Антонела Марушиќ (Нора Верде)

 

Седеше во кафулето и гледаше како од комбето изнесуваат картонски кутии и црни вреќи. Ги редеа пред влезот во зградата и се враќаа по уште. Војничките лакирани чизми се движеа брзо и уиграно, изгледаше како на тие неколку метри простор да изведуваат некаков глув, злокобен танц. Не сакаше да го крене погледот, не ни мораше. И понатаму во главата му лебдеа нивните лица.

 

**

Свежо направените фотки од сеќавањето подоцна тој ден ги испра Џеки-колата, таа вечер сигурно истури во себе литар и пол од тоа срање. Со Лути и екипата дојде во Зиги и следниот час не можеа да го наговорат да испие нешто. Молчеше, палеше и гасеше цигара по цигара, грлото го печеше, но не можеше да престане. Потоа Лути се изгуби некаде. За еден час се врати со шише Џек Даниелс и го стави на шанкот. Целото кафуле со одушевување гледаше во тоа шише најдобро виски, кое за време на војната не можеше едноставно да се набави. Потоа со див, револверашки стил го отвори пластичното шише Кола која се разлеа секаде наоколу. Се наведна преку шанкот и ја зграпчи најголемата чаша, онаа со најдебело стакло која речиси никогаш не се кршеше кога ќе паднеше на подот, само ќе се поткршеше некое парченце на врвот. Налеа три прста виски и прст Кола и ја стави чашата пред Ципал. Го испи коктелот за десет минути, останатото го смачка до крајот на вечерта. Никој не пиеше виски освен тој, сите останати пиеја пиво и „траварица“. Веројатно таков беше интерниот договор, нему да му се остави целото виски, како некоја отштета за она што му се случи.

 

**

Веста дека на Ципал му упаднале во станот тоа утро дојде преку радиоврската од Лути. До вечерта веќе знаеја сите во бригадата, но не можеа да одлучат кој ќе му каже. На крајот картата падна на Борис, симпатично и смирено момче, кое таа вечер со Ципал беше распоредено на стража. Нивната задача беше во смени да го чуваат Паково Село за да не се прикраде некоја диверзантска група четници и да им ја расипе работата.

Борис одлучуваше од час во час. Ципал се расприкажа со стариот негов пензиониран поручник на ЈНА кој пред неколку години се пресели од Сплит со стариот во некое село во Босна и му го остави станот на Ципал. Откако почна војната, татко му постојано му се јавуваше и го наговараше да го продаде станот, да оди во Словенија кај некои роднини и таму да почне одново. Се плашеше дека како Србин во Сплит ќе го ликвидираат и ќе го исфрлат од станот, но нему не му паѓаше напамет да си оди. Тадија Петровиќ-Ципал беше заколнат панкер и анархист, основач на најстарите панк бендови во градот и човек кој најголемиот дел од животот го поминал по подруми на проби и на Матејушка, старото рибарско пристаниште на крајот на ривиерата, на која отсекогаш смрдело на ѓубре и сулфур, а дебелите ципли можеа да се видат од ѕитчето како кружат во матното море. Затоа и го нарекоа Ципал[1], иако луѓето знаеја дека татко му е Србин и дека всушност се вика Тадија. На Борис му рече дека за него бегството од Сплит би било полошо и од смртта и тука немаше што да се каже. Наутро, пред крајот на смената, Борис се охрабри.

„Ципал, треба да ти кажам нешто“, рече и вовлече чад длабоко во белите дробови.

„Што? Сигурно сте ми направиле некоја пиздарија ти и нашиве горе…“

„Не е тоа. Туку… вчера ти влегоа во станот. Наводно некои тројца од воена полиција.“

Борис на утринското светло многу добро виде како соборецот пребледе.

„Како мислиш?“, праша Ципал и веднаш го опсипа со дожд од прашања.

