Ана Кутлеша

 

Прстите силно ти го тријат темето што речиси те боли. Потоа, долго стоиш под студената вода. Додека одиш бос до кујната, на табаните ти остануваат мачкини влакна. Сирупот од бозел ти истекол по фрижидерот. Ќе исчистиш, ама откако ќе го испиеш кафето. Тураш млеко, шеќер, го палиш компјутерот. Читаш мејлови, вести, фејсбук-статуси. Мислиш на морето и на својата банкарска сметка. Во Загреб се измерени 32 степени. Размислуваш да одиш на пазар, ама се откажуваш. Со сунѓерчето што смрди на влага ја собираш густата течност од пластичните полици. Ги прегледуваш ќошињата од фрижидерот, ги измиваш трагите од сирупот од вреќичката со кори. На шпоретот ставаш големо тенџере, еве ја и омарнината. Ја истураш жешката вода во мијалникот, пастата лепливо се прпелнува во цедалката.

По ручекот си добил мејл. Го читаш внимателно. Dear Marko Kovačević, I received your contact from Amela Silovic… We would be delighted if you would participate in our programme. Travel costs and accommodation in Berlin are covered. Се прашуваш каде одат дијакритиките на презимето Silovic. Не си сигурен дека познаваш некого што се вика така.

Утрината дојде мајсторот за климата. Показалецот му е искривен под прав агол. Ти раскажува дека со години работел на градилиште во Германија. Беспомошно ѕуриш во деформацијата. Го замислуваш како ја поставува кујната во некој скап берлински стан. Таму каде што наскоро ќе се сечат парчиња лосос, нему острицата од пилата му минува низ месото и коската. Додека пуши на балконот, мачката јаде трева изникната во теглата во која си се обидел да одгледаш босилек.

Тие сакаат да ја претставиш својата серија фотографии Откриено/Unveiled, поради начинот на кој ја открива комплексноста на патријархалните односи во Босна и Херцеговина. Во Босна и Херцеговина си бил еднаш, на пола ден. Ти немаш серија фотографии Откриено/Unveiled. Читаш вести и фејсбук-статуси. Ќеф ти е да отпатуваш во Берлин. Ти светнува дека сигурно мислат на твојата серија Прикриено. Градските глетки од церадите: тој што ќе се потруди може во нив да види критика на патријархатот. Само државата е погрешна.

Утрото затвораш сѐ и ја палиш климата. Наскоро машината престанува да работи и не можеш веќе да ја запалиш. Викаш мајстор, ама тој е на пат за Босна, оди кај своите. Да не е осигурувачот? Лежиш на подот, на местото каде што ти се чини дека најмногу струи воздухот. Мачката легнува покрај тебе, со дланката ѝ поминуваш преку грбот и отстрана. Дебелата црна пајажина на нејзините влакна ти останува на кожата. Чувството ти е познато од некаде. Митарењето е природен процес на менување на влакната кај животните. Самиот интензитет на митарењето е многу варијабилен и зависи од бројни фактори.

Ти никогаш не ја уреди докрај својата веб-страница. Тоа мора да се признае. Освен серијата Прикриено, тука има уште неколку расфрлени трудови, а серијата посветена на станот во којшто живееше со поранешната девојка ја тргна. Текстот за серијата Прикриено, во којшто таа некоја кустоска ги поврзала церадите со односите на моќ во општеството, всушност никогаш не го сфати докрај и никогаш не го закачи. Ти не си општествено-ангажиран уметник, ти само сакаш убава фотографија.

На фејсбук ги гледаш профилите на познајниците и колегите што отишле во Берлин. Сега сите се на море, ама во времето на одржувањето на програмата на која те поканија, ќе биде есен и ќе се вратат во Берлин. MayaMar сега се пресели во Вединг, кој ќе стане новиот Кројзберг. Во Берлин би можел да направиш нова серија фотографии на градските глетки со церади.

Не можеш да спиеш. Се вртиш, тамам кога ќе потонеш в сон, те буди звукот на мачкините шепи на чкрипавиот паркет. Пиеш вода, мочаш, пред утрото заспиваш. Сонуваш дека си во Берлин и држиш предавање за фотографиите од серијата Unveiled. Зад тебе се вртат портрети од жени што си ги отстрануваат влакната од лицето. Едната повлекува некој вид фластер заедно со кожата над горната усна. Кожата е полна со црвени точки, а на фластерот има црни влакненца, минијатурни стапчиња што личат на струготини од метал. Сите внимателно гледаат, ги слушаат зборовите што излегуваат од тебе. Кимаат со одобрување, ама нешто не е во ред. Цело време си во грч дека некој ќе те праша како инаку покриените муслиманки ти дозволиле да ги снимаш. Се будиш, ти треба туш. Мораш да му се јавиш на Марко Ковачевиќ.

Ковачевиќевци ги има многу. Само во Хрватска има повеќе од 30 илјади луѓе со името Марко. Марко Ковачевиќ (Тузла, 1982) е босанско-херцеговски фотограф и уметник. Живее и работи во Сараево.

