Милица Рашиќ

 

 

Ја нареков Ина.

Мајка ми се викаше Алма. Јас се викам Алмина. А таа се вика Ина.

Кога вака ќе ги наредам нашите имиња, ми звучат смешно. Како брзозборка. Алма Алмина Ина, алмаалминаина, алмалминаина. Невешт обид со име да се закрпи животот.

 

Ина не ја запозна Алма. Алма, мајка ми, умре во транспортот, пред границата. Се сеќавам, двајца војници ја придржуваа, едвај стоеше набиена меѓу луѓето во военото возило. Ги имаше премногу, тие калливи луѓе и малку покалливи војници. Војниците се коцкаа со смртта превезувајќи нѐ нас, непознати бедници, до границата. Изгледаа како да не го прават тоа што го прават, со поглед вперен над нашите глави и малку накосо, за да не гледаат. Ни нас, ни себе. Како да нѐ тргаат со погледот, го скратуваат времето со кое ни го продолжуваат животот. До границата. А потоа нѐ преземаат некои други.

Алма, мајка ми, просто издивна. Како да беше изморена од сѐ. Не ѝ замерив. Главата ѝ падна на рамото на војникот што цврсто ја држеше за надлактицата. Очите веќе долго му беа на пола копје. Изгледаше како двајцата заедно да заспале.

Им реков да ја изнесат и да ја остават покрај некое дрво штом ќе се одвоиме од патот и ќе се приближиме до шумата. Ме погледнаа како да зборувам туѓ јазик.

„Ама таа ви е…“

„Да, мајка ми е. Ама мртва е. Не можам да ја носам со себе, а вам ви е товар. Можете и да настрадате.“

Продолжија да ѕурат во мене, немо и уморно.

„Немојте да настрадате поради жена што е веќе мртва. Фрлете ја.“

 

Алма е виновна што сум таква. Бескрупулозно рационална, велеше. Мораш да бидеш бескрупулозно рационална ако сакаш да преживееш. Тогаш само ја слушав, својата мртва мајка, а војниците ме послушаа мене. Штом се оддалечивме од патот, застанавме, ги изгасивме светлата, почекавме неколку минути за да бидеме сигурни дека никој не оди по нас, па ја отворивме вратата.

„Чекајте!“, викнав.

Ѝ пријдов, ја искинав јаката од нејзината валкана бела кошула и ја ставив в џеб.

„Може“, реков и го свртев грбот.

Долго не ја принесував до ноздрите јаката на Алма. Не ни плачев. Ги чував солзите за подобри времиња.

 

Не гледав додека ја изнесуваа. Мислам дека беа нежни зашто не чув удар на телото од земјата. Само такви војници можат да бидат предавници, помислив. Имаат премногу обѕири. Иако беше невозможно, го сетив мирисот на гнилежот што наскоро ќе го прими телото на Алма. Тоа е сѐ уште недопрениот облик на мојата мајка, тоа тело што лежи на работ од шумата, на дождот, тоа е сѐ уште лице на стара и некогаш убава жена. Ама тоа лице веќе беше само маска, а нејзиното тело купиште коски и месо на кои дождот им помага побргу да станат храна за земјата. Чија земја, ми помина тогаш низ главата.

 

**

Алмаалминаина. Понекогаш од никаде ми доаѓа брзозборката, додека ги простирам алиштата или додека правам ручек.

Ина, ќерка ми, долго ме прашуваше за војната.

Еднаш дојде од училиште мавтајќи ми со некои хартии, насмеана од уво до уво.

„Види, мамо! Добив награда!“

„Да? А за што доби награда?“

Без збор ми ја подаде хартијата и се затвори во собата.

Тоа беше расказ. Нејзин расказ. Всушност, мој расказ. Пишувала за војната од која излеговме, како што напишала, како победнички. Таа, уште неродена, и јас, која патем си ја изгубив мајката. Пишувала за доживувањето што никогаш не го имала, ама го исконструирала, како што заклучив тогаш, според приказните што ги изгуглала на интернет. Тоа ме потсети на Алма. Затворање во себе и думање.

Влегов во нејзината соба, ги фрлив хартиите на креветот.

„Врска немаш ти за војната.“

Молчеше, со однапред спуштен поглед.

