Милена Бабиќ

 

 

На масата од борово дрво, низ прозорецот ја набљудува глетката сосем различна од онаа што како дете ја гледаше во зимските утра додека мајка му стоеше крај шпоретот варејќи млеко. Никогаш не го сакаше мирисот на врело млеко. Се сеќава како мајка му го молеше да го пие затоа што нема ништо поздраво на светов од шолја топло млеко. Се сеќава на мајчините дебели листови под најлонските чорапи со боја на кожа, нејзината ретка коса собрана во пунџа и растојанието помеѓу забите поради кое изгледаше како никогаш да не пораснала докрај. Па, се сеќава, и како, додека студираше, по автобус му праќаше пакети со сушено месо, со варен млад грашок и со орасници, и како, додека умираше, му се смешкаше како да го охрабрува, како да сака да му каже дека ни тој канцер што му ја јаде утробата на човека не му може ништо. Човекот е човек и човекот е среќен сѐ додека е свој и слободен, сѐ додека работи како што чувствува во срцето.

Чу дека малата куќа од кал на мајка му изгорела. Чу и дека гробиштата, сосе коските на мајка му и со растојанието помеѓу забите, е урнато. Ги затвора очите и го замислува сето тоа за кое му зборуваат и тоа изгледа како некој филм, како да не е стварно. Не сака веќе никогаш да отиде таму, не затоа што е свесен дека би открил дека е стварно, туку затоа што верува дека кога еднаш ќе отидеш, веќе немаш право да се вратиш. Нема право да се врати, па дури и до крајот на животот да копнее по вкусот на оние диви јаболка што растат покрај земјениот пат и мирисот на мека трева на која шутирајќи крпеница и го доби прекарот Кројф.

Овде каде што живее сега сите се чудат зошто досега не нашол подобра работа. Таму каде што живееше претходно беше наставник во гимназија. Ги водеше учениците на театар и носеше мантили и изгланцани чевли. Имаше жена што му ги пеглаше кошулите и на кујнската маса ставаше вазна со мимози. Се разделија кога почна војната, најпрво на кратко, на неколку недели, па потоа тоа кратко се претвори во месеци и години и потоа во занавек. Чу дека повторно се омажила и дека има дете. Се прашува дали сѐ уште мижурка кога решава крстозбор. Пред некој ден наполни педесет, се сети на тоа иако не сакаше. Се сети и дека секогаш го задеваше дека е постара од него, иако само неколку дена, и дека, сакајќи да затрудни, несвесно ги преплетуваше прстите на празната матка.

Сите се чудат што сега не му е важно што носи крпен капут и што нема пари да плати сметка за струја, а зимата се приближува, денот е сѐ пократок и тој мора да пали свеќа веќе во пет часот за да му се гледа додека чита. Му нудат заеми што тој ги одбива со поткревање на рамената. Се чудат како може така да живее и зошто не смени нешто, има пред себе уште речиси пола живот, зар мисли да го мине во тоа трошно куќаре без струја, во тој крпен капут. Кројф молчи, нема волја да им објаснува дека не можеш да живееш еден ист живот двапати, не кога ти изгорела родителската куќа, а фотографијата на еден од оние ученици што си ги носел на театар си ја видел во некрологот во дневниот весник и ти паднало в очи дека под униформата рамената му се тесни, како да е сѐ уште она исто дете што се препотува затоа што не ги знае деклинациите.

Сите се чудат освен Вера, која работи во месарницата. Вера под крвавата престилка носи блуза со цвеќиња и има растојание помеѓу горните единици како и мајка му. Вера често му го покажува тоа растојание зашто постојано се смее – и таа изгледа секогаш прави како што чувствува во срцето. Се смее додека во хартија од весник му витка пилешки срца и чкембиња. „Издинстај ги со две главици кромид и господска работа“, вели приближувајќи ги до усните трите споени прсти. Го вели тоа така што, што би се рекло, му потекуваат лиги. Овие другите не разбираат зошто јаде чкембиња кога, кога би се потрудил малку, би можел да јаде шницла. Вера се смее. И таа дошла однекаде, знае што му е потребно на човек за да биде среќен. Знае дека кога така ќе дојдеш однекаде од каде што не си сакал да си заминеш, среќата може да се завитка во мрсна хартија од весник. Затоа Кројф секоја сабота пешачи два километри до нејзината месарница. Понекогаш таа по работа пешачи до неговата куќа и таму играат табланет. Вера брои на глас додека собира. Постара е од него. Во времето кога растела таа, девојчињата од село оделе на школо само четири години. Ракописот ѝ е несигурен, искривен налево, го виде тоа кога од торбата извлече лекарски рецепт на чија опачина беше запишан рецепт за тулумби. Понекогаш Вера му кажува како дедо ѝ во коњска запрега ја возел на панаѓур и му покажува фотографии што ќерка ѝ ѝ ги праќа од Австралија. Внукот го видела само еднаш, имал тогаш една година, а сега веќе има седум. По образот ѝ се лизга солза која под светлината на свеќата блеска и која таа брзо ја фаќа помеѓу двата огрубени прсти. Под ноктите ѝ е црвено од животинската крв и рацете ѝ мирисаат на хлор.

За роденден Вера му носи торта со три кори и розе фондан. Го преварила филот, па шеќерот крцка. Кројф го болат непцата додека ја џвака тортата на Вера, ама не би ѝ го кажал тоа за ништо на светов. Зошто и да ѝ каже, кога е тоа навистина најдобрата торта што некогаш ја јадел. Вера се смее, растојанието помеѓу горните заби ѝ е толкаво што низ него може да го провлече јазикот и Кројф мисли дека тоа сигурно го правела кога била девојче. Ја џвакаат тортата и се смеат. Ноќта паѓа. Кројф додава трупче во шпоретот и ја пали свеќата.

Кога ќе ја испрати Вера, Кројф седи на масата со отворена книга пред себе. Не почнува веднаш да чита. Прво со затворени очи ги наслушнува неразбирливите гласови од дворот на балетската школа во зградата отспротива. Помислува дека балерините имаат фустанчиња од тил со боја како фонданот на Вера и искривени ножни прсти. Потоа станува и вари чај. Ги грее прстите цврсто држејќи ја жешката шолја. Велат дека оваа зима ќе потрае, мора да штеди дрва.

Под пламенот на свеќата буквите најпрво почнуваат да поигруваат, потоа се изобличуваат и се издолжуваат пред да исчезнат под неговите склопени капаци. Главата на Кројф лесно паѓа на масата од борово дрво. Во сонот, Вера се смее. Пламенот прво ги зафаќа листовите од книгата, кои се виткаат и чрчорат, потоа косата на Кројф, потоа неговиот крпен капут префрлен преку потпирката на столчето. Во сонот, Кројф ја прашува Вера дали како девојче го провлекувала јазикот низ растојанието помеѓу забите.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

* Расказот „Кројф“ е вклучен во збирката по избор на организацискиот тим на конкурсот Бибер.

 

 

  Милена Бабиќ

Милена Бабиќ е родена 1980 г. во Белград. Во деведесеттите имала кратка коса и слушала панк, а во двеилјадитите студирала психологија на Филозофскиот факултет во Белград. Живее, работи и пишува во Крушевац. Кројф е нејзин прв објавен расказ.
Контакт: mileeena.babic@gmail.com

 

 

ažurirano: 28/09/21

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.