Му кажа сè што знаеше; дека соседите се обиделе да им објаснат дека тоа е стан на гардист, но овие не се давале, постојано повторувале дека тоа е воен стан и дека работата е готова. Биле вооружени и пијани, овие се исплашиле и се откажале од настојувањето, а потоа одлучиле да му се јават нему во бригадата.

„Командантот знае сè, веднаш те пушта денес да одиш дома и да го решиш тоа. Нема да одиш сам, со тебе доаѓаат и двајца наши, кои и да ги одбереш“, му објасни Борис.

На Ципал телото му се тресеше од шок, но не даваше тоа да се види. Му беше драго што екипата од бригадата се зазеде за неговиот стан, но веќе беше уморен од проблеми и крв на боиштето. Војната и ваквите срања со становите се случуваат низ целиот град, но зошто баш нему, мислеше. Него сите го знаат, никогаш со никого не се замерил, не е тој некојси таму Србин кој зборува на екавица и провоцира.

Истиот ден попладнето стигнаа во градот, тој, Бего и Веле. Лути инсистираше да дојде и тој. Стигна задишан, во кожена јакна и истуткана црна маица со бели точки. Бего и Веле зјапаа во неговата фризура која изгледаше како гнездо во кое лежат птици.

Ципал не беше разговорлив, само упадливо трепкаше со левото око, го добиваше тој тик секогаш кога беше многу нервозен.

Пред зградата во квартот уште еднаш го повторија претходно договорениот план.

„Ќе пробаме сè да решиме фино, да сфатат дека Ципал е наш и дека нема што да бараат тука“, рече Бего, кој некако спонтано се постави како шеф на екипата.

„Добро, ама што ако нè одебат“, праша Веле, поправајќи ја униформата. „Заземениот стан не се напушта туку-така. Тогаш ќе вршиме малку притисок“, му одговори спремно и додаде, „не ми е проблем и да се степам ако треба.“ Ципал молчеше.

„Што велиш ти, Ципал, а?“, го праша Веле. Ципал неволно се насмеа. „Ништо, одиме горе што побрзо“, рече цупкајќи.

На вратата од станот ги дочека картон на кој со црн фломастер пишуваше „Хрват зафатено.“ Лути со еден потег го извади и го фрли настрана. Од станот се слушаше гласна музика и машки гласови. Ципал заѕвони, еднаш долго и двапати кратко.

„Кој е?“, праша гласот зад вратата.

„Сопственикот на станот“, рече Ципал.

„Ма немој да ме ебеш“, слушнаа и вратата се отвори. Пред нив стоеше крупен човек во сива маскирна униформа, со четка-фризура.

„Што сакате?“, праша остро.

„Сакаме да разговараме“, рече Ципал.

„Ај влези.“

Го спроведоа низ ходникот и влегоа во дневната соба. Таму на каучот седеа потпрени уште двајца. На масата имаше отворени шишиња пиво, фрлени црни беретки и касетофон од кој трештеше музика од радиото. Зад ѕидот беа потпрени два калашникова. Овој што ги внесе им пријде на двајцата на каучот и им зборуваше нешто тивко. Еден од нив, најслабиот, со црвени образи, се крена и застана пред Ципал и екипата.

„Кој од вас е Тадија?“

„Јас сум“, рече Ципал.

„Дојде по работите, а? Орманот е полн со некои срања, плочи и касети. И стари цокули, кожни јакни. Утре дојди по тоа, сега имам екипа овде, пиеме.“

„Господине“, рече вриејќи, „ова е мој стан, имам документи и сè што треба.“

„Ма не сери, ова веќе не е твој стан, заборави го тоа, ме разбра ли?“, се развика.

„Ние сме од Четврта гардиска, тој е доброволец на хрватската војска“, рече Бего и му се приближи.

Слабиот почна да се смее, а потоа нагло стана сериозен.

„Тоа што е гардист не менува ништо, и понатаму е Србин, а ова е воен стан.“

„Не е Србин!“, викна Лути и ги стави рацете во џебовите.

