Адам Пакаи

 

Тоа не е тој мрак. Мракот во моето село тогаш беше погуст и имаше мирис, имаше вкус. Се сеќавам дека устата ми беше полна со тој мрак. Беше рана есен, летото уште не сфати дека поминало. На крајот на селото почнуваше шума која се спушташе надолу, стрмоглаво се спушташе низ стрмнините на проклетата планина. Во таа шума живееше мракот. Се сеќавам дека како мал ме плашеа со таа шума. Кога не сакав да јадам, да се облечам, да се соблечам, да си легнам… ме плашеа и тогаш кога не сакав да примам вакцина, да се поздравам со некоја тетка која допатувала од Германија и на која требаше да ѝ се радувам, иако ја гледав првпат во животот. Главно мракот ќе излезеше од шумата, таму прво ќе се појавеше, а потоа полека, куќа по куќа го заземаше целото селце.

Лаза дојде во селото по спореден пат, од другата страна. Тој не ни знаеше дека има шума и стрмнина во неа. Беше улав. Лаза беше луд, само што јас тогаш не го знаев тоа. Мислев дека е немирен зашто е кутренце и дека еднаш ќе порасне и ќе се смири. Мелез со долги замрсени влакна, црни, висок околу 30 сантиметри. Беше некако несмасен и несразмерен, како да е составен од повеќе различни кучиња. Како да е мелез од нешто што би можело да биде териер и лошо претчувство за иднината. А беше среќен, беспредметно и безрезервно среќен. Го памтам како истрчува од тремот на куќата, како со сета сила трча во круг додека розовиот јазик му се мавта скоро до ушите. Го памтам како протрчува до тркалата на тракторите кои минуваат по патот, како лудо пие вода и во неа ја потопува целата муцка, па потоа оди по тремот, му капе водата од муцката додека мајка ми ме пцуе и мене и него. Тој ме гледа, се пронаоѓа во секоја нејзина пцовка, но гледа во мене. Проверува дали го пцуе само него или и мене. Ако нѐ пцуе двајцата, тогаш не е страшно. По моето лице Лаза знаеше да разликува кога го пцујат само него, а кога и двајцата.

Долго време Лаза не ни беше Лаза, немаше име. Пробавме различни имиња за него, ама не реагираше на ниедно име. Црни, Маза, Луња… не реагираше на ништо. Тоа негово име како да беше и предзнак на несреќата. Онака, улав, нему име не му требаше, ние, сите во куќата, запнавме по секоја цена да му дадеме некое име, зашто ете, не може куче без име. Така ми велеа. Еднаш дедо на тремот читаше весник и почна да пцуе на цел глас, колку што го држи грлото: „Доста веќе со нивниот Цар Лазар и Косово, и историја, и војни…“ Не се сеќавам веќе што сѐ пцуеше и колку долго, но се сеќавам дека мама истрча од дома да го стивне и да го смири. Беа тоа години кога дедо пцуеше сѐ почесто и сѐ повеќе, кога читаше весник или кога гледаше вести. Главно на неговото пцуење Лаза првпат реагираше. Така Лаза го доби името. За да биде работата полоша, јас како дете не знаев, но патот по кој Лаза дојде во нашето село беше од источната страна и водеше до другото, српското село. Не ја препознавав предавничката разлика и не го разбирав отпорот кој луѓето во селото го имаа кон мојот Лаза, кутрото мало куче, несвесно за неприлагоденоста на сопственото име. Кога ќе поминував низ селото повикувајќи го, зашто секогаш некаде талкаше, луѓето некогаш ме гледаа попреку. Некогаш не. Единствено Лаза секогаш се радуваше кога ќе ме видеше и кога ќе успеев да го довикнам, како тој да ме бараше мене, а не јас него. Дедо никогаш не го сакаше и кога го прашав зошто, само одговори: „Ја мати водата која подоцна ја пие“. Како дете мислев дека таа реченица значи нешто, некоја мудрост која ќе ја сфатам со растењето. Сега знам, никогаш не значела ништо.

