Аница Марцелиќ

 

Татко ми од дуќанот донесе неколку празни картонски кутии на кои пишуваше: „Чајни колачиња“, или: „Сончогледово масло“. Рече да ги наполниме со најнужните работи, зашто повеќе од тоа нема да собере во багажникот. Спуштајќи ги кутиите на верандата, се потпре на ѕидот од куќата и долго го разгледуваше дворот. Потоа полека го креваше погледот по рапавата кора на ореовото стебло, кон крошната и кон пувкестите облаци на пролетното небо. На крајот го спушти и го остави неконтролирано да плива по рамнината во далечината. Кога ми здодеа да го следам неговиот поглед, се префрлив на набљудување на црешите на чичко Лујо, опсипани со пупки мирисливи цветови, подготвени наскоро да се претворат во сочни слатки плодови.

За тоа време мајка ми го тресеше имагинарниот прав од картонските кутии, обвинувајќи се за солзите, кои неуспешно се обидуваше да ги скрие.

„Не се потпирај на ѕидот“, му рече на татко ми. „Ќе ja уништиш облеката, па ќе одиш по светот искинат ‘ко последен голтар.“

Кутиите до последниот милиметар го исполнија багажникот на автомобилот. Успеавме да го пикнеме само уште мојот розов пони-велосипед, и тоа расклопен на делови. Без него не сакав да тргнам на пат. Малкуто облека и постелнина зазеде повеќе од половина од задните седишта, додека преостанатиот дел остана слободен за мене. По патот, непрестајно гледајќи низ прозорецот, се присетував на прекланското патување на море. И тогаш автомобилот беше натрупан со сѐ и сешто, но често застанувавме од разни причини: за да го погледнеме слапот на некоја река, да ја изедеме понесената храна или само да ги протегнеме нозете, мирисајќи го воздухот на новиот пејзаж.

Ова патување беше сосема поинакво. Сендвичите ги јадевме молчејќи, не застанувајќи и не прекинувајќи го возењето, иако се менуваа пејзажите и местата низ кои минувавме. Повремено ме фаќаше желба да кажам дека некои попатни населби ме потсетуваат на насмевката на чичко Лујо: по некој заб, зад кој следуваат црни откршоци, потоа пак заб, па откршок со сјајот на некогашната белина под гнилата патина. По овие села така беа поредени куќите: по некоја речиси неоштетена, зад неа низа урнатини, па пак куќа зад која следува пепелиште низ чии црни гламни пркосно бликаат ластари див слез и млада трева. Ми се чини дека тогаш во главата ми се формираше нешто како прашање дали во природата на природата е да не се обѕира на трагите на човечката деструктивност каде и да е тоа можно. Се плашев да го прекинам траорното молчење во автомобилот за да ги споделам своите размислувања со родителите. Се правев дека не забележувам ништо.

Пред нашата нова куќа нѐ дочека агент. Ми објаснија дека е тоа човекот што знае кој сака да ја замени куќата со некој друг. Кога ќе се постигне договор, тој им ги предава клучевите на новите сопственици. Нашиов го направи тоа брзо, срдечно нѐ поздрави и си замина по својот пат. Родителите здивнаа, не им ни требаше за нешто повеќе од тоа.

Мене во тоа време сите куќи ми беа добри, само ако не личеа на гнили заби. Нашава се држеше сосема пристојно, дури имаше и орев во дворот. Нашата нова прва сосетка, тетка Маца, имаше цреша, така што речиси сѐ беше на своето место. Впечатокот ми го расипуваше само нејзината насмевка полна со прилично бели заби. Поради нив ме тиштеше прашањето дали, како штрбавиот чичко Лујо, ќе глуми дека не гледа како децата ѝ доаѓаат да крадат цреши, штом тие ќе почнат да созреваат.

Во шпајзот најдовме многу уредно спакувани порцелански садови. Мајка ми рече дека нема да ги чепкаме тие кутии. Сигурно луѓето сакале да ги земат, но на крајот немале доволно простор за сѐ. Војната нема да трае вечно, па ако се вратат по нив, ќе ги чекаат спакувани, баш како што и ги оставиле.

Мене ме привлече сосема посебната керамичка шолја оставена настрана на полицата. Не беше дел од спакуваните комплети. На неа пишуваше „Јелена“. Потскокнував од среќа што непознатите луѓе мислеле на мене и оставиле шолја со моето име.

„Мамо, мора да ми ја дадеш, тие ја подготвиле за мене, знаеле дека доаѓам“, барањето ја расплака мајка ми, но не го одби.

Денес сум сигурна дека тој ситен кршлив предмет ми помогна прилично брзо да се завијам во некоја чаура од топлина, со текот на времето дури и со приврзаност кон оваа дотогаш туѓа куќа, со туѓи мириси вткаени во теписите и во завесите и со туѓите предци на ретушираните фотографии наредени на ѕидот над старинската комода.

Долго време секое утро пиев чај од својата шолја „Јелена“, зашто од ниедна друга не беше толку мирислив и фин, сѐ додека тетка Маца не дојде да позајми малку шеќер за утринското кафе.

