Милан Воркапиќ

 

Вчера се вратив од Србија, таа земја на мракот, четниците, омразата и прасињата. Еве, уште не сум ги распакувала ни работите, ни душата. Уште сум целата збрчкана, а морам да се средам. Најпрво морам да го однесам апаратот да ми ги развијат сликите… не ми е доволно само во компјутер. Може да ми падне системот, па пак ќе бидам без татко. Зарем повторно во формуларите ќе ставам цртичка наместо името на таткото?

 

**

Таа некаква Борча едвај ја најдов. Такси не смеев да користам, зашто сум предупредена дека белградскиот џган ќе ме одере до кожа. Познати се по тоа дури и овде кај нас. Во Борча излегов по некоја приближна проценка на еден постар господин:

„Ах, девојко, овде имињата на улиците не значат ништо. Знаете ли која кафеана или стовариште е во близина?“

На киоскот ми објаснуваат дека сум требала да излезам една станица порано. Но, без оглед на тоа, бев задоволна. Откако излегов од возот, барав автобус и патував за таа Борча, имав некаква нелагодност, дури се вртев за да проверам дали некој ме следи. За чудо, никој не ме закла, па дури ни навреди, и покрај мојата ијекавица. Цело време од Загреб вежбав: „лево“, „хлеб“, „млеко“, „где“, „биоскоп“… Залудно. Штом излегов на станицата, прашав:

„Gospon, prosim vas…“

И што е интересно, досега не сретнав ниту еден четник… или вешто се кријат. Ме осетиле, се прочуло дека доаѓам. Дури оваа жена љубезно излегува од киоскот и покажува на скратениот пат за да не се враќам со автобус за една „постаја“… станица… белки. Како упорен ловец, така и јас пешки се приближував до својот улов. На бандерата е заковано парче даска на која рачно е напишано „деветта улица“… На латиница?! Ми се стегна грлото: тоа е тоа. Повеќедневната љубопитност нагло ми ја потиснаа стравот и нелагодноста. Самата себеси се терам да издржам и да не се откажам од авантурата. Шаренолики куќи: големи, малтерисани и со железна ограда, недовршени, паркирани скапи и евтини автомобили, дури и еден трактор, купови песок и даски, алишта на жица, мешалки, макадам. Ги следам броевите. Како што се доближува 39 почнуваат и колената малку да ми треперат, ме издава и срцето – ненормално удира… А да се откажам?… Сепак требаше да се јавам со писмо, да проверам дали и тој ја сака таа средба, да му соопштам дека постојам. Еве го 37… сега ќе дојде 39. Не можам да тврдам дека е куќа; заѕидано приземје од сиви бетонски блокови, наместо покрив по рамната плоча, затегнат голем најлон, притиснат со даски и со тие евтини сиви блокови. Во еден блок е засадена летва со ТВ-антена. Пред куќата мешалка покриена со најлон, хаварисано „југо“, исто така, покриено со најлон… Дали и тие се облечени во најлонска облека? Во дворот никој. Како со туѓи нозе одам по бетонската патека до полуотворената врата. Нема ѕвонче, тропам на матното стакло.

 

**

„Те разбирам јас тебе, девојко, но разбери ме и ти мене. Нормално е да го бараш татко ти. Нормално, велам, но така непозната да ми се тупнеш дома и да кажеш дека си ми ќерка… Тоа е… тоа е, баш, без основа… Точно е дека во младоста се сакав со Анкица… твојата мајка. И многу ми е жал што умрела… баш ми е искрено жал, не знаев за тоа. А тоа што ти кажала, не верувам дека е вистина. Не може да биде вистина, разбираш? А, да ти кажам право, Анкица многу и искрено ја сакав, поради неа побегнав од ЈНА, ризикував воен суд. А, таа нека ти е и мајка, ама морам да ти кажам, не беше верна… Ме изневеруваше, имаше уште некого… Ете, затоа јас не ти верувам, моја драга девојко. И тоа нејзино изневерување, верувај ми, беше баш гадно. Не можам сѐ да ти кажам, не е во ред, ќерка не можеш да ми бидеш…“

