Дубравка Тинтор

 

На ден деветнаесетти октомври две илјади и десетта година ја погребавме баба ми. Ја погребавме во селото во државата во која се родила и го проживеала поголемиот дел од животот. Татко ми и другите деца на баба ми одлучија да ја испочитуваат нејзината последна желба и рекоа дека повеќе нема да се оптоваруваат со тоа што во селото има две цркви и што во нашава веќе со години поп нема кај кого да доаѓа. Не им пречеше што нашите гробишта се запуштени и обраснати во некакви треви. Беа среќни што околу нив нема мини. Го повикаа попот да дојде да ја погреба баба ми и платија сѐ. Толку ѝ должеа на баба ми.

Родена сум во илјада деветстотини седумдесет и седмата година и отсекогаш ја носам војната во себе, иако сите велат дека во градот во кој пораснав немало вистинска војна и дека не знам што е војна. Баба ми ја запознав во Далмација во оние години на кои не се сеќавам, така што од тоа време не се сеќавам ни на неа. Потоа ја видов во две илјади и осмата година во Нови Сад, кога татко ми ме поведе со себе кај неа на посета. Баба ми имаше срцев удар, а јас првпат го видов него до мајка си, и тоа расплакан. Овојпат запомнив сѐ. Таа тивко мрмореше за овците што уште тогаш ги оставила сами во дворот, а тој го голташе липањето. Со едната рака ги поместуваше солзите што му се лизгаа низ лицето, а другата ја стави на нејзиното слабичко рамо. Ми се сврте во главата, а потоа и мене почнаа да ми лизгаат солзи по лицето. Сами од себе, сосема неплански.

Баба ми во Нови Сад живееше со најмладиот брат на татко ми, со жена му и со ќерка му. Ања сега веќе одеше во средно училиште, а имаше и зајак. Сите ги собра во осумнаесет квадрати и беа среќни што дотуркаа до овде.

„Најмногу ми е поради малата“, повторуваше стрина ми.

„Моите солзи и онака паѓаат на земјата“, рече.

Во Србија, во која никогаш претходно не стапнале со нога, стигнаа во „Олуја“ како бегалци. Кога ја поминале границата, некаде по патот ги разделиле мажите од жените и децата. Чичко ми и некои други мажи ги пикнале во куќички за кучиња за да го исперат и она малку разум што им останал, па им тутнале пушки во рацете и ги испратиле назад на фронтот.

„Во еден миг здогледа крај себе шише ракија, го зграпчи, го стави на устата, па алчно потегна. Да не беше таму тоа шише, не знам како би го издржал сето тоа“, само еднаш раскажа стрина ми во име на чичко ми со испрекинат глас.

„Кога конечно се најдовме, беше блед ‘ко крпа. Му се тресеше долната вилица“, додаде фаќајќи се со раката за долната вилица.

Баба ми, стрина ми и братучетка ми некое време се собирале и се влечкале по собирните центри. Се снаоѓал кој како што знаел, најчесто со помош на роднините и на пријателите или по милост на сожаливите домаќини, кои го поделиле своето, работејќи и дневни и ноќни смени на разноразни работи. Биле среќни што се живи и заедно. Со години потоа, со помош на сите што можеле и од паричната отштета што ја добиле по војната, собрале пари за овие трошни осумнаесет квадрати. Баба ми, чичко ми, стрина ми, братучетка ми, а потоа и зајакот. Одлучиле да останат во Србија. По сѐ, немале сила да се вратат.

„Добро е што Ања не се сеќава на ништо. Нека порасне овде, којзнае што би ја дочекало таму“, рече чичко ми. На баба ми и понатаму ѝ недостигаа овците и нејзиното огниште.

 

*

Две илјади и осмата беше година на моето запишување на факултет. По епизодата со баба ми и со татко ми што плаче, се одлучив за студии во Нови Сад. Оваа одлука беше посилна од мене. Нешто како првите солзи што ги пролеав над баба ми и над него. Исто така, се понадевав дека можеби така конечно ќе дознаам што значи, всушност, да се биде Србин. Во моето семејство се молчеше за тоа, само се слушаше со немо неверување што зборуваат спикерите на телевизија и на радио. Кога ќе се обидевме да кажеме нешто, на сите ни се собираше грутка во грлотo. Не разговаравме ни меѓу себе, премногу нѐ болеше. Поверував дека можеби грлото во Нови Сад ќе ми се отвори, само овде ме доживуваа како Хрватка. Еден од професорите дури ме нарече Усташка. Беше Словенец и рече дека се шегувал. Мислел дека така полесно ќе се опуштам, а мене над главата ми надвисна темен облак, кој сите години поминати во Нови Сад не ги пропушташе зраците на сонцето да ме огреат. Ги поминав така целите студии со скиселено, тажно и збунето лице. И покрај силниот труд да се вклопам во новата средина, изгледав трагикомично.

 

*

Кога Ања се запиша на факултет, ја сместија баба ми во дом. Повеќе не можеше да поминува време сама. Паѓаше кога ќе направеше три чекори до тоалетот. Веќе никој немаше време за неа. Еднаш неделно ѝ одев во посета. Имаше цимерка, баба Јела. И Јела стигнала во Србија кога и таа, од истата причина. И Јела беше Далматинка. Двете главно лежеа секоја во својот кревет, освен кога ќе јадеа или ќе одеа во тоалет. Јела беше предебела, а Аница преслаба за да стануваат тукутака. Немаа ни волја. Јела зборуваше погласно, најмногу за тоа како ѝ недостига семејството, а веќе никој нема време за неа. Многумина сега веќе се и во странство. Баба ми зборуваше тивко, речиси со шепот. За да ја разберам, морав да се наведнам над неа и да го доближам увото веднаш до нејзината уста. Дури и така се напрегав да чујам што ми зборува. Често од нејзиното мрморење разбирав само по некој збор: овци, стадо, двор, гумно, лоза, трактор, колона, гроб. Често ќе се уловев како му се заблагодарувам на Бога што од нејзините мрморења не можам јасно да чујам баш сѐ.

