Тамара Ковачевиќ

 

 

I

 

Дедо, те најдов во судењето за Овчара – долго се подготвуваше за овој разговор, читајќи ги записниците од сведочењата под заклетва, извештаите од набљудувачите и новинарите од судењето пред Советот за воени злосторства во Белград, од повтореното судење во Белград, од судењето пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.

Остај тоа, мачор, поарно земи јади – дедо ѝ како дете имал некоја мачка што цело време била изгребана, изгризана и постојано лута. По тоа заклучил дека мора да е мачор, никако мачка. На помладите подоцна галовно им велеше маче или мачор.

Добро, еве, јадам. Ама, сакам да те прашам…

Ама, готова работа – седна на фотелјата и го попушти телевизорот.

 

II

 

Дедо, читав нешто и сакам да те прашам за мислење. Неутрален увод, повик кон другата страна да се ангажира.

Ајде, ручај, дедо само за тебе правеше пилав – го турна плехот уште малку понакај неа. Кога умре баба ѝ минатата година, без никакви тешкотии ја презеде нејзината кујна. Виток и агилен, веќе долго во пензија, како денот по нејзината смрт да констатира кого го нема, без него се може и отиде по производи. Пак, живееше баш онака како што таа им го организираше животот. Работите во станот беа на истото место, појадуваше, правеше ручек во истото време, одеше во истата продавница, ги полеваше истите цвеќиња од истата кантичка. Веројатно тоа се усовршува во војска, инсистирањето на рутината како став кон животот.

Дедо, ги прочитав записниците од судењата за злосторството во Овчара. Зошто сите молчиме за тоа?

Остај тоа, маче, одамна беше тоа – продолжи да шета од масата до кујната. Ама, од кај ти текна таа работа? Контрапрашањето го нарушува фокусот, може да се дознае и некоја информација повеќе.

Ги внесов податоците на сите роднини во базата на податоци на Хашкиот трибунал, излегоа документи во кои се споменува твоето име. Потоа најдов и записници од судењето во Белград. Само голи, доверливи факти, инаку ќе ѝ се измолкне.

Што велиш, кај си ги нашла? Ја погледна накриво и ги собра очите како луѓето што сакаат подобро да чујат, како кога соговорникот некаде ќе згреши, па сакаат да го исправат.

Еве, овде, записник од твоето второ сведочење. Подготвено го извлече телефонот од торбата и со прст му ги покажа наводите под неговото име.

Тоа ми беше должност, обврска. Што те интересира тоа тебе?

Ме интересира да зборуваме. Немам со кого да зборувам за тоа, башка, со кој друг да зборувам ако не со тебе! Повишен тон, знак на слабост.

Ако не разбираш, јас тука не можам да ти помогнам. Заклучи дека доволно јадела и ја однесе чинијата во мијалникот.

 

III

 

Дедо, стави ги очилата, имам нешто да ти покажам – му го приближи телефонот со текст на кирилица. Со големи букви му ги пишуваше името и презимето, а во продолжението одеше одговор на некое прашање на претседателот на Судскиот совет. Прочитав сѐ, не ти судам, само сакам да зборуваме.

Што има ти мене да ми судиш? Вчера испилена! Добив наредба и отидов таму кај што беше речено.

Ама, само велам, сакам да зборуваме, не за тебе тогаш, што си правел, кај си одел, сѐ тоа прочитав, сѐ што си рекол, повеќепати, туку за сега. Па, дали ти е тебе нормално во фамилијава само да се озборува, да се зборува за слави и за избори, за малите плати, кој кога ќе се жени, радост да донесе, што ќе им е радост, кога не го гледаат ужасот! Предолго го водеше овој внатрешен монолог, вагаше, расудуваше сама со себе, сега ѝ снемуваше трпение за вистинскиот соговорник.

Маче, батали тоа, нема тоа врска со тебе – со топол глас ја ставаше на место.

Како нема врска со мене, си читал ли весници, сакаат воени вежби и за жени да воведат – си честиташе самата себеси на добрата паралела.

Ма, пушти тоа, сенешто пишуваат весниците – трепна сфаќајќи дека се лизна. Изразот на лицето непроменет.

Добро, бе, дедо, ако јас сум ги нашла записниците и статиите во весниците од пред десет, дваесет години, сигурно уште некој го прочитал тоа. Па, и ти рече дека за злосторството си чул од весниците. Како така сите начитани, информирани, а никој ни да бекне?

На ден 20 ноември 1991 година, во земјоделското стопанство „Овчара“ кај Вуковар припадници на локалната Територијална одбрана и српски доброволци под команда на Југословенската народна армија мачеле и убиле најмалку двесте хрватски цивили и воени затвореници.

Разбираш, како само јас да знам дека си бил таму, дека се случило тоа, само дедо ми бил во војната, никој ништо!

Што сакаш ти од мене, што сакаш да кажам? Како да почна да попушта. Или сакаше да ја согледа нејзината крајна намера и уште побргу да го приврши разговорот.

Нејќам ништо, сакам да зборуваме. Да не ми забрануваш да прашувам, да не се штрекаш на сѐ што ќе кажам – порано ѝ се чинеше дека има многу работи да праша, да заклучи. Сега, смислата ѝ се измолкнуваше. Седеше спроти дедо си, во она време речиси пензионер што од хангарот во Овчара извлекол четворица луѓе. Им го спасил животот и ги однел во воениот затвор.

Да, сведочев. И таму кажав сѐ што имав да кажам. Не е моја работа да одам наоколу и да зборувам уште. Јас својата должност како војник и како сведок ја извршив. Ваше е да вагате, да барате и да знаете – стана од масата и отиде по чаша вода.

 

IV

 

Пред гробиштата стоеја многубројните блиски роднини. Годишниот помен на баба ѝ штотуку заврши, останаа да поразговараат уште малку и да се договорат кој ќе го испрати дедо ѝ до дома, кој ќе намине утредента, да не биде сам.

Дедо, ќе се видиме утре околу пет, може?

Може, мачор, ќе ти направи дедо пилав, одамна немаш дојдено. А, нешто ми се имаш поправено, ќе мора малце да припазиш.

Ти, бе, си бил на Овчара, а мене ми збориш за изгледот! Адреналинот ѝ удри во мозок, како тигрица скокна од земјата, во доскокот извлече мачета, му ја заби на дедо си зад левата клучна коска, го виде тоа во некој филм, од тој агол сечилото лесно и без грешка го погодува срцето.

 

V

 

Ни тоа, секако, не се случи. Му возврати со научена, блазирана насмевка и го опцу во себе. Барем не ја праша кога ќе се мажи, дедо на свадба да игра.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

  Тамара Ковачевиќ

Тамара Ковачевиќ е родена во Белград. По кратките и содржајни кариери како преведувачка на пиратски копии на филмови, наставничка по англиски јазик, дизајнерка на цеде-омоти за порно филмови и компилации на турбофолк-музика, стекнала звање MSc Banking & Finance и повеќегодишно искуство во ревизија на финансиски извештаи. Кратки раскази и по некоја песна почнала да пишува на литературни работилници под менторство на Лидија Димковска, во организација на СКЦ Данило Киш од Љубљана. Расказите ѝ се објавени во двојазичниот зборник ЌЕ БИДЕ ПОДОБРО/БО ЖЕ и во списанието "Монструм".

 

 

ažurirano: 04/02/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.