„Па, јас и сум ваша ќерка.“

„Аууу! Што си запнала? Ќерка, па ќерка! Не ти е ова турска серија, па тукутака одеднаш да ти излезе таткото, братот, сестрата… Јас убаво ти велам дека ништо од тоа не признавам, зашто имам премногу свои маки и неволји. А и сиромав сум, сиромав. Подобро избери за татко некој богат. За мајка ти не сакам да чујам. Покој ѝ на душата, ама подобро не заслужува, жими верата. Ако го испи сокот…“

„Добро. Ќе си одам, но ве молам да ми кажете зошто мислите дека мајка ми ве изневерила. Само тоа и веднаш ќе си одам, и никогаш повеќе нема да ме видите.“

„Слушај бре ти, девојко! Ќе ти го кажам уште тоа… Па… Еве вака. Бев јас во ЈНА во Словенија. Нѐ нападнаа Словенците на 27.6.91 на аеродромот „Церкље“. Испукаа десет гранати на нас… Се браневме, не верувајќи дека некој наш може да пука на нас. Твоите Хрвати почнаа масовно да дезертираат, само ги снемуваше. И мене ме викнаа и ми објаснија како да побегнам; мислеа дека сум нивен. Што поради страв од војната, што поради Анкица, една ноќ и јас се извлекувам и бегам. Во четвртокот нѐ нападнаа, а јас дезертирав во петок вечерта. Иако имаше само десет километри до хрватската граница, цела сабота се криев и ползев. Кога во неделата некако дојдов во моето место, знаев дека не смеам дома, зашто можеби ме чека милиција, а и во Хрватска почна на големо да се пука. Одлучувам да одам кај Анкица во село, тука некако ми беше најсигурно, а и срцето ме влечеше. Едвај онака во униформа некако се провлекувам до нејзиното село, во понеделник рано се јавувам само на некој Горан Куја и одам до нејзината куќа… И знаеш ли што најдов, девојко? Отворена врата, никого нема, а внатре наместена маса за двајца. И тоа онака… свечено: бел чаршаф, цвеќе и свеќи, две кристални чаши, две чинии, ќебапи… Музика тивко свири… Мора тој да ѝ бил многу важен кога така царски го дочекувала додека јас се борев на аеродромот. Мене никогаш не ме дочекуваше така, да знаеш… Можеби тој ти е татко?… Се повлекувам тивко како што дојдов. Ти признавам дека ме гушеа солзи и бес… Што ќе правиш… Можеби така и беше најдобро, зашто да ги најдев, не сум сигурен што би се случило. Можеби би паднала и крв, зашто навистина ја сакав. Ете… тоа ти е тоа…“, воздивна Миле.

Девојката почна да се смее со некоја горчлива насмевка која прераснува во јачење. Човекот смуртено ја гледаше, не знаејќи што да прави. Помолчи, па со шуплив глас тешко изговори:

„За половина час ми се враќаат жената и синот… Не би сакал да… да… да те најдат.“

Таа заедно со шамивчето од торбата вади неколку листови:

„Ех, тато, тато“, воздивна прекорно, погледнувајќи го со уплакани очи, отворајќи го малиот бележник. „Ова е дневникот на мама. Ќе ти прочитам дел… па потоа ти одлучи. Брзо ќе… Еве, мислам дека е најдобро од… од… еве одовде:

Недела, 16.6.91 – Напишав писмо во Дојчланд. Убав сончев ден. Дојде тета. Овие будали и понатаму, демек, војуваат, па, демек, нешто се смируваат. Ако добро се смират, и јас ќе се смирам. Каква среќа имам, Миле прв ќе ми настрада.

