Тена Лончаревиќ

 

Вера си помисли дека ѝ се причинило, во последно време светлината и звуците си поигруваат со неа, особено при влезот со вака пробивачко бело сонце во замрачената куќа. Низ ненадејното црнило блескаат заостанатите кадри забележани во краткиот утрински период кога воопшто се осмелува да излезе надвор, пред нападот на летната жега. Откако е сама, секоја глетка се меша со некоја веќе одамна видена, како пред себе да турка вреќа во која се прпелкаат заплеткани слики од минатото, па на секое некоја ќе побегне надвор и ѝ скока пред очите. Ѝ се препушта на таа лажливост, откако остана сама, деновите и онака се сосема бесмислени и празни. Наутро пристава кафе, на масата ги става ѓезвето и шолјите. Вера знае дека Мирослав веќе го нема, ама во тој утрински ритуал како тоа да не е вистина, како да го гледа пред себе во неразбудената тишина, со кошулата на која не го закопчал горното копче, го гледа како ја набива цигарата на чибукот и бледнее во трагата на чадот. Оддалечениот разговор од улицата за миг е сосема разбирлив, а потем се стишува и исчезнува, заедно со тропотот на потпетиците и брмчењето на возилата. Вера го пали транзисторот за гласовите на спикерите што потпукнуваат да ја пополнат тишината, потем излегува во дворот, во куќниот фустан со ситни цветчиња оди кај расцутените далии и бегонии, тивко и милно им зборува додека ги полева.

Најпрвин не реагира, чкрипењето на отворањето на капијата се скрила во некоја жаловита оркестрација што цивка од транзисторот. Не реагира ниту на првиот повик на газдата, помисли дека ѝ се причинило, мора да ѝ се причинило. Тој глас не влегол во нејзиниот двор, веќе колку години таму? Забрзано ги превртува десетлетијата обидувајќи се да сфати кога конечно го подигна ѕидот и засекогаш ја пресече комуникацијата. На вториот повик на газдата мора да ѕирне. Го наведнува своето старечко, хартиено тело до онаа тесна лента светлина што продира под речиси сосема спуштената ролетна. До капијата, со раката положена на полуотворената врата стои тој, Антун. Се обрнува кон цвеќињата пружени до оградата, па зачекорува на тесната патека што води право кон терасата и на влезната врата од нејзината куќа.

Да, без сомнение е тој, ги влече глуждавите бели нозе во искинатите влечки, дебелата долна усна потскокнува со секој чекор. Во раскопчаната летна кошула, подуениот стомак ги растегнува вертикалните ребра на белата поткошула. Пропаднал од последниот пат кога го виде, тоа малку коса околу ушите сега е сосема седа, а образите обесени како на англиски булдог. Јазлите на нездравите вени синеат на восочната кожа на нозете, Вера е изненадена од размерот на пропаста што ја гледа пред себе. Не е дека не се среќаваат, во оние ретки ситуации кога ќе се одважи да прошета до центарот, таа мора да помине покрај дворот на Антун, ама тогаш настојува да оди праволиниски, со погледот насочен кон конечниот излез од улицата. Тие неколку метри покрај високата жива ограда ја следи молк, по тоа знае дека Антун е во дворот, знае дека тој и Мандица се здрвиле, со запрените градинарски ножици во рацете чекаат да им се мавне од видокругот. Едни за други престанаа да постојат, а таа одлука бара полна концентрација баш при ваквото излегување од дома.

Вера се сеќава дека беше изненадена на почетокот, откако високиот лимен ѕид осамна на размеѓето помеѓу нивните дворови, не од Антуновото, тоа никако (од него беше подготвена и за многу полошо), туку од однесувањето на Мандица. Најпрвин ѝ се чинеше дека по секој негов испад рамената на Мандица малку повеќе се завлекуваат, а главата во одење ѝ се повлекува уште некој милиметар надолу, најпрвин мислеше дека таа се срами од него, сепак целиот работен век беше секретарка на генералниот директор на ПИК, а тоа подразбираше определена одмереност, финотија во комуникацијата. Нејзините штофени костими, косата навиткана под хауба, кожената торбичка и чевлите со малечка потпетица никако не одговараа со сината скутина на Антун, учителот по техничка култура, дебелата чкунка од случајно во некоја незгода отсечениот прст и галамата што ги прескокнуваше цвеќињата на Вера. Ѝ се чинеше дека магнетофонската лента со звучниот запис од нивниот брак се состои од логорејата на Антун, проследена со повремената воздишка на Мандица. Со Мандица некогаш одамна преку оградата знаеја да ги коментираат временските услови, меѓусебно си упатуваа комплименти за цвеќињата и си подаруваа расади. Кога го подигна ѕидот, работите почнаа целосно да се бистрат, како појасно да ги гледаше сега, кога веќе не ги гледаше. Мандица не беше ништо попристојна од својот маж, под измазнетата, во целофан завиткана надворешност се наоѓаше истата бесчувствителност. Некое време уште потихум разменуваа добар ден како срамежливи, премолчани сојузнички среде гласната војна на двајцата мажи, ама откако Мирослав го преживеа првиот мозочен удар, а Мандица при случајните средби почна да ја врти главата, Вера сфати колку се излажала.

