Слаѓана Нина Перковиќ

 

 

I

 

Го облеков црвениот фустан, па се премислив. Синиот, сепак, изгледаше посоодветен за таа пригода. Се погледнав во огледалото. Косата ми изгледаше ужасно. Како птичјо гнездо. Се обидував да ја замотам во пунџа, ама воопшто не бев задоволна од резултатот. Неколкупати ги вадев шнолите и повторно ги ставав. На крајот се откажав. Едноставно ја пуштив косата, два-три пати поминав низ неа со прстите и излегов од дома. Доволно долго го одлагав неизбежното.

Иако на видик немаше ниеден автомобил, уредно почекав да светне зелениот пешак на семафорот. Ја минав улицата, влегов во црвената зграда и, место со лифтот, се качив по скалите, нога пред нога, на четвртиот кат. Вдишав длабоко и го притиснав ѕвончето под кое стоеше нејзиното презиме. Во стомакот ми се врза јазол.

Вратата ја отвори жената што се грижеше за неа откако ја пуштија од болница. Заговорнички ми ја стегна раката. „Обидете се да изгледате како да е сѐ во најдобар ред. Немојте да плачете. Бидете весели, ама не премногу.“

Лежеше на креветот под прозорецот. Главата ѝ беше тркалезна како месечина. Ќелава. Ама, тоа не ме исплаши. Ме исплашија нејзините очи. Ситни, пропаднати, мртви. Да не знаев дека е таа, воопшто немаше да ја препознаам. Сѐ се урна. Безмалку не рикнав да плачам. Безмалку не залелекав колку што ме држеше грлото. Се воздржав. Ни самата не знам како. Усните ми се искривија во насмевка. Се наведнав и ја бакнав во образ. Тоа веќе не беа нејзините образи, ни нејзиниот мирис. Собата околу мене се заниша. Не ги чувствував нозете. Морав да седнам покрај неа на креветот.

Молчев. Инаку и родениот глас ќе ме издадеше. Имав сили само да ѝ ја спуштам раката на рамото. Нагло ме фати за рака и ги допре усните до мојата дланка. Надвор беше сигурно 40 степени, ама одеднаш некако залади. Забите почнаа неконтролирано да ми штракаат. Ја тргнав раката и станав. Сакав да истрчам надвор. Не можев веќе да издржам. Не можев.

Веројатно и ќе направев така да не го подадеше прстот кон комодата на другиот крај од собата.

„Донеси ми го црвеното кутиче за накит“, проговори со туѓ глас.

Тоа ми дојде како порачано. Да се оддалечам од неа. Да вдишам малку воздух. Ја отворив комодата и го извадив кутичето за накит обложено со темноцрвено кадифе. Ѝ го подадов кутичето, ама веќе не седнав покрај неа на креветот. Стоев на пристојно растојание.

Смотано го отворив кутичето и накитот се истури насекаде по креветот. Главно прстени. Ги имаше дваесетина. Можеби и повеќе. Никогаш ја немав видено да носи некој од нив.

„Избери еден. Сакам да имаш за спомен“, ми рече.

Сакав да ѝ одговорам нешто како каков спомен, ти мене ќе ме надживееш – ама, немав сили да се глупирам. Фатив едно прстенче, само за да завршам со тоа што побргу. Кога виде кој го одбрав, нагло се исправи на креветот и ми го дрпна од рака.

„Од сите прстени ти баш сребрениот го зеде! Еве, пробај го овој“, во мигот заискри старата таа и јас искрено се насмевнав.

Не можев да престанам да гледам низ златниот прстен со големиот црвен камен. Долго го вртев меѓу прстите. Никогаш немав видено толку убав прстен. Од внатрешната страна беше изгравирано „за нашата вечна љубов“. Сакав да ја прашам за чија вечна љубов, ама тогаш го ставив на прстот и сѐ заборавив.

Прстенот ми стоеше ко за мене да беше правен.

 

 

II

 

Трчав низ дома ‘ко без глава. Фино се облеков и се средив, па одеднаш ми падна на памет да го пробам џемот од сливи што цел ден го варев на шпоретот. Само да видам дали треба да се додаде уште шеќер и – се исфлекав. Не бев со сите. Претурав по орманот полугола, по градник и мидер. За среќа, имав план Б. Го извлеков од орманот црниот фустан со чамец-деколте, ама сега требаше да одберам и други чевли. Црвените салонки прекрасно ќе одеа со црниот фустан, ама тие беа во кутија, некаде на орманот. Без размислување фатив столче и се качив. Кивнав два-три пати. Кога ли последен пат сум ја избришала правта од орманот? Не можев сега да размислувам за тоа. Не беше време. Ја најдов кутијата со црвените чевли и скокнав од столчето, вешто како мачка, иако зглобовите одамна не ме служат добро. Погледнав на часовникот и се смрзнав. Ги дофатив од комодата резервниот пар хулахопки со боја на кожа и брзо ги тутнав в чанта. Од накит го ставив само прстенот со црвениот камен.

Таксистот промрмори дека веќе долго ме чека. Не ми беше до кавга, сакав само што побргу да стасам до ресторанот каде што мојата генерација прославува 30 години матура. Помирувачки му реков: „Имате право“, и: „Нѐ знаете нас жените“. Тој малку омекна и одговори дека „ги знае и премногу“.

