Жељка Хорват Чеч

 

 

Дедо го викавме Дедо, иако не му беше дедо никому од нас. Не знаевме дали е тој воопшто дедо. Дали има негде во некој град или село деца и внуци. Како се однесуваше кон децата, заклучивме дека нема.

Дедо велеше дека сме „гадинки“ и „штетници“. Неколкупати ни имаше речено „стаорци“. Понекогаш нѐ гаѓаше со дрвцата наредени крај куќата. Беа тоа малечки дрвца, долги колку нашите дланки, не поголеми од тоа. Никогаш не нѐ гаѓаше со големи дрва или со камења. Се закануваше, ама не фрлаше. Само со трески и ситни камчиња со какви што се покрива дворот за да не мораш да косиш. Така направивме ние и сега сѐ ти крцка под нозете кога одиш од дворната врата до влезот на куќата.

Се смеевме додека трчавме крај куќата на Дедо, беше тоа некоја игра. Тој вика, ние се смееме и трчаме, а подоцна прераскажуваме кого за малку ќе го погодело. Ни се закануваше и дека ќе ни ги викне родителите, ама не му верувавме.

Мене еднаш ми рече: „Ти си од комуњарите“, а јас се правев дека не слушам. Баба Штефа често викаше по Дедо да нѐ пушти на мир. Нас нѐ предупредуваше да си играме пред своите куќи и да не зборуваме кога поминуваме крај нивната куќа зашто на Дедо му пречела бучавата.

Момците и јас се дружиме од почетокот на оваа школска година. Минатото лето ме гаѓаа со жаби. Понекогаш кога ме гаѓаа, ќе ги склопев очите и се плашев дека ќе ме убијат зашто велеа дека сме предавници.

На училиште на крајот од учебната година на мало хартивче моравме да напишеме кој од луѓето ни се допаѓа. Јас напишав Исус и Тито. Учителот ми рече дека по часот ќе ги повика мама и тато зашто заебавам. Ренато напиша Жлиот дедо, ама него учителот не го опомена. Сања вели дека сигурно сакал да напише Желјан, ама се предомислил и потоа напишал Жлиот дедо, зашто само тоа можел да направи од Ж-то. Зошто инаку би го напишал тоа? „Па, за да заебава“, ѝ реков тивко. Сакав да му кажам на учителот дека сакам луѓе што прават добро, а беше глупо да напишам мама или тато. Само му реков: „Простете“. Подоцна се смеевме, ама за она „Жлиот дедо“. Не им кажав за Исус и Тито.

Од сите девојчиња во селото само јас не вриштам од жаби, затоа момците ме примија во своето друштво. А кога ми земаат крв во болница, секогаш се онесвестувам. Откако се дружам со момците, не се плашам кога фрлаат скакулци или жаби.

На крајот од годината момците отрчаа до барата, а јас морав на завршниот танц кај Сања. Мавтаме со рацете и нозете и пееме англиски песни. Не разбирам баш што пееме. Не разбирам ни зошто ловиме скакулци и жаби. Во мислите ми беше Јожа и секирата и онаа прва предна нога што ѝ ја отсече минатото лето. Бев уверена дека така почнуваат и убијците на луѓе.

А зошто тогаш човекот му ја стави на тато мачетата веднаш под вратот?

Кога танцуваме, често грешам. Велат дека тоа е затоа што немам ритам.

Баба Штефа често пие кафе кај баба ѝ на Сања. Таа вели дека не сум за танц зашто премногу се дружам со момците и зашто постојано играм фудбал. Тој фудбал треба да ми се забрани зашто инаку ќе имам грди нозе. „Девојките мора да имаат убави нозе“, вели баба Штефа.

Мене моите нозе ми се нормални. Стојат право, имаат колена и понекоја модринка. Модринките се од шумата и фудбалот, понекогаш и од бобинките со кои се гаѓаме со прачките. Прачките ги правиме кај задната ламба, зашто тука нема куќи и близу е нашата бара и дрвјата.

Пак дојдоа оние наши цигани и ни ја срушија куќичката на дрво. Тие се плашат од жаби и инсекти, затоа ги гаѓаме со нив. Ние велиме овие наши цигани кога мислиме на циганите од нашето училиште. Циганите во нашето училиште се фини, имаат најубави шушкавци, „најк“ патики и најголем џепарлак, а родителите им имаат фирми и велат дека се муслимани од Босна, а не цигани. Ним никој не им вели предавници и комуњари, само понекогаш тивко некој вели цигани, а ним дури и тоа им пречи. Никој не знае зошто се дојдени во нашето село. Лазар и Сања се дојдени затоа што биле од некое место каде што имало војна и останале без куќа, па сега се бегалци. Можеби наскоро ќе отидат понатаму, така вели Сања. Бегалците ги пополнуваат празните куќи во нашето село. Ме интересира плаќаат ли станарина или луѓето им дале да живеат бесплатно во нив.

