Африм Демири

 

(Четири погледи на еден расказ)

 

  1. Пролог на детството

Ми се немаше случено да видам заедно куче и свиња. Ниту бев некој познавач на животот на животните. Секогаш во детството ме нервираа смешките околу вкрстувањето на животните. Навредувачкиот епитет за мазгата ми предизвикуваше иритирачко спротивставување на сексот. Летните денови на село минуваа под баналните приказни за сексот на животните, дури и за сексот на луѓето со животни! Приказните за овците и козите ми ги доведоа првите претстави за сексуалните манијаци. Почнав да ги гледам луѓето како природен след на животните.

Од друга страна, приказните за јагнето и свињата го поделија мојот свет на два дела, токму како што се дели исток и запад. Јагнето ми личеше на поангелско, додека свињата повеќе како копиле. Преку животните го оценуваа моралот на карактерите. Како едно животно да беше родено за една група луѓе, а друго за другата група. Едното животно се воспеваше, а другото се демонизираше.

Една слика ставена во жолта рамка, каде што јагнето одеше курбан наместо синот, стоеше со години закaчена над мојот кревет. Кренатиот нож спремен да го заколе детето и доведувањето на јагнето од страна на еден ангел во близина, беше мојот ужас од детството. Се прашував имам ли јас некое јагне спасител? А свињата на нашите соседи Срби, која ја гледав од прозорецот на собата, со нејзиното грофкање ми личеше на нешто валкано, грд подвижен декор на моето секојдневие. Овој животински дуализам го расипуваше приказната за шарпланинецот, како супер раса. Дури неговоти име Илир ги полнеше моите почетнички батерии на гордоста за потеклото. Моите вујковци со години ја култивираа оваа раса. Јас одев почесто, повеќе за кучето отколку за нив. Верноста на кучето наивно почна да го зафаќа местото на верноста на човекот. Свињата продолжи да ми раѓа сомнежи, како исфрлено животно од биолошкиот код.

Имав двојба, дали сомнежите кон неа паѓаа на соседите Срби, или беше обратно, сомнежите кон соседите паѓаа на свињата.

 

  1. Убиството на кучињата, пред убиството на луѓето

Не знам дали се случило во некоја друга војна прво да се убиваат кучињата, потоа луѓето. Оваа убиствена пракса ја спроведоа српските сили. Во куќата на вујковците, влегувајќи во дворот, го убија шарпланинецот, потоа ги протераа луѓето. Кучето беше првата жртва. Не успеа ниту да залае кога куршумите го легнаа на земја. Огин ги зафати двете куќи на вујковците, горејќи ги и спомените на моето детство. Изгореа и гранките на киселото јаболко, чии плодови ни наликуваа на лимони. Нивното каснување ни ги држеше забите отрпнати цел ден. Отрпнатоста го зави и селото тој ден. Во соседното село беа убиени неколку глави на семејства без да биде изустен ниту збор. Беа стари луѓе кои го немаа напуштено својот праг. Еден од нив беше запален во количка заедно со куќата, беше неподвижен.

Беа стрелани десетици кучиња и животни, како да беше ова војна помеѓу луѓето и животните. Сѐ беше превртено, се заменија улогите, не се знаеше кој ја застапува страната на животните. Куршумите ги пробија екраните на телевизорите, како да беа заробеници. Во војна не се убивале само луѓе, се убивале знаците на живот. Пилињата во една фарма кукурикаа како диви во обид да преживеат. Призорите на апсурдот станаа болни слики. Говорењето за силувањето жени и девојки го заменија со говорење за секс со животни од детска возраст. Јас повторно почуствував одбојност. Војната ми наликуваше на животно со многу глави! Експлозиите на врвовите на Гурина не се знаеше дали доаѓаат од земја или од воздух. Луѓето пикнати по шумите сакаа бомбите да се на НАТО, ги гледаа како бонбони. Не веруваа дека од соседното село, населено со Срби, летаа гранатите за чистење на теренот. Во испразнетото село беше избегано и времето. Оџаците над запалените куќи наликуваа на извичници на ужасот. Смрдеата од лешевите се мешаше со мирисот на закрвавените трендафили. Сочувствителниот лет на пеперутките ги одржуваше единствените нормални движења во денот, покрај сонцето и месечината кои тажно зрачеа. Избивањето на зеленилото раѓаше чувство на нов живот. На киселото јаболко не му успеаја плодовите. Заедно со почетокот на распаѓањето на телата и војната испушташе душа, како некој дух. Смртта на војната наликуваше на смртта на еден диносаурус. Смрт која паѓа врз другите. Луѓето како исплашени врапци се разотидоа низ светот. Без куфери, тие наликуваа на филмски статисти во хорор филм.

На денот на враќањето тие го заменуваа филмскиот жанр, а некои и улогите. Празните села се урбанизираа. Моите вујковци дојдоа и се вдомија во куќата на мојот српски сосед. Убиениот шарпланинец беше заменет од свињата. Војната и на животните им ги менуваше сопствениците.

Мене ми се менуваше погледот на некогашното секојдневие.