Влетав во ресторанот во вистинскиот миг. Тамам го имаа послужено пенливото вино и некој колега кому не му го знаев името држеше здравица. „За нас што се собравме овде денес, ама и за оние што веќе не се со нас, другарите и професорите. Нѐ расеа воениот виор“, рече, а потоа удри музиката и сите испоскокаа.

Колку испив, ни самата не знам. Знам само дека ми пријде Џамоња и ме штипна за газот. Толку го удрив со лактот во ребрата, што се свитка на подиумот за танцување. Марија исто така се свитка, ама од смеење. Годините не ни можеа ништо. Си останавме истите будали.

Околу два наутро се вратив на масата, ужасно црвена во лицето и мокра како затка. Нималку фин изглед за жена на мои години. Покрај мене седна една многу згодна русокоса и од чантата извади лепеза.

„Ти текнува на мене?“, ме праша додека ми мавташе пред очи со лепеза.

Врска немав која е. Што му прават годините на човек, чудо едно.

„Јас сум Лада, одевме заедно на француски“, рече гледајќи дека бледо ја гледам.

„Ладо!“ – викнав искрено изненадена. Имав чуено дека е во Америка и воопшто не очекував да ја видам. Колку добро изгледаше; ни килограм вишок, ниту една единствена брчка. Што му прави таа Америка на човек, чудо едно.

„Си дојдов баш за годишнината од матурата. За ништо на светот не би го пропуштила ова“, се насмеа и ѝ блеснаа совршено белите заби.

Ми понуди цигара. Извлеков една и ја доближив до усните. Не стигнав да ја запалам. Лада одеднаш цврсто ме зграпчи за рака. За малку ќе ми го исчашеше зглобот.

„Од кај ти е ова?“ – лицето сосема ѝ се опушти и ѝ падна.

Не сфатив веднаш за што ми зборува.

„Дали е внатре изгравирано за нашата вечна љубов?“ – Лада се засркна од сопствената плунка.

Музиката стануваше сѐ погласна. Сите околу нас скокаа и пееја како луди. Ми исчезна насмевката од лицето.

 

III

 

Седум дена не ја слекував ношницата. Можеби и повеќе. Врска немам. Немав чувство за време. Само се влечев по дома и јадев домашен џем од сливи. Мики долго ѕвонеше и тропаше на вратата. Не сакав да ѝ отворам. Не сакав никого да видам. Уште помалку сакав некој мене да ме види, ама Мики беше толку упорна, што на крајот попуштив. Штом ја подотворив вратата, се пикна внатре како пијавица и почна да ми попува што треба, а што не треба да правам. Се свртев на петици и се вратив в кревет. Патем, со погледот се ѕирнав во огледалото во ходникот. Лицето ми беше жолто. Како лимон. За да биде уште полошо, косата целата ми се заплеткала. Онака валкана и мрсна ми штрчеше на главата. Ама, кому му е гајле.

„Види се на што личиш“, рече Мики.

Ја крена ролетната и отвори прозор. Свежиот воздух ми ги исполни ноздрите. Ми се смачи.

„Види на што ти личи куќава“, додаде.

Го свлече ќебето од мене и го протресе низ прозорецот. Фрлив поглед на своето виснато тело и на ношницата забележав една поголема темна дамка. Веројатно од џемот. Освен ако не беше од џемот. Врска немам.

„Мора да станеш. Мора да се измиеш. Мора да ја средиш куќава“, набројуваше упорно.

Без претходно предупредување, нагло ми ја извлече перницата од под главата и ја стави на отворениот прозорец да се луфтира.

„Ти не си ништо крива. Од кај си можела да знаеш? На крајот на краиштата, тоа беше подарок. А, на подарокот во заби не му се гледа“, Мики седна на креветот и ја спушти раката на моето рамо.

Собата ми се причини некако чудна. Како ѕидовите да се имаа приближено еден до друг. Како сѐ да се имаше некако собрано.

„Не можеш ни неа да ја кривиш. Од кај можела кутрата да знае?“, ги собра рамената.

Болно ми зататни во слепоочниците. Како се случи ова? Дури и плафонот се спуштил. Сега да станев, веројатно немаше да можам да стојам исправено. Ќе мораше да се свиткам во половината. Дали Мики го забележа тоа? Ми се чини дека не. Таа уста не затвораше.

„Макар што, сите знаевме кој ѝ беше маж и што правеше за време на војната. И ти знаеше, зарем не?“ – ме праша.

Одеднаш ми стана мрачно. Дали веќе се сноќи? Зарем деновите не станаа подолги? Не бев сигурна. Можеби Мики пак ја спуштила ролетната?

„Како и да е, не си ти крива. Кој би знаел дека баш тој прстен го собрал од рака на мртва жена“, заклучи.

Се свртев на десната страна и повратив директно на душекот. Си ја нурнав главата во родената повраќаница. Посакав да се задушам во неа. Мики гласно опцу. Ме фати за рамо и ме извлече.

„Смрдиш, искрено да ти кажам“, ми рече со гадење во гласот.

Кимнав со главата. Одамна Мики и јас не сме се согласувале толку околу некоја работа.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Слаѓана Нина Перковиќ

Слаѓана Нина Перковиќ е родена 1981 година во Бања Лука. Дипломирала новинарство на Универзитетот во Бања Лука и политичка комуникација на Сорбона. Авторка е на збирката раскази "Готвење" и на романот "Во ендек". Живее, работи и пишува на релација Бања Лука – Париз.
http://www.sladjanaperkovic.com/

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.