Ана Југо

 

Стоиме на височинка што ни дава прекрасен поглед на околните ритчиња и на долината што ја опкружуваат.

„Она таму е Требевиќ“, покажува мама со раката на една планина. Образите ни се тркалезни и црвени од свежиот воздух, дланките пикнати во ракавите на преголемите јакни. Ливадите околу нас се сѐ уште калливи, во сенките на дрвјата снегот со последни напори ја брани територијата, ама кокичињата и качунките храбро ѕиркаат со главите и го најавуваат она што го мирисаме во воздухот. Пролетта.

„А ова овде е Игман.“

Врска немам како изгледаат навистина Игман и Требевиќ. Ама знам дека е важно да ги запамтам тие имиња. И на мама ѝ е важно да ја играме оваа игра. Затоа сериозно го следам движењето на нејзината рака и памтам.

Во тоа долинско гратче, кое не е Сараево, дедо има улица „Крал Томислав“, зашто по таа улица си иде во петоците од напазар, како што некогаш по вистинската улица „Крал Томислав“ си идел од работа.

Јас, секако, не се сеќавам на својот роден град, немам таму омилена улица со чие име би прекрстила некоја слична овде, не ме потсеќаат на ништо овие планини. Ама ми се чини дека поради тоа уште повеќе морам да ги впивам нивните приказни и шеги, дека е многу битно да знам каде ќе беше, ако бевме дома, некоја планина.

 

*

Не можам баш прецизно да опишам што е куќа. Се сеќавам малку на дневната и на една масичка во ќошот на која стоеја играчки. Дали од приказните или од вистинските сеќавања, само знам дека мама не ни даваше да си играме таму кога почна војната зашто масичката стоеше директно под прозорецот, а прозорецот директно спроти Требевиќ од каде што доаѓаа „светлечките куршуми“.

Се сеќавам на долгиот тесен ходник. Од неколку слики. Една дамнешна, кога тато нѐ чуваше и ни даде да си играме со весниците. Брат ми и јас цел ходник го наполнивме со истуткани весници така што ни досегаа до вратот кога седевме. Па мама си дојде од работа и се запрепасти.

Па пак се сеќавам дека спиевме во тој ходник, облечени во тренирки, за така да бидеме подготвени за скривницата ако се огласат сирените.

Сите други слики се матни, испресечени сеќавања и приказни. Еден излет на Врутокот на Босна за Први мај. Баба на балконот полн цвеќиња и јас по посетата ѝ мавтам од паркингот. И тато е во магла. Имаме неколку слики и можам добро да го опишам. Дури глумецот во еден филм ме потсети на него. Ама не можам да го замислам.

 

Некогаш мама, брат ми и јас си играме „тато“. Во таа игра, брат ми е тато, а мама и јас одиме на аеродром да го дочекаме. Ама не ја сакам баш таа игра. Го има истиот оној чуден ефект како кога ќе се разбудиш од сон во кој си добил некоја играчка што навистина ја сакаш.

 

Живееме во комплекс згради помеѓу кои има ливади и двор што е ограден. Јас смеам да одам кај што сакам внатре во Кругот, ама од него не смеам да излегувам, ниту да ја преминувам улицата без мама. Сите во Кругот се бегалци.

 

*

Зборот бегалец има дефиниција. Бидувањето бегалец ѝ се измолкнува на секоја дефиниција. Секоја личност во тој бегалски камп е окарактеризирана со тој збор што дури и ние најмладите длабоко го замразивме. Од различни држави, со различни приказни, занаетчии, професори, поморци, административни службеници, медицински работници, родители, родители без деца, деца без родители, вдовци и вдовици, сите некаде на спектарот помеѓу доброто и лошото, сите тутнати во таа омразена категорија бегалец. Како дете не знаеш зошто е лошо, ама по призвукот во гласот на оној што го изговара зборот сеќаваш дека е. Кога зборот доаѓа од некој внатре во групата, тогаш означува очајување, самосожалување и прашање. Кога си бегалец, секогаш се прашуваш. Целиот тој статус за тебе е прашање: кога ќе се вратам дома? Постои ли уште домот? Домот се оние четири ѕида што ја штитат сржта на твојот живот сѐ додека војната не ти ја истргне и не те соголи и те зашутка по светов, па се чувствуваш дека си крив за нешто? Има ли нешто валкано во твојата несреќа, нешто презриво? Дали домот се луѓето што можеби веќе ги нема или можеби нема да ги има кога ќе заврши војната, па тогаш веќе никогаш нема да припаѓаш на ништо, и ништо вредно за живеење нема да ти припаѓа тебе? И можеш на сиот глас да викаш и да ги пцуеш оние што ги кривиш за сѐ, ама она што не го кажуваш – а нема ни потреба зашто тоа секој го знае и го чувствува – е дека во тебе гние срамот. Затоа што немаш ништо, затоа што немаш свој дом како секој нормален, затоа што мораш да аплицираш и да молиш, затоа што си побегнала.