Во Мостар денес се измерени 34 степени. Неговиот мејл е со точка, а твојот без. Во биографијата на Марко Ковачевиќ, која ја најде на неговата веб-страница не пишува дека за време на војната кратко живеел во Загреб. Не пишува дека одел во 3-д одделение во твоето основно училиште, како ни дека добил укор затоа што на одморот му ја врзал една на Крешо Брекало, кој му рекол дека татко му е Србин и дека Ковачевиќ е српско презиме. Не пишува дека и ти ја имаш чуено таа приказна и дека вториот ден си дознал каде живее тој Ковачевиќ, па си видел дека неговите од Тузла донеле мачка, што тебе ти било прилично чудно зашто бегалците би требало да бегаат газ преку глава, а не пред пат да тераат мачки да влезат во кошница со капак. Не пишува дека мачката на семејството Ковачевиќ, побегнати од Тузла, сакала да излегува низ отворениот прозорец од нивниот стан во приземјето, а не пишува ни дека ти едно утро си ја зграпчил и си ја пикнал в кутија. Не го пишува ни она што мислиш дека само ти го знаеш, а тоа е дека во џебот си имал жилет.

Подоцна, го гледаше Дервишот и смртта и запамети само дека имаше мачка во скутот на муслиманскиот свештеник. Ковачевиќевци во Хрватска во најголем број се Хрвати, добар дел од Босанска Посавина, според некои извори од средна Босна или Мачковац во околината на Нова Градишка, а во помал број можат да бидат и Срби и Бошњаци (од Босанска Посавина). Во минатиот век релативно најмногу хрватски жители со ова презиме се родени во градовите Загреб и Осиек. Во Љубачи во Тузланскиот Регион, Босна и Херцеговина, секој трет жител се презивал Ковачевиќ.

Откако му пиша, се чувствуваш подобро. Се натера да одиш на пазар, после испи кафе со колегата. За ручек правиш салата и печеш риба. Го смукаш станот, си точиш чаша бело вино што навреме се сети да го ставиш во фрижидер. Вие двајцата би можеле да соработувате, можеби самата покана од Берлин може да биде вашиот уметнички труд. Имаше ли веќе такви трудови? Изгледа дека имаше, ама не можеш да се сетиш. Дел од белото рибјо месо ѝ го даваш на мачката. Новиот мајстор за климата доаѓа утре во осум наутро.

Сите прсти му се рамни, не пуши и не сака кафе. Кога го прашуваш дали климата ќе работи и откако ќе си замине, мрачно те погледнува. Веќе за пола саат е толку ладно што облекуваш панталони и маица. Читаш мејлови, вести, фејсбук-статуси. Во Берлин се измерени 15 степени. Па пак мејлови. Ола име! Очите ти се отвораат повеќе, пулсот ти се забрзува. Сите Босанци што ги познаваш се добричини и заебанти. Додуша не се спомнува заедничкиот труд. Ќе им се јави на кустосите, Амила веќе го прашала дали му се јавиле. Ама ништо од Берлин за мене, штотуку се вратив од Словенија каде што со другарот пеглав венчавки, морам да бидам надвор од Шенген до ноември.

Мачката се завлече во делот од орманот во којшто чуваш волнени пуловери. Време е малку да ја изгаснеш климата. Нарачуваш ќебапи и посегнуваш по шишето вино од вчера. Го пиеш до крај, излегуваш на прошетка. Ти се чини дека си лут, ама не знаеш зошто. Сретнуваш пријатели, преминуваш на ракија.

Утрото во станот повторно е жешко зашто е 10 часот, а ти спиеш и не си ги затворил прозорците и не си ги спуштил ролетните. На веце-школката има траги од мачкини шепи, а на подот облак од црни влакна. Откако се измоча, одиш во кујната, ја полниш празната мачкина посатка со вода, ти ја пиеш водата. Сѐ уште си благо пијан. Ги спушташ ролетните, ја палиш климата, го земаш мобилниот, се враќаш в кревет, типкаш мејл. Не можам да верувам дека ја немав претходно најдено твојата работа, серијата Unveiled ти е стварно маестрална. Малку ме потсеќа на мојата серија Прикриено, тоа е многу поапстрактно, се разбира, ама може да се толкува како критика на прикриените односи на моќ. Јави се ако доаѓаш во Загреб, па да се напиеме нешто, име. Во Загреб можеш и пред ноември. 🙂 Го гасиш звукот на телефонот, одиш да отспиеш. Кога ќе се разбудиш, ќе најдеш пропуштен повик, непознат број, надвор од Хрватска.

 

Превод: Ѓоко Здравески

 

 

  Ана Кутлеша

Ана Кутлеша (Ријека, 1985) е историчарка на уметноста и кустоска од Загреб. Членка е на кустоскиот колектив БЛОК, посветен на продукција, едукација и истражување во подрачјето на општествено ангажираната уметност. Авторка е на повеќе истражувачки текстови, а нејзини критики, есеи и прикази се објавени во различни домашни медиуми. Посетувала работилници за краток расказ во Центарот за креативно пишување и клубот Booksa, а нејзиниот расказ "Редукции" е објавен во збирката "Декамерон 2020: приказни од карантинот" (ур. Церовац/Курилиќ/Межнариќ, сопствено издаваштво).

 

 

ažurirano: 28/02/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.