„Како не, жими куров е сплиќанец. И што ќе му е тоа на увото? Нема пари за вистинска машка обетка, па го ставил тоа гомно. Ај одебете одовде. Зборувам со вас само затоа што сте од гардата, немојте да се заебавате.“

„Ееееј, доста со тоа, дечкото е наш, немате право да бидете овде“, го подигна гласот Бего.

„Ти не сери, Србин е или не е, сам нека каже“, згрме.

„Јас сум сплиќанец“, мирно рече Ципал.

„Не лажи, татко ти е Србин, бил офицер на ЈНА. Тоа ми е доста, ај бриши“, рече, пријде до масата и отвори ново пиво со удар од работ на масата, капачето се стркала пред нозете на Ципал. Зјапаше во малото округло парче лим, додека нагло не ја крена главата.

„Да ти ебам станот проклет, да ти ебам и стариот кој ми го остави“, врескаше Ципал и жилите на вратот му скокнаа.

Слабиот го натегна пивото, испи голтка и се оклешти.

„Земи го, кој те ебе, ако тоа те прави среќен. Одиме одовде!“, викна и се сврте кон своите.

Бего му пријде на Ципал, го оттурна неколку чекори понатаму во ходникот.

„Не си нормален, кој кур ти е?! Ќе ти го земат станот, каде ќе живееш?“

„У пичку матер! Ајде.“

„Френд, смири се. Овие дебили се опасни, ама ќе им ебеме матер“, рече Бего и запали цигара.

Ципал ги спушти двете раце на рамената на пријателот.

„Бего, не ми треба ова. Не сакам да падне крв, те молам ко брат, ајде!“

Бего пушти насобраниот пепел да падне на подот. Молчеше. Таму во собата повторно ја пуштија музиката погласно.

„Како сакаш“, рече и се врати по Веле и Лути. Ципал излезе надвор. Се тресеше. Помина со дланката по излезната врата на својот, сега веќе поранешен стан.

 

**

Ноќта по пијанката во Зиги се разбуди на каучот кај Лути на Зента. Се извлече на прсти од собата, ги облече мартинките и излезе надвор. Се спушти долу на пристаништето меѓу белите бротчиња и јахтите. Беше тивко, се слушаше само како, носени од ветерот, ѕвечкаат сајлите на јарболите на бродовите. Мамурен ги читаше имињата испишани на предните делови на бродовите: Пјеро, Даница, Звонимир, Марина, Надалина, Иван, Лаура, Мала вила… Барем да има некој ваков брод, би му бил стан и прибежиште. Дојде до крајот на насипот и седна на подот кон сонцето кое штотуку излегуваше. Ги затвори очите.

Ципал замислуваше дека е риба, и тоа баш онаа по која го доби прекарот. Дека плива таму околу траектите и катамараните[2]  во градското пристаниште и како секој ципал во матната вода, ги собира залаците кои испаднале од клуновите на невештите млади галеби. И сите го оставаат на мира.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

[1]   Ципал, зоол. Mugil cephalus, вид риба (заб. прев.)

 

[2]   Катамаран – пловно средство, вид брод поставен на два трупа со еднаква големина (заб. прев.)

 

 

  Антонела Марушиќ (Нора Верде)

Антонела Марушиќ е родена во 1974 година во Дубровник, Хрватска. Со статус на слободна новинарка во моментов соработува со низа хрватски непрофитни медиуми и портали. Пишува и објавува книжевни трудови под книжевното име Нора Верде. Авторка е на прозната книга „Позајми ми смајл“ (Меандар, 2010) и романот „До истекот на резервите“ (Сандорф, 2013). Во моментов работи на збирката кратки раскази под работен наслов „Полигон за невозачи“. Живее и работи во Загреб. Член е на Хрватското друштво на писатели. Линк до нејзината фејсбук-страница: www.facebook.com/NoraVerde123

 

 

ažurirano: 01/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.