Татко ѝ на Сања една вечер заѕвони на нашата врата. Смрдеше на пиво и зборуваше неразбирливо. Мама ме отера во соба. Другиот ден во нашата куќа донесе чаура од топ во знак на извинување. Во таа чаура брат ми ја чуваше сликата од девојката и некои писма.

Со Сања на почетокот никој нејќеше да се дружи. Ни со мене не се дружеа, па ме прифатија момците од улицата. Сѐ повеќе чудни деца има во нашето училиште. Некои беа дојдени на кратко и веќе беа заминати за Австрија или Германија. Куќата карши нашата е пак празна. Остана скршениот прозорец на првиот кат. Можеби следната година бегалците ќе го поправат.

Направивме пиштоли од штици, штипки и гума. Ги полниме со тапи од пиво. Тато вели дека е тоа опасно, па ми даде прачка во која морам да ставам жолти пластични киндер-јајца. Сите момци имаат маици на „Кро арми“. Ги добија затоа што го собраа албумот со самолепливи сликички со кои се тапкавме пред училиште.

Јожа рече дека сум поганка. Понекогаш ми велат дека ќе одам во пеколот зашто не сум крстена. На нашите цигани не им го велат тоа зашто тие се муслимани. Се правам дека ништо не ми значи кога ми го велат тоа. Навечер во кревет вежбам да бидам нинџа, ги стискам забите и правам опасен поглед.

Сега се срамам што плачев кога дојде човекот што му го сечеше вратот на тато и рече дека сите треба да нѐ заколе зашто сме против Хрватска. Ама тоа беше пред 5 години и тогаш бев мала. Полицаецот рече дека е тоа поради политиката. Мама вели дека мора да молчиме за тоа и дека не сме против Хрватска, иако не одиме во црква. Сите преживеавме, ама двапати ја заклучувавме вратата. Секоја ноќ сонувам дека човекот се враќа и сака да нѐ убие. Ако заплачам во сонот, си влепувам шлаканица за да се исчеличам. Не плачам.

Такви луѓе веќе нема. Мама вели дека и Дедо бил во војната и дека затоа не сака бучава. Ренато вели дека е тој престар за да бил во војната. По нашата улица веќе не поминуваат џипови и ние не викаме „Ха Ве“ и не креваме два прста. Сега кога веќе нема училиште, играме граничари пред куќата на Дедо.

На нашите цигани веќе никој не им вели цигани. Ги викаме по име. Ќе останат овде засекогаш.

Сега само јас сум неверник. Велат дека нема да одам на небото зашто не одам во црква. Ама, сеедно, ова лето си играме сите заедно. Најзабавни се ловењата близу куќата на Дедо.

Сања ми рече дека Ренато рекол дека му се допаѓам. Сигурно поради фудбалот и зашто му ја дадов својата „Кро арми“ маица минатата година. Сања вели дека не е поради тоа, туку дека се вљубил.

Есенва ќе тргнеме во петто одделение и некои веќе имаат девојка или момче. Мама вели дека е тоа нова доба за децата. Сега сме поголеми. Веќе нема да се гаѓаме со жаби и со скакулци.

Којзнае дали оваа година Дедо ќе трча по нас или и за него ова ќе биде нова доба.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Жељка Хорват Чеч

Жељка Хорват Чеч е родена во 1986 година во Чаковац. Ја објавила збирката раскази „Каубоец во црвен голф“ и збирките песни „И ѕвездите ѝ се смеат на кревкоста“ и „Мораме да станеме конкретни“ (финалист за наградата „Камов“ (Kamov); Booksin, избор на 6 најдобри книги објавени во 2015 година). Објавена е во антологијата на млади поети од регионот, „Меко ткиво“ во 2013 година е добитничка на наградата „Влезница“ (Ulaznica). Песните ѝ се преведени на англиски, германски, француски и шведски. Живее во Риека, ги организира книжевните трибини „Писателот и граѓанинот“, а за 2016 г. ја подготвува книгата проза со работен наслов „Цртички од село, без свињи“. Објавува во книжевните списанија и настапува на разни фестивали. Можете да ја најдете на www.zhecec.com и www.facebook.com/zhcec

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.