Со Лаза првпат влегов во шумата во која во нашето село се криеше мракот. Талкаше, јас талкав по него, пред шумата не застануваше, шеташе низ густите грмушки на дивите капини, јас шетав зад него. Беше ден, бистар и јасен како изворска вода, но во шумата беше студено и беше некаков полумрак. Дури кога длабоко по Лаза загазив во шумата, сфатив каде се наоѓам. И првпат не се уплашив. Шумата отстрана, од патот и од селото, изгледаше многу пострашно отколку кога ќе се влезе во неа. Плашеше само однадвор, однатре тоа беше обична падина на која густо растеа столетни стебла и беше толку висока што ни врвот на крошните не го видов. Лаза одеше пред мене, можеби десет, дваесет чекори, можеби и помалку. Тука немаше ништо што би ја вознемирила неговата кучешка душа и со самото тоа немаше ништо што би ме вознемирило мене. Така со Лаза првпат научив дека нештата од кои најмногу се плашам се страшни само однадвор и дека изгледаат страшно, а кога ќе влезеш во нив, стравот, кој се насобрал додека си набљудувал однадвор, исчезнува. Дека некои стравови всушност стануваат сосема обични нешта кога ќе им се влезе во сржта. Сепак, шумата со првите знаци на вечерта правеше толку густ и црн мрак кој го покриваше целото село. Лаза и јас веќе одамна бевме дома тој ден кога од шумата тргна мракот. Го гледавме храбро, право во очи и не се плашевме. Што има да се плашиме, ние го видовме мракот однатре.

 

Набрзо дојде и војната. Се сеќавам дека дедо умре со првите вести за неа, со длабок неспокој во душата и уплашен поглед. И се сеќавам дека како дете мислев оти дедо се плашеше од смртта. Дури сега знам дека тоа не беше страв од смртта. Се плашеше од животот. Војната почна некаде далеку, во некоја рамнина која никогаш не сум ја видел, почна и на море, во крајбрежните градови кои, исто така, не сум ги видел. Сето тоа беше далеку зад шумата, на крајот од селото. Лаза тоа не го погоди посебно. Не стана потивок и потиштен како луѓето во моето село и нивните кучиња, стоката не се прегои таа есен како нашата мачка и не престана гордо да лае на сите страни кога минуваше низ селото, вознемирувајќи ги со лаењето замислените селани со пропаднати очи. Потоа војната дојде поблиску, многу поблиску. Гранатите се слушаа, нивниот отсјај јасно се гледаше и го параше мракот кој излегуваше од шумата. Првиот блесок на таа експлозија ме уплаши до смрт, се тресев. Лаза не. Лаза лаеше на блесокот како што лаеше на сѐ. Блесоците и експлозиите доаѓаа од сите страни, како да го опколиле селото, стануваа обични звуци и обично светло, повеќе не се ни плашев. Дури и Лаза престана да лае на нив. До таа мера станаа обични што кога ќе пукнеше, кога ќе блеснеше или експлодираше, Лаза секогаш само ме погледнуваше мене. Така се разбиравме, со погледи и никогаш не ми беше јасно дали тој проверуваше каде сум и дали сум добро или проверуваше дали тој е добро. Не знам дали сакаше јас да внимавам на него или тој внимаваше на мене. Чудна работа е кога злото ќе влезе во рутина и ќе стане обично. Луѓето од војната излегуваа раскажувајќи страшни приказни, а јас ги немам. Иако уште бев дете, се сеќавам кога првпат пред нашата куќа потераа кола полна со лешеви. Од колата висеше една рака, ми личеше на раката на комшијата Ибро, домарот во нашето училиште. Ни ден денес не ми е јасно како може раката да личи на човек, ама ете, јас видов дека може. Не се плашев, не беше страшно и не ја сонував со ноќи таа сцена. Едноставно тоа беше човечки товар на кола, како што пред тоа минуваа коли натоварени со сено, дрва или компир. Коњите полека се влечеа нагоре, покрај нив одеше некој човек кој внимаваше товарот да не падне. Го паметам минувањето на колата по тоа што Лаза дојде до оградата, гледаше малку подолго, се сврти и не залаја. А обично ќе залаеше. Тогаш првпат помислив дека Лаза пораснал и станал куче, дека повеќе не е улаво, разиграно кутренце. Како и сите, и ние бевме гладни, немавме што да јадеме, се покривавме преку глава и се засолнувавме во шупата, каде и кога ќе нѐ отераат. Војската, комшиите, претчувствата на родителите, сеедно. Ги гледав како се гасат моите родители, како исчезнуваат како луѓе. Беа живи и зрави, а се стопија како снегот на падината под шумата во која живееше мракот. Молчењата, го знаев тоа по молчењата, тогаш кога ќе поминеше ден без да кажат нешто, ни меѓу себе, ни нам, на децата, кога ќе поминеше ден да не му подвикнат на Лаза поради некоја негова ситна палавштина, папучата која ја носеше по дворот, превртеното лонче со вода или гласните лаења, зашто врана слетала на жицата во дворот. Спомените на нив престануваат тогаш, во тоа време и на тоа место.

