Аида Шечиќ Незиревиќ

 

Погачата е врела, мека како душа.

 

*

„Де, земи малку“, кине парче и му го принесува до вдлабнатото лице.

Ја фати пред кокошарникот. Ѝ го свитка вратот, користејќи го законот на посилниот. Ја искуба со вешти рутински движења, па ја пикна во лонецот, под капакот. Водата веќе вриеше кога ги виде низ прозорецот, разулавени како дечиња што си играат војна.

А, можеби ова и е само игра. Криенка, како онаа во детството. Тие бројат. Таа и Сејо се кријат под капакот. На капакот лежи излитен црвениот итисон, го чува влезот во нивниот подземен свет. Чкрипи над нив подот од изгниени дрвени штици. Потпевнува: Ко се ни-је скри-ооо ма-га-рац је би-ооо…

„Ама, мајко, не можам веќе да ги јадам мршиве.“

 

*

Срцето не му чука како што треба.

Трепери над него како над неразвиена птичка откако излезе од неа. Го припива до себе. На три знаеше да ѝ се затрча во кујната и да ѝ копа по кошулата. Досадо, зар не ти е доста! Едвај го одби во четвртата.

 

*

Џемал бегаше од неа. Се криеше кај татко му. Дојди ми, бе, го викаше, и срцето ја болеше, тој ја гледаше како туѓа. И така година по година. Кога бегаше во шумата, со луѓето од селото, не се ни вртеше. Шумата ја отвори устата, кучка една гадна, и го проголта. Како никогаш и да го немало. Само стеблата, цврсто сплетени, играа на пролетниот ветер. Ѝ се потсмеваа.

 

*

Третиот пат остана бремена на самиот почеток на војната. Се радуваше, а и не се радуваше. Сакаше да роди ќерка, и Хасан го сакаше тоа, ја молеше. Таа отпрвин се противеше. Каде личи, на прагот на четириесеттата, со два сина, да оди наоколу со лубеница под кошулата?

Ама ајде.

Тоа утро беше како и секое.

Ги полеваше розите во авлијата.

Милицаецот ја извади капата и ѝ пријде. Ги мрдаше усните, а таа не го слушна од сопствениот вресок. Падна на колена, а потоа лубеницата во неа пукна. Сок се излеваше од неа. И месо.

Малечок, совршен облик.

Се викаше Ениса.

 

*

„Не се слушаат од вчера. Тоа е добро.“

„Што си наумил, Сејо?“

„Ајде.“

„Ќе нѐ убијат, море.“

„Подобро тие брзо отколку гладот полека.“

 

*

Не се врти, зашто знае: куќата ги подава рацете, како доенче.

Куќата вика: „Тиџоооо!“

Бакни ја, ќерко, раката на новите татко и мајка.

Црвена крв на белиот чаршаф.

Црвен конец околу малите раце.

Пази да не го задушиш, како Хата своето.

Огледало спроти старечкото лице.

Не умрел, се родил.

Се преселила.

Нишани бели, остри, што пишуваат по небото.

Цвеќе. Овошје што, презреано, покорно се свива кон земјата.

„Тиџоооо!“

 

*

„Молчи што и да те праша кој и да е и понекогаш пушти пена од устата.“

Оди по ливади што се големи и пусти. Само птици прелетуваат.

„Добар ден“, ѝ закрескува една покрај увото.

Хатиџа ги стресе рамената.

„Добар ден и тебе.“

„Од каде си?“

„Од Мрковиќи“, се сети на блиското нивно село.

„А, кој ти е тоа?“

„Син ми. Раде. Болен е во главата, ете, од раѓање.“

„Ааа, имаш ли уште деца?“

„Само него.“

И Џемал, чиј лик не може да го замисли кога ќе ги затвори очите.

„А, ние отидовме на берба. Сигурно и ти си тргнала таму?“

 

*

Ограбувањето на празните куќи трае цело попладне. Разочарувањето може да се опипа со раце. Нема накит ни пари.

„Ги закопале“, заклучува една.

„Кога ќе се помине со трактор, ќе се најдат“, се надоврзува друга.

„Да, да, ама ние тогаш ќе го добиеме ова“, вели првата покажувајќи го врвот на палецот помеѓу показалецот и средниот прст.

Другите се насмевнуваат.

„Ти си тргнала на берба без торба“, вели онаа што тврдеше дека е накитот закопан.

„Ама… ми пречи мојов несреќник. Ни со него ни без него не можам никаде.“

„А чо’екот кај ти е, во војска ли е?“

Таа одмавна со главата: „Загина пред војната во Приједор. Падна од скеле.“

„Вдовица си, значи. Како ти се викаше чо’екот?“

„Миладин Мишовиќ.“

„А, ти?“

„Нада.“

„Аааа. Еве ти еден мој зембиљ, можеш во него да го пикнеш лончено и работине. А, малку си зела, богами.“

„Фала… Доста.“

Тргнуваат. Сонцето веќе ја простира портокаловата постелнина, зева, насмевката му слабее.

Поминаа така, во група, покрај три момчиња во маскирни униформи, испружени во тревата како глутница мрзливи кучиња скитници. Ако еден за’ржи, сите ќе полетаат. Пушките се крај нив, немарно положени. Сејо уште повеќе се подгрбави, од устата му капе пена. Жените сожалувачки го гледаат:

„Сирот.“

Одат уште километар, можеби и два, па доаѓаат до некаква раскрсница.

„Ајде, пријатно“, велат жените.

Хатиџа им мавта, а тие си заминуваат по правливиот кривулест пат кон своето село, кое се наѕира во далечината. Таа ќе продолжи. Не сакаат, па дури ни онаа што толку ја испрашуваше, да знаат каде ќе оди. Уморни се и испотени, со вреќи полни туѓи животи; исчезнуваат од нејзиниот видокруг.

 

*

Козарац стои пред нив. Ноќ е. Очите на околните куќи се затворени. Само кучињата завиваат.

„Јас би го викнал чичко Драган.“

„Ти си луд, сине.“

Телефонската говорница е смачкана и бедна, но жива.

„Чичко Драган?“

Времето оди како старица. Фаровите блеснаа како светулки.

„Побрзо.“

 

*

„Еве и врела погача за по пат.“

„Фала, Ана.“

Ана ги прегрнува.

Автобусите чекаат.

По неа го внесуваат Сејо, во панталони од еден стар пријател на татко му, кои, преголеми, тажно се влечкаат по него по земјата.

 

*

Автобусот се ниша по макадамот, чкрипи како вештачки вилици. Сејо спие со образот во дланката. Личи на смртта. Сите мажи во автобусот личат на смртта.

И смртта личи на нив.

 

*

Планината, во знак на добредојде, ги покажува сивите расипани заби.

„Стој“, вика некој. „Изведете ги.“

Хатиџа со дланката го брише кафеавиот прав од стаклото. Ја гледа сликата. Мажи со пушки лазат наоколу. Како бубашваби, Боже ми прости.

„Полиција“, вели груб глас. „Контрола.“

„Што е ова? Зарем не одиме на размена?“

Луѓето ги истеруваат од автобусот. Некои се противат. Некои немаат сила. Ги извлекуваат со сила. Ги редат едни покрај други како момчињата што редат пластични автомобили.

Овие што ги запреа разговараат. Нешто расправаат. Хатиџа ги набљудува.

Млади се тие вооружени момци, барем повеќето од нив. Отсечени од мајчината утроба, се тешеа со нејзиното млеко. Со малечките стапала го проучуваат тлото. Како и нејзините синови. Сричале букви во дрвените клупи и трчале со ветерот и сонцето по ливадите. Како и нејзините синови.

Што или кој ги натерал да дојдат овде, во оваа стрмнина, над овие карпи?

Еден вика. Црвенокос, а сувлест како Сеад. Не може. Нема. Одмавнува со главата толку силно што се чини дека черепот ќе му се одвои од вратот.

„Е, тогаш и ти ќе одиш со нив, да т’ибам мајката“, вика некој.

Овој паѓа на колена. Плаче.

 

*

„Јас сум гладен, бре“, вели некој крупен мустаклија со птичји нос. Сигурно е некој надреден, му се гледа тоа и на лицето и по држењето. Стои подалеку од другите, па од торбата што му виси на рамото вади нешто.

„Имам конзерва, а немам леб. Има ли некој леб, момци?“

Еден или двајца ги креваат рамената, другите не обрнуваат внимание.

„Ај, сѐ сте изеле, да ве ебам, млади, а секогаш гладни.“

„Јас имам погача, сакаш ли?“

„Дај“, вели тој, па се загледува во исплашените очи на Хатиџе. Подарокот од Ана, завиткан во чиста розова памучна крпа, исчезна во неговите дланки.

 

*

Сонцето ја простира црвената постелнина. Војниците стојат зад колоната живи мртовци. Ги туркаат напред кон работ над карпата. Живите мртовци се нишаат.

Оној на кој му ја даде погачата ѝ ја залепи на Хатиџа пушката за желудникот.

„Ти, жено, ајде ваму со мене. И малиот твој, нека гледа.“

 

*

Почна да ги турка во шумата, да ги гони пред себе. Хатиџа на грбот го чувствува притисокот на студениот метал. Сега ќе ја легне. Ќе ѝ ги соблече гаќите и нејзиниот гол задник ќе ги допре острите камења. Ќе ѝ ги рашири нозете. Ќе се забие во неа, тој одозгора, камењата одоздола.

Таа ќе крикне пред да…

Ќе го убијат ли Сејо пред или потоа?

„Сврти се, жено.“

Убиј го прво син ми, да не гледа…

„Таму“, покажа човекот со крупниот прст кон густежот, „бегајте“.

 

*

Травник има парк и клупи. На една таква, крај некаква бела статуа без глава, стиснати еден покрај друг, ја поминуваат ноќта. Сејо спие со главата на нејзиното рамо. Таа не смее. Ако заспие, смртта може да дојде по Сејо.

Смртта и Сејо си личат како сестра и брат.

Не го давам. Не го давам.

 

*

Ги чека пред касарната. Слаб е, во маскирна облека, со кратко истрижена руса коса. Вистински војник. Ги стегнува до себе. Со едната рака неа, со другата Сејо. Испушта писок, како локомотива.

„Како… како?“

„Нѐ спаси, сине мој, погачата.“

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Аида Шечиќ Незиревиќ

Аида Шечиќ Незиревиќ (Зеница, 1978) по струка е лекторка. Добитничка е на наградата „Фра Грго Мартиќ“ за поетскиот првенец "Кукли" (2011), наградата на Фондацијата за издаваштво на ФБиХ за романот "Враќања" (2020), III награда на конкурсот Write Queer (2021), II награда на конкурсот Марија Јурчиќ Загорка (2022) и на наградата за најдобра монодрама на регионалниот фестивал Inbox (2022). Учествувала на книжевниот фестивал „На пола пат“ (2018). Пишува поезија, проза, драми и сказни, лекторира и се бори за родовата рамноправност во јазикот.

Kontakt: aida_secic@yahoo.com

 

 

ažurirano: 02/03/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.