„Шиме, со кого дедо ти, инаку, играше боќање со букар вино, еден ден само престана да нè поздравува“, рече.

„И потоа се правеше дека не нѐ познава, ја вртеше главата од нас, а постојано го гледавме пред куќата.“

Го спомнуваше и чичко Милан, кого го заклале пред црквата и како нечиј син ја турнал баба Шимица во бунарот за собирање дождовница да се удави. Според кажувањето на баба ми, уште двајца мажи ги нашле мртви во своите бунари за дождовница. Се зборуваше дека самите скокнале, таа не поверувала во тоа, а за Шимица се знаело кој и зошто ја турнал. Врвот беше кога Илија полицаецот го пратиле дома од работа цел облечен во експлозив. Последното што баба ми го раскажа на оваа тема е како сосетката Јања се сетила дека го сокрила петелот во кацата за грозје во подрумот кога веќе тргнале за Србија. Колоната стигнала дури до Кистање, Јања сакала да скокне од тракторот, да му се врати и да го извади да не цркне, а речиси сите околу неа од мака ѝ се насмеале в лице. Баба ми не се смеела, зашто и самата мислела на своите овци и мисирки.

Секојпат кога ќе кажеше сѐ што има да каже, бавно се креваше во седечка положба, па се наведнуваше кон ноќното орманче, во кое чуваше мал дрвен чешел. Ќе го подадеше кон мене со слабата растреперена рака и ќе ме молеше да ја исчешлам, да ѝ ја исплетам тенката седа коса во плетенка, па да ѝ ја сокријам под црната шамија. А, потоа по правило ќе прашаше за Ања. Еднаш дојдов во посета и донесов дрвена налепница во облик на овца. Ја залепив на ноќното орманче до креветот на баба ми, да ја чува. Не знаев како можам да ја расположам. Веќе следниот пат дрвената овца не беше таму.

 

*

Баба ми помина година во домот, кога умре баба Јела. А, потоа за нешто помалку од месец умре и таа. Кога ги откажував задолжителните предавања на факултетот поради погребот, две колешки ме загледаа. Никогаш не им беше сосема јасно зошто сум толку изгубена, а тој ден бев уште поизгубена.

„Толку време помина од војната, што да кажеме ние овде по бомбардирањето на НАТО?“, често објаснуваше првата.

„Едноставно, надмини го тоа“, добронамерно советуваше другата.

„Умре баба ми. Погребот е во Далмација, па јавувам дека ќе ме нема“, прозборев невешто со болка во грлото, кога двете прснаа во чудна смеа.

„Вие овде барем знаете каде припаѓате“, помислив, спуштајќи го погледот од болен срам во подот, не прозборувајќи ни збор.

Тргнав со автобус во мојот роден град. Ноќно возење со едно преседнување. Кога застанавме на границата, речиси исповратив. Мачни ми се границите, поделбите, посегањата по пасош во гробна тишина, одмерувањето на цариникот и чекањето одобрение. На станицата ме дочекаа мајка ми, татко ми и брат ми, а потоа заедно тргнавме во селото. Ја исчистивме запуштената кујна и дворот на старата куќа, ја наредивме храната и пиењето, а капијата во дворот ја оставивме ширум отворена. Прво стигна мртовечката кола од Нови Сад. Во неа, освен возачот и баба ми, беа и чичко ми, стрина ми и Ања. Со нив последен пат од овој ист двор отиде на далечен пат, со нив последен пат и се врати. Молчејќи го внесовме ковчегот со телото на баба ми во старата кујна во која некогаш го хранеше семејството и запаливме свеќа, а потоа во дворот влегоа група баби што за време на војната не ги напуштиле своите огништа и кои во недела одеа во онаа друга црква, која никогаш не обрасна во треви. Некогаш заедно со баба ми ја рибаа облеката во истиот селски дол, се посетуваа едни со други со фамилиите на Божиќ, на имендени и на слави, заедно ги чуваа овците и децата. Јачеа и ридаа над мртвото тело на баба ми извикувајќи го нејзиното име погласно од сите бабини родени синови, ќерки, внуци, снаи и зетови.

 

Превод: Иван Шопов

 

 

  Дубравка Тинтор

Дубравка Тинтор е родена во Риека 1986 година. Во 2014 година ги завршува студиите по актерска игра на Академијата за уметност Нови Сад и се стекнува со титула мастер за драмски уметности и аудиовизуелен уметник. Во 2016 година ја завршува програмата за стручно оспособување во Градскиот куклен театар Риека. Членка е на Хрватското друштво на драмски уметници. Во 2021 година ја објавува збирката "Ги врзавме желбите во шарени крпчиња" (издаваштво Редак, Сплит), каде што покрај поезијата, ги потпишува илустрациите и дизајнот на насловната. Новите песни ѝ се објавени во Балкански книжевен гласник 2022 година.

Kontakt: dubitintor@gmail.com

 

 

ažurirano: 03/03/23

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.