А еве го сега Антун, по толку десетлетија молчење, се тетерави по нејзината патека и се обрнува по дворот како пес скитник што ни самиот не знае каде да тргне. Вера чувствува како дишењето ѝ станува сѐ побрзо, во ушите ѝ татни вознемиреност. Посакува да заусти бегај, ѓаоле, марш одовде. Што има тој воопшто да бара во нејзиниот двор? Што има да бара од неа? Го гледа Мирослав како луто излетува од куќата, го фаќа Антун за јаката од искинатата кошула, го оттурнува и ’ржи да те нема. Се насмевнува пред таа глетка. Мирослав е значително поситен од Антун, неговото теме досегнува тамам до таа јака, а ковчестите дланки се неуверливи така стегнати. Долната усна на Антун е растегната од изненадување, несмасно зачекорува наназад, се занесува губејќи ја рамнотежата. Вера чувствува како телото ѝ затреперува од смеење. Таа знае дека глетката што ја гледа е само плод на нејзината осамена фантазија, во стварноста ситуацијата не би се одиграла така, на Мирослав дланките му служеа само за држење пенкало и цигари, не знаеше да се пресметува со нив.

Вера помисли дека би било најдобро да ја заклучи куќата и да го изгаси транзисторот, а потоа се сети дека за тоа е веќе доцна, Антун низ полуотворениот прозорец мораше да ја чуе музиката, тој знае дека е дома. Можеби би требало да повика полиција, ама што да им каже? Во дворот е соседот со кого не разговарам сигурно веќе триесет години? Ќе ѝ ја спуштеа слушалката со задолжителното луда баба… Сигурно и е луда баба, секако дека е. Се крие во сопствената куќа, ѕирка низ полуотворената ролетна, наместо да застане пред него и да го изговори сето она што во неа врие сите овие десетлетија, од тоа како грозно изгледаше кога почна да ја свети куќата, тој, кој на школските деца речиси до пензија им ги тргаше крвчињата од синџирчињата, како преку ограда плукна во нивниот двор додека Мирослав ја вадеше налепницата СЕ ЗНАЕ од капијата, до тоа како по него пијан знаеше да вика комуњариште, иако често со истата кола заминуваа на партиски состаноци. Вера помисли дека тој ѕид што го подигна сепак беше добра работа, ја чуваше од овој бес што повторно го почувствува со иста јачина, како нивниот тажен судир штотуку да почнува.

Вера одлучи да излезе пред Антун, сѐ ќе му наброи, сѐ по ред, еднаш барем нека се соочи со самиот себе. Ќе му каже дека сепак најмногу ја повредило тоа што на погребот не дојдоа, ни тој ни Мандица, како Мирослав да беше сосема безначаен, како да беше некаква мува од чие присуство се конечно ослободени. Кога ја отвори вратата, тој веќе седи во плетената фотелја, дише гласно како тие десетина чекори по патеката всушност да се искачувал, многу високо и многу стрмно. Грбот му е свиткан, лактите положени на раширените натколеници, обесените образи танцуваат додека се врти кон неа. Потрошена е, изабена верзија од себе. Во Вера сепак врие нервозата. Подготвените реченици гргорат во грлото, чувствува како се искачуваат кон јазикот, силно ќе избијат.

„Кафе, комшике“, промрморува Антун едвај разбирливо.

Вера застанува, па нагло сфаќа, тој заборавил, заборавил дека се скарани. Пред неа седи дементен старец чиј збркан мозок ги насочил нозете во погрешно десетлетие. Дали е можно да заборавил сѐ? И ѕидот и молчењето и презирот со којшто едни со други си ги изговараа имињата? Омразата негувана толку години изветреана како росата од бегунијата. Вера ја преплави необјаснива тага, ги проголта сите подготвени бесни реченици, сега веќе немаат смисла. Нивните преѕидани животи одеднаш се укажуваат какви што навистина се, ситни и мизерно смешни. Се обидува да го замисли Мирослав на оваа тераса, се обидува да го смести до Антун, ама сфаќа дека не може, пред очите ѝ расте само празнина.

Го спушти своето старо, хартиено тело во плетената фотелја покрај Антун. Погледот му кружи уплашено, изгледа како некаков давеник миг пред да потоне. Вера ја положува својата рака на неговата, се помешуваат сплетовите на набрекнатите вени и пегите на кожата.

„Какво кафе сакаше, благо, без млеко?“, праша.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Тена Лончаревиќ

Тена Лончаревиќ е родена 1978 во Винковци. Професорка е по Хрватски јазик и книжевност, живее и работи во Жупања. Објавувала текстови на разни интернетски портали и во списанија. Во издавачката куќа „Огранок на Матица хрватска“ во Винковци 2020 година ја објавува збирката кратки раскази „Неми монолози“. Си ги сака семејството, зборовите, фотографијата и кучето.

 

 

ažurirano: 21/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.