Понеделник, 17.6.91 – Денес работев попладне. Претпладне се симнав до продавница. Повеќе и не треба да прашувам, Горан Куја ми кажа дека немам пошта. Некој чичко од Долни Стрновци изнакупил полна приколка брашно, сол, ориз, салама, кекси, макарони, шеќер, батерии, тоалетна хартија, пиво, вино, сланина, брдо конзерви. Нарачал кај Куја 50 литри бензин. Мики го прашал зошто му е тоа, да не отвора дуќан во Стрновци. А чичкото: „Крвава војна почна, деца.“ Мики и понатаму се шегува со него: „Па, што ќе ти е тогаш пиво и вино? Да не ќе ги гаѓаш четниците со шишиња?“ А тој: „Синко, чичо преживеал една војна, па знае дека секоја војска те остава на мир, ако имаш нешто за пиење.“ Сите се смееја, само мене не ми е до смеење. Каде баш сега да почне војна кога Миле е во војска. Има ли тој сега некое пиво или конзерва? Сите ја пцујат ЈНА, а јас верувам во неа и верувам дека тој ќе ми се врати.

Вторник, 18.6.91 – Вечерва гледав дневник. Сите полуделе. Јас никако не можам да разберам зошто некои ситни проблеми мораат да се решаваат со војна. Зошто Хрватите пукаат по ЈНА кога и таму има Хрвати? Јавија дека некоја партија за права бара обнова на НДХ. Во салонот преседовме без ниту еден муштерија.

Среда, 19.6.91 – Фиќото утрово едвај запали, скоро задоцнив на работа. Да не е оваа стрмнина од куќата до селото, не знам како би го запалила. Го оставив кај мајсторот, го поправи до крајот на денот. Сега пали ко пушка. Каква проклета пушка, и јас почнав да војувам. Варев грав, ќе имам за три дена.

Четврток, 20.6.91 – Облачно, како да се спрема дожд. Брат му на Горан Куја отишол во Зенгите. Велат дека Туѓман им ветил 2 000 марки плата. Куја вели дека ќе даде отказ, па и тој ќе се пријави, зашто не може да заработи толку за една година како трговец. Во салонот дојде само кумата на газдарицата да ѝ ја измијам косата.

Петок, 21.6.91 – Штотуку заврши дневникот. Ова е катастрофа, сите начисто полуделе. Кому му е потребно ова? Зарем од војната ќе ни биде подобро? Единственото што ми дава надеж е дека некој Бејкер, американски богаташ, изјави дека Америка е за цела Југославија. Гравот малку ми загоре, ама не ми се готви пак. И понатаму немам пошта.

Сабота, 22.6.91 – Свират за тревога, божем нѐ напаѓаат србочетниците. Тревога е и кај мене; четврти ден не добив. Паника.

Недела, 23.6.91 – Јадам грав, а тој ме јаде мене. Бев кај тетка ми, па отидов на пумпа. Наполнив до врв и во канистерот, зашто почнаа големи оскудици. Беше во право оној чичко од Долни Стрновци. Нема бензин, нема писмо од него, нема мензис, општа оскудица. Тетка ми ме кара што од празникот Пресветото Тело и Крв Христова не сум отишла во црква и вели дека морам денес. Имам јас, се чини, во себе тело поради кое, моја драга тето, утре морам на гинеколог.

Понеделник, 24.6.91 – Не морам на гинеколог. Утрово си ја исповратив душата. Малку ми е глупо сето тоа, но сега знам и без доктор дека сум трудна. Пропаст. Но како вели Скарлет: „За тоа ќе размислувам утре.“ Газдарицата спомнува отказ зашто нема работа.

Вторник, 25.6.91 – Дојде писмо од Дојчланд. Старите ми честитаат роденден и јавуваат дека по тој повод ми уплатиле 200 марки. Секоја година ми испраќаат некои шушки за „Geburtstag“. Само што овие пари ќе ги потрошам на чистење, а не на честење. Хрватска и Словенија прогласија независност. Веселба по градот, пукање и восхит.