Не ја менува вистината втората есен од војната кога татко ми го заболе забот, кога со ноќи остануваше буден, се превртуваше по сламарицата. Ги обиколуваше здравствените домови, но немаше забар, немаше лекови, сите беа во војна.

Не ја менува вистината дека еднаш тргна во шума со очи закрвавени од неспиење и дека не се врати. Дали се уби поради забоболката? Дали го убиле? Дали тоа биле нашите или нивните? Сеедно. Се сеќавам дека го донесоа на кола и дека беше сам во колата. Го погребавме набрзина, само ние, семејството. Беше и Лаза. Со години подоцна кога ќе го раскажував тоа, овде во белиот свет, се случуваше луѓето да заплачат место мене. Јас, ете никогаш не почувствував ништо за тоа што еднаш си замина и не се врати. Знам дека со денови го болеше забот и дека мораше да оди. Непосредно потоа мајка ми сѐ повеќе зборуваше за тоа дека мораме да одиме ние, децата, едно по едно, да се засолниме некаде. Доаѓаа некои луѓе, наши, нивни, во високи коли, во цивилка, во униформи. Лаза лаеше само на нив. На гранатите повеќе не лаеше. Носеа пакети и конзерви и се сеќавам дека еднаш Лаза си го исече јазикот на капачето од полуотворената конзерва. Затоа мислам дека подоцна и лаеше на нив. Не побегнавме, заминавме, еден по еден, куќата се испразни. Последен останав јас. Не сакав да си заминам поради Лаза, не сакав ни да останам, пак поради Лаза. Таа идеја, како момче, да пешачам по патот покрај онаа шума додека во мракот не наидам на некој камион, не ми беше јасна. Никако не ми беше посигурна од нашиот амбар, онаа дупка во дворот прекриена со земја, која татко ми ја направи пред да го заболи забот, за нас децата. Дури можев да се кријам и во шталата, во она корито од кое некогаш јадеа кравите. Сѐ имаше повеќе смисла, отколку да отшетам покрај шумата, ноќе, сам.

Тргнав тогаш кога големите го договорија тоа и тргнав зашто морав. Немав некаков став кон тоа, кон тие чекори, по патот, па низбрдо, покрај шумата во која живее мракот, па низ полјаната. Лаза одеше пред мене, тогаш првпат покрај нозете. Се однесуваше достоинствено како воспитан и голем, со наведната глава, не трчкаше наоколу и не лаеше. Првпат Лаза беше таков. Ни трага од она улаво кутренце за кого сѐ е игра. Лаза тогаш, по тој пат, порасна и го гледав како расте. Во лошото време на ноќта стигнавме до камионот, беше сокриен во џбунот и Лаза прв го виде. Застана. Не лаеше, не пушти глас, ја креваше главата и го гледаше камионот. По него знаев дека сме стигнале, да не беше тој, јас само ќе продолжев понатаму и ќе поминев покрај шумичката. Ме ставија во камионот како вреќа, дете-вреќа, во тишина, без зборови, без лаењето на Лаза. Се сеќавам дека го гледав како седи на патот и како не ни се обиде да тргне по мене, да залае, да ме повика. Тој кога тргнавме, знаеше дека може само да ме испрати. Јас уште се надевав дека можам да прашам и да молам да го понесеме.

