Благица Ѓорѓиевска

 

Kрц, крц, крц. Снегот под неговите нозе создаваше некаква композиција. Еднолична, ист такт и ритам, ама сепак наликуваше на музика. Чизмите длабоко му се закопуваа во снегот и правеа огромни дупки зад него. Тој тешко чекореше, тешко ги извлекуваше нозете од  снегот, ама мелодијата не престануваше да танцува околу него во глувата ноќ.

„Ех, да беше убав момент, ова ќе беше прекрасна прошетка.“

Снегулките летаа околу него и се лепеа во белината која беше насекаде околу него. Белина, до каде можеше да стигне погледот. Само дупките кои остануваа во снегот од неговите стапалки ја нарушуваа белината на ноќта. Чекореше и вознемирено се обѕрнуваше зад себе.  Беше сосема сам, уморен, ненаспан, гладен, со отров во душата. Немаше никој ни до него, ни зад него, ниту пак нешто пред него. Барем да слушнеше завивање на волк што во нормално време би му ја замрзнало душата, ама ни волкот во оваа волчја ноќ не сакаше да го измени ова бело, застрашувачко сценарио.

Часови или денови чекори по овој планински предел. Го премина и ридот што ја делеше Албанија од оваа малечка земја, наречена Македонија. Така ги викаа нив: „од преку рид“ или пак „од преку Дрим“. Ја притискаше платнената торба обесена на рамото поблиску до колковите, ја стегаше до замрзнатото тело и сам не знаејќи зошто. Ниту го топлеше, ниту пак имаше нешто вредно во  неа.  Само сликата од покојната мајка што како некое чудо се најде пред него во фиоката од ормарот кога во десетината минути што ги имаше на располагање, мораше да земе тоа што е најнеопходно и да замине.

Да, да замине. Така гласот во телефонската слушалка му рече:

„Земи што мораш, пари колку имаш и за десетина минути напушти ја куќата. Зад тебе се, брзо!“

Во главата му баботеше. Нешто непознато му зачекори низ главата, низ дамарите.

„Kаде да одам, брате?“

„Само напушти ја куќата што можеш побрзо, а после размислувај. Оди преку Долно Mаало, премини го полето, премини го ридот. Друго и јас не знам.“

„Што има преку ридот, брате?“

„Македонија, влези во Македонија, во планинскиот дел. Kако можеш, брате, после премини ја и оди во друга земја.“

„Да си здрав и жив, брате, довек сум ти благодарен. Само да знаеш, за ништо не сум крив.“

„Тоа сега не е важно, не прашуваат дали си крив, немаш време, побрзај!“

„Мене ми е важно ти да знаеш дека не сум крив, ти ме спасуваш. Пукаа во мене, пукав и јас, брате. Може и сум убил некого!“

„Среќно, Ајро, побрзај, може некогаш ќе се сретнеме, ќе пиеме лута ракија заедно.“

„Ти мене и името ми го знаеш, а јас тебе не те познавам. Kако ќе те препознаам ако преживеам?“

„Ти и не треба да ме познаваш, јас ќе те препознаам. Среќно!“

Гласот во телефонската слушалка прекина. Ајро се разврте наоколу како ранета ѕверка. Ги стутка парите во мало купче, ги подврза и ги фрли во торбата. Лебот што вчера го купи, неколку јаболка, шише вода, неколку главици кромид. За друго и немаше време.

За десетина минути не може да се спакува животот во една платнена торба.

Мислите му се прекинаа кога здогледа црна точка во снежната белина. Тргна кон точката. Kако се приближуваше, точката се наголемуваше и добиваше форма. Kуќа! Kуќа од која се издигнуваше бел чад од оџакот. Без размислување тргна кон куќата. Друг избор немаше. Ќе почука на портата, па ако му отворат, ќе каже… Што ќе каже? Дека го бркаат уште од Албанија, дека не знае за што го бркаат, дека не е крив за ништо како што му рече на човекот кој го однесе на ова страшно патешествие? Или да излаже дека се изгубил во планинава! Не, не, никој не верува во таква приказна.

Со раката веќе го подигаше тешкото железо заковано на големата порта. Зачука, во почетокот бавно и тивко, потоа малку посилно. Се исплаши дека ќе ги вознемири домаќините. Се слушнаа чекори, тивки како од срна. Некој го спушти тешкото железо со кое беше затворена портата од внатрешната страна. Тивко, како што беше тивка и таа снежна ноќ, се отвори портата. Со светилка во рака и смирен поглед пред него стоеше старица со шамија чудно подврзана на нејзината глава.

Неколку мига се гледаа немо. Се испитуваа еден со друг. Прва проговори старицата.

„Што те доведе овде, синко, во ова страшно време – невреме?“

Ајро се скамени. Непознат човек во волчја ноќ тропа на вратата, а домаќинката му вели синко. Почувствува како да му се отпуштаат стегнатите мускули. Дури и малку се насмевна.

„Оддалеку идам, мајче, оддалеку. Од Албанија. Бегам, мајче, а не знам од кого и зошто. Само малку да одморам и да се стоплам. Брзо ќе заминам.“

„Ако, ако, синко, влези, нели ми рече мајче, мајките не ги оставаат децата на студот“, благо се насмевна. „Ајде, студено е, дете, влегувај.“

Ајро уште не се решаваше да влезе. Не од страв, не од недоверба. Нешто друго го мачеше.