„Ама расказот е убав.“

 

За Ина војната е нешто далечно, нешто за што се чита додека се пие какао и се јадат урми. За мене војната е тапо пресекување меѓу препоните, кога пркосно молчиш, а за тој твој пркос нема место на тој тесен свет, кога не знаеш дали си веќе мртва зашто вакво нешто не се чувствува додека си жив, се молиш во себе брзо да мине и да нема многу крв, кога мислиш дека на крајот на сите ќе им плукнеш в лице, на сите четворица. Сепак, кога ќе успееш повторно да застанеш на нозе, полека, зашто едвај ги чувствуваш, тие веќе си отишле. Ина никогаш не ме праша кој ѝ е татко. Не прашувај прашања за кои знаеш дека нема одговор, велеше Алма, мајка ми. Не знам како, ама Ина го знаеше тоа.

 

Белата јака на Алма не мирисаше на гнилеж. Кога го сфатив тоа, кога најпосле ја принесов до ноздрите, плачев како дожд. Оној дожд што го квасеше телото на Алма во шумата. Се надевам дека ја положиле на грб, со лицето кон небото. Барем немаше погреб, ми минуваше низ главата секојпат кога ќе помислев на нејзиното безживотно лице на земјата. Војната беше изговор, ете некоја корист и од неа. Мразам погреби. Куп луѓе што губат време со некого што веќе не е тука, велеше Алма. Ќе ѝ се допаднеше што не е погребана. Само да ја свртиле со лицете кон небото.

Јаката мирисаше на лаванда. Алма одгледуваше лаванда во дворот и фрлаше полувлажна облека на неа за да го прими мирисот. Дворот поради тоа ни изгледаше несредено, како кучиња да разнесувале облека по грмушките, ама затоа постојано мирисаа на лаванда. Тоа беше незаборавен мирис. Чист, неизвалкан. Еден мирис, велеше Алма. Не сакаше парфеми зашто сенешта ставаат во нив. А лавандата е лаванда.

Како е можно некого веќе да го нема, а неговиот мирис да останува? Сеќавањата не се ништо во споредба со мирисот. Сеќавањата стануваат благонаклони како што минува времето. Мирисот е немилосрден, тој е живиот здив на телото што веќе не е живо.

Со месеци го вдишував мирисот на лаванда од јаката на Алма, додека не испари.

 

**

Ина продолжуваше да ме прашува за војната. Па одлучи да студира меѓународни односи. Доби стипендија за студии во странство и почна да се подготвува за заминување. Иако не ја прашав, знаев зошто сака да оди баш таму. Колку повеќе молчев за војната, толку таа посилно сакаше да ја проучува, и тоа баш во земјата каде што се случуваше. Пак ништо нема да дознаеш за тоа, дете, ѝ велев во себе. Никогаш нема да сетиш како мириса војната. Затоа ја пуштив да оди.

 

Вечерта пред патувањето, влезе во мојата соба и го отвори орманот. Сакам да понесам нешто твое, рече. Не знаев што ќе ѝ се моите работи кога и свои има премногу, некои неволно ги остави зашто во куферот веќе немаше место. Се ашкав по дома и се преправав дека нешто правам, дека е ден како и секој друг. Не смееше да ги насети солзите готови да гргнат секој миг, само да застанев.

Алма, мајка ми, постојано се ашкаше по дома. Нејзините чекори беа како постојана музика, како клопотарење на воз. Звукот на нејзините чекори за мене беше доказ дека времето не застанало. Можеби и Ина така ги чу моите чекори. Кога ќе отиде таму, веќе нема да ги слуша.

„Што е ова?“, викна од длабочината на орманот. Влегов во собата, а Ина седеше меѓу расфрлените работи и в рака ја држеше јаката на Алма.

„Што е ова, мамо? Мириса на лаванда.“

 

Алмаалминаина алмаалминаина. Плачев како дожд.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Милица Рашиќ

Милица Рашиќ, родена 1989 година, живее и работи во Ниш. Студирала филозофија, повремено предава во училиште, преведува од француски и од англиски јазик. Пишувањето сѐ уште ѝ е вежба, со надеж дека во него ќе се пронајде.
Контакт: milicarasic89@gmail.com, Instagram: nisam.milica.rasic

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.