Среда, 26.6. 91 – Роденден. Наполнив 20 години. Сума сумарум: женска и пол; имам работа како фризерка, фиќо во добра состојба, сама дома, старци кои редовно праќаат од Дојчланд. Највредното и единственото што го имам е мојот Миле за кого секоја вечер ѝ се молам на Дева. Имам и повраќање – спомен на неговото отсуство. Кога си одев од работа, навратив во продавницата по леб и млеко. Купив и макарони, па сварив гулаш за 2 дена, а ништо не ми се јаде, зашто сѐ, и онака, повраќам. Горан Куја ми раскажа дека бил со некои кои побегнале од ЈНА. Го прашувам дали се тоа дезертери, а тој вели дека се патриоти. Лудница. Во дневникот јавуваат дека од МВР продреле во Глина. Србите извршиле напад на полициската станица. Хаос.

Четврток 27.6.91 – Во дневникот јавија дека Словенците со минофрлачи го нападнале аеродромот „Церкље“. Проклети да се, цел ден плачев и му се молев на Бога да ми го сочува. Само да преживее, повеќе не ми беше ни важно што се дговоривме за свадба веднаш штом дојде од ЈНА. Само да се врати жив и ништо повеќе. Макар и ранет. Само да ми се врати Миле, да не сум сама во оваа лудница.

Петок, 28.6.91 – Цел ден плачам. Газдарицата ѝ даде отказ на тетка Мира. Плаче жената, знае дека друга работа не може да најде. Кај што е во години, па уште е и „нивна“. Нејзиниот Станко доби отказ штом ХДЗ ја презеде власта во Место. Газдарицата ја убедува дека отказот нема врска со нејзината националност, па, демек, веднаш ќе ја вратат штом се зголеми работата во салонот. Можеш да замислиш. Јас пукнав, па ѝ велам: „Ако тоа е вистина, тогаш јас си одам од работа“. Газдарицата ме гледа запрепастена, зашто е затечена, па се согласува Мира да остане, а јас да одам дома. Зошто го направив тоа? Па, Мира има деца, а второ, прав другар е, и трето, мене веќе не ми е до ништо.

Словенците ги нападнале касарните, ЈНА има загуби. Овие на телевизија запенавени ги бодрат да ги убијат сите србочетници и југокомуњари. Бог да чува. Белки е жив, белки е жив.

Сабота, 29.6.91 – Не можев долго да заспијам, па се разбудив дури околу 9. Не станувам, не размислувам. Можеби треба да ја послушам мама и да одам во Дојчланд. Ако Миле се врати, веднаш бришеме во Швабија. Беше тетка ми и ме молеше утре да ја однесам во Место на шнајдер. Ќе ја однесам, сѐ е подобро од самотијата во оваа осамена куќа на крајот од селото. Морам да бегам меѓу луѓе за помалку да мислам. Белки е жив, белки е жив – Дево, помагај. Помогни и ти, нивна Дево, или тоа е истата, не знам. Помогнете заедно, ако сте две.

Недела, 30.6.91 – Тетка ми не дојде до 8. Одлучив да го чекам Миле и како тој ќе одлучи и за абортус и за селидба – така ќе направам. Сега ми е некако полесно. Одиме до шнајдер, пак не ѝ го довршиле шиењето. Вети дека утре сигурно ќе биде готово. Тетка како тетка: фино со шнајдерот, а кога седна во фиќото, му испцу сѐ по список и сите роднини не престана да му ги реди сѐ до нашето село. Ми нудеше за бензин, а едвај дочека да ја одбијам. Прифатив единствено и утре повторно да ја возам.

