Сања Мучкајева Видановска

 

Застанавме на излезната врата од нашиот дом. Погледнав во трите лица.

„Го зедов мојот клуч од станот“, ми рече со слаба насмевка. „Во случај да не сте дома кога ќе доаѓам“, заврши, а насмевката се залепи на нашите сенки од слабата месечева светлина и го проголта неговиот шеговит тон. Се вгнезди во моето грло како нееластичен синџир. Подголтнав и ги вратив назад сите спомени додека му го бакнував лицето и ја впивав неговата топлина и мирисот.

„Среќен пат, најмило мое“, реков, а нееластичниот синџир се стесни уште повеќе и речиси не можев да дишам.

Задните светла од автомобилот полека потонаа во темнината. Протекоа сеќавања и моментите од првото изговарање на мама до ова последното, кога ме прегрна.

Сеќавањата се чудна работа. Знаат да се мешаат како виор од емоции. Децата родени во деведесеттите години од минатиот век носат чуден впишан код. Се запрашувам дали во нив останал звукот од страшните вести, кои како кошмарен сон од кој немаше будење го одредуваа нашето созревање и нивното растење?

Со мојот сопруг се веривме денот кога започнаа првите истрели во нашата заедничка држава.

Се пука во Словенија…

Во Хрватска гранатирања, експлозии…

Загина првиот млад живот…

Отцепување…

Денот кога ја правевеме свадбата, војната се разгоруваше.

Сватовите доаѓаат по младата невеста. Кларинетот ја натсвирува хармониката. Го свират старото македонско оро. Сватовите играат. Го сакам младиот човек со кого сум заедно уште од почетокот од студентските денови.

Во Босна и Херцеговина се случува ужас. Реки од бегалци, мајки со мали деца… се засолнуваат во подрумите… не можат да излезат надвор. Немаат основни средства… страшни злосторства се случуваат… убиства, силувања, измачувања, геноцид…

Бараме вработување. Немаме основни средства за живот. Дипломите од завршените факултети ѕиркаат од фиоките и тажно молчат.

Гранатирања, се откинуваат парчиња месо. Се претвораат во мртви спомени… Раселени лица, оставени огништа. И гробови. Нема кој да им однесе цвеќе. И нови гробови, могили од кафеава земја, а над нив оплакуваат преживеаните.

Прво се вработува мојот сопруг, потоа јас. И после, најсреќниот ден во нашиот живот. Бремена сум, со насмевка на лицето го известувам мојот сакан. Ме зема во прегратка. Нашиот син се роди три недели по завршувањето на војната во Босна и Херцеговина. Конечно заврши сѐ.

Се пребројуваат жртвите, излегуваат снимки од ужасни злосторства, измачувања, силувани жени, воени заробеници на кои ребрата им излегуваат низ искинатите кошули и дечиња со безизразен поглед.

Нашиот син расте и го прегрнувам сѐ посилно. И, размислувам за сите изгубени погледи и пропаднати мечти. Од каде дојде сето ова? Од каде дојдоа деведесеттите? Се обидуваме да продолжиме да живееме нормално. Секој во својата новосоздадена држава. И понатаму има превирања како во котел од кој подло демне ѓаволот.

Небото во лето е посеано со ѕвезди.

„Замисли си желба кога ќе видиш ѕвезда што паѓа“, му велам на син ми додека седиме на терасата.

Авионите надлетуваат над нашето небо. Испуштаат страшен звук, го параат небото. Одат кон Србија. Ѕвездите експлодираат. Бомбардирање… Моите роднини живеат таму. Оние со кои пораснав. Со кои секоја година одевме на летување во Грција. Спомените навираат. Нивните домови во кои ги поминував моите распусти. Татко ми е Србин, вујна ми Хрватка, тетин ми Црногорец. Авионите веќе стигнаа таму…

Повторно следиме вести. Нови извештаи за нови жртви. Животот почна да вреди колку една обична статистика. Толку и толку загинати и ранети. И нови преговори. Седнуваат на долгата маса и потпишуваат договори. Вештачките насмевки се како острици од мечеви, а ние пред екраните напнато очекуваме дали статистиката веќе еднаш ќе заврши.

Етнички вооружени конфликти. Статистиката е немирна работа. Како живата во термометарот. Знае да скокне со својата отровност. Со говорот на омразата и играта на пионите. Пионите лесно се поместуваат со дебелата рака од удобноста на столчето. Масакрирани и уништени тела, страв… И повторно преговори и договори. Блицевите се и понатаму тука. Сликаат, известуваат, додека распаднатата држава со сите свои народи се обидува да заздрави од пеплосаните животи.

Тензиите и понатаму се овде, некогаш растат, некогаш се намалуваат. Започнува и новиот милениум. Со новиот милениум дочекуваме уште една радост. Ја добивме нашата ќерка. Период кога сфаќаш дека децата се, едноставно, Божји дар. Со помали и поголеми проблеми, финансии што те ги имаш те ги немаш. Повеќе ги немаш, но најважно од сѐ е што статистиката мирува. Размислуваме за иднината на нашите деца. Тие растат речиси преку ноќ, како отворањето на пролетните пупки. Си легнал и сонуваш нешто неодредено, а пролетта тропа тивко. Наутро во чудо ги гледаш раззеленети, небаре миговен момент на едно трепнување на очните капаци. Толку брзо растат децата.