 

  1. Ловците на свињи

Не ги познавам моите вујковци од куќата на соседот Србин. Туѓи портрети беа ставени во погрешни рамки. Ниту движењата во дворот не изгледаа нормални, гласовите што ги слушав беа неразбирливи. Кога влегов во куќата, не се почувствував како кај вујковци. Ниту тие се чувствуваа како во своја куќа. Сликите на избеганите соседи беа останале на ѕид како доказ на едно време во заминување. Заедничка просторија делеа портретите што се движат, со тие на ѕидовите. Јас не гледав луѓе, гледав портрети. Изгорените куќи се заменија со напуштени куќи. Србите го напуштија градот под несигурноста на крајот на војната. Чудно, Албанците не можеа да живеат во војна, а Србите во мир!

Од свињската штала покрај смрдеата, доаѓаше и збунувачка бука. Нивниот крик предочуваше густа планина и лов на диви свињи. Но, ова беа питоми свињи, некој друг беше див. Вратата од шталата беше отворена, па свињите беа напаѓани, се раскрвавуваа, се крадеа, се осакатуваа. Муграта на слободниот ден најавуваше ноќ на продолжување на апсурдот, само во друга димензија. Кучињата и кравите не успеаја да преживеат во војна, сега им дојде ред на свињите кои требаше да се убијат во мир. Ушите им се тресеа како скапани од мраз лисја од зелка, им се собираше раскалената кожа додека се товареа полуживи од колењето во камионетите на градските ловци. Во мене потонуваше предрасудата за свињите. Тие завршуваа по скари и нивното месо почна да се продава како еленско месо. Нивното отуѓување се случи и по печењето, така бараше одбраната на верскиот морал.

Моите вујковци, кои не го одбранија своето куче, не ја одбранија ниту свињата. Свињата и кучето беа увертира на ужасот. Кога заврши ловот на свињи, и тие се исфрлија од српската куќа. Таа не можеше да им припадне ниту како засолниште на тагата. Им фати око на трговците на слободата. Во Мердаре се отворија шалтери за меѓународни трансакции. Српските куќи се палеа. Една стара Србинка беше убиена, сама во својата куќа. Чудно, старците Албанци и Срби полесно ја доживеаја куќата како свој гроб, отколку да се иселат. Војната продолжуваше само со други методи. Сега војната не ми личеше на животно, сега таа се претвори во вирус. Возовите повторно пренесуваа луѓе, но сега во друг правец. Лелекањето на луѓето беше исто, само звучеше на друг јазик. Во мојот град се намалуваше бројот на луѓето што ги познавав, се зголемуваше тој на непознати.

На хорор филмот му се додаде една епизода.

 

  1. Епилогот на едно крваво време

Требаше да мине време за смртта да избега од моето тело. Таа беше влегла како страв и  ги натежнуваше моите клетки. Стана како дополнителен орган, како крвта, како водата. Без нејзиното отстранување не бев јас. Некои го викаа посттрауматичен стрес. Пораснав слушајќи за убиства, а сега ги доживував. „Го стигна крвта убиецот“, беше една фраза што ме следеше од детството. Ниту во Канунот на Лека не разбирав како те стига крвта на жртвата. Но разбирав дека крвта не е вода. Како во балада ми звучеа показните зборови за тие кое се побратимиле пиејќи ја крвта еден на друг. За „побратимите“. Не можев да замислам како се пие крв и како се создава братство од капките крв. Сега се слушаа други приказни, кој излеал повеќе крв кон кого. Беше крваво време.

Лицето на градот почна да станува со огледала. Стаклените фасади кажуваа дека доаѓа едно стаклено време. Мојот отсјај во тие фасади се преобразуваше. На нив се чешлаа и девојките дојдени од Молдавија. Приказните за сексот со животни, за силувањата се заменија со приказни за борделите. Белите Молдавки станаа синоним за бело робје. Мене повторно ме обземаше одбивност. Вујковците од пепел изградија нови куќи, но не држеа веќе куче. Соседите Срби не се вратија повеќе. На местото на нивната продадена куќа се изгради облакодер. Во градот не остана ниту една свиња. Смртта почна да излегува од мене како духот од Аладиновата ламба. Треба да создадам нова приказна за да ја победам смртта.

Требаше да ја прескокнам крвавата линија.

 

Превод: Крешник Ајдини

 

 

  Африм Демири

роден 1960 година, во село Сазли, Урошевац, Косово. Со книжевност започна да се занимава во '80 години пишувајќи поезија, кратки раскази и репортажи. Неговите дела неколку пати се наградени на разни конкурси. Во 1994 г. Книжевниот клуб „Де Рада“ ја објави неговата збирка со поезија „Црна панделка“. Во периодот 1997-2015 објавуваше публицистика, како дописник на весникот „Коха диторе“. Во 2003 година ја доби наградата „Дописник на годината“. Исто така, беше соосновач на локалниот весник „Ферпрес“ и уредник на вести во ТВ Тема.
Контакт: af_demiri@hotmail.com

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.