Понеделник, 1.7.91 – Сѐ помалку повраќам, јадам кисело. Тетка ми порани и до градот продолжи да го пцуе кројачот. Ја оставам тетка ми кај кројачот зашто пак не завршил. Вети до пладне. Тетка ми пак љубезна со него, но останува во дуќанот. Одам во град да ја чекам до 12. Прво „Кај мостот“ одам да јадам кифла и да пијам бело кафе. Само што седнав, влета Горан Куја и се загледа во мене како да видел дух. Ме фати за мишка и ме извлече во ходнкот. Гледам дека нешто се случува, го прашувам да не дошло писмо од Миле. А тој шепотејќи: „Пред половина час го сретнав твојот Миле, побегнал од Словенија. Прашува како е кај нас во село, зашто мора некаде да се засолни. Те спомна тебе, вели дека кај тебе му е најсигурно.“

Точно почувствував како полека ми растат крилја, на белите дробови не можев да им додадам воздух колку што бараа. Истрчав и седнав во фиќото. Сигурно е уморен, гладен, знам колку сака ќебапчиња, купувам кило и 10 лепињи. Трчам дома, по ѓаволите со тетка ми и нејзиното шиење. Само гледам дали ќе го видам негде по пат. Сигурно кутриот се крие и од Србите и од Хрватите, и од полицијата, и од војската, и од паметните, и од будалите – брза тој кај својата девојка, злато мое. Брзо ја поставив масата, бел чаршаф, две чинии, ќебапчиња, цвеќе, дури и свеќа запалив, најдов музика. Кога ги ставив чашите, сфатив дека од голема возбуда заборавив пиење. Пиво, секако. Миле не може без пиво. Трчам до фиќото и право во продавницата кај Горан Куја. Ко за беља, затворено, уште не се вратил од градот. Продолжувам до гостилницата и купувам гајба пиво. Брзам назад. Чекав и чекав. Ништо. Јас бев и останав овца. Или Куја ме измамил или Миле ме заборавил. А можеби го уапсиле. Цела ноќ седев и чекав.

 

**

Вчера се вратив од Србија, таа исплукана земја, и како што велат – земја на мракот, омразата, четниците и заостанатоста. Четници нигде ни за лек, никој не ме нападна, ни силуваше. Ни мракот не го видов; ми се расветли сликата на семејството. Го запознав татко ми Миле и брат ми Ѓорѓе. Не се исплакавме и не си паднавме еден на друг на гради, не беше како во филмовите. Испитувачки се гледавме и не зборувавме многу, зашто немавме за што. Повеќе онака зборувавме нешто на што и не се сеќавам. Сите тројца нешто збунети тропавме. Се сликавме. Ветив дека повторно ќе дојдам, зашто тато не смее во Хрватска. И ќе дојдам сигурно. Сега веќе не морам во рубриката „Име на таткото“ да ставам цртичка. Татко ми не е некој убавец, ама затоа брат ми е ко слика. Помлад 5 години од мене, момче ко змеј. Црн, висок… Ма не е важно што се вика Ѓорѓе и што навива за Ѕвезда… Се сликавме и на сите ќе им покажам кого најдов и што имам сега. Ќе го врамам моето богатство, за кое не знаев дека го имам. Ќе морам да одам да им запалам свеќи на оние на тато, кога веќе тој не може. Ги купив и оние „нивните“ жолти свеќи, зашто овде веќе ги нема. Исфрлени. Сега кога одам кај мама на гробишта, ќе одам и на нивните, да им запалам свеќа на баба и дедо. Дедо Јово и баба Милица. Тато ми рече дека се веднаш десно кај влезот. Вели: „Пишува на споменикот, ако некој не го искршил“.

Ех, мамо, мамо… Колку едно пиво може да ја промени судбината, никогаш не би верувала. Отидов да барам татко, а го најдов тато.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Милан Воркапиќ

е роден во 1953 година, во село Тројврх, општина Огулин, Хрватска. Завршил педагогија во Риека. Поради познатата ситуација, во 1991 година емигрирал во Србија. Живее и работи како професор во Врњачка Бања. Досега добил осум книжевни награди, член е на Здружението на драмски писатели на Србија.

 

 

ažurirano: 31/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.