Дојдоа привремените сместувања, едно, второ, трето. Кревет на спрат со пропаднати душеци, некои чудни, распарталени играчки, „хуманитарни“. Уследија разговори со часови со странците, со нашите, војниците во бели униформи за да не се плашиме од нив како деца. На крајот сепак ме осамна кај онаа тетка во Германија, на која не ѝ се радував кога дојде кај нас. Ни таа не ми се израдува мене. Кај неа до мене стигнало и писмо, било таму пред мене. Мајка ми пишала дека во селото сѐ е исто, дека Лаза талка по селото како пред војната и дека секоја ноќ оди да го бара. Оди по селото и го повикува, внимава секоја вечер да е со неа, па ѝ е како јас да сум таму. Го пуштила дури и да спие во куќата.

Останав во Германија некое време. Потоа, понатаму во некој стационар, па преку океанот во групно сместување. Дознавав сѐ подоцна, пред комисијата од тие луѓе што вечно плачеа место мене. Дознав дека мајка ми настрадала во војната. Само тоа. Дури подоцна од некој човек од нашето село чув дека ја нашле заклана во задниот двор зад куќата и дека изгледало како да е донесена тука, од некаде од селото. Непознати луѓе плачеа над мојата судбина како да е филм. А јас ја замислив таа слика, се сеќавав на нашиот двор и веќе ја видов мајка ми како во самрак оди низ селото и вика: „Лазаре, Лазаре“, колку што ја држи глас. Ги замислив војниците кои ја опколуваат. Можеби „нивните“, кои ја убиле зашто мислеле дека бара некој Србин во нашето село. Тој човек, последниот што ја видел жива, од луѓето кои ги видов, ми потврди дека секоја вечер одела низ селото и го барала Лазар да го води дома и дека со кучето живеела подобро отколку повеќето деца со родителите во тоа време, на тоа место. Од тој човек ја слушнав последната вест во животот која се однесуваше на мене. Немам повеќе прашања и нема повеќе одговори. Ја отворив устата и станав, не го изговорив тоа, она последно прашање, нему, таа вечер. Затоа ни ден денес не знам како завршил Лазар. Не оди кога некој ти кажува како е убиена мајка ти, ти да прашуваш за кучето. Не е умесно и не е човечки.

 

Станав инженер по хидротехника во Канада, убаво живеам. Имам две ќеркички, сопруга. Кога дојдов до првите поголеми пари, отидов на доктор и побарав да ми ги извадат сите заби и да ми направат протеза. Имав само 26 години и мислеа дека сум луд. Сите заби ми беа здрави. Морав да одам на психијатар. Кога ја слушнаа приказната за татко ми и онаа забоболка, ми дадоа потврда дека забарот може да ми ги извади сите здрави заби. Така ја запознав сегашната жена, работеше како апсолвент стажант кај психологот кој ми го даде тој документ. Потврда дека со своите заби можам да правам што сакам. Така ти е тоа овде, за сѐ има процедура и има документ. Кредитот за куќата го отплатив, двајцата имаме кола, два одмора, еден зимски и еден летен. Одиме на излети за празниците, се сликаме, одиме семејно на семејни слави… ама сето тоа некако нема вистинска боја, го нема оној вкус, мирис, интензитет… сето тоа е ништо, мој Лазаре.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Адам Пакаи

роден е во Белград, 1975 година. Штур во давањето библиографски податоци, без амбиции и големи очекувања. Книжевник со еден објавен роман - „Гробница за Данило Киш“ и збирката раскази „Срби“ од едицијата „Југословени“. Посреќен татко отколку што со него се има усреќено неговата ќерка. Неколку пријатели, понекоја лоша навика, една веспа и куче. Живее на самиот брегот на Панонското Море, збунет од копното околу себе.

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.