„Албанец сум, мајче, Ајро ми е името.“

„Ако, синко, јас сум Македонка, Севда ми е името.“

Влегоа. Заедно. Без збор. Без сомнеж. Без страв. Огнот во огништето блескаше со златножолта боја. Топлина го преплави по целото тело. Не само од огнот. Од очите на оваа старица што го прими дома и што го нарече синко.

„Ех, да беше ова убав момент и да ја прегрнеше оваа прекрасна жена и да побараше од неа еден чај или една топла ракија“, со копнеж помисли Ајро.

Седна на креветот послан со ткаено ирамче. Со поглед ја опфати собата. Мала соба, селска, уредна и чиста. Погледот му падна на Севда која со тенките прсти си ја подзаврза шамијата. Насмевка прелета по неговото лице.

„Многу убаво си ја врзала шамијата, мајче. Kај нас жените поинаку ги врзуваат.“

Сега и Севда се насмевна. „На диндале, така се вика овој начин на врзување. Така се врзуваат овде жените, во ова село. И мене ми се допаѓа вака“, зборуваше и во исто време нешто ставеше на шпоретот на дрва.

„Да каснеш нешто, синко, а и нешто топло да се напиеш. После ќе ти наместам да одмориш.“

„А не, мајче, не! Јас морам да заминам. А ти сама си?“

„Да, сама сум, домаќинот ми почина пред десет години, синовите со семејствата заминаа. Ама, јас сум тука, синко!“

Масата беше поставена. Ајро и не забележуваше што јаде. Со прстите чепкаше по чинијата, ама не го препознаваше јадењето. Беше вкусно и топло, зготвено со срце на една осамена старица. Му легна на душата јадењето, оваа топла соба, оваа божја жена. Не му се стануваше, не му се тргнуваше во непознатото, ама нешто во мозокот му шепотеше дека треба побрзо да јаде и да замине. Не толку за него, колку за Севда. И мораше на заминување да ги запрета трагите кои водеа до нејзината куќа, а снегот што обилно паѓаше, ќе си го направи своето.

„Ех, да беше убав момент, ќе се спружеше на шареното ирамче да преспие, а мајка Севда ќе го чуваше.“ Од мислите го прекина топлиот глас на Севда:

„Синко, имам и место каде можам да те скријам. Не оди во ова невреме, пуста пустелија е пред тебе. Ќе потонеш во снегот, во самотијата. Не оди, Ајро.“

„Морам, мајче, морам“, Ајро со последниот залак во устата кажа не за она за кое во душата му клокотеше да рече да. Стана и набрзина го стави лебот што Севда му го спреми во торбата. Го облече палтото, ја нарами торбата и тргна кон излезната врата. Не се осмелуваше да погледне во Севда, се плашеше дека ќе се предомисли, дека ќе се врати, ќе ја прегрне и дека ќе си легне на креветот. Го крена тешкото железо и ја отвори портата. Шибна силен ветар, рој од снежни пластови влета во салонот. Зачекори, ама Севда го фати за лактото.

„Чекај, Ајро, чекај, сине, низ малата врата излези. Посигурно е.“

Ајро се заврти. Во очите му блескаа солзи. Kако ѕвезди, како снегулките во завеаната слика од времето. Тргна кон малата врата. Без збор. Одеднаш се заврти. Со силните раце ја привлече Севда на градите. Ја притискаше како да се плашеше дека ќе ја одвее ветрот, дека ќе се стопи во снегот.

„Ех, да беше убав момент, мајче, јас сега ќе легнев на креветот и ќе преспиев. А ти ќе ме чуваше. Ех!“

„Па и беше убав момент, Ајро. Ти мене ме нарече мајче веднаш штом влезе, а јас тебе синко штом ги видов твоите тажни очи. Оди, оди дете, да те чува Бог, или вашиот Алах, сеедно. Сине, само да го завршиш ова премрежие и да се вратиш дома. А ако некогаш те доведе патот во овие краишта, дојди да ја видиш мајка Севда.“

Без збор Ајро ја отвори малата врата, зачекори во снегот. Невремето уште повеќе го владеееше овој крај од Македонија, така што и трагите од стапалките на Ајро ги засипуваше веднаш штом ќе ја извлечеше ногата од снегот. Сè повеќе се топеше неговата фигура во далечината.

Севда остана уште некое време на прагот од малата врата. Kако да му чуваше стража од невидливиот непријател на момчето што до пред малку ја топлеше нејзината прегратка. Снегот ја шибаше по лицето, ветрот ѝ ја разбранува шамијата врзана „на диндале“ која Ајро толку ја бендиса. Се заврти и влезе. Со горчина во душата ја подзаврза шамијата.

„Ех, да беше убав момент…“

 

  Благица Ѓорѓиевска

родена на 14.2.1960 г. во Прилеп, Македонија. Дипломиран економист-комерцијалист, работам во сметководствено биро како овластен сметководител. Сопруга и мајка. Пишувам поезија, проза и раскази. Дел од мојата поезија е објавена во локалното списание „Стремеж“ и во годишните изданија на „Поетско Маркукуле“.
Контакт: bgjorgievska@yahoo.com

 

 

ažurirano: 29/01/20

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.