Понекогаш мислам дека сум заглавена во мојата младост, која не сака да дозволи да се разбудам. Се има итро заплеткано во паролите и здруженоста. Во она време кога братството и единството никогаш не помислуваше дека ќе се излее во крв и омраза. И ја руши младоста, а зрелите години се само избор на сеќавања и борба за задржување на достоинството. „Како да им го објаснам тоа на моите деца?“, се прашував. Сакав да им ја врежам сликата за изминатата убавина.

Авионот на нашиот син полета за Холандија. И слета. Ми пиша веднаш утрото кога слета. Чекав да се огласи „месинџерот“ за да се смирам и конечно да заспијам. Не легнав сѐ додека сопругот не се врати од аеродромот и додека не слета неговиот авион. Не отидов да го испратам. Едноставно, не можев. Некои збогувања се полесни кога се случуваат на влезната врата од домот.

„Убаво ми е на факултет“, го слушав додека ми раскажуваше. И, го гледав онака забавено на мониторот. Интернетот знае да кочи и моето дете го претвора во робот.

„Си ослабел. Јади повеќе, те молам“, се префрлувам на друга тема. Не знам што побрзо да му кажам. Кои совети и прашања.

„Да, да…“, се смее. „Знаеш, предавања, проекти, испити…“

„Чувај се. Тоа е најважно. Внимавај на своето здравје“, речиси со плачлив глас го молам. „Кажи ми за твоите нови пријатели“, го прашувам брзо. Сакам да го испрашам колку што можам повеќе. Да знам сѐ. Ми доаѓа да ја подадам раката за да го помилувам, но стаклото од екранот е толку студено.

„Ивор го знаеш, ти кажував за него.“

„Од Хрватска?“

„Да. Ми кажуваше вчера дека баба му е Македонка, по мајка. Од Прилеп“

„Навистина? Ете, колку е светот мал.“

„Во другата соба живеат Игор и Милутин. И двајцата се од Србија.“

„Навистина? Од каде се поточно?“

„Игор е од Опово, село во Војводина, а Милутин од Белград.“

„Не ми се верува! И во Холандија се најдовте на истиот факултет?“

„Да, да. А во другите две се вселени Харис од Босна и Херцеговина и Емир.“

„Емир е исто од Босна и Херцеговина?“

„Не, Емир е од Македонија. Мајка му е Турчинка, а татко му Албанец.“

„Е, не можам да поверувам“, му велам. „Вие се собравте од цела бивша Југославија.“

Ми раскажува и понатаму детали од својот живот. Зборуваме долго, обично во недела, кога е слободен. Едвај ги чекам неделите. За да го видам и да го слушнам. Секое видување имам чувство дека е до мене. А, во текот на работната недела дел од мислите ми се секогаш со него. И, едвај ги чекам празниците и распустите кога доаѓа дома. Но, расте и созрева забележливо. Се претвора во маж. Иако, ноќтс кога првпат заминуваше на аеродром, беше детето што го гледав на фотографиите и ги прелистував сите изминати четири години.

Се сеќавам сега на сето ова додека во авионот е тивко. Некои патници спијат, други тивко разговараат, а белите облаци се распослани под нас. Колку е светот едноставен кога го гледам вака од високо. И колку сме ранливи ние луѓето, помислувам. Се слушаат разни јазици овде, горе на небото. Ѕвездите се заеднички, како што се заеднички и надежите. Патуваме заедно во еден мал ограден простор, секој со своите животи, кои ги носиме секаде со нас. Каде и да одиме. Одам на доделување на дипломите. Син ми дипломира. Среќна сум и исплашена. Што ќе биде во иднина? Дали ќе остане таму или ќе се врати во родниот дом? Воздивнувам, додека пилотот најавува да ги врземе појасите. Започнува слетувањето. Одам сама, затоа што финансиите не ни дозволија да дојдеме сите на доделувањето на дипломите. Холандија за нас е скапа држава. Пред три години бевме во посета тројцата заедно. Првпат ја посетивме Холандија. Потоа се појави епидемијата со корона-вирусот и затворањето на границите ме извади од памет. Не сме се виделе долго време. Нетрпеливо чекав да слета авионот. Речиси можев да ја почувствувам неговата прегратка.

Се прегрнавме силно и долго.

„Прва мама је стигла“, извикаа речиси во еден глас, кога стигнавме во студентската зграда. Неговите другари ме пречекаа на влезната врата.

„Ka ardhur nëna e parë!“

„Када стижу остале мајке?“, запрашав.

„Сутра.“

„Мама, какву кафу пијете? Mama, kakvu kavu pijete? Mami, çfarë lloj kafeje pi?“

Прекрасен мирис на свежо варено кафе се рашири низ заедничката кујна во студентската зграда.

 

 

  Сања Мучкајева Видановска

Сања Мучкајева Видановска е родена на 12.5.1967 г., во Битола. Основно и средно образование завршува во Битола, дипломира на Шумарски факултет во Скопје, а магистрира на отсек Образовен менаџмент. Издадени романи: „Грешници“, „Грешници 2“, „Самица“, „Петтата приказна“, „Поезија за месечината“ збирка поезија, „Ноемвриски крстосници“ и „И боговите имаат интернет“. Романот „Ноемвриски крстосници“ e преведен и издаден во Република Турција. Нејзини раскази се преведени и објавени во Русија. Учесник е во зборници и антологии на македонски, грчки, бугарски, српски и италијански.

Контакт: sanjamuchkaeva@yahoo.com, Facebook: sanja.muchkajevavidanovska.

 

 

ažurirano: 01/03/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.