„Па, ти уште ја чуваш шолјата на Јелена! Тоа ѝ го подарија за шестиот роденден, кога веќе знаеше да чита и да пишува“, рече речиси восхитено.

Не знам како успеав да ја придушам збунетоста и изненадувањето. Промрморев само дека е шолјата убава, а и моето име е Јелена, па сѐ добро се вклопило.

Оттогаш чајот, подоцна и кафето, ги делев во две шолји: својата, сосема нова, и онаа старата, на Јелена. По сознанието дека сме врснички, ми беше лесно да почнам да ѝ го доверувам сето она за што немав некого во близина, зашто, како и повеќето други во околината, во нашето рането место животот се враќаше со чекор на полжав.

Кога целосно пораснав, се осамостоив и почнав по малку да патувам, па одлучив да ја побарам. Сметав дека ќе биде доволно да отидам на адресата на своето рано детство.

Оддалеку ги препознав оревот и црешата. Во приземјето на нашата некогашна куќа имаше продавница на мали апарати за домаќинство. Онаа на чичко Лујо изгледаше како да е веќе долго напуштена, со спуштени ролетни и двор обраснат во коров. Човекот во продавницата ми рече дека поранешните сопственици му ја продале куќата кога им умрела ќерката единица. Потоа купиле мал имот на село, за да ги скратат деновите на старост со работа во градината. И самиот од неодамна доселеник, ми ги раскажа оние малку работи што ги дознал од родителите на Јелена: дека од ништо непредизвикан, некој невидлив испукал рафал кон местото каде што семејството застанало накратко да одмори за да го продолжат полесно патувањето кон новиот дом. Девојчето најтешко настрадало. Годините борба со последиците од ранувањето наизменично донесувале подобри и полоши денови, за конечно, по еден од бројните хируршки зафати, сепак, да попушти.

Погребана е на месните гробишта, втората парцела десно од влезот.

Повикувајќи го сеќавањето, талкав некое време низ овој по малку зафрлен град, еден од оние во кои сите знаат сѐ за сите. Се надевав дека ќе забележам некој познат, личност на која ќе се осмелам да ѝ се обратам и да ја прашам нешто повеќе за Јелена, мојата Јелена, пријателката што никогаш нема да ја сретнам. Не се осмелив. Се плашев дека ќе ме препознае, дека ќе ме осуди поради мојот нов акцент, ќе ми рече дека оној што си заминал не треба да се враќа и да се вратам од каде што сум дошла. Во цвеќарницата од скромната понуда избрав страк цвеќе и се упатив кон гробиштата.

На второто поле десно од влезот, по ред ги читав имињата на спомениците. На една прилично нова мермерна плоча имаше фотографии и имиња на мажи и на жени, со изгравирана година на раѓање и празно место за годината на смртта. Под нивните, стоеше слика на убава темнокоса девојка со срцевидно лице и големи љубопитни очи. Двете години беа изгравирани. Поживеала до полнолетството. Јелена. Сите култури што ни се познати се согласуваат за едно: најлошо е кога ќе се наруши редоследот, кога старите мораат да ги оплакуваат младите. Каква мора да е болката на нејзините родители!

Го ставив стракот цвеќе на камената плоча и од шарената украсна хартија ја извадив шолјата со натпис „Јелена“, мојот драг предмет, кој овде веќе немаше кого да развесели.

„Прости што нема да ти ја оставам“, реков, мислејќи дека низ светот и денес лунѕаат многу лоши луѓе. Некој од бес би можел да го шутне и во парампарче да го скрши овој скромен материјален фрагмент од нашата заедничка историја, историја на двете Јелени, кои, и без да знаат една за друга, се разминале некаде во времето и во просторот, физички патувајќи во спротивна, иако со белегот на прогонството означена, суштински, во сосема иста насока.

Се простив од Јелена, тажна поради нејзината бесмислено прекината младост. Си ветив и себеси и ветив и нејзе дека нема да биде заборавена.

И денес речиси секој ден пијам кафе со мојата Јелена. Сѐ уште е единствената што знае сѐ за мене. Нејзе прво ѝ ги читам своите раскази за деца во кои најпаметното и најубаво девојче редовно се вика, не со моето, туку баш со нејзиното име, а момчињата ја презираат играта со пластични пушки и тенкови. Ѝ раскажувам за сите свои љубови и разочарувања, барам совети за воспитувањето на децата, за работата и за облекувањето. Ја прашувам како го замислувала својот живот пред некој бездушен да ја стави во погон својата стравотна колекција убиствени играчки.

Обземена од страв дека моето пријателство станува малку себично, понекогаш се прашувам самата себе дали некои од тие теми се претешки за нејзините кревки осумнаесет лета.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Аница Марцелиќ

Аница Марцелиќ е родена во Ричице 1955 година. Школувањето на хотелиерско-туристичката насока го завршува во Загреб, каде што го одработува работниот век. На пишувањето раскази се враќа во 2018 година, по подолг прекин. Објавува во разни списанија и на интернет-страници. Повремено се јавува на книжевни конкурси каде што често е меѓу финалистите, некаде и наградена. Кратки раскази ѝ се објавени во неколку групни збирки.

Kontakt: anica.marcelic@gmail.com

 

 

ažurirano: 24/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.