Кога некој што не е бегалец го изговара зборот, тогаш е уште полошо. Има некаква конечност. Изговорено е како студен факт, проглас за твојата инфериорност. Пристојните мештани од Ивањица го избегнуваа тој збор.

 

*

Кругот е полн со необични ликови. Има еден висок голем човек со огромни црни мустаќи. Го викаме Барба. Мислам дека живее сам. Секојпат кога ќе помине покрај некое дете, силно го штипнува за образот и срдечно вели: „Кај си, лаѓо малечка?“ Образите печат некое време од средбата со чичко Барба, ама некако ми е драг. Имам чувство дека е многу добар во гушкањето на луѓето и дека би можел да ме одбрани од сѐ.

Неколку луѓе во Кругот имаат Луд/Луда по своето име. Така, секако, никој не ги вика в лице, ама кога зборуваат возрасните и велат, на пример, Рада, па соговорникот прашува „која Рада?“, а оној првиот вели „Рада Лудата“, тогаш знаеш точно за кого се работи. Повеќето од нив се безопасни. Ама има еден дечко, него никој не го вика луд, а сите мислат дека е навистина луд, и децата се плашат од него. Само брат ми и јас не му се плашиме и тој секогаш ни дава чоколадни банани. Другите деца не ги сака, а не ги сака ни возрасните. Нѐ сака само нас и тетка Новка, која некогаш била учителка, а сега е најдобра пријателка на баба.

 

*

Доаѓаат понекогаш ноќе тие сеќавања. Посебно откако умреа баба и дедо. Рајот на земјата, каде што меката трева е прошарана со пролетни цвеќиња и прекриена со цут во разни нијанси на розова и бела. Таму каде што почнавме живот без припаѓање. Луѓето сакаат бегалецот да биде едноставна работа. Некој што нема каде, не може назад и со благодарност прифаќа сѐ што му се дава. Да живее засекогаш со тагата. Ама некогаш бегалецот го замислува рајот како една градина во Плужине. Која газдата ја загради неколку дена откако забележа дека некој влегува преку оградата. Па оттогаш прескокнувавме повисока ограда.

Во рајот јас носам бела сукњичка со гума. Ја „купив“ во Црвениот крст и му ја рекламирав на тато во еден од првите повици од бегалството: ја држев телефонската слушалка и му покажував како се врти сукњичката, па се зачу смеењето на луѓето што чекаа телефонски повик. Некогаш возрасните не сфаќаат дека нивното смеење навредува. Во детството многупати научив што ги смее возрасните и намерно повторував реченици и гестови затоа што сакав да ги насмеам. Ама ова беше сосема поинаку. Нешто што ме лути, понижува.

Како првиот ден кога се вративме во Сараево.

Дома си тргнавме пешки и по петнаесетина минути, на пола од некоја угорница, свртевме во едно уличе. Јас не забележав дека тато, мама и бато, кој ја држеше раката на мама, забавиле.

„Каде тргна? Ова е нашата куќа!“ – рече тато и почна да се смее отклучувајќи ја вратата од хаусторот. И мама се насмеа.

Кога денес мислам на тоа, не верувам дека тоа беше вистинско смеење. По толку време, на тато мора да му беше чудно и неприродно да зборува со своите деца, кои веќе не се оние деца со кои се поздравил четири и пол години претходно. Мора и мама да се чувствувала стегнато покрај својот маж од кого ја делеше цел живот, нејзиниот, што не стигна да го прераскаже и неговиот, за којшто не смееше да праша. Можеби со смеењето се обидуваа да ја потиснат неугодноста. Ама за мене тоа смеење беше отров.

„Овде е нашата куќа!“

Како некој може да знае кај му е куќата? Студено да помине покрај влезната врата од својата зграда без да знае што точно бара. Чувствувам срам. Не чувствувам како да сум се вратила дома. Можеби мама го чувствува тоа. Таа знае пред кој влез да застане. Јас не се вратив. Кога ќе се вратиш, препознаваш, споредуваш, се присеќаваш. Јас само се чувствувам засрамено. Поради неприпаѓањето.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Ана Југо

Ана Југо е родена 1988 година во Сараево. Љубовта кон книжевноста ја развила во раното детство, а нејзини песни и есеи редовно се објавувани во училишното списание. Во текот на студиите учествувала во бројни студентски размени, каде што ја открила страста кон патувањето и интересот за социјалните теми и активизмот. Живеела во повеќе држави на два континенти, што го обликувало нејзиниот светоглед и послужило како инспирација за нејзиното пишување. Добитничка е на повеќе награди за поезија и за краток расказ.

 

 

ažurirano: 27/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.