Јелена Калајџија

 

 

Плаче, цело време плаче. Тоа си мислам, тато тоа и го вели, ама додава: „И татко ѝ цело време плаче“, а јас дедо, додуша, секогаш и го памтам со марамче.

Брат ми и јас седнавме во гумениот чамец паркиран среде соба. Време на големото пакување. Жолт однадвор, бел однатре. Имаше мал Винету на носот. Така ја викаше тато главата на малиот Индијанец. Ние скокавме и скокавме по чамецот. И тој по нас. Се превртуваше, се вртеше.

Мама по којзнае кој пат влезе во собата, само што овој пат рече дека ѝ паднала пегла на глава.

Баба се појави со замрзнато пиле и ѝ го ладеше болното место.

Мама продолжуваше да плаче исто како и дотогаш, па тоа пиле на главата не го сфативме како последица од пеглата, туку како дел од нашата игра во која се појавува сквото Носам-Пиле-На-Глава. Тато ц’цкаше и вртеше на молив една аудиокасета. Имаше дебели прсти – секој прст еден човек, а моливот тенок и таа казета, како што ја викаше, која зуеше во неговата рака, како некоја баш смешна играчка: „Кога веќе одиме толку далеку, барем нека свири отпочеток“, рече и цакна уште двапати. Брат ми рече дека во радиото живеат мали луѓе што свират, тоа повеќето луѓе им го велат на децата. Ама и брат ми беше дете. Знаев, сепак, дека на таа лента што тато ја намотува на соседната макара живеат мали слики, како на филмовите од фотоапаратот (носевме еден Зенит и една Смена 8) и кога ќе ги стави во казетофонот во колата, стануваат музика. Ги затворам очите и гледам слики. Тие малите. Што се провлекуваат низ казетофонот.

„Ама штом тие печатат на две писма на иста страна во весникот, со едно за оние, со друго за овие, и велат дека е сѐ во ред – ќе биде… Нема да биде добро…“, го враќа пилето назад во фрижидерот што со години брмчи зад завесата во некој чудесен архитектонски залив во дневната соба, близу терасата, баба. Брат ми пак скокна од чамецот и веќе не се врати.

Утрината отидовме на море. Исполегнавме на задното седиште: ние, работите, перниците, јакните… Остана мојот сунѓерест еж, ама и мама имаше циклама од сунѓер што остана во некој друг живот. Брат ми по неколку часа возење извади мустаќи на стапче и рече: „Дај да ја намотам казетата!“ Се смеевме. Падна ноќ. Се возиме бескрајно долго. Малите слики поминуваат под моите капаци. Големите тонови што ги носат, се провлекуваат низ моите уши. Тој баш ја сака таа казета. Мама плаче, тоа малку го прекинува складниот след на сликите. Плаче и мислам дека тоа што прекинува е она кога вели дека животот не е сјаен, ама и покрај тоа сѐ ќе биде добро. Сѐ ќе биде добро 1. Сѐ ќе биде добро 2. Сѐ ќе биде добро 3. Сѐ ќе биде добро 4… Мене ме жули в ребро ногата на брат ми, ама тој спие. Ми текнува на мустаќите на стапче и почнувам да се смеам. Нешто тивко разговараа двајцата напред, а ние двајцата назад растевме.

И така пораснати седиме на брегот крај морето од кое никогаш не се вративме. Тој молчи. Јас плачам. „И мама цело време плачеше“, вели. Помислувам на дедо додека си го бришам носот. „Јас не се сеќавам дека некогаш сум бил на море. Ниту би сакал. Реката е подобра.“

Пуштам ЦД. Продолжувам да возам. Плеерот мора да работи, инаку не знам да возам. Возам заради возењето. И тоа е најдобро. Нема стрес. Омилената заговорничка флота: стресот. Мислам дека и стариот така возеше. Дури и кога не беше само заради возењето. Поминуваат слики пред отворените очи, стравови, секогаш присутни, шуми, скелиња на црквата што ја прескокнувам со баба, таа носи полужив крап во платнената торба, пак шуми, ама во далечината, пат, пат, сонцето заоѓа, или изгрева, исто е тоа само друга насока, боите се прелеваат по друг ред, жив, човекот е жив, патот, долг, бескраен… Крапот се прпелка, со убавото лице помеѓу две метални прачки на гелендерот од мовчето преку каналот. Прекопакра. Баба вели да одиме дома, а јас само чекам крапов да ја пробие торбата и да се прпелне сѐ до водата долу. Тоа нема да се случи, тој има по едно око од двете страни и нема мустаќи. Ќе се случат многу работи, ѕидовите премолчија, а луѓето се одамна мртви. Сѐ е тоа вода. Лук и вода. Само со различен вкус.

Рибата плива во кадата. Чамецот плови по дневната соба. Дедо си го брише носот. Тенко ги сече јаболчињата на листови и ги ниже на дебел конец да ги суши. Најлошо е кога нуркаш в море и ушите ти се полнат со меури, тогаш секогаш мислам на смрт, нема ни слики ни музика, само меури, безлични и неважни. На река е поинаку, дното е невидливо, меурите не се толку гласни, можат да личат на дожд. Тоа е добра музика.

На прстот имам ѕвездест отпечаток. Мојот мал син прашува што е тоа. Му велам дека тоа е од казетата. Тој се смее, тој збор му звучи како сквото Носам-Пиле-На-Глава и ми го покажува својот нов изум – мустаќи на стапче.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Јелена Калајџија

Јелена Калајџија (1986) е родена во Пакрац, во западна Славонија. Студирала српска книжевност и српски јазик во Нови Сад. Долго се занимавала со библиотекарство. Сега е во Народната библиотека „Филип Вишњиќ“ во Бијелина. Зад себе има два двојазични библиотекарски прирачници. Објавувала текстови и прикази во книжевната периодика (Летопис Матице српске, Свеске, Детињство и други), во зборниците (Летеће виолине Милорада Павића, Читање Аркадије Славице Гароње, Визије сигнализма...), и на порталите Novi Polis и Časopis Kult.
Контакт: jela.knjiga@gmail.com

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.