени и онлајн, дигитално пишани.

Случајот беше по малку посебен.

Оваа жена ја имаше оштетено статуата Воинот на коњ, кршејќи му ја раката со која го држи мечот за да им ги сече главите на непријателите.

Новинарот на лаптоп ги известуваше онлајн читателите дека оваа жена го искористила времето за пауза на тимот кој се бавел со реставрација на скулптурата. Ја употребила нивната скала, зела чекан, се качила на врвот на скалата и ја скршила раката на скулптурата, која го држела металниот меч.

Ако се има предвид висината на статуата, тоа бил тежок зафат, загрозувајќи си го и животот.

Но ако се цени и симболиката на статуата, законот и мненијата, последиците по опасноста стануваат уште поголеми.

Ударот на гонгот го означи почетокот на процесот. Сите станаа на нозе и повторно седнаа за да слушаат. Потоа сѐ беше рутинска процедура, која се изведува во секој судски процес. Претседателот на Судскиот совет по некое време побара обвинетата да ги изнесе своите објаснувања.

„Оваа рака од гипс, која цврсто го држи мечот, ја исеков јас.“

Обвинетата покажа со рака кон големата маса на која беше ставена исечената гипсена рака, која го држеше металниот меч.

„Би сакала да ја искршам целата статуа, но толку можев. Барем го разоружав воинот на коњ. Вие знаете, можеби ви е напишано во досието што е пред вас. Јас сум вдовица, мажот и синот ми ги убија во војните водени во име на државите или нациите.

Војниците кои се нафрлија на нив тргнаа од плоштадот Воинот на коњ.

На заклетвите и парадите, при вдахнувањето на војниците низ церемонии, симбол им е мечот, кој служи за да им се сечат главите… Кому? Може ли цел еден град да се нарече слободен кога речиси половина од жителите е обвиена во црно и над нивните глави стои подигнатиот меч?

На овој плоштад деновиве се подготвува подиум. Столари, молери, сценски работници подготвуваат сѐ за уметниците од нашиот град, под подигнатиот меч да ја претстават музиката, кореографијата на нашите кола, да се рецитираат стихови на поети и да се изведат драми на наши писатели…

И сето тоа под звекотот на мечот.

Ова нѐ плаши нас, жените вдовици!

Ова ги плаши сираците, но и родителите останати без деца!

Ова е една болна еуфорија, иронија и сарказам кои треба да завршат!…“

„Доста! Доста!“

Од средината на салата еден возрасен маж скокна на нозе и му се обрати на Судскиот совет.

„Јас сум…“, го кажа името и презимето.

„Јас сум скулпторот на Воинот на коњ и сакам да ѝ се обратам на госпоѓата…“

Стануваше збор за обвинетата.

Увидувајќи дека Советот ниту го одобрува ниту се противи на барањето, скулпторот се обрати кон кафезот и кога се најде очи в очи со жената, падна на колена, држејќи се за решетките на кафезот.

„Госпоѓо! Ти барам прошка за маките што ти ги создало моето дело. Мојот талент е злоупотребен и поради тоа чувствувам мака, но не сум имал храброст и сила да се издигнам над себе.“

Продолжи да изговара зборови кои не стигнуваа до другите, раскажуваше за жртвите поднесени за создавање на ова дело, беше тоа внатрешен револт кој избувна за злоупотребите на неговиот талент, искористен како позадина за грдите злодела.

Пред крај го подигна гласот:

„Ти благодарам за помошта што ми ја даде. Ти дојде до решение не само за нашиот град, туку неопходно за сите наши балкански краишта, каде што скулптурите и спомениците ги имаат насочено мечевите, копјата, стрелите, пушките едни против други!

Приказните и легендите, книжевните и уметничките дела продолжуваат негативните личности да ги наоѓаат кај соседите. Војните сѐ уште не завршиле. Уметничките и културните прикази на нивната острина како комети, кои години наназад изгореле, продолжуваат одвреме-навреме и понатаму да светат.“

И обраќајќи му се на Советот, заклучи:

„Треба да се разоружаат статуите и не само тие…!“

Судскиот совет се повлече за консултација. Блиските и познаниците на жената се доближија до кафезот, создавајќи полукруг.

Еден студент се обидуваше да испрати порака преку мобилниот, додека новинарот на лаптоп ги известуваше онлајн читателите за ситуацијата внатре во судската сала:

„Независно како ќе одлучи Советот, овој суд нема да заврши тука. Неговата сала ќе ја опфати целата балканска мапа, каде што покајанието и прошката ќе бидат привидение на еден пар, кој ќе мине низ човечки срца и умови пред една нова генерација со унифициран општествен ген да го насели полуостровот. И нашиот пренос не завршува тука. Ова е можност на онлајн медиумот да ги претвори читателите во ликови и коавтори.

По затворањето на последната страница на овој онлајн пренос, кој наликува на краток расказ, влезете на нашата веб-страница на фејсбук, каде што можете да бидете учесници или набљудувачи на балканското покајание-прошка.“

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

  Маренглен Чано

Маренглен Чано е роден на 31 август 1948 година во близина на Саранда, Албанија. Служел во Воената авијација на Албанија речиси триесет години, во одржување на воената техника. Сега е пензионер во емиграција. Контакт